У.бр.166/2014-1

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992), на седницата одржана на 18 јуни 2015 година, донесе

О Д Л У К А

1. СЕ УКИНУВА Одлуката за усвојување на Предлог на ДУП за Урбан блок 79 (површина 17.31 ха) за плански период 2006-2011, помеѓу улиците булевар „В.С.Бато“, „Б.Миладинови“, ул. „1“ и „Вонвардарска 2“ во општина Тетово, бр.07-1280/13, донесена од Советот на општина Тетово на 27 мај 2010 година.

2. СЕ СТАВА НАДВОР ОД СИЛА Решението У бр.166/2014 од 1 април 2015 година за запирање на извршувањето на поединечните акти или дејствија преземени врз основа на одлуката означена во точката 1 од оваа одлука.

3. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“.

4. Уставниот суд на Република Македонија, на иницијатива на Љатиф Шабани од Тетово, со Решение У бр.166/2014 од 1 април 2015 година поведе постапка за оценување на законитоста на одлуката означена во точката 1 од оваа одлука. Истовремено, Судот го запре извршувањето на поединечните акти или дејствија преземени врз основа на означената одлука на општина Тетово.

5. Судот на седницата утврди дека иницијативата е примена на 12 декември 2014 година. На 17 декември 2014 година од градоначалникот на општина Тетово беа побарани актите во врска со оспорените дејствија при донесувањето на Планот, како и мислење во врска со наводите во иницијативата, а на 22 јануари 2015 година беше доставен допис од Судот до градоначалникот на Општината со кој беше побарано веднаш да се достават бараните акти и мислење со оглед дека до тогаш тоа не беше направено. На 23 јануари 2015 година во Судот е примено Известување, бр.10-186/1 од 19 јануари 2015 година потпишано од градоначалникот на општина Тетово Теута Арифи, во кое се наведува дека: „Деталниот урбанистички план за УБ 79 Тетово е на сила и, дека целата постапка за донесувањето на ДУП за УБ 79 Тетово е водена согласно Законот за просторно и урбанистичко планирање („Службен весник на РМ“ бр.51/05, 137/07, 91/09), се потврдува со согласноста бр.16-1583/2 од 17.04.2010 година на Министерството за транспорт и врски. Со цел заштита на начелото на уставност и законитост при одлучувањето од Ваша страна, како и заштита на јавниот и приватниот интерес, а се со цел да не настанат правни последици и штети во однос на засегнатите субјекти во тој урбан блок, Ве известуваме дека во најкраток можен рок од Наша страна ќе Ви бидат доставени побараните списи од предметот, како и мислењето по однос на наводите во иницијативата.“ На 12 февруари 2015 година повторно беше побарано од градоначалникот на Општината веднаш да ги достават бараните акти и мислење со оглед дека во нивниот допис наведоа дека „во најкраток можен рок ќе Ви бидат доставени побараните списи и мислење“, а тоа не беше направено ниту до тогаш. На 11 март 2015 година повторно беше побарано од градоначалникот на Општината да ги достават бараните акти и мислење, укажувајќи дека таквата нивна обврска произлегува од член 20 на Деловникот на Уставниот суд, но до 1 април 2015 година не беа примени во Судот бараните акти и мислење по наводите во иницијативата.

По донесувањето на Решението У бр.166/2014 од 1 април 2015 година, за поведување на постапка за оценување на законитоста на оспорената одлука, Решението беше доставено до градоначалникот на општина Тетово со укажување дека во определен рок може да се одговори на наводите во Решението, но таков одговор не е примен во Судот.

6. Условите и начинот на уредување на системот на просторното и урбанистичкото планирање, видовите и содржината на плановите, изработувањето и постапката за донесувањето на плановите, како и другите прашања од областа на просторното и урбанистичкото планирање, се определени со одредбите од Законот за просторно и урбанистичко планирање (“Службен весник на Република Македонија” бр.51/2005, 137/2007, 151/2007-исправка и 91/2009) во чие време на важење била донесена оспорената одлука.

Според член 11 од Законот, „детален урбанистички план се донесува за плански опфат за кој е донесен генерален урбанистички план“ (став 1); „Деталниот урбанистички план содржи текстуален дел и графички приказ на планските решенија на опфатот, како и нумерички дел со билансни показатели за планскиот опфат и за инфраструктурата“ (став 2). Содржината на текстуалниот дел, на графичкиот приказ и на нумеричкиот дел на деталниот урбанистички план се утврдени во ставовите 3-5 од истиот член на Законот.

Според член 17 став 1 од Законот, „за изработување на плановите од членот 7 точка 2 на овој закон, општините и градот Скопје донесуваат годишна програма“. Според ставот 2 од истиот член на Законот, „програмата од ставот 1 на овој член општините и градот Скопје ја доставуваат до органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на уредување на просторот и задолжително ја објавуваат во јавните гласила.“

Според член 21 став 1 од Законот, „на нацртот на плановите од членот 7 на овој закон се врши стручна ревизија со која се утврдува дека плановите се изработени во согласност со одредбите на овој закон и прописите донесени врз основа на овој закон.“

Според член 24 од Законот, „по нацртот на деталниот урбанистички план, урбанистичкиот план за село и урбанистичкиот план вон населено место, општината спроведува јавна презентација и јавна анкета“ (став 1); „Организирањето на јавната презентација и јавната анкета по плановите од ставот 1 на овој член, го врши градоначалникот на општината, по утврдување на нацртот на планот од страна на советот за кој претходно е добиено мислење од комисијата од членот 17 став 4 на овој закон“ (став 2); „За спроведената јавна презентација и јавна анкета се изработува извештај“ (став 3).

Во член 27 став 4 од Законот за просторно и урбанистичко планирање се определува дека деталниот урбанистички план се заверува во седум примероци од кои седмиот примерок се изложува кај донесувачот на планот заради достапност на јавноста.

Од изнесените законски одредби произлегува дека деталниот урбанистички план содржи текстуален дел, графички приказ и нумерички дел со билансни показатели на планскиот опфат и за инфраструктурата, кои имаат законски утврдена содржина (член 11 ставовите 1 и 2). За изработувањето на деталниот урбанистички план општините донесуваат годишна програма, која ја доставуваат до органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на уредување на просторот, и задолжително ја објавуваат во јавните гласила (член 17 ставовите 1 и 2), на нацртот на деталниот урбанистички план се врши стручна ревизија со која се утврдува дека плановите се изработени во согласност со одредбите на овој закон и прописите донесени врз основа на овој закон (член 21 став 1). По нацртот на деталниот урбанистички план општината спроведува јавна презентација и јавна анкета и за тоа се изработува извештај (член 24 ставовите 1, 2 и 3) и донесениот детален урбанистички план се заверува во седум примероци од кои седмиот примерок се изложува кај донесувачот на планот заради достапност на јавноста (член 27 став 4).

Со оглед дека општината Тетово не достави акти и мислење за оспорените дејствија при донесувањето на оспорената одлука иако се изјасни дека во најкраток рок тоа ќе го стори, ниту пак достави одговор на наводите содржани во Решението за поведување на постапката, Судот оцени дека основано може да се изрази сомнение дали оспорените дејствија при донесувањето на Одлуката беа преземени, како и дека поради изнесените причини основано може да се постави прашањето за согласноста на донесувањето на Одлуката со наведените законски одредби. Поради тоа, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

7. Со оглед на тоа што ја укина оспорената одлука, Судот оцени дека се исполнети условите, определени во член 27 став 1 од Деловникот на Уставниот суд, за ставање надвор од сила на Решението У бр.166/2014 од 1 април 2015 година со кое беше запрено извршувањето на поединечните акти или дејствија преземени врз основа на оспорената одлука, поради што Судот одлучи како во точката 2 од оваа одлука.

8. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од оваа одлука.

9. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот Елена Гошева и судиите Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.166/2014
18 јуни 2015 г.
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева