У.бр.151/2012

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македoнија и член 71 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” број 70/1992), на седницата одржана на 14 ноември 2012 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА барањето на Јован Вранишковски од Битола, застапуван од полномошникот Васил Ѓорѓијев, адвокат од Битола, за заштита на слободите и правата од член 110 алинеја 3 од Уставот кои се однесуваат на слободата на уверувањето и заштита од дискриминација по основ на верска припадност.

2. Јован Вранишковски од Битола, преку адвокат Васил Ѓорѓијев од Битола на Уставниот суд на Република Македонија, му поднесе барање за заштита на слободите и правата што се однесуваат на забрана на дискриминација по основ на верска припадност.

Во барањето се наведува дека Јован Вранишковски е во служба како Архиепископ на означената “Охридска Архиепископија”, која со томос издаден на 24 мај 2005 година била призната од Српската Православна Црква како автономна црква во состав на Српската Патријаршија. Како Архиепископ на автономна црква, Јован Вранишковски имал сослужување (признавање) од сите други 14 Православни цркви во светот. Неговата функција била јавна, а Црквата на која и припаѓал имала своја структура: Архиерејски Синод, свештенство и народ кој го подржува. Меѓутоа, сеуште Црквата не била регистрирана како верска заедница во Република Македонија. Српскиот Патријарх Павле, уште на 20 јуни 2002 година повикал за пристапување кон Српската Православна Црква на архијереите, клирот и верниот народ од Македонската Православна Црква во единство со Српската Православна Црква, и на тој повик одговорил само Јован Вранишковски, кој во тоа време бил Митрополит Велешки и Повардарски во МПЦ, и тој заедно со сето свештенство во неговата епархија се согласил на воспоставување литургија и канонско единство со српската Патријаршија. Од овие причини започнале политички прогони на Јован Вранишковски од државната власт на Република Македонија во форма на кривични прогони со судски разрешници.

Политичките прогони започнале уште 2002 година кога полицијата, без судски налог, го избркала Јован Вранишковски од зградата на Митрополијата во Велес. Потоа, по пристапувањето на голема група монаси и монахињи од Македонската Православна Црква кон Охридската Архиепископија, во јануари 2004 година Јован Вранишковски бил притворен 30 дена и било подигнато против него обвинение за „предизвикување национална, расна и верска омраза, раздор и нетрпеливост“ од членот 319 од Кривичниот законик, бил осуден и издржал казна затвор со траење од осум месеци.

Наведената хронологија на настани била јасен показател дека се работело за политички прогон на Јован Вранишковски со повреда на неговите права за слобода на уверувањето и со дискриминација по основ на верска припадност, бидејќи до денот на пристапувањето на Јован Вранишковски во единство со Српската Патријаршија (22 јуни 2002 година), против него не било подигнато обвинение за ниту едно кривично дело, ниту пак некогаш бил осудуван, но откако не се успеало во намерата тој да се заплаши преку затворската казна за „предизвикување национална, расна и верска омраза, раздор и нетрпеливост“, односно да се казни за политичка неподобност и за „предавството“ што го направил кон МПЦ, но и кон државата, Јавното обвинителство против него започнало низа кривични процеси, а меѓу последните и конкретниот случај кога со пресуда на Основниот суд Велес К.бр. 136/12 од 11.05.2012 година, потврдена со Пресуда на Апелациониот суд Скопје КЖ.бр.930/12 од 28.06.2012 година, бил осуден на две години и шест месеци затворска казна за кривично дело “Затајување”, како и задолжен да врати на МПЦ износ од 14.804.211,00 денари.

Според наводите од барањето, јасно било дека обвинението за кривичното дело “Затајување“, подигнато после обвинението за „предизвикување национална, расна и верска омраза, раздор и нетрпеливост“, всушност било продолжение на гонењето мотивирано од верските дејствија, а особено од дејствието на неговото пристапување во единство со Српската Православна Црква, односно откако не се успеало со сите претходни преземени дејствија Јован Вранишковски да се убеди и да се покае за неговите верски дејствија и единството кое го воспоставил со Српската Православна Црква, па со тоа започнал неговиот прогон за кривични дела кои не ги извршил, ниту можеле да бидат бо природата на неговата функција.

Од наведените причини, во барањето се наведува дека јасно било дека кривичниот прогон на Јован Вранишковски имал елементи на гонење заради верска основа, односно дека тоа било дискриминација по верска основа спротивно на членот 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, а дискриминацијата која му била направена, довела до ситуација тој да немал можност на праведен судски процес, со казната да биде оштетен и да му биде укината верската слобода загарантирана со членот 19 од Уставот на Република Македонија.

3. Согласно членот 110 алинеја 3 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија ги штити слободите и правата на човекот и граѓанинот што се однесуваат на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, политичкото здружување и дејствување и забраната на дискриминација на граѓаните по основ на пол, раса, верска, национална, социјална и политичка припадност.

Според член 51 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, секој граѓанин што смета дека со поединечен акт или дејство му е повредено право или слобода утврдени со член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, може да бара заштита од Уставниот суд во рок од 2 месеци од денот на доставувањето на конечен или правосислен поединечен акт, односно од денот на дознавањето за преземање на дејство со кое е сторена повредата, но не подоцна од 5 години од денот на неговото преземање.

Во барањето, според член 52 од Деловникот на Судот, потребно е да се наведат причините поради кои се бара заштита, актите или дејствата со кои тие се повредени, фактите и доказите на кои се заснова барањето, како и други податоци потребни за одлучувањето на Уставниот суд.

Во конкретниот случај, како причини за поднесување на барањето за заштита на слободи и права по основ на забрана од дискриминација по основ на верска припадност, се наведува хронологија на настани со кои се укажува на кривичен прогон од страна на надлежните органи со судски разрешници по кривични предмети во кривични постапки, а како што бил и последниот случај, кога со правосилна пресуда на Основниот суд Велес К.бр. 136/12 од 11.05.2012 година, потврдена со Пресуда на Апелациониот суд Скопје КЖ.бр.930/12 од 28.06.2012 година, барателот бил обвинет за кривично дело “Затајување” и осуден на казна затвор во траење од две години и шест месеци затворска казна, како и задолжен да врати на МПЦ износ од 14.804.211,00 денари.

Барателот смета дека кривичното гонење против него, всушност било обид тој да се убедел и да се покаел за неговите верски дејствија и единството кое го воспоставил со Српската Православна Црква, односно со цел тој да биде спречен во слободата на вероисповеста загарантирана со членот 19 од Уставот на Република Македонија, па оттука, според наводите во барањето кривичното гонење против него имало елементи на гонење заради верска основа, што претставувало дискриминација по основ на верска припадност, која дискриминација довела до состојба тој да немал можност на праведен судски процес, со казната која му се изрекла тој да биде оштетен и да му биде укината верската слобода загрантирана со членот 19 од Уставот.

Со барањето, последно изречената Пресуда на Основниот суд Велес К.бр. 136/12 од 11.05.2012 година, потврдена со Пресуда на Апелациониот суд Скопје КЖ.бр.930/12 од 28.06.2012 година, со која барателот бил осуден на затворска казна за кривично дело “Затајување”, со задолжение да врати на МПЦ износ од 14.804.211,00 денари, не се посочува како поединечен правосилен акт на кое барателот го заснова барањето за заштита на слободи и права, туку бараната заштита ја заснова општо на кривичните гонења кои биле преземани против него од страна на надлежните органи, како што бил и последниот случај кога со погоре наведената пресуда на надлежниот суд бил огласен за виновен и казнет.

Тргнувајќи од содржината на барањето, а имајќи ги предвид податоците кои треба да бидат содржани во барањето за заштита на слободи и права согласно цитираната деловничка одредба од членот 52 од Уставот, во конкретниот случај со барањето не се приложени било какви факти и докази на чија основа овој суд може да се впушти во анализа по барањето за заштита од дискриминација по основ на верска припадност.

За постапување по барање од заштита од дискриминација по наведениот основ, не е доволно да се наведе дека кривичното гонење на Јован Вранишковски за конкретно кривично дело, кое резултирало со правосилно осудителна пресуда, имало елементи на гонење заради верска основа, односно дека тоа било дискриминација по верска основа, туку да се наведат и факти и докази кои би упатиле на елементи на дискриминација, односно на нееднаков третман и различно постапување на надлежните органи и институции со граѓани кои се во иста положба и ситуација. Ова од причини што изразот дискриминација подразбира секое разликување, исклучување или предност на граѓани, заснована врз раса, боја на кожа, пол, вероисповед, политичко мислење, национално или социјално потекло, кои доведуваат до уништување или намалување во поглед на можностите или третманот на граѓаните во определена работа во определена област, пред надлежни органи и други организации, институции или слично, што во секој случај треба да се докаже, а барателот со барањето не наведува факти и докази дека тој бил нееднакво третиран во однос на други граѓани заради неговата верска припадност и определба, а со тоа и дискриминиран.

Што се однесува пак до наводите во барањето дека дејствијата на кривично гонење од страна на надлежни органи, биле преземени само со цел барателот да биде заплашен тој да истрае во воспоставеното единството со Српската Православна Црква и со цел тој да биде казнет за политичка неподобност и за „предавството“ што го направил кон МПЦ, но и кон државата, а не како законита правна мерка од конкретен кривично правен настан, според Судот овие наводи како причини за барање за заштита на слободи и права што се однесуваат на забрана од дискриминација по основ на верска припадност, не можат да имплицираат впуштање на овој суд во испитување на нивна евентуална повреда, од причини што дејствијата на надлежните органи кои резултирале со правосилна осудителна пресуда, а на кои се повикува барателот, се дејствија на правна завршница од постапување по конкретен кривично правен настан, кој исход произлегува од правната оцена на надлежните органи за конкретно кривично дело.

5. Имајќи предвид дека барањето за заштита од дискриминација, односно причините за таа заштита, барателот ги образложува и темели на преземени дејствија од страна на надлежни органи кои резултирале со осудителна правосилна судска одлука согласно со закон, а не на релевантни факти и докази дека тој бил спречен во уживањето на правата и слободите со негово дискриминирање, односно дискриминација по основ на верска припадност, Судот оцени дека во конкретниот случај постојат процесни пречки за мериторно впуштање и одлучување по барањето за заштита на слободи и права, поради што одлучи да го отфрли барањето.

6. Врз основа на изнесеното, согласно наведените уставни и деловнички одредби, Судот одлучи како во точкaта 1 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Бранко Наумоски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Елена Гошева, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Вера Маркова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.151/2012
14 ноември 2012 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски