У.бр.156/1998

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 71 и член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 30 септември 1998 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА барањето за оценување уставноста на Решението К.бр.697/98 од 1 јули 1998 година со кое на Гидеон Сандел од Република Израел му се продолжува притворот сметано до 8 август 1998 година, донесено од Кривичниот совет на Основниот суд Скопје И во Скопје.

2. Гидеон Сандел од Република Израел, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе барање за оценување уставноста на решението означено во точката 1 од ова решение, затоа што со него му се продолжувал притворот, поради постоење на основано сомнение дека сторил кривично дело измама и поради постоење на можност од бегство, со што му се повредувале основните слободи и права, загарантирани со Уставот.

3. Согласно член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд ги штити слободите и правата на човекот и граѓанинот што се однесуваат на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, политичкото здружување и дејствување и забраната на дискриминација на граѓаните по основ на пол, раса, верска, национална, социјална и политичка припадност.

Имајќи ја предвид оваа одредба од Уставот и одредбата од член 28 алинеја 1 од Деловникот, Судот оцени дека барањето на Гидеон Сандел излегува надвор од доменот на надлежноста на овој Суд, поради што одлучи како во точката 1 од ова решение.

4. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.156/98)