У.бр.158/2012-1

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 6 март 2013 година, донесе

О Д Л У К А

1. СЕ УКИНУВА точката 2 од Заклучокот за усвојување на Информацијата за спроведување на Одлуката за реонизација во основните училишта во општина Карпош за учебната 2011/2012, бр.07-2849/18 од 27 април 2012 година, донесен од Советот на општина Карпош, објавен во „Службен гласник на општина Карпош“ бр.5/2012.

2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во „Службен весник на РМ“.

3. Уставниот суд на Република Македонија по повод поднесена иницијатива на Стамен Филипов и Анета Мркева, двајцата од Скопје, со Решение У.бр.158/2012 од 30 јануари 2013 година поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на актот означен во точката 1 од оваа одлука.

Постапката беше поведена затоа што пред Судот основано се постави прашањето за неговата согласност со Уставот и Законот за основното образование.

4. Судот на седницата утврди дека Заклучокот за усвојување на Информацијата за спроведување на Одлуката за реонизација во основните училишта во општина Карпош за учебната 2011/2012, содржи 4 точки, кои според својата содржина гласат:

1) Се усвојува Информацијата за спроведување на Одлуката за реонизација во основните училишта во општина Карпош за учебната 2011/2012.
2) Услов за запишување на учениците во основните училишта од подрачјето на општина Карпош, да биде и периодот на живеење во реонот на основното училиште не помалку од една година, како и докази за сопственост на стан или договор за закуп и лична карта на родителите.
3) Заклучокот да се достави до општинските основни училишта на подрачје на општина Карпош.
4) Овој Заклучок влегува во сила наредниот ден од денот на објавувањето во „Службен гласник на општина Карпош“.

5. Темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија, во смисла на член 8 став 1 алинеи 1, 3 и 4 од Уставот, се основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот, владеењето на правото и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска.

Според член 9 од Уставот, граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Во член 27 од Уставот се предвидува дека секој граѓанин на Република Македонија има право слободно да се движи на територијата на Републиката и слободно да го избере местото на своето живеалиште (став 1). Остварувањето на овие права може да се ограничи со закон, единствено во случаите кога е тоа потребно заради заштита на безбедноста на Републиката, водење на кривична постапка или заштита на здравјето на луѓето (став 3).

Според член 44 од Уставот секој има право на образование. Образованието е достапно на секого под еднакви услови. Основното образование е задолжително и бесплатно.

Согласно член 54 став 1 од Уставот слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да се ограничат само во случаи утврдени со Уставот.

Во член 68 став 1 алинеја 2 од Уставот се предвидува дека Собранието на РМ донесува закони и дава автентично толкување на законите.

Законот за основното образование го уредува задолжителното основно образование што се остварува во основните училишта, како и дејноста на основното образование како дел од единствениот воспитно-образовен систем (член 1).

Според член 2 од овој закон, секое дете има право на основно образование, и се забранува дискриминација по основ на пол, раса, боја на кожата, национална, социјална, политичка, верска, имотна и општествена припадност во остварување на правата од основното воспитание и образование, утврдени со овој закон.

Член 50 од Законот е поместен во глава IV со наслов: „Запишување на учениците“ во која се содржани одредбите од член 45 – 52.

Според член 46 од Законот:

(1) Децата во прво одделение во основното училиште се запишуваат во месец мај за следната учебна година.
(2) При запишувањето на детето во прво одделение родителот е должен да достави потврда за примените задолжителни вакцини за детето, издадена од надлежна здравствена установа.
(3) Основното училиште е должно да ги опфати учениците од својот реон.
(4) Основното училиште може да запише ученици од друг реон или од друга општина само доколку има слободни места за запишување.
(5) Основачот го утврдува реонот на основните училишта од кои се запишуваат учениците.

Според член 47 од истиот закон:

(1) Во прво одделение на основното училиште родителот е должен да го запише детето кое до крајот на календарската година ќе наполни шест години.
(2) По исклучок од ставот (1) на овој член, детето може да се запише во прво одделение, доколку наполни шест години до 31 јануари наредната година, по претходно барање од родителот и добиено мислење од педагогот или психологот во училиштето.
(3) Запишувањето на детето, на барање на родителот, здравствената установа може да го одложи за една година ако се утврди дека детето не е подготвено да оди на училиште.

Во член 50 од Законот е предвидено дека:

(1) Родителот има право да го запише детето во основното училиште во реонот во кој живееили каде што постојано престојува.
(2) Родителот може да го запише детето во друго основно училиште во истиот или друг реон ако за тоа има согласност од училиштето во кое се запишува.
(3) Списокот на децата од реонот за запишување во основното училиште се добива од надлежните служби во единицата на локалната самоуправа кои водат евиденција на постојаните и привремените жители.
(4) Списокот од ставот (3) на овој член содржи име и презиме и година на раѓање на детето.
(5) Во текот на школувањето ученикот може да премине во друго основно училиште ако има согласност од училиштето во кое што преминува.
(6) Одредбите од ставовите (1) и (2) на овој член не се однесуваат на децата со посебни образовни потреби.

Наводите содржани во иницијативата по однос на оспорената точка 2 од Заклучокот, донесен од Советот на општина Карпош, Судот оцени дека се основани од причина што оспорениот подзаконски акт не е во согласност со Уставот на Република Македонија и Законот за основното образование. Имено, законодавецот децидно ги набројал условите за запишување на учениците во основните училишта, меѓу кои е и правото на родителот да го запише детето во основното училиште во реонот во кој живее или каде што постојано престојува, но не и периодот на живеење на територијата на општината.

Определувањето на услов за запишување на учениците во основните училишта од подрачјето на општина Карпош, да биде и периодот на живеење во реонот на основното учииште не помалку од една година, како и обврската за доставување на докази за сопственост на стан или договор за закуп и лична карта на родителите, според Судот, е надвор од законските рамки и на овој начин со оспорениот подзаконски акт се врши ограничување на правото на граѓаните, кое може да се врши исклучиво со закон, а не со подзаконски акт. Подзаконскиот акт може да биде само операционализација на законот, но не и истиот да утврдува права и обврски, како што е сторено со оспорениот акт на општина Карпош.

Од причина што со оспорениот подзаконски акт се излегува надвор од рамките на Законот за основното образование, а истиот е донесен во смисла на член 46 став 5 од Законот за основното образование, според кој основачот го утврдува реонот на основните училишта од кои се запишуваат учениците, а не и периодот на живеење во реонот како услов за запишување на учениците, Судот оцени дека оспорената точка 2 од подзаконскиот акт е во спротивност со уставните норми и Законот за основното образование.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

7. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот Бранко Наумоски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Елена Гошева, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.158/2012
6 март 2013 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски