Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992) на седницата одржана на 22 септември 2010 година, донесе
О Д Л У К А
1.СЕ УКИНУВА член 32 став 1 во делот: „под услови и“ од Законот за посебните права на учесниците во мировните операции и операциите за колективна одбрана надвор од територијата на Република Македонија и на членовите на нивните семејства („Службен весник на Република Македонија“ бр.67/2009).
2.Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавување во „Службен весник на Република Македонија“.
3. Уставниот суд на Република Македонија, на иницијатива на Стамен Филипов од Скопје, со Решение У.бр.167/2009 од 23 јуни 2010 година поведе постапка за оценување на уставноста на одредбата од Законот означена во точката 1 од оваа одлука, затоа што пред Судот се постави прашањето на нејзината согласност со Уставот.
4.Судот на седницата утврди дека членот 32 став 1 од Законот определува дека: „Децата на загинатите, односно починатите учесници имаат право на стипендија за редовно школување во јавните средни училишта и право на стипендија за редовно студирање на јавните високообразовни установи во Република Македонија, под услови и начин утврдени од страна на Министерството за образование и наука.“
5. Според член 8 став 1 алинеите 3 и 4 од Уставот, темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија се владеењето на правото и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска.
Според член 9 од Уставот, „граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба“ (став 1) и „граѓаните пред Уставот и законите се еднакви“ (став 2).
Според член 34 од Уставот, „граѓаните имаат право на социјална сигурност и социјално осигурување утврдени со закон и со колективен договор.“
Според член 40 од Уставот, „Републиката му обезбедува посебна грижа и заштита на семејството“ (став 1).
Според член 68 став 1 алинеја 2 од Уставот, Собранието на Република Македонија донесува закони, а според член 96 од Уставот, органите на државната управа работите од својата надлежност ги вршат самостојно врз основа и во рамките на Уставот и законите и за својата работа се одговорни на Владата, која, според член 88 од Уставот, е носител на извршната власт и своите права и должности ги врши врз основа и во рамките на Уставот и законите.
Од изнесените уставни одредби произлегува дека темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија се владеењето на правото и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска и тие вредности се остваруваат, покрај другото, така што законодавецот со закон ги уредува правата и должностите на граѓаните во рамките определени со Уставот, а Владата и органите на државната управа ги спроведуваат Уставот и законите.
Притоа, законодавецот има уставно овластување со закон да го уреди правото на граѓаните на социјална сигурност и социјално осигурување, како и да обезбеди посебна грижа и заштита на семејството, со тоа што мора да обезбеди еднаквост на граѓаните во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба.
Имајќи предвид дека со оспорениот дел од член 32 став 1 на Законот се овластува Министерството да ги утврдува условите под кои децата на загинатите и починатите учесници во мировните операции имаат право на стипендија, Судот оцени дека законодавецот нема уставна основа да го пренесе своето овластување, за уредување на условите за остварување на правото на стипендија на децата на загинатите и починатите учесници, на орган на државната управа-Министерството за образование и наука, туку самиот ги утврдува како правото така и условот за користење на тоа право, а Министерството потоа ги спроведува законските услови во практиката на начин уреден со свој подзаконски пропис. Поради тоа, Судот оцени дека предвидувањето Министерството да ги определува условите за остварување на правото на стипендија на децата на загинатите и починатите учесници во мировните операции не е во согласност со член 8 став 1 алинеите 3 и 4, член 51, член 68 став 1 алинеја 2 и член 96 од Уставот.
6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.
7. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.
У.бр.167/2009
22 септември 2010 година
С к о п ј е
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски