У.бр.14/2016

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 28 алинеи 1 и 3 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 02 март 2016 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА барањето на Русе Ристиќ од Скопје, за заштита на слободите и правата предвидени во член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија.

2. Русе Ристиќ од Скопје до Уставниот суд на Република Македонија поднесе барање за заштита на слободите и правата предвидени во член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија.

Во писмената претставка доставена до Уставниот суд на 31.12.2015 година, насловена како уставна жалба подносителот ја напаѓа Пресудата на Вишиот Управен суд Уж.1 бр.75/2014 од 20.02.2014 година и во истата дава хронологија на движење на наследениот и одземен имот за кој смета дека има право на сопственост, без притоа да ги наведе слободите и правата за кои бара заштита. Поради тоа, gенералниот секретар на Уставниот суд на Република Македонија со писмо Р.бр.46/2015 од 04.01.2016 година побара појаснување од подносителот во правец на тоа да ги наведе слободите и правата за кои бара заштита, како и наведување на актите со кои му се повредени правата.

По ваквото барање, подносителот на 26.01.2016 година достави појаснување до Судот, во кое се прецизира дека се работи за повреда на правото на сопственост, и по кое е формиран предметот У.бр.14/2016 и даден во работа на судија-известител и државен советник.

Меѓутоа, по оценка на судијата-известител и државниот советник, бидејќи појаснувањето не ги содржи сите елементи од член 52 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, за да може мериторно да се постапува и да се направи целосна уставно-судска анализа по покренатото прашање, до подносителот е доставено барање за прецизирање на поднесокот во смисла на член 52 од Деловникот на Судот, кое е задолжен да го достави во рок од 7 дена по приемот на писмото.

Подносителот на барањето достави до Судот прецизирање во смисла на член 52 од Деловникот, во кое наведува дека со барањето за заштита на слободите и правата се бара заштита на правото на сопственост и правото на наследување, гарантирани со член 30 од Уставот, кое со пресуда на Вишиот Управен суд Уж-1бр.75/2014 од 20.02.2014 година биле повредени на начин што изјавената жалба на тужителите Русе Ристиќ, Соња Мандалос, Ванчо Ристиќ, Митко Стојковски и Тања Ратајковска сите од Скопје, била одбиена како неоснована, а пресудата на Управниот суд У-2.бр.1605/2010 од 21.03.2012 година била потврдена.

3. Судот на седницата утврди дека со пресудата на Управниот суд била одбиена тужбата на тужителите поднесена против Решението на Владата на Република Македонија-Комисија за решавање во управна постапка во втор степен од областа на денационализацијата Уп.бр.36-548 од 23.08.2010 година.Во конкретниот случај тужителите во својство на баратели поднеле барање за денационализација со кое барале враќање во сопственост на имот кој претставувал ниви, ливади, лозја, пасишта и кафеана во атарот на село Ерџелија, одземен од поранешниот сопственик Љубица Ристиќ со Решение број 2796 од 09.08.1918 година, Решение број 2391 од 13.09.1919 година и Решение број 1269 од 28.07.1919 година, сите донесени од Окружниот суд Скопје- Кралство Југославија.

Вишиот Управен суд утврдил дека Управниот суд правилно ја утврдил фактичката состојба кога нашол дека со оспорените решенија не бил повреден законот на штета на тужителите, бидејќи имотот не бил присилно одземен од страна на државата во смисла на член 2 од Законот за денационализација и истиот не може да биде предмет на денационализација.

4. Според член 110 алинеја 3 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија ги штити слободите и правата на човекот и граѓанинот што се однесуваат на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, политичкото здружување и дејствување и забраната на дискриминација на граѓаните по основ на пол, раса, верска, национална, социјална и политичка припадност.

Според член 51 од Деловникот на Уставниот суд, секој граѓанин што смета дека со поединечен акт или дејство му е повредено право или слобода утврдени со член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, може да бара заштита од Уставниот суд во рок од 2 месеци од денот на доставувањето на конечен или правосилен поединечен акт, односно од денот на дознавањето за преземање дејство со кое е сторена повредата, но не подоцна од 5 години од денот на неговото преземање.

Во член 52 од Деловникот, е предвидено дека во барањето од член 51, потребно е да се наведат причините поради кои се бара заштита, актите или дејствијата со кои тие се повредени, фактите и доказите на кои се заснова барањето, како и други податоци потребни за одлучување на Уставниот суд.

Според член 28 алинеја 1 и 3 од Деловникот на Судот, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето и ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Од изнесената уставна одредба произлегува дека Уставниот суд ги штити слободите и правата на човекот и граѓанинот што се однесуваат на (1) слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, (2) политичкото здружување и дејствување и (3) забраната на дискриминација на граѓаните по основ на пол, раса, верска, национална, социјална и политичка припадност, а не и други слободи и права на човекот и граѓанинот.

Од содржината на член 51 од Деловникот на Уставниот суд произлегува дека барањето за заштита на слободите и правата од член 110 алинеја 3 на Уставот, граѓанинот може да го поднесе до Уставниот суд во рок од 2 месеци од денот на доставувањето на поединечниот акт и поединечниот акт треба да е конечен или правосилен.

Во конкретниот случај, Судот оцени дека означените пресуди не се оспоруваат од аспект на слободите и правата што ги штити Уставниот суд врз основа на член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, туку од аспект на повреда на правото на сопственост по основ на наследство, чија заштита е надвор од делокругот на Уставниот суд.

Покрај тоа, во однос на Пресудата Уж-1бр.75/2014 донесена од Вишиот Управен суд на 20.02.2014 година, кој акт е поединечен и правосилен акт, според Судот, поминал рокот од 2 месеци за нејзино оспорување пред Уставниот суд со оглед дека подносителот на ова барање конечниот правосилен акт го примил на 03.09.2015 година, а барањето до Уставниот суд го доставил на 31.12.2015 година.

При таква состојба Судот утврди дека се исполнети условите од член 28 алинеја 1 и 3 од Деловникот на Уставниот суд, за отфрлање на барањето, односно Судот не е надлежен да одлучува по барање за заштита на слободи и права кое се однесува на право на сопственост и истовремено постојат процесни пречки за одлучување, бидејќи барањето е поднесено по истекот на рокот од 2 ( два ) месеци предвиден во член 51 од Деловникот.

5. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Елена Гошева и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.14/2016
2 март 2016 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева