У.бр.161/2016

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 28 алинеи 1 и 3 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992) на седницата одржана на 17 мај 2017 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на:

– Одлуката на Советот на Општина Битола по однос на Извештајот за текот на постапката за воспоставување на ЈПП за ревитализација, модернизација и одржување на улично осветлување на територијата на Општина Битола бр.09-89/5 од 30.08.2016 година („Службен гласник на Општина Битола“ бр.10 од 01.09.2016 година) и
– Извештајот за текот на постапката за воспоставување на ЈПП за ревитализација, модернизација и одржување на улично осветлување на територијата на Општина Битола донесен од Комисијата за спроведување на постапка за ЈПП под бр.14.сл. од 29.03.2016 година.

2. Драги Пажик, адвокат од Битола, како полномошник на Владимир Талевски, градоначалник на Општина Битола до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на актите означени во точката 1 од ова решение.

Во поднесокот примен во Судот на 22.09.2016 година се бара поништување на оспорената одлука бидејќи била спротивна на Уставот и законот. Овој поднесок е заведен под Р.бр.51/2016.

Според подносителот на иницијативата тоа што се наведувало во Одлуката како причина за неприфаќање на извештајот, односно дека настанале непредвидливи и објективни околности во текот и за време на спроведување на постапката, требало да се образложи и конкретно да се наведе кои се тие непредвидливи и објективни околности. Во наведената смисла се посочува на Законот за судовите, Законот за управните спорови, Законот за парничната постапка, Законот за општата управна постапка како прописи кои ги уредувале постапките за донесување на одлуки на државните и судските органи при што секоја одлука морала да биде образложена и да се наведат причините поради кои таквата одлука била донесена. Во спротивно таа одлука се јавувала како незаконита и спротивна на закон и Уставот со што се нарушувал принципот на владеење на правото. Заради наведеното оспорената одлука преставувала „самоволие и опструкција“ на Советот на Општината Битола.

Исто така, не било јасно од кого се барало поништување на постапката за воспоставување на јавно приватно партнерство, а при состојба кога постапката била во целост спроведена. За овој дел од Одлуката немало образложение. Во поткрепа на ваквите наводи се образлагаат ефектите од спроведената постапка за јавна набавка.

Според подносителот на иницијативата оспорената одлука била во спротивност и со членот 28 од Законот за јавни набавки, бидејќи согласно оваа одредба Општината Битола не била договорен орган од каде и не можела да ја донесе истата.

Одлуката не била во согласност и со член 30 став 1 од Законот за финансирање на единиците на локалната самоуправа, бидејќи за извршување на Буџетот на Општината бил одговорен градоначалникот на Општината, од каде Советот не можел да поништува постапка која претходно ја одобрил и била утврдена нејзината оправданост.

Со писмо на Уставниот суд Р.бр.51/2016 од 18.10.2016 година од адвокат Драги Пажик е побарано да отстрани неколку неправилности, па истиот, постапувајќи по бараното, во поднесокот доставен со препорачана пратка на 31.10.2016 година, наведува дека со оспорените акти биле повредени член 8 став 1 алинеја 3 и член 51 од Уставот, а посочувањето на процесните закони било заради алудирање на законитоста при донесувањето на одлуките.

Поднесокот содржи и известување дека во меѓувреме оспорената одлука е укината со решението бр.10-541/7 од 12.10.2016 на Државната комисија за жалби по јавни набавки со што практично се потврдила незаконитоста на оспорената одлука.

3. Судот на седницата утврди дека, врз основа на член 26 од Законот за локалната самоуправа, членовите 22 и 70 од Статутот на Општината Битола, Советот на Општината Битола на седницата одржана на 30.08.2016 година донела Одлука по однос на Извештајот за текот на постапката за воспоставување на ЈПП за ревитализација, модернизација и одржување на улично осветлување на територијата на Општина Битола.

Во член 1 од Одлуката е определено дека со истата не се прифаќа означениот извештај поради непредвидени и објективни околности настанати во текот и за време на спроведувањето на постапката.

Во членот 2 од Одлуката се предлага поништување на постапката за воспоставување на ЈПП за ревитализација, модернизација и одржување на улично осветлување на територијата на Општина Битола.

Според членот 3 од Одлуката истата влегува во сила со денот на објавувањето во „Службен гласник на Општина Битола“.

Одлуката е заведена под бр.09-89/5 од 30.08.2016 година и е објавена во „Службен гласник на Општина Битола“ бр.10 од 01.09.2016 година.

Извештај за текот на постапката за воспоставување на ЈПП за ревитализација, модернизација и одржување на улично осветлување на територијата на Општина Битола е донесен од шестчлена Комисија за спроведување на постапка за ЈПП. Истиот е заведен под бр.14.сл. од 29.03.2016 година.

Во Извештајот е содржана хронологијата на спроведената постапка за јавна набавка, со определување на победникот на е-аукцијата со понудена цена од 208.224.477,00 денари без ДДВ, односно 245.704.882,86 денари со вклучен ДДВ.

4. Согласно член 110 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и колективните договори со Уставот и законите.

Според член 28 алинеи 1 и 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето и ако постојат процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Во конкретниот случај оспорената одлука не е дел од правниот поредок сметано од 12.10.2016 година кога Државната комисија за жалби по јавни набавки истата ја укинала со решение бр.10-541/7 од 12.10.2016 година, што како факт му е познато на полномошникот.

Тоа што оспорениот акт повеќе не е дел од правниот поредок преставува процесна пречка за постапување на Судот поради што се исполнети условите за отфрлање на овој дел од иницијативата согласно член 28 алинеја 3 од Деловникот.

Оспорениот извештај, пак, според оцена на Судот, не е општ пропис подобен за уставно-судска оцена, бидејќи е конкретен акт од спроведено дејствие во постапка за јавна набавка на конкретна единица на локална самоуправа.

Бидејќи Судот е надлежен да ја оценува уставноста и законитоста на прописите, а не на конкретни, поединечни акти произлезе дека се исполнети условите од член 28 алинеја 1 од Деловникот за отфрлање на иницијативата по однос на оспорениот извештај.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Никола Ивановски и судиите: Елена Гошева, д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.161/2016
17 мај 2017 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Никола Ивановски