У.бр.145/2017

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, членот 28 алинеи 2 и 3 и членот 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 20 декември 2017 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста на Законот за изменување и дополнување на Законот за заштита на населението од заразни болести („Службен весник на СРМ“ бр.18/1982).

2. Дарко Јаневски од Скопје до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата, оспорениот Закон за изменување и дополнување на Законот за заштита на населението од заразни болести, од 1982 година, бил се уште во важност поради тоа што со членот 70 од актуелниот Закон за заштита на населението од заразни болести („Службен весник на Република Македонија“ бр.66/2004), не било утврдено дека тој престанал да важи.

Имено оспорениот закон од 1982 година предизвикувал правна несигурност во правниот поредок поради неговото постоење наспроти важноста на новиот закон од 2004 година.

Од овие причини со иницијативата се предлага Судот да поведе постапка за оценка на уставноста на оспорениот закон како спротивен на член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, според кој владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок и како спротивен на членот 51 од Уставот, според кој законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон.

3. Според член 110 алинеи 1 и 2 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Макдонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Согласно член 28 алинеи 2 и 3 од Деловникот на Уставниот суд на Репубика Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992), Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување и ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Со Решение на Уставниот суд на Република Македонија, У.бр.195/2003 од 3 ноември 2004 година, Судот ја отфрлил иницијативата поднесена од други подносители за поведување на постапка за оценување на уставноста на Законот за заштита на населението од заразни болести („Службен весник на СРМ“ бр.18/1976, 18/1982 и 37/1986 и „Службен весник на Република Македонија“ бр.15/19995). Судот утврдил дека овој закон целосно престанал да важи со донесувањето и влегувањето во сила на 9 октомври 2004 година на Законот за заштита на населението од заразни болести („Службен весник на Република Македонија“ бр.66/2004), согласно членот 70 од овој закон.

Со оглед на тоа што Законот за изменување и дополнување на Законот за заштита на населението од заразни болести („Службен весник на СРМ“ бр.18/1982) е во нормативно правна целина на интегралниот текст од Законот за заштита на населението од заразни болести( „Службен весник на СРМ„ број 18/1976,18/1982 и 37/1986 и „Службен весник на Република Македонија„ број 15/1995) кој престанал да важи со донесување на новиот закон во 2004 година, произлегува дека тој не е во правниот предок а со тоа и не постојат основи за мериторно одлучување и оценка на уставноста на оспорениот закон. Ова особено што оспорениот закон од 1982 година вршел измени и дополнувања на Законот за заштита на населението од заразни болести („Службен весник на СРМ“ бр.18/1976) кој како таков е децидно наведен дека престанал да важи согласно членот 70 од актуелниот Закон за заштита на населението од заразни болести донесен во 2004 година.

Поради погоре изнесеното, Судот утврди дека се настапени деловнички претпоставки за отфрлање на иницијативата.

4. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение,

5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Никола Ивановски и судиите: Елена Гошева, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, и Владимир Стојаноски.

 

У.бр.145/2017
20 декември 2017 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Никола Ивановски