У.бр.160/1996

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија и членовите 56 и 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 18 декември 1996 година, донесе

О Д Л У К А

1. СЕ ОДБИВА барањето на Јове Кекеновски од Скопје и барањето на: Маре Тодоровска, Светлана Каровска, Ристо Јованов, Филип Ивановски, Душан Митев, Александар Геров, Дејанчо Цветановски, Борис Трајковски, Горан Арсов, Зоран Петрески, Љупчо Јакомоски и Ленче Таневска сите од Скопје за заштита на слободата на политичко здружување и дејствување.

2. Оваа одлука ќе се објави во “Службен весник на Република Македонија”.

3. На Уставниот суд на Република Македонија, Јове Кекеновски од Скопје и група од наведените 12 граѓани од Скопје, му поднесоа посебни барања за заштита на слободата на политичкото здружување и дејствување, повредена со Заклучокот бр.08-1901/11 за неприфаќање на граѓанската иницијатива за распишување на референдум за предвремени избори за пратеници на Собранието на Република Македонија, донесен од Собранието на Република Македонија на 4 јуни 1996 година.

Според наводите во барањето на Јове Кекеновски слободата на политичко дејствување како граѓанин на Република Македонија со статус на избирач произлегувала од основните цели на Уставот на Република Македонија од член 2, од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија утврдени во член 8 од Уставот, од целината на корпусот на граѓанските и политичките слободи и права, како и од член 73 став 3 од Уставот на Република Македонија. Со оглед на тоа што тој бил еден од потписниците и поднесувач на индивидуален предлог за распишување на референдум за предвремени избори за пратеници на Собранието на Република Македонија со оспорениот заклучок на Собранието на Република Македонија како акт на политичка воља на дел од пратениците на Собранието, било ограничено остварувањето на неговата слобода за политичко дејствување. Всушност со таквиот акт односно дејство превземено од страна на Собранието повредена била слободата на политичко дејствување утврдена во член 110 алинеа 3 од Уставот, која инаку ја заштитува Уставниот суд на Република Македонија.

Во барањето на групата граѓани се наведува дека доколку оспорениот заклучок на Собранието на Република Македонија нема карактер на општ акт, во секој случај претставувал дејствие на Собранието, со кое се спречувало политичко дејствување на граѓаните со тоа што со него се оневозможувало политичкото дејствување на граѓаните. Имено, правото на вршење на власта било непосредно и тоа по пат на референдум или други облици на непосредно изјаснување, или по пат на избирање на пратеници и претставувало политичко дејствување на граѓаните утврдено во основните права односно во член 2 став 2 од Уставот, и бидејќи според член 110 алинеја 3 од Уставот, слободата на политичкото дејствување подлежела на заштита од Уставниот суд, се одлучиле да го поднесат барањето.

Понатаму, во барањето се наведува дека Заклучокот на Собранието на Република Македонија, бил во директна спротивност со Уставот на Република Македонија и Законот за републички референдум, затоа што според член 73 став 3 од Уставот, Собранието одлучувало за распишување референдум за одделни прашања од својата надлежност, едно од прашањата, што несомнено било во надлежност на Собранието, претставувала процедурата за неговото самораспуштање (член 63 став 6 од Уставот на Република Македонија). Со оглед на фактот дека било практично неверојатно една партија со апсолутно (па дури и двотретинско) мнозинство во парламентот да реши за своето самораспуштање, во Уставот на Република Македонија била предвидена можност, меѓу другото, ова да го побара граѓанинот, односно 150 000 граѓани, што на несомнен и препознатлив начин ќе се изрази волјата на граѓаните.

Притоа, подносителите на барањето укажуваат на член 68 став 1 алинеја 10 и алинеја 19 од Уставот на Република Македонија, според кои референдумот бил во надлежност на Собранието на Република Македонија, а покрај набројувањето на надлежностите на Собранието во членот 68, алинејата 19 во надлежност на Собранието се определувале и други работи што со Уставот биле ставени во негова надлежност. Една од тие “други работи ставени во негова надлежност” било предвиденото самораспуштање од член 63 став 6 од Уставот. Понатаму, друга “работа од негова надлежност” било распишувањето на избори во рок од 60 дена од самораспуштањето, предвидена со член 63 став 3 од Уставот на Република Македонија. Значи, ако под други надлежности ставени со овој Устав – член 68 став 1 алинеја 19 од Уставот на Република Македонија биле и самораспуштањето и предвремените избори од член 63 став 3 од Уставот на Република Македонија, тврдењето во заклучокот дека Собранието не е надлежно за распишување на предвремени избори, била груба повреда на Уставот на Република Македонија.

Поаѓајќи од определбата на Уставот на Република Македонија во член 2 став 2 дека граѓаните ја вршат власта преку претставници и непосредно преку референдум и други облици на управување, барањето за распишување на референдум претставувало вршење на власта непосредно од граѓаните, затоа што кога граѓаните бараат да се прашаат дали се за предвремени избори и излегувајќи на референдум и гласајќи, тие ја вршеле власта која им припаѓала според член 2 став 2 од Уставот на Република Македонија. Несфатливо било, според нив, Уставот да се толкува така што, контролата над избраните претставници на народот преку кои народот ја врши власта, тој ист народ да ја загубил, само врз основа на тоа што ги “избрал” и со тоа тие си присвојуваат право да ја вршат власта колку што сметаат дека имаат право, како што Собранието претпоставувало со заклучокот.

4. Судот на седницата утврди дека по иницијатива на Координациониот одбор на политичките партии ВМРО-ДПМНЕ и Демократската партија беше покрената граѓанска иницијатива за собирање на 150.000 потписи од избирачи во Република Македонија за распишување на референдум со прашањето: “дали сте за распишување предвремени избори за пратеници на Собранието на Република Македонија што би се одржале до крајот на 1996 година”, при што се собрани повеќе потписи од уставно утврдениот цензус. По повод на оваа граѓанска иницијатива на четириесет и седмата седница на Собранието на Република Македонија одржана на 4 јуни 1996 година на дневен ред беше ставен и предлог за распишување на референдум, со погоре наведеното прашање.

По оваа точка од дневниот ред Собранието донесе заклучок. Според точка 1 став 1 од Заклучокот Собранието оценува дека нема уставен основ за донесување одлука за распишување референдум за предвремени избори за пратеници на Собранието на Република Македонија. Собранието, според став 2 на точка 1 од Заклучокот, оценува дека референдум на предлог од 150.000 избирачи согласно член 73 став 3 од Уставот на Република Македонија се распишува само за прашања од надлежност на Собранието, а не и за спроведување на предвремени избори за пратеници на Собранието на Република Македонија. Според точка 2 се определува Заклучокот да се достави до Координациониот одбор на иницијаторите.

5. Со Уставот на Република Македонија е воспоставена непосредна уставно-судска заштита на одредени слободи и права на човекот и граѓанинот, во случај на нивна повреда. Така, во член 50 став 1 од Уставот е дадено право на секој граѓанин да се повика на заштита на слободите и правата утврдени со Уставот пред судовите и пред Уставниот суд, врз начелата на приоритет и итност.

Притоа, со член 110 алинеја 3 од Уставот се определени слободите и правата што е надлежен да ги штити Уставниот суд, а како една од тие слободи е и слободата на политичко здружување и дејствување.

Според член 20 од Уставот на граѓаните им се гарантира слободата на здружување заради заштита на нивните политички, економски, социјални, културни и други права и уверувања. Граѓаните можат слободно да основат здруженија на граѓани и политички партии, да пристапуваат кон нив и од нив да истапуваат.

Според тоа со Уставот се создаваат нормативни претпоставки кои се општи и еднакви за сите, со што се обезбедува рамнопоравна положба на сите граѓани во можноста да се вклучат и да влијаат на политичката моќ во државата.

Користејќи ја слободата на уверувањето граѓаните и политички се определуваат со прифаќање или одбивање на определено политичко гледање или движење, со нивно активно поддржување или несогласување, со основање и членување или нечленување во одредени политички партии или здруженија, преку кои ги остваруваат своите политички интереси.

Со уставното гарантирање на слободата на здружување се овозможува правото на човекот и граѓанинот на слободно политичко здружување и дејствување, како и заштита на автономноста на политичките партии од можната репресивна реакција на актуелните носители на власта.

Слободата на здружување се остварува преку означените манифестации, преку кои човекот делува како слободна личност без поставување на идејни бариери за уверувањето и за формите на организирање заради нивно остварување, освен во случај на злоупотреба на оваа слобода заради пропагирање на насилство, агресија и омраза меѓу луѓето.

Слободата на политичкото здружување и дејствување, како основно право се остварува непосредно врз основа на Уставот, при што со Уставот се наведени случаите поради кои може да се ограничи оваа слобода на човекот и граѓанинот, така што надвор од уставно определените случаи Уставот не може да послужи како основа за оневозможување на изразувањето или за присилно насочување на политичките идеи, ставови и уверувања на мислата и на политичкото здружување и дејствување.

Во согласност со уставната концепција за неделивост и меѓусебна поврзаност и условеност на слободите и правата на човекот и граѓанинот, слободата на политичкото здружување и дејствување не е цел сама за себе, туку претставува неопходен услов за потврдување на човекот како слободен поединец во оние случаи кога во заедница со други луѓе има потреба своите уверувања и интереси да ги изразува и остварува на политички начин односно преку здруженија на граѓани заради учество или влијание врз вршењето на власта. Користењето на слободата на човекот и граѓанинот на политичко здружување и дејствување е условено со остварувањето на истата слобода на другите граѓани.

Исто така остварувањето на слободата на политичко здружување и дејствување не е апсолутна, туку таа слобода мора да се користи во рамките на уставните норми и во уставно предвидените институции, при што не е допуштено со користењето на оваа слобода да се кршат уставните норми и да се рушат уставно-предвидените институции на начин и постапка која излегува надвор од рамките на Уставот.

Според член 61 став 1 од Уставот Собранието на Република Македонија е претставнички орган на граѓаните и носител на законовадвната власт, чии пратеници се избрани на општи, непосредни и слободни избори. Тоа значи дека пратениците кои го сочинуваат парламентот користејќи го своето политичко здружување и дејствување и преку политичкиот плурализам го оствариле народниот суверенитет преку институциите на државната власт.

Притоа, Собранието на Република Македонија, кое, според член 68 став 2 од Уставот донесува и заклучоци во вршењето на своите работи, со оспорениот заклучок во рамките на уставните овластувања и законодавната регулатива, оценило дека нема уставен основ за донесување одлука за распишување на референдум за предвремени избори за пратеници во Собранието на Република Македонија, затоа што со Уставот не е предвидена можност за распишување на референдум за предвремени избори.

Со тоа што Собранието на Република Македонија не ја прифатило иницијативата за распишување на референдум за предвремени избори, поради тоа што оценило дека за тоа нема уставен основ, според мислењето на Судот, не се забранува, ниту се ограничува правото на граѓаните политички да се здружуваат и да дејствуваат во рамките дозволени со Устав и закон.

Имено, со поднесувањето на иницијативата од страна на граѓаните за распишување на референдум за предвремени избори, нив им е овозможено политички да дејствуваат на власта, односно на Собранието како носител на законодавната власт, кое во рамките на уставните можности можеше доколку така оценеше потребното мнозинство да го распушти Собранието и да распише предвремени избори.

Со оглед на изнесеното, Судот оцени дека со оспорениот заклучок не се повредува слободата на граѓаните политички да се здружуваат и да дејствуваат. Исто така, Судот оцени дека со оспорениот заклучок на подносителите на барањето до Уставниот суд – потписници на иницијативата за распишување на референдум за предвремени избори не им е ограничена слободата политички да се здружуваат и дејствуваат, туку со овој заклучок само е изразен став на Собранието дека нема уставен основ за распишување на референдум за предвремени избори, затоа што Уставот на Република Македонија не предвидел таква можност.

6. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

7. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.160/96)