У.бр.166/2016

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 алинеја 3 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992), на седницатa одржана на 12 април 2017 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА барањето за заштита на правото на еднаквост и недискриминација врз основа на имотна и социјална положба во уживање на правото на здравствена заштита и правото на социјална сигурност на починатото лице Антониа Каитози, поднесено од нејзиниот законски наследник Томас Каитози од Скопје.

2. Томас Каитози од Скопје, како законски наследник, односно син на починатата Антониа Каитози од Скопје, до Уставниот суд на Република Македонија поднесе барање за заштита на правата од точката 1 на ова решение, за кои што тој смета дека ѝ биле повредени со Пресудата на Вишиот управен суд УЖ-2бр.18/2016 од 4 мај 2016 година, во врска со Решението на Фондот за здравствено осигурување – Подрачна служба Скопје УП1 бр.1604/1-154/14/2 од 21 јануари 2014 година, Решението на министерот за здравство УП II бр.13-104 од 9 јуни 2014 година и Пресудата на Управниот суд У-4бр.725/2014 од 2 февруари 2015 година.

Во барањето се укажува дека неговата мајка, Антониа Каитози починала на 6 септември 2013 година, откако претходно била лекувана во здравствени установи од јавното здравство (Институтот за белодробни заболувања и туберкулоза, Универзитетската клиника за кардиологија и Клиниката за реанимација и интензивно лекување) како и во приватната здравствена установа „Аџибадем Систина“ каде што била однесена откако претходно Градската општа болница „8 Септември“ одбила да ја прими пациентката поради немање место на Одделот за интензивна нега. По смртта на пациентката, во нејзино име нејзиниот син водел управна постапка пред Фондот за здравствено осигурување и Министерството за здравство, како и судска постапка пред Управниот суд и Вишиот управен суд заради надоместок на трошоците за лекување во приватната здравствена установа „Аџибадем Систина“ кои завршиле без успех по барателот, поради што тој го поднел барањето за заштита на правата од член 110 алинеја 3 до Уставниот суд во кои ги оспорува горенаведените акти.

Подносителот смета дека со наведените акти е повреден принципот на забрана на дискриминација врз основа на имотна и социјална положба, во врска со уживањето на правото на здравствена заштита и правото на социјална заштита и социјална сигурност на неговата почината мајка.

Во барањето понатаму се наведува дека Вишиот управен суд и другите наведени институции што ги донеле оспорените акти, во своето одлучување се повикувале на правни основи кои по својата содржина и суштина биле идентични со оние кои Уставниот суд претходно ги укинал како неуставни со Одлуката У.бр.45/2006 од 11 јули 2007 година во која Уставниот суд укажал дека: „здравственото осигурување не смее да се поврзува со околноста дали Фондот склучил или не склучил договор со некоја здравствена организација од едноставна причина што осигуреникот не е учесник во така настанатиот однос и уште помалку може да сноси последици кога до склучување на договорот нема да дојде“.

Според наводите во барањето, Вишиот управен суд со оспорената пресуда одлучил спротивно на наведеното образложение на Уставниот суд бидејќи сметал дека правото на надоместок на болничките трошоци било директно условено од постоењето на склучен договор помеѓу Фондот за здравствено осигурување и приватната здравствена установа „Аџибадем Систина“ како давател на здравствената услуга. Токму непостоењето на договор бил клучната основа за донесување на одлуката на Вишиот управен суд и другите институции.

Во барањето се укажува дека Вишиот управен суд во својата пресуда се повикал на член 3 став 2 од Правилникот за содржината и начинот на остварување на правата и обврските од задолжително здравствено осигурување, според која здравствените услуги осигуреното лице може да ги оствари само во здравствени установи со кои Фондот склучил договор. Оваа одредба била идентична со членот 1 од Законот за изменување и дополнување на Законот за здравствено осигурување, која што одредба била укината со Одлука на Уставниот суд У.бр. 45/2006 од 11 јули 2007 година, со што всушност неуставното решение било преточено во одредба од подзаконски акт за да се заобиколи одлуката на Уставниот суд и за да продолжи неуставната практика.

Подносителот, исто така, се повикува на Одлуката на Уставниот суд У.бр.185/2009 од 27 јануари 2010 година, во која била потврдена претходно наведената уставно-судска практика во поглед на неуставноста на одредбите со кои правото на здравствена заштита се условува со склучен договор со Фондот за здравство. Според наводите во иницијативата со повикување на укинатите одредби од Законот, Вишиот управен суд ги прекршил правата на барателот преку непочитување на одлуките на Уставниот суд.

Поради наведените причини во барањето подносителот како законски наследник на починатата Антониа Каитози бара Судот да утврди повреда на принципот на недискриминација врз основа на имотна и социјална положба во уживање на нејзиното право на здравствена заштита и социјална сигурност.

Во дополнението на барањето, подносителот достави фотокопија од оспорените акти, односно пресуди и решенија.

3. Судот во претходна постапка и на седница, врз основа на барањето и доставените акти и документација ја утврди следната фактичка состојба:

Во барањето како подносител е наведена починатата Антониа Каитози, а барањето, во својство на законски наследник, го поднел нејзиниот син Томас Каитози.

Во периодот од 18 јули 2013 година до 6 септември 2013 година, подносителката била лекувана во Јавната здравствена установа Институт за белодробни заболувања и туберкулоза во Скопје, на Клиниката за кардиологија, како и во приватната здравствена установа „Аџибадем Систина“ во Скопје. Во текот на лекувањето таа паднала во кома и поради влошување на нејзината здравствена состојба, било потребно лекувањето да се продолжи во установа од јавното здравство оспособена за третман на критично болни пациенти. Поради немање место во Градската општа болница „8-ми Септември“ и неможноста таа да биде згрижена таму, повторно морало лекувањето да го продолжи во приватната установа „Аџибадем Систина“. На 21 август била префрлена на Клиниката за реанимација и интензивно лекување, по што на 6 септември 2013 година таа починала.

По нејзината смрт, нејзиниот син поднел барање до Фондот за здравствено осигурување за надоместок на трошоците за извршени здравствени услуги во приватната здравствена установа „Аџибадем Систина“, во износ од 150.036,оо денари.

Фондот за здравствено осигурување со Решение УП-1бр.1604/1-154/14/2 од 21 јануари 2014 година го одбил барањето како неосновано, со образложение дека Фондот нема склучено договор за приватната здравствена установа „Аџибадем Систина“, односно дека согласно член 8 од Законот за здравствено осигурување, здравствените услуги кои се извршени во здравствените установи со кои Фондот нема склучен договор, не се на товар на средствата на Фондот.

По поднесената жалба на решението, министерот за здравство донел Решение УП2 бр.13-104 од 9 јуни 2014 година, со кое ја одбил жалбата како неоснована, со исто образложение како и првостепениот орган.

Незадоволен од Решението, Томас Каитози во својство на законски наследник на починатата Антониа Каитози изјавил тужба до Управниот суд. Управниот суд со Пресуда У-4бр.725/2014 од 2 февруари 2015 година тужбата ја одбил како неоснована наоѓајќи дека оспореното решение е законито и дека не е повреден законот на штета на тужителот.

Незадоволен од пресудата Томас Каитози во име на неговата мајка изјавил жалба до Вишиот управен суд кој со Пресуда УЖ-2.бр.18/2016 од 4 мај 2016 година жалбата ја одбил како неоснована и ја потврдил Пресудата на Управниот суд У-4бр.724/2014. Вишиот управен суд укажал дека тужителот ниту кон барањето, ниту во друга фаза од постапката не доставил доказ дека била запазена постапката која претходи на остварување на бараниот надомест, односно упат од матичниот лекар со кој тужителката била упатена во здравствената установа во која ѝ била извршена интервенцијата за која се бара надоместок на паричните средства.

Од дописот на Управниот суд се утврди дека лицето Томас Каитози ја примил Пресудата на Вишиот управен суд УЖ-2.бр.18/2016 на 19 септември 2016 година.

Барањето за заштита на слободите и правата пред Уставниот суд е поднесено на 14 ноември 2016 година.

4. Во членот 110 алинеја 3 од Уставот, Уставниот суд ги штити слободите и правата на човекот и граѓанинот што се однесуваат на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, политичкото здружување и дејствување и забраната на дискриминација на граѓаните по основ на пол, раса, верска, национална, социјална и политичка припадност.

Согласно членот 51 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, секој граѓанин што смета дека со поединечен акт или дејство му е повредено право или слобода утврдени во член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, може да бара заштита од Уставниот суд во рок од 2 месеци од денот на доставувањето на конечен или правосилен поединечен акт, односно од денот на дознавањето за преземање дејство со кое е сторена повредата, но не подоцна од 5 години од денот на неговото преземање.

Тргнувајќи од содржината на членот 51 од Деловникот на Уставниот суд, како и од досегашната уставно-судска практика (решенијата по предметите У.бр.29/1997 од 26 март 1997, У.бр.184/2009 од 9 септември 2009 и У.бр. 91/2011 од 8 јуни 2011), произлегува дека Уставниот суд во постапката за заштита на слободите и правата дава заштита само по однос на лично повредени слободи и права на подносителот на барањето, а не и на друго лице во чиешто име се поднесува барањето.

Во конкретниот случај, од наводите во барањето и од утврдената фактичка состојба произлегува дека барањето е поднесено од лицето Томас Каитози како законски наследник, односно син на починатата Антониа Каитози од Скопје и дека со него се бара заштита на правото на еднаквост и недискриминација врз основа на имотна и социјална положба во уживање на правото на здравствена заштита и правото на социјална сигурност на починатото лице Антониа Каитози.

Имајќи предвид дека подносителот на барањето не бара заштита на слободи и права за себе лично, туку бара заштита во име на починато лице, Судот оцени дека не се исполнети процесните претпоставки од членот 51 од Деловникот за постапување по барањето, односно дека постојат процесни пречки за одлучување по барањето за заштита на слободите и правата, поради што тоа се отфрла согласно член 28 алинеја 3 од Деловникот.

5. Тргнувајќи од наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Никола Ивановски и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Елена Гошева, Исмаил Дарлишта, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.166/2016
12.04.2017 гoд.
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Никола Ивановски