У.бр.146/2009-1

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр. 70/1992), на седницата одржана на 23 декември 2009 година, донесе

О Д Л У К А

1. СЕ УКИНУВА член 212-б став 2 точка 4 од од Законот за животна средина („Службен весник на Република Македонија“ бр. 53/2005, 81/2005, 24/2007 и 159/2008).

2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.

3. Уставниот суд на Република Македонија по иницијатива на Стамен Филипов од Скопје, со Решение У.бр.146/2009 од 21 октомври 2009 година, поведе постапка за оценување на уставноста на членот од Законот означен во точката 1 од оваа одлука, затоа што основано се постави прашањето за неговата согласност со Уставот.

4. Судот на седницата утврди дека според член 212-б став 2 точка 4 од Законот, член на Прекршочната комисија може да се разреши, меѓу другото, и ако е осуден со правосилна судска пресуда за кривично дело.

5. Според член 8 став 1 алинеи 1, 3 и 10 од Уставот, основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот, владеењето на правото и заштитата и унапредувањето на животната средина и на природата се темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Согласно член 9 став 2 од Уставот, граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Според член 13 став 1 од Уставот, лицето обвинето за казниво дело ќе се смета за невино се додека неговата вина не биде утврдена со правосилна судска одлука, а според член 14 став 1 од Уставот, никој не може да биде казнет за дело кое пред да биде сторено не било утврдено со закон или со друг пропис како казниво дело и за кое не била предвидена казна.
Според член 43 од Уставот, секој човек има право на здрава животна средина. Секој е должен да ја унапредува и штити животната средина и природата. Републиката обезбедува услови за остварување на правото на граѓаните на здрава животна средина.

Согласно член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Според член 54 став 1 од Уставот, слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да се ограничат само во случаи утврдени со Уставот, а според став 3 на истиот член, ограничувањето на слободите и правата не може да биде дискриминаторско по основ на пол, раса, боја на кожа, јазик, вера, национално или социјално потекло, имотна или општествена положба.

Заштитата на животната средина е уредена со Законот за животната средина („Службен весник на Република Македонија“ бр. 53/2005, 81/2005, 24/2007 и 159/2008). Според член 1 од Законот, со овој закон се уредуваат правата и должностите на Република Македонија, на општината, на градот Скопје и на општините во градот Скопје, како и правата и должностите на правните и физичките лица, во обезбедувањето услови за заштита и за унапредување на животната средина, заради остварување на правото на граѓаните на здрава животна средина.

Според член 3 од Законот, мерките и активностите за заштита и унапредување на животната средина се од јавен интерес.

Оспорената одредба од Законот е поместена во Глава XXII во која се содржани прекршочните одредби. Во одредбите од оваа глава се утврдени прекршоците и прекршочните органи.

Прекршоците согласно одредбите од членовите 212-ѓ, 212-е и 212-ж се поделени во три категории: прва, втора и трета категорија. Поделбата е направена според нивниот карактер и тежина, од што зависи и надлежниот орган што одлучува за прекршоците (прекршоците од прва и втора категорија се во надлежност на управата, додека пак прекршоците од трета категорија се во надлежност на судовите).

Согласно членот 212-а став 1 од Законот, за прекршоците од член 212-ѓ и член 212-е, односно за прекршоците од прва и втора категорија, прекрошочната постапка ја води и прекршочна санкција изрекува органот на државната управа надлежен за работите од областа на животната средина (во натамошниот текст: прекршочен орган).

Согласно ставот 2 на овој член, прекршочната постапка од ставот 1 на овој член пред прекршочниот орган ја води Комисија за одлучување по прекршок (Прекршочна комисија) формирана од страна на министерот кој раководи со органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на животната средина.

Прекршочната комисија е составена од овластени службени лица вработени во органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на животната средина, од кои едно лице ја врши функцијата на претседател на Прекршочната комисија. (став 3 на член 212-1).

Согласно ставот 4 на истиот член, прекршочната комисија е составена од три члена од кои:
– двајца дипломирани правници, од кои еден со положен правосуден испит со пет години работно искуство во својата област и
– еден член со висока стручна подготовка од областа на природните науки со пет години работно искуство во својата област.

Согласно ставот 5 на член 212-а од Законот, прекршочната комисија се избира за времетраење од три години со право на реизбор на членовите.

За претседател на Прекршочната комисија може да биде избран само дипломиран правник. (став 6)

Прекршочната комисија за Прекршочниот орган одлучува по прекршоците утврдени во овој или друг закон и изрекува прекршочни санкции утврдени со овој закон, Законот за прекршоците и/или со друг закон.

Согласно ставот 10 на овој член, против решенијата на Прекршочната комисија, со кои се изрекува прекршочна санкција може да се поднесе тужба за поведување на управен спор пред надлежниот суд.

Основите за разрешување на член на Прекршочната комисија се утврдени во ставот 2 на членот 212-б од Законот, според кој член на Прекршочната комисија може да се разреши:

1) со истекот на времето за кое е именуван за член;
2) по негово барање;
3) со исполнување на условите за старосна пензија согласно со законот;
4) ако е осуден со правосилна судска пресуда за кривично дело;
5) ако му се утврди трајна неспособност;
6) ако се утврди прекршување на прописите за водење на прекршочната постапка со правосилна одлука;
7) ако не ги исполнува обврските кои произлегуваат од работењето во Прекршочната комисија и
8) ако не пријавил постоење на конфликт на интереси за случај за кој решава Прекршочната комисија.

Согласно ставот 3 на овој член, предлог за разрешување на член на комисијата за случаите од ставот 2 точки од 3 до 8 на овој член, поднесува претседателот на Прекршочната комисија до министерот кој раководи со органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на животната средина.

Оспорената одредба на член 212-б став 2 точка 4 од Законот, предвидува дека член на Прекршочната комисија може да се разреши ако е осуден со правосилна судска пресуда за кривично дело.

Од содржината на оспорената одредба произлегува дека осудата со правосилна судска пресуда за кривично дело, претставува основа за разрешување на член на Прекршочната комисија. Од формулацијата на одредбата, произлегува дека таа се однесува за осуда на кривично дело воопшто, без оглед на неговиот вид, природа или тежина, и независно од видот и висината на санкцијата.

Според оценката на Судот, на таков начин се ограничува, по сила на закон, правото на членот на Прекршочната комисија да ја врши оваа должност и во случај кога кривичното дело за кое лицето е осудено не е во никаква врска со вршењето на оваа дејност. Ваквата преопшта формулација на оспорената одредба не е доволно прецизна и јасна и како таква не обезбедува правна сигурност на граѓаните, што е еден од елементите на уставниот принцип на владеењето на правото.

Со оглед на тоа што во оспорената одредба од Законот не се наведени ниту видот на кривичните дела, ниту пак изречените санкции кои во конкретен случај би претставувале основ за престанување на мандатот на член на Прекршочната комисија, произлегува дека осудата за кое било кривично дело, на која било кривична санкција е основ за престанок на должноста член на Прекршочната комисија. Поради непрецизноста на одредбата, би можло да настане ситуација осудата за кривично дело кое нема никаква врска со должноста член на Прекршочната комисија, да биде основ за престанок на неговиот мандат.

Тргнувајќи од наведените причини, Судот оцени дека формулацијата на наведената законска одредба е недоволно прецизна и јасна и како таква не обезбедува правна сигурност на граѓаните, како еден од елементите на принципот на владеењето на правото гарантиран со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

7. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова – Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.146/2009
23 декември 2009
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски