У.бр.144/1996

Уставниот суд на Република Македонија , врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 3 јули 1996 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА барањето на Бранко Веловски и други членови на огранокот на Здружението на самостојни стоматолози на Република Македонија и членови на Стоматолошката комора на Република Македонија од Битола за заштита на слободи и права во однос на нерамноправноста на граѓаните при изборот на матичен лекар поради несоодветната примена на членот 124 од Законот за здравствена заштита.

2. На Уставниот суд на Република Македонија, Бранко Веловски и други членови на огранокот на Здружението на самостојни стоматолози на Република Македонија и членови на Стоматолошката комора на Република Македонија од Битола му поднесоа барање за заштита на слободи и права во однос на нерамноправноста на граѓаните при изборот на матичен лекар заради несоодветна примена на членот 124 од Законот за здравствена заштита.

Во барањето се наведува дека се работи за кршење на правата на граѓаните како пацинети, осигуреници и приматели на услуги, права кои произлегувале од Уставот и Законот за здравствена заштита во делот што се однесува на изборот на матичен лекар. Пациентите не можеле да ги остварат своите права бидејќи Фондот за здравствено осигурување не склучувал договори за да ги сноси трошоците на осигурениците за обавување на стоматолошка заштита со што биле ставени во неравноправна положба со други осигуреници кои ги остварувале своите права во оние стоматолошки ординации кои имале склучено договори со фондот.

Понатаму се наведува дека членот 124 од Законот, несоодветно се применувал бидејќи склучувањето на договорите зависело од волјата на фондот, така што оние стоматолошки ординации кои немале склучено договори не можеле да обавуваат дејност со осигуреници корисници на “сини картони”, наспроти другите ординации кои истите права ги остварувале бидејќи имале склучено договори со фондот.

3. Судот на седницата утврди дека со решение У.бр.105/96 од 15 мај 1996 година го отфрли барањето на Мирко Трифуновски од Битола за заштита на слободи и права во однос на дискриминацијата на граѓаните при изборот на матичен лекар, поради тоа што во конкретниот случај не се бара заштита на слободи и права повредени со поединечен акт или дејство на државен орган кој одлучувал за одредено право во смисла на член 51 од Деловникот на Судот, како и со оглед на тоа што не се бара заштита на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, политичкото здружување и дејствување ниту пак заштита од дискриминација по основ на пол, раса, верска, национална, социјална и политичка припадност, Судот оцени дека не постојат процесни претпоставки за постапување на Судот односно дека Судот не е надлежен да одлучува за барањето.

4. Според член 28 став 1 алинеа 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.

Имајќи предвид дека Судот еднаш веќе ценел барање за заштита на слободи и права во однос на нееднаквоста на граѓаните при изборот на матичен лекар, а нема основи за поинакво одлучување, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

5. Согласно член 110 став 1 алинеи 1 и 2 од Уставот, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Со оглед на тоа што во барањето се поставува прашањето за несоодветна примена на членот 124 од Законот за здравствена заштита, Судот оцени дека согласно член 110 од Уставот, Уставниот суд не е надлежен да одлучува за примена на законите поради што одлучи и по тој основ барањето да го отфрли.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.144/96)