У.бр.150/2004

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 18 мај 2005 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 6 од Законот за изменување и дополнување на Законот за енергетика (“Службен весник на Република Македонија” бр.38/2003).

2. Андреја Јосифовски, претседател на Управниот одбор на “Макпетрол” АД Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на член 6 од законот означен во точката 1 од ова решение.

Според подносителот на иницијативата со оспорената законска одредба се повредувало темелното уставно начело на владеењето на правото, начелото на законитост и слободата на пазарот, како и еднаквоста на граѓаните пред Уставот и законите кое било предвидено во член 9 став 2 во Уставот на Република Македонија.

Во ставот 3 од членот 6 од Законот за изменување и дополнување на Законот за енергетика (“Службен весник на Република Македонија” бр.38/2004) со кој е изменет членот 11-и од Законот за енергетика (“Службен весник на Република Македонија” бр.47/1997, 40/1999, 98/2000 и 94/2002) било предвидено “Регулаторната комсија да го утврдува надоместокот од став 1 од овој член (од оспорениот член) за наредната година преку определување на ист процент на зафаќање од остварениот вкупен приход на друштвата, на кој дава согласност Собранието на Република Македонија и кој не може да изнесува повеќе од 0,1% од вкупниот приход на друштвата”.

Со оваа одредба од Законот директно бил прекршен членот 33 од Уставот на Република Македонија со кој било определено плаќање на данок на начин утврден со закон, членот 51 став 1 и членот 55 став 1 и 2 од Уставот на Република Македонија:

Според подносителот на иницијативата оспорената одредба била во спротивност со членот 33 од Уставот на Република Македонија затоа што што со истата се воведувала јавна давачка за намирување на јавни расходи без јасно утврдена висина на јавната давачка и без утврдена основица за нејзино пресметување. Имено, со предвидувањето во оспорената законска одредба …”не може да изнесува повеќе од 0,1%” се воведувала јавна давачка со која била определена само горната граница на фискалното зафаќање и тоа од вкупниот приход на друштвата. Ваквата одредба во целост била спротивна на членот 33 од Уставот бидејќи со Уставот јасно било определено дека јавните давачки се утврдуваат со закон, а не со одлука на државни или административни органи во овој случај акт на Регулаторната комисија за енергетика.

Оспорената одредба била во спротивност и со членовите 9 и 55 од Уставот на Република Македонија, бидејќи со неа не биле опфатени сите субјекти кои вршат енергетска дејност туку се вршело зафаќање и оптоварување на една група на субјекти (вршители на дејност – енергетика) во услови на постоење на другу субјекти кои вршеле иста дејност но се формално регистрирани за вршење на други дејности. Законската определба финансирањето на Регулаторната комисија да се врши со зафаќање на вкупните приходи на субјектите кои вршеле енергетска дејност не кореспондирала со функциите и целите на Регулаторната комисија бидејќи субјектите предмет на законската одредба вршеле и други дејности од кои остварувале приходи кои во никој случај не биле во корелација со предметот на интерес на Реулаторната комисија. Со ваквото битие на законската одредба се нарушувал основниот принцип на уставноста и законитоста, еднаквоста на субјектите пред Уставот и законот, како и еднаквата правна положба на пазарот.

Во иницијативата понатаму се наведува дека со оспорениот Закон била воведена категорија вкупен приход на “друштвата кои вршат енергетска дејност” и истата не била дефинирана во корелација со Законот за енергетика. Системот на јавните давачки во Република Македонија се однесувал на конкретни производи или услуги, односно правни трансакции и добивка, а никако на вкупниот приход кој е релативна категорија со што се отстапувало од воспоставениот систем на јавни давачки бидејќи надоместокот претставува јавна давачка наметната исклучиво на друштвата кои вршеле енергетска дејност на пазарот каде што цените на нафтените деривати се регулирале од државата. Категоријата вкупен приход доведувала до уште едно правно прашање, имено не се земал предвид остварениот финансиски резултат од работењето на друштвото, кој не секогаш бил позитивен. Во случај друштвото да работело со загуба зафаќањето од вака дефинираниот вкупен приход доведувало до уште поголема неликвидност на истото. Исто така во законот не биле дефинирани и јасно определени друштвата кои вршат енергетска дејност и дали друштвата кои вршат продажба на енергенси се друштва кои вршат енергетска дејност согласно членот 2 од Законот за енергетика.

Според наводите во иницијативата финансирањето на Регулаторните комисии во земјите на Европската унија се вршело на различен начин (приходи од издавање на дозволи, од давачи на енергетски произовди итн.) но не со дополнителни давачки на вкупниот приход на правниот субјект како што бил случај во Република Македонија.

Подносителот на иницијативата предлага, по одржаната расправа на која ќе бидат изнесени сите приложени докази и ќе бидат земени предвид погоре изнесените факти, согласно член 112 став 2 од Уставот на Република Македонија да донесе одлука со која ќе го поништи членот 6 од Законот за изменување и дополнување на Законот за енергетика (“Службен весник на Република Македонија” бр.38/2004) со кој е изменет членот 11-и од Законот за енергетика (“Службен весник на Република Македонија” бр.47/1997, 40/1999, 98/2000 и 94/2002).

Воедно на Уставниот суд на Република Македонија му предлага, до донесувањето на конечната одлука да донесе мерка со која привремено ќе се стави вон сила примената на член 6 од Законот за изменување и дополнување на Законот за енергетика.

3. Судот на седницата утврди дека според членот 6 од Законот за изменување и дополнување на Законот за енергетика (“Службен весник на Република Македонија” бр.38/2003) членот 11-и од Законот се менува и гласи:

“Работењето на Регулаторната комисија се финансира од сопствени извори на средства обезбедни преку наплата на надомест од вкупниот приход на друштвата што вршат енергетска дејност и од наплатата за издадените лиценци.

Регулаторната комисија најдоцна до 1 октомври од тековната година, до Собранието на Република Македонија поднесува предлог на финансиски план на Регулаторната комисија за наредната година за усвојување, во кој се содржани сите приходи и трошоци на Регулаторната комисија, вклучувајќи ги и платите на членовите на Регулаторната комисија и на вработените, како и надоместот за членовите на Комисијата за жалби и нивните заменици.

Во рамките на предлогот на финансискиот план од став 2 на овој член, а врз основа на планираните приходи за тековната година на друштвата кои вршат енергетска дејност, Регулаторната комисија го утврдува надоместот од став 1 на овој член за наредната година преку определување на ист процент на зафаќање од остварениот вкупен приход на друштвата, на кој дава согласност Собранието на Република Македонија и кој не може да изнесува повеќе од 0,1% од вкупниот приход на друштвата.

Надоместокот согласно со утврдениот процент од став 3 на овој член и остварениот приход во претходната година, друштвото кое врши енергетска дејност го уплатува на сметка на Регулаторната комсија во два подеднакви дела и тоа првиот дел најдоцна до 30 април, а вториот дел најдоцна до 30 септември во тековната година.

Неискористените средства на Регулаторната комисија од претходната година се пренесуваат за користење во наредната година и соодветно на тоа се намалува надоместот од став 1 на овој член.

По исклучок од став 3 на овој член, заради обезбедување на услови за работа на Регулаторната комсија во првата календарска година од основањето, друштвата кои вршат енергетска дејност се должни најдоцна до 30 јуни 2003 година на сметката на Регулаторната комисија да уплатат 0,05% од остварениот вкупен приход во 2002 година”.

4. Согласно член 9 став 2 од Уставот на Република Македонија граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Согласно член 33 од Уставот, секој е должен да плаќа данок и други јавни давачки и да учествува во намирувањето на јавните расходи на начин утврден со закон.

Во членот 51 став 1 од Уставот на Република Македонија е определено дека во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон.

Според член 55 став 1 од Уставот на Република Македонија, се гарантира слободата на пазарот и претприемништвото. Во ставот 2 овој член од Уставот е утврдено дека Републиката обезбедува еднаква правна положба на сите субјекти на пазарот. Републиката презема мерки против монополската положба и монополското однесување на пазарот.

Согласно член 68 став 1 алинеја 3 од Уставот, Собранието на Република Македонија ги утврдува јавните давачки.

Со Законот за енергетика се уредуваат основањето и работењето на Регулаторната комисија за енергетика на Република Македонија, условите и начинот на вршење на дејностите во областа на енергетиката, заштитата на енергетските објекти, уреди и постројки, заштита на животната средина и природата на штетното влијание предизвикано од работата на енергетските објекти, уреди и постројки и надзорот.

Во членот 2 од Законот за енергетика е утврдено дека дејности од областа на енергетиката во смисла на овој закон се:

1. производство, пренесување и дистрибуција на електрична енергија;
2. производство и преработка на јаглен;
3. производство, преработка и транспорт на нафта и нафтени деривати;
4. производство, транспорт и диструбиција на природен гас;
5. производство, транспорт и дистрибуција на топлинска и геотермална енергија
6. производство на други видови енергија,
7. транзит на енергија и енергенти и
8. трговија со енергија и енергенти.

Согласно членот 3 од Законот, дејностите од член 2 на овој закон можат да ги вршат домашни и странски правни и физички лица врз основа на лиценца и под условите и на начин определен со овој закон.

Со членот 4 од Законот за изменување и дополнување на Законот за енергетика (“Службен весник на Република Македонија” бр.94/2002) се додава нова глава 1-а насловена како “Регулаторна комисија и 12 нови членови (11-а, 11-б, 11-в, 11-г, 11-д, 11-ѓ, 11-е, 11-ж, 11-з, 11-ѕ, 11-и и 11-ј) со кои се востановува Регулаторна комисија за енергетика на Република Македонија.

Согласно член 11-а од Законот, заради обезбедување на стручно и безбедно снабдување на потрошувачите на Република Македонија со енергија, заштита на животната средина и природата, поведување и заштита на конкурентен пазар на енергија врз начелата на објективност, транспарентност и недискриминираност, се основа Регулаторна комисија за енергетика на Република Македонија.

Во ставот 2 од овој член од Законот е утврдено дека Регулаторната комисија е независна во своето работење и во донесувањето на одлуките во рамките на надлежностите утврдени со овој закон.

Според ставот 3 од овој член Регулаторната комисија има својство на правно лице.

Во членот 11-б е утврдено дека Регулаторната комисија е составена од пет членови. Членовите и претседателот на Регулаторната комисија, кој е еден од членовите на предлог на Владата на Република Македонија, ги именува и разрешува Собранието на Република Македонија.

Согласно ставот 2 од овој член од Законот, функцијата член на Регулаторната комисија се врши професионално.

Согласно член 11-в став 1 од Законот мандатот на именуваните членови во првиот остав на Регулаторната комисија е:

– за еден член – една година,
– за еден член – две години,
– за еден член – три години,
– за еден член – четири години,
– за претседателот – пет години.

Согласно ставот 2 од овој член од Законот, мандатот на секој член на Регулаторната комисија освен на членовите од првиот состав изнесува пет години и ниту еден член не може да биде на таа функција повеќе од два мандата.

Според ставот 3 од овој член мандатот на членовите на Регулаторната комисија од став 1 на овој член може да биде продолжен најмногу уште за пет години.

Во ставот 4 од членот 11-в од Законот е определено дека ако на член на Регулаторната комисија му престане членството пред истекот на неговиот мандат, на предлог на Владата на Република Македонија, Собранието на Републиката именува нов член за остатокот на мандатот, а во ставот 5 е утврдено дека со денот на именувањето за член на Регулаторната комисија, на именуваното лице му мирува работниот однос.

Во оваа глава исто така се утврдуваат и надлежностите (задачите), условите за именување и разрешување и времетраењето на мандатот на членовите на Регулаторната комисија како и начинот на финасирањето на нејзиното работење.

5. Со Законот за изменување и дополнување на Законот за енергетика (“Службен весник на Република Македонија” бр.38/2003) се врши допрецизирање на одредбите содржани во Главата 1-а од Законот во правец на поцелосно усогласување со барањата за поголема ефикасност, независност и самостојност на Регулаторната комисија. Во оваа смисла со оспорениот член 6 од овој закон се менува член 11-и со кој се уредува финансирањето на работењето на Регулаторната комисија.

Имајќи ги предвид изнесените уставни и законски одредби, според мислењето на Судот право е на законодавецот со закон да утврдува одредена политика и соодветно да ги димензионира правата и обврските на субјектите, како што е тоа уредено и во сферата на енергетиката.

Имено, поаѓајќи од целите на Законот за енергетика да се обезбеди сигурно и континуирано снабдување со енергија и да промовира конкурентен пазар на енергија врз начелата на објективност, конкурентност и недискриминираност е формирана Регулаторната комисија. Начинот на финансирањето на Регулаторната комисија е пропишана во оспорената одредба од Законот. За остварување на задачите утврдени во членот 11-е од Законот за енергетика, оваа комисија најдоцна до 1 октомври од тековната година до Собранието на Република Македонија поднесува предлог на финансиски план на Регулаторната комисија за наредната година за усвојување, во кој се содржани сите приходи и трошоци на Регулаторната комисија, вклучувајќи ги и платите на членовите на Регулаторната комисија и на вработените, како и надоместот за членовите на Комсијата за жалби и нивните заменици.

Со оглед на тоа што со оспорената одредба од Законот, со кој се уредуваат прашањата од сферата на енергетиката се определува законска обврска само за намената на дел од средствата за вршење на енергетска дејност, произлегува дека оваа законска одредба всушност претставува еден од условите под кои може да се врши дејноста од страна на друштвата кои вршат таква дејност и не е негирање на едно законско право со друг закон.

Поради тоа, Судот утврди дека со оспорената законска одредба не се нарушува уставното начело на владеењето на правото утврдено во членот 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, на што се повикува подносителот на иницијативата.

Судот исто така утврди дека оспорената законска одредба не е во несогласност ни со членовите 33 и 55 од Уставот на Република Македонија од причини што начинот на обезбедување на средства за финансирање на Регулаторната комисија се однесува на сите друштва кои вршат енергетска дејност кои како правни субјекти основани во согласност со закон имаат еднаква правна положба на пазарот, а во тие рамки е и обврската да учествуваат во намирувањето на јавните расходи на начин определен со закон. Имено, уставно право на законодавецот е со закон да ги утврди јавните давачки, кое не е ограничено ниту во однос на предметот ни во однос на субјектите на јавната давачка и во рамките на остварувањето на ова право, со закон може да се воведе за одредени обврзници одделен вид обврска за јавна давачка, да се одреди нејзината основица и да се утврдат другите неопходни елементи. Така, обврзниците за плаќање на различни давачки со оглед на природата на јавните давачки, се наоѓаат во различна положба, меѓутоа уставното начело на еднаквост не обврзува во иста положба да се наоѓаат сите обврзници на јавни давачки, туку обврзниците на еден ист вид јавна давачка, како што е во конкретниот случај со надоместокот за Регулаторната комисија определен со оспорената законска одредба.

Од изнесените причини не може да се прифати и наводот во иницијативата дека оспорената законска одредба е во несогласност и со член 51 став 1 од Уставот на Република Македонија од аспект на наводната повреда на уставниот принцип на еднаквост.

Што се однесува до наводите во иницијативата дека со предвидувањето во оспорената законска одредба финансирањето на Регулаторната комисија да се врши со зафаќање на вкупните приходи на субјектите кои вршат енергетска дејност не кореспондира со функциите и целите на Регулаторната комисија, бидејќи субјектите од законската одредба вршат и други дејности од кои остваруваат приходи кои во никој случај не биле во корелација со предметот на интерес на Регулаторната комисија, според Судот обврската за плаќање јавни давачки произлегува од потребата за надомест на услугите што ги врши Регулаторната комисија, се однесува на оние друштва кои се единствени вршители на одредена енергетска дејност или имаат доминантно учество на енергетскиот пазар, или кои користат цени или тарифи кои се предмет на регулирање од страна на Регулаторната комисија, при што ова се однесува и за оние друштва кај кои енергетската дејност претставува претежна дејност на друштвото во смисла на членот 2 од Законот за национална класификација на дејностите (“Службен весник на Република Македонија” бр.7/1998).

Имено, согласно член 2 став 4 од овој закон претежна дејност претставува дејноста во која, од сите регистрирани дејности, деловниот субјект остварува најголем дел од вкупниот приход, односно дејноста што ја регистирал ако деловниот субјект регистрирал една дејност.

По однос на наводите во иницијативата дека не е земен во предвид остварениот финансиски резултат од работењето на друштвото, кој не бил секогаш позитивен, според Судот, тоа е прашање на фискалната политика, а не принцип за вреднување на уставноста на конкретно оспорената одредба.

Подносителот на иницијативата во насловот на истата наведува дека го оспорува целиот член 6 од Законот за изменување и дополнување на Законот за енергетика, меѓутоа од содржината на иницијативата произлегува дека тој се концентрира само на ставот 3 од овој член од Законот, односно нема конкретни наводи за оспорување на останатите ставови од овој член од Законот за енергетика.

Врз основа на изнесеното Судот утврди дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорената одредба од Законот за енергетика со Уставот, ниту пак се исполнети условите од член 27 од Деловникот на Устанвниот суд на Република Македонија за донесување на решение за запирање на извршувањето на поединечни акти или дејствија што се преземени врз основа на оспорената одредба од Законот.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.150/2004
18 мај 2005 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова