У.бр.159/2000

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/92), на седницата одржана на 18 април 2001 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на член 30 -а став 2 и на член 30 – б став 4 од Законот за јавното обвинителство (“Службен весник на Република Македонија” бр. 80/92, 19/93, 9/94, 9/96).

2. Стамен Филипов од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за оценување уставноста на одредбите од Законот означени во точката 1 на ова решение.

Според наводите во иницијативата оспорените одредби не биле во согласност со темелните вредности, владеење на правото и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска утврдени во членот 8 од Уставот на Република Македонија, со член 32 став 5 и член 91 алинеја 5, исто од Уставот, затоа што правата на обвинителите, односно на нивните заменици можеле да се уредуваат со закон, а не со акт на министерот за правда.

3. Судот на седницата утврди дека според член 30-а од Законот за јавното обвинителство (“Службен весник на Република Македонија” бр. 80/92, 19 /93, 9/94 и 9/96) како посебни права на јавните обвинители и на замениците јавни обвинители при вршењето на јавнообвинителската функција се сметаат: правото да влегуваат и да имаат слободен премин на станиците, аеродромите, пристаништата само со покажување на документите за идентификација; правото на службена дозвола за носење на оружје и набавка на соодветна муниција; правото на бесплатна употреба на јавен сообраќај, сувоземен или езерски, на територијата односно на подрачјето во која ја извршуваат јавнообвинителската функција; и правото на посебна заштита на неговата личност, на семејството и имотот, по негово барање до полицијата во местото на живеење секогаш кога за тоа постојат сериозни причини за негова безбедност, а според оспорената одредба на овој член од Законот за посебните права од став 1 на овој член, прописи и акти донесува Министерот за правда.

Во член 30-? е предвидено дека поради природата на работата во јавното обвинителство се организираат дежурства за ефикасно извршување на функцијата.

Распоредот и времетраењето на дежурствата го определува јавниот обвинител на соодветното јавно обвинителство за секој започнат месец.

За извршеното дежурство се плаќа надоместок.

Според оспорената одредба на овој член од Законот со акт на министерот за правда се утврдува висината на надоместокот за дежурствата.

4. Според член 8 од Уставот како темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија меѓудругото, се утврдени владеењето на правото и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска.

Во членот 91 алинеја 5 од Уставот, Владата на Република Македонија донесува уредби и други прописи за извршување на законите, а според членот 95 став 3, исто од Уставот, организацијата и работата на органите на државната управа се уредуваат со закон. Според член 96 од Уставот, органите на државната управа работите од својата надлежност ги вршат самостојно врз основа и во рамките на Уставот и законите и за својата работа се одговорни на Владата.

Во членот 106 од Уставот е предвидено дека јавното обвинителство е единствен и самостоен државен орган кој ги гони сторителите на кривичните дела и на други со закон утврдени казниви дела и врши други работи утврдени со закон. Јавното обвинителство ги врши своите функции врз основа и во рамките на Уставот и закон. Јавниот обвинител го именува и разрешува Собранието за време од шест години.

Според член 1 од Законот за јавното обвинителство, со овој закон се основа јавното обвинителство, се уредува неговата организација и надлежност, се определуваат подрачјата и седиштата на јавното обвинителство и се утврдуваат условите и постапката за именување и разрешување на јавните обвинители и замениците јавни обвинители.

Во членот 43 од Законот е предвидено дека средства за работа на јавните обвинителства се обезбедуваат во Републичкиот буџет, а членот 44 од овој закон предвидува дека виси-ната на платите и другите надоместоци на вработените во јавните обвинителства се определува со закон.

Со Правилникот за висината надоместокот за дежурствата во јавното обвинителство, донесен од министерот за правда (“Службен весник на Република Македонија” бр.6/97), донесен врз основа на оспорениот став 4 на членот 30-? од Законот за јавното обвинителство, е уредено прашањето за надоместокот за дежурство и тоа: надоместокот на јавните обвинители и замениците на јавните обвинители по завршување на редовното работно време до започнувањето на работното време наредниот ден, во работните денови изнесува 60% од износот на дневницата за службено патување утврдено на ниво на Републиката (дневница за службено патување), а надоместокот за дежурство за деновите во кои не се работи, изнесува 80% од дневницата за службено патување.

Според членот 2 од овој правилник, надоместокот за дежурство на возачите по завршување на редовното работно време до започнување на работното време во наредниот ден изнесува 40% од износот на дневницата за службено патување, а надоместокот за дежурство за деновите во кои не се работи изнесува 60% од дневницата за службено патување.
Во членот 3 од Правилникот е предвидено дека надоместокот за дежурство на дактилографите по завршување на редовното работно време до започнување на работното време наредниот ден изнесува 30% од износот на дневницата за службено патување, а за деновите во кои не се работи изнесува 50% од дневницата за службено патување.

Судот смета дека Правилникот за висината на надо-местокот за дежурствата во јавното обвинителство е донесен во рамките на законското овластување на министерот за правда и претставува подзаконски пропис на законското решение предвидено во членот 30-б од Законот за јавното обвинителство кое предвидува право на надоместок за дежурство. Имено, со овој правилник не се воспоставува правото на надоместок, туку само се определува висината и времето на дежурството во јавното обвинителство. Исто така, Судот смета дека и одредбата од ставот 2 на членот 30-а од Законот, со кој се утврдени посебни права на јавните обвинители и на замениците јавни обвинители при вршењето на обвинителската функција, а за кои прописи и акти донесува министерот за правда, не дава можност со актот на Министерот да се утврдуваат права, туку само начинот на остварувањето на правата утврдени со оваа одредба.

Тргнувајќи и од членот 13 од Законот за организација и работа на органите на државната управа („Службен весник на Република Македонија“ бр. 58/2000), дека органите на државната управа постапувајќи во рамките на своите надлежности во согласност со Уставот, законите и ратификуваните меѓународни договори, меѓудругото, се одговорни и за извршување на законите, во рамките на своите надлежности министерот за правда е овластен да донесе посебни прописи и акти како за посебните права на јавните обвинители, така и за висината на надоместок за дежурството во јавното обвинителство.

Исто така, ако се има предвид членот 17 од овој закон, според кој Министерството за правда ги врши работите што се однесуваат и на јавното обвинителство, Судот оцени дека министерот за правда носи подзаконски акти и за извршување на Законот за јавното обвинителство.

Со оглед на изнесеното, не може да се постави прашањето за согласност на ставот 2 на член 30 – а и на ставот 4 на член 30 – ? од Законот за јавното обвинителство со означените уставни одредби, поради што одлучи како во точката 1 на ова решение.

5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.

У.бр.159/2000
18 април 2001 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Тодор Џунов