У.бр.148/2010

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 27 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 27 октомври 2010 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на членот 4 ставови 1 и 2 од Одлуката за одржување на јавна чистота и утврдување надоместок за одржувањето на јавната чистота број 07-2285/16 од 14 септември 2009 година („Службен гласник на општина Охрид“ бр.9/2009), донесена од Советот на општина Охрид.

2. СЕ ЗАПИРА извршувањето на поединечните акти или дејствија донесени, односно преземени врз основа на одредбите од Одлуката означена во точката 1 од ова решение.

3. Здружението на граѓани „Љубители на љубанишкиот крај“ и Месна заедница „Љубаништа“ во општина Охрид, Никола Петковски од Битола, Димитрија Атанасовски од Скопје и Светислав Здравев од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесоа иницијативи за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на членот 4 ставови 1 и 2 од Одлуката означена во точката 1 од ова решение. Во иницијативите се наведува дека со оспорените одредби од Одлуката на Советот на општина Охрид, било предвидено за едни граѓани надоместокот за одржување јавна чистота да изнесува 70, 60, 50 и 40 денари месечно, а за други граѓани, за истата услуга за одржување на јавната чистота, да изнесува 125,00 денари за секој месец од годината, односно вкупно 1500,00 денари годишно, што значело за 55,00 денари повеќе од максималниот износ од 70 денари, а уште повеќе и од другите износи кои се наведени. Оваа разлика била направена според класифика­цијата на граѓаните на оние кои постојано живеат во сопствените станови во општината Охрид и на оние кои повремено живеат во сопствените станови во општината Охрид, па врз основа на таквата неправилна поделба на граѓаните, било определено дека тие ќе треба да плаќаат различен надоместок, односно повисокиот финансиски товар е определен за повремените жители во Охрид. На овој начин со оспорените одредби од Одлуката граѓаните се ставале во нерамно­правна положба.

Во иницијативите, исто така, се укажува дека плаќањето на надоместокот се однесувало за иста услуга – одржување јавна чистота, а не за различен вид услуги, па не било јасно зошто корисниците биле задолжени со различен надоместок за плаќање на услугата која како таква била обврска да ја врши надлежното Јавно претпријатие „Охридски Комуналец“ – Охрид. Од друга страна, неспорно био дека Законот за јавната чистота во членот 24 ставови 1 и 3, како и во други одредби од Законот, не предвидел како критериум за определување на надоместокот да биде постојаното или привре­меното живеење во становите на сопствениците, односно на граѓани кои живеат постојано и кои не живеат постојано во сопстве­ните станови во Охрид, па оттука во отсуство на законска определба, Советот на општината Охрид со својата Одлука не можел да врши вакви поделби на корисниците и во зависност од тоа да определува различни давачки за граѓаните, надвор од законските критериуми. Од овие причини во иницијативите се предлага Судот да поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на оспорените одредби од Одлуката, како несогласни со членот 8 став 1 алинеја 3, членот 9 и членот 51 од Уставот.

4. Судот на седницата утврди дека во членот 4 став 1 од Одлуката е предвидено за физичките лица, односно за домаќинствата кои постојано живеат на територијата на општината Охрид надоместо­кот за одржување на јавната чистота да изнесува 70, 60, 50 и 40 денари месечно. Надоместокот е утврден во зависност од местопо­ложбата на живеалиштето по категории, односно реони, утврдени со Годишната програма наведена во член 2 од оваа одлука.

Според ставот 2 од овој член од Одлуката, за сопствени­ците на семејни згради и сопствениците на станови во колективни згради кои не живеат постојано во станбениот објект надоместокот изнесува 1500,00 денари годишно.

5. Според членот 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Репуб­лика Македонија, владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија.

Согласно членот 9 став 2 од Уставот, граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Согласно членот 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и законите.

Законот за комунални дејности („Службен весник на Република Македонија“ бр.45/1997, 23/1999, 45/2002, 16/2004 и 5/ 2009) определил дека вршењето на комуналните дејности е од јавен интерес и дека во комунални дејности, меѓу другото, спаѓаат обработ­ката и депонирањето на комунален цврст отпад и одржување на јавна чистота во градски и други населби. Комуналната дејност – изнесува­ње и депонирање на смет можат да ја вршат јавни претпријатија за комунални дејности основани од општината кои како даватели на услугата можат да се овластат да ја утврдуваат и висината на цената и начинот на плаќање на оваа комунална дејност по претходна согла­сност на основачот. Средствата за вршење на комуналните дејности се остваруваат од цената на комуналните услуги која корисникот треба редовно да ја плаќа.

Законот за јавна чистота („Службен весник на Република Македонија“ бр.111/2008, 64/2009, 88/2010 и 114/2010) ги уредува условите и начинот на одржување на јавната чистота, правата и обвр­ските на учесниците во одржувањето на јавната чистота, површините и објектите на кои се врши одржување на јавната чистота, собирање на смет и чистење на снег и мраз во зимски услови. Со членот 10 од овој Закон е предвидиено дека за поблиско уредување на односите за одржување на јавната чистота советот на општината, советите на општините на градот Скопје и Советот на градот Скопје донесува одлука. Со одредбите од членовите 24 и 25 од Законот, се уредени прашањата кои се однесуваат на средствата за одржување на јавната чистота.

Според наведените одредби од Законот, за одржување на јавната чистота се плаќа надоместок чија висина ја утврдува советот на општината, советите на општините на градот Скопје и Советот на градот Скопје, во зависност од изградената, уреденоста на јавните површини и потребата – обемот за одржувањето на јавните површини на нивното подрачје (член 24 ставови 1 и 2). На основата на овие законски критериуми, во ставот 3 од членот 24 од Законот, е опреде­лено дека советот на општината, советите на општините во градот Скопје и Советот на градот Скопје ја утврдува мерната единица по која би се наплаќал надоместокот од ставот 1 на овој член.

Имено, советот на општината има законско овластување со свој акт да определи колку ќе се плаќа услугата за одржување јавна чистота од страна на корисниците.

Врз основа на ова законско овластување, Советот на општина Охрид, ја донел Одлуката за одржување на јавна чистота и утврдување надоместок за одржување на јавната чистота.

Во членот 3 од оваа одлука, Советот на општината утврдил дека за одржување на јавната чистота се плаќа надоместок и висината на надоместокот се утврдува врз основа на изграденоста, уреденоста на јавните површини на територијата на општина Охрид и потребата – обемот за одржување на јавната чистота во зависност од местоположбата на живеалиштата на домаќинствата, односно седиш­тата на правните лица и деловните единици како и видот на дејноста што ја вршат.

Меѓутоа, со оспорените одредби од членот 4 од Одлуката се утврдува дека само за физичките лица односно домаќинствата кои постојано живеат на територијата на општината Охрид надоместокот за одржување на јавната чистота изнесува 70, 60, 50 и 40 денари месечно, зависно од местоположбата на живеалиштето по категории, односно реони, утврдени со Годишната програма наведена во членот 2 од Одлуката.

За сопствениците на семејни згради и сопствениците на станови во колективни згради кои не живеат постојано во станбениот објект надоместокот изнесува 1.500,00 денари годишно.

Од изнесеното Судот утврди дека надоместокот за дава­њето на комуналната услуга – одржување на јавна чистота, е комунал­на давачка за чие определување со Законот за јавната чистота се уредени критериумите, односно висината на надоместокот е детерми­нирана со параметрите во членот 24 од Законот за јавна чистота во кои не е предвидено дека постојаното или непостојаното живеење на сопствениците на становите во општината, е елемент за определу­вање на надоместокот, ниту тоа може да биде објективен и прифат­лив критериум во однос на корисниците на услугата и нивните права и обврски. Ова особено што субјектот што ја дава услугата, за тоа е со закон обврзан како вршење на работи и задачи во рамки на своите надлежности и не станува збор за различен вид на услуги насочени кон различни корисници на тие услуги, туку станува збор за еден вид на услуга – одржување јавна чистота, во интерес на урбаното подрачје, за кое сите корисници, еднакво во рамки на законските критериуми ќе треба да го понесат финансискиот товар на надомес­то­кот, без оглед дали постојано или непостојано живеат во сопствените станови во општината Охрид.

Според Судот, за одредбите од членот 4 ставови 1 и 2 од Одлуката, може да се постави прашањето на согласноста со членот 8 став 1 алинеја 3, членот 9 и членот 51 од Уставот, како и со членот 24 од Законот за јавна чистота.

Судот, исто така, оцени дека во случајов се настапени условите од член 27 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија за донесување времена мерка за запирање на извршува­ње на поединечните акти или дејствија врз основа на оспорените одредби од Одлуката.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.

7.Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.148/2010
27 октомври 2010 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски