У.бр.142/2010

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 алинеја 3 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992), на седницатa одржана на 02 ноември 2011 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста на член 52 ставови 1 и 2 од Законот за здравствено осигурување („Службен весник на Република Македонија“ бр. 25/2000, 34/2000, 96/2000, 50/2001, 11/2002, 31/2003, 84/2005, 37/2006, 18/2007, 36/2007, 82/2008, 98/2008, 6/2009, 67/2009, 50/2010 и 53/2011).

2. Стојан Настев од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на одредбата од Законот означена во точката 1 на ова решение.

3. Според наводите во иницијативата оспорената одредба не била во согласност со член 33 од Уставот според кој секој бил должен да плаќа данок и други јавни давачки и да учествува во намирувањето на јавните расходи на начин утврден со закон и член 55 став 1 според кој се гарантирала слобода на пазарот и претприемништво и Републиката требало да обезбеди еднаква правна положба на сите субјекти на пазарот, како и да презема мерки против монополската положба и монополското однесување на пазарот. Тоа значело дека со оваа одредба во Уставот, на сите субјекти во Републиката требало да им се овозможат подеднакви услови за стопанисување и обезбедување на својата егзистенција, воедно со тоа да им се овозможело да си ја исполнат својата должност и обврска предвидена со член 33 од Уставот.

Подносителот во иницијативата наведува дека во Републиката низа години наназад, од почетокот на приватизацијата па до денес, не се практикувал членот 55 од Уставот. Во севкупното стопанисување секојдневно во Републиката била присутна пракса на делење и добивање на работни задачи, не по професионални и економски издржани критериуми, туку по партиска припадност, по клуч и со коруптивна позадина. Имено, тоа било критериум и при наплатата на извршените работни задачи, при контролирањето и санкционирањето на субјектите и со тоа се протежирала монополската положба и монополското однесување на пазарот во Републиката.

Подносителот на иницијативата наведува дека независно од тоа која политичка опција била во моментот на власт, не се спроведувала оваа одредба од Уставот и ништо не се правело за да се промени таквата состојба. Со тоа субјектите на пазарот се доведувале во нерамноправна положба при стопанисувањето и остварувањето на добивка. Во такви услови на стопанисување, поголем дел од субјектите, независно од тоа која гарнитура во моментот била на власт во Републиката, тие запаѓале во тешка финансиска состојба, со што биле доведени да работат со загуби. Најчесто тоа биле правни субјекти кои биле формирани со цел на самовработување односно семејни фирми со 3 до 4 вработени, кои биле доведени во состојба да им биде загрозена егзистенцијата, како и да не можат навремено да си ги подмируваат своите обврски, а помеѓу другите и обврската спрема Фондот за здравственото осигурување.

Подносителот на иницијативата наведува дека бил видлив хаосот кој владеел низа години наназад во сферата на здравственото осигурување, како и здравството во целина, но тоа не било така бидејќи некои субјекти сакале, а другите не сакале да си ги подмират своите обврски, туку затоа што стопанисувале во правно не еднакви пазарни услови и била нарушена еднаквоста на субјектите на пазарот, а тоа било взаемно поврзано со еднаквоста на граѓаните помеѓу другото и во сферата на здравството.

Имено, според наводите во иницијативата, субјектите, за периодот додека не биле во можност да ги плаќаат придонесите за здравственото осигурување, поради не издавање на здравствените сини картони од страна на Фондот биле принудени користењето на здравствените услуги и добивањето на потребите лекарства да ги плаќаат во целост, со што запаѓале во уште поголеми финансиски потешкотии, а воедно биле спречени да водат грижа за своето здравје.

Подносителот на иницијативата наведува дека Фондот за здраствено осигурување тој заостанат долг најчесто го наплаќал по судски пат со големи дневни камати, и на тој начин два пати наплаќал за иста услуга за здравствена заштита на своите осигуреници, и тоа било во спротивност со законската регулатива. Односно, субјектите не можејќи да влијаат на одредени негативни случувања во Републиката во одреден временски период не по своја вина запаѓале во состојба да не можат да си ги подмируваат своите обврски помеѓу кои и придонесот за здравствено осигурување и по втор пат да бидат казнети. Притоа субјектите двапати плаќале, прво, при користењето на здравствените услуги, а потоа подмирувајќи го заостанатиот долг, со плаќање на високи дневни камати, кое нешто било во спротивност на законските нормативи.

Од сето погоре кажано, подносителот на иницијативата смета дека со оспорената одредба од Законот се анулирале правата на субјектите кои произлегувале од членот 39 од Уставот.

4. Судот на седница утврди дека според член 52 од Законот за здравствено осигурување за осигуреници за кои Фондот ќе утврди дека придонесот не е редовно уплатуван или уплатата задоцнила повеќе од 60 дена, правата од задолжително здравствено осигурување на осигурените лица се ускратуваат, освен правата на итна медицинска помош. Според ставот 2 ускратените права од став 1 на овој член, повторно се воспоставуваат со денот на намирувањето на сите пристигнати, а неуплатени обврски.

5. Според член 110 алинеја 1 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот.

Согласно член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.

Имајќи ја во предвид содржината на оспорената одредба, наводите во иницијативата, како и фактот што Уставниот суд на Република Македонија по предметите У.бр.171/2001, У.бр. 204/2006, У.бр.15/2008 и У.бр.35/2009 ја оценувал оспорената одредба од Законот при што не нашол основ за поведување на постапка за оценување на нејзината уставност, а во предметната иницијатива не се наведени нови причини и аргументи кои би можеле да претставуваат основ за поинакво одлучување, Судот смета дека иницијативата треба да се отфрли.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Бранко Наумовски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова, Владимир Стојановски и д-р Зоран Сулејманов

У.бр.142/2010
2 ноември 2011 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски