У.бр.152/2012

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 1 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 14 ноември 2012 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА барањето на Марјанчо Ангеловски од Куманово за заштита на слободата и правото по основ на политичко здружување и дејствување и заштита од дискриминација по основ на политичка припадност односно политичка неприпадност, повредени со Решение на Врховниот суд на Република Македонија, Рев2.бр.440/2011.

2. Марјанчо Ангеловски од Куманово, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе барање за заштита на слободата и правото повредени со Решението наведено во точка 1 од ова решение.

Според наводите во барањето, оспореното решение на Врховниот суд на Република Македонија не било одраз на владеењето на правото и функционирањето на правната држава како што било предвидено со Уставот, туку била донесена политичка одлука со која се повредувале слободите и правата по основ на политичко здружување односно политичко нездружување и заштита од дискриминација по основ на политичка припадност односно политичка неприпадност, што било спротивно на член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот. Имено, со оспореното решение со кое се отфрлаат како недозволени ревизиите против пресудата на Апелациониот суд Скопје РОЖ.бр. 1203/10 од 15.02.2011 година, Судот грубо го прекршил материјалното право и донел одлука со низа правни недостатоци која била спротивна на правото и не го одразувала владеењето на правото, што можело да се констатира од тоа што: – во воведниот дел од Решението било наведено дека тужбеното барање се однесува само на ревизија на одлука на Апелациониот суд Скопје РОЖ.бр. 1203/10 од 15.02.2011 година, а не и на првостепената одлука на Основниот суд Куманово, 2 РО 65/10, со што погрешно била утврдена фактичката состојба и се служело со ноторни невистини, што се докажувало од самата содржина на барањето за ревизија; – во тужбеното барање за ревизија подносителот ја немал наведено висината на вредноста на спорот, односно таа била неопределена, а вредноста на спорот самоиницијативно ја имал наведено судијата Зоран Соларски при првостепениот суд во записникот за објавување на одлуката на 08.07.2010 година, а определувањето на конкретната вредност на спорот била од значење за отфрлање на барањето за ревизија; во пресудата 2 РО 65/10 на Основниот суд Куманово погрешно бил употребен терминот „первенција“ наместо „превенција“. Оттука, оспореното решение било донесено со користење на податоци за кои тужителот воопшто се немал произнесено во постапката водена пред првостепениот и второстепениот суд, поради што истото било незаконско, а со тоа и спротивно на владеењето на правото гарантирано со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот.

Со донесување на оспореното решение, повредени биле правата на тужителот во однос на примањата кои би ги остварил во однос на плата и придонеси кон ПИОМ од работното место кое хиерархиски било највисоко рангирано во СВР Куманово, согласно образложението на пресудата 2РО.бр.70/08 од 05.12.2008 година, кои незаконски активности директно задирале во егзистенцијата на оштетениот.

Раководејќи се од фактите дека во периодот од 2007 година до поднесување на ова барање, работодавецот, Министерството за внатрешни работи на Република Македонија, во три наврати последователно донесувало незаконски акти за распоредување на работа на подносителот на барањето како оштетен, и тоа:

– наредба за извршување на работи и работни задачи, бр.27-2993 од 09.03.2007 година,
– решение за распоредување бр. 16.4-79859/1 од 06.12.2007 година (оспорено со пресуда 2РО 70/80 на Основниот суд Куманово од 05.12.2008 година) и
– решение за распоредување бр.18.6-74105/1 од 12.11.2009 година (за која активност Уставниот суд се произнел со акт У.бр.60/11 од 04.05.2011 година)
произлегувало дека оспореното решение на Врховниот суд на Република Македонија се надоврзувало на низата решенија на МВР и одлуки на институциите на правниот систем во државата, која била донесена единствено од политички причини, со кое се повредувале правата по основ на политичко здружување и дејствување и правата по однос на заштита од дискриминација по основ на политичка припадност односно политичка неприпадност, ако се знаело дека подносителот на барањето не бил член на ниту една политичка партија од партиите на власт или опозиција во Република Македонија.

Поради тоа, се бара од Уставниот суд на Република Македонија да отвори расправа по ова барање (уставна жалба) и да донесе одлука со која ќе го укине оспореното решение на Врховниот суд на Република Македонија, пресудата на Апелациониот суд Скопје РОЖ.бр, 1203/10 од 15.02.2011 година и пресудата 2 РО 65/10 на Основниот суд Куманово, како и ќе го поништи Решението бр.18.6-74105/1 од 12.11.2009 година на Министерството за внатрешни работи на Република Македонија и Решението бр.37-3/2 од 16.02.2010 година на Комисијата при Владата на Република Македонија, за распоредување на тужителот. Со одлуката, Уставниот суд да го задолжи тужениот да донесе решение за распоредување на тужителот на работно место кое е соодветно како на хиерарсиската поставеност, така и во поглед на описот и пописот на работните задачи и висина на плата, на кое Основниот суд Куманово со пресуда 2 РО бр.70/08 од 05.12.2008 година го вратил тужителот на работа, односно да го задолжи Министерството за внатрешни работи во целост да ја спроведе пресудата 2 РО бр.70/08 од 05.12.2008 година, со надомест на трошоците за постапката спрема тужителот, како и да го поучи тужителот- оштетениот Марјанчо како да ги оствари своите права.

3. Судот на седницата утврди дека со Решението на Врховниот суд на Република Македонија, Рев2.бр.440/2011 од 20.06.2012 година, ревизиите на тужителот Марјанчо Ангеловски од Куманово, против пресудата на Апелациониот суд Скопје, РОЖ.бр.1203/10 од 15.02.2011 година, се отфрлени како недозволени.

Според образложението на Решението, со оглед дека не се работи за спор од работен однос по повод престанок на работен однос, туку за поништување на решение за распоредување, а притоа вредноста на предметот на спорот била определена на 40.000,00 денари, овој суд наоѓа дека ревизиите на тужителот се недозволени, поради што е одлучено согласно член 383 став 1 од Законот за парничната постапка.

4. Согласно член 8 став 1 алинеја 1 од Уставот на Република Македонија, основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот, претставуваат една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Согласно член 110 алинеја 3 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија ги штити слободите и правата на човекот и граѓанинот што се однесуваат на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, политичкото здружување и дејствување и забрана на дискриминација на граѓаните по основ на пол, раса, верска, национална, социјална и политичка припадност.

Според член 51 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, секој граѓанин што смета дека со поединечен акт или дејство му е повредено право или слобода утврдени со член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, може да бара заштита од Уставниот суд во рок од 2 месеци од денот на доставувањето на конечен или правосилен поединечен акт, односно од денот на дознавањето за преземање дејство со кое е сторена повредата, но не подоцна од 5 години од денот на неговото преземање. Во барањето, според член 52 од Деловникот, потребно е да се наведат причините поради кои се бара заштита, актите или дејствата со кои тие се повредени, фактите и доказите на кои се заснова барањето, како и други податоци потребни за одлучувањето на Уставниот суд.

Според член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.

Подносителот на барањето за заштита на слободи и права, Марјанчо Ангеловски, во врска со прашањето за неговото распоредување во Министерството за внатрешни работи и судската постапка која ја водел пред надлежните судови за ова прашање, веќе два пати се обратил до Уставниот суд на Република Македонија со барање за заштита на неговите слободи и права повредени со: Наредба на Министерствoто за внатрешни работи на Република Македонија број 27-2993 од 09.03.2007 и Решение на Управниот суд У.бр.665/2008 и У.бр.666/2008 година од 09.09.2009 година, Решение бр.18.6-74105/1 од 12 ноември 2009 година на Министерството за внатрешни работи, Решение бр.37-3/2 од 16 февруари 2010 година на Комисијата за решавање на прашањата од областа на работните односи во втор степен при Владата на Република Македонија, пресуда РО.бр.65/10 од 8 јуни 2010 година на Основниот суд Куманово и пресуда РОЖ.бр.1203/10 од 15 февруари 2011 година на Апелациониот суд Скопје. Уставниот суд и во двата случаи ( Решение У.бр. 264/2009 и Решение У.бр.60/2011) ги отфрлил барањата затоа што оценил дека не станува збор за повреда на право по основ на политичка припадност или неприпадност, како што било декларативно наведено, туку дека во суштина станувало збор за барање Уставниот суд, како инстанционен суд, да се впушти во решавање на права и интереси по конкретен предмет што е во надлежност на судовите, а не на Уставниот суд.

Во сега доставеното барање, насловено како „уставна жалба“, истиот подносител продолжува од Уставниот суд да бара заштита на слободите и правата по основ на политичко здружување и дејствување и заштита од дискриминација по основ на политичка припадност односно неприпадност, повторно поврзано со истото прашање за неговото распоредување во Министерството за внатрешни работи, изнесено во претходните два предмета пред Уставниот суд, но сега повредени со Решението на Врховниот суд на Република Македонија, Рев.2 бр.440/2011 со кое е отфрлено неговото барање за ревизија на пресудата на Апелациониот суд Скопје, РОЖ.бр.1203/10.

И во ова барање, исто како и во двата претходни случаи, Судот оцени дека подносителот само декларативно се повикува на барање за заштита од дискриминација по основ на политичка припадност, без воопшто да наведе аргументи, факти и докази во тој правец, од каде произлегува дека подносителот на барањето всушност сака да постигне впуштање на Уставниот суд, како инстанционо повисок орган, во оцена на законитоста на актите, односно решенијата и пресудите со кои тврди дека му се повредени слободите и правата, а заради остварување на конкретно право од работен однос.

Според одредбите на Уставот со кои се утврдуваат надлежностите на Уставниот суд, Уставниот суд не е надлежен да одлучува за примената на законите и другите прописи од страна на судовите и другите органи, а во таа смисла ниту има надлежност на инстанционо повисок суд да ја оценува законитоста на постапката и одлуките донесени од овие органи по конкретни предмети.

Имајќи предвид дека наводите во барањето за заштита на слободите и правата за сторена дискриминација по основ на политичка припадност се изнесени само декларативно, без да се поткрепат со соодветни факти и докази, како и фактот што Уставниот суд може да ги оценува донесените акти и пресуди само од аспект на можна сторена повреда на слободите и правата од членот 110 алинеја 3 од Уставот, но не и да се постави како инстанционо повисок суд или орган по однос на другите правосудни или управни органи, како и да наложи извршување на пресуди донесени од редовните судови, Судот оцени дека се настапени деловничките претпоставки за отфрлање на иницијативата.

5. Тргнувајќи од наведеното, Судот одлучи како во точка 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Бранко Наумоски и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Елена Гошева, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Вера Маркова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.152/2012
14 ноември 2012 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски