У.бр.141/2012-1

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и членот 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992) на седницата одржана на 10 јули 2013 година, донесе

О Д Л У К А

1. СЕ УКИНУВА членот 30 став 1 точка 5 од Законот за вршење на сметководствени работи („Службен весник на Република Македонија“ бр.95/2012).

2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија”.

3. Уставниот суд на Република Македонија по повод иницијатива на Стамен Филипов од Скопје со решение У.бр.141/2012 од 17 април 2013 година поведе постапка за оценување на уставноста на членот 30 став 1 точка 5 од Законот означен во точката 1 од ова решение, бидејќи основано се постави прашањето за неговата согласност со член 8 став 1 алинеја 3, член 13 став 1, член 14 став 2 и член 32 од Уставот.

4. Судот на седницата утврди дека според член 30 став 1 точка 5 од Законот, сметководителот, односно овластениот сметководител се брише од соодветниот регистар, меѓу другото, доколку е осуден со правосилна судска пресуда во врска со работењето.

5. Според член 13 став 1 од Уставот на Република Македонија: „Лицето обвинето за казниво дело ќе се смета за невино се додека неговата вина не биде утврдена со правосилна судска одлука“. Според член 14 став 2 од Уставот: „Никој не може повторно да биде суден за дело за кое веќе бил суден и за кое е донесена правосилна судска одлука“.

Согласно член 32 од Уставот, секој има право на работа, слободен избор на вработување, заштита при работењето и материјална обезбеденост за време на привремената невработеност, и секому, под еднакви услови му е достапно секое работно место.

Oд анализата на оспорениот член 30 став 1 точка 5 од Законот произлегува дека законодавецот предвидел Институтот да го брише сметководителот, односно овластениот сметководител од соодветниот регистар, доколку е осуден со правосилна судска пресуда во врска со работењето.

Поаѓајќи од содржината на наведените уставни одредби Судот оцени дека со општата формулација „осуда во врска со работењето“ се пропишува правна последица што се состои во трајно губење на веќе стекнатото право за работа како сметководител или овластен сметководител и тоа по сила на закон, а не како резултат на правосилната судска одлука и правните последици предвидени во неа.

При оценувањето на уставноста на одредбата Судот тргна од двата принципи на казненоправниот однос утврдени во членовите 13 став 1 и 14 став 1 од Уставот, а тоа е: дека казната може да се изрече само со судска одлука и дека за извршено казниво дело на сторителот може да му се изрече казна што како таква е утврдена со закон или друг пропис. Тоа значи дека согласно наведените уставни одредби казненоправниот однос се исцрпува на релација казниво дело и судски изречена казна за сторителот и дека натамошни последици од неговото извршување односно од осудата за тоа дело кои се состојат во ограничување на правата на граѓаните не се допуштени, освен ако тоа не е изречно утврдено со Уставот.

Од друга страна, формулацијата „осуда со правосилана судска пресуда во врска со работењето“ преставува недоволно јасна законска формулација која отстапува од општите правила и рамки за пропишување на правните последици од осудата утврдени во Кривичниот законик (“Службен весник на Република Македонија” бр. 37/1996, 80/1999, 4/2002, 43/2003, 19/2004, 81/2005, 60/2006, 73/2006, 7/2008, 114/2009, 51/11, 135/2011, 185/2011, 142/2012 и 166/2012). Така, според член 101 од Кривичниот законик, правните последици од осудата што се надоврзуваат на осудите за определени кривични дела, може да настапат само кога за кривичното дело на сторителот му е изречена казна затвор. Правни последици можат да се предвидат само со закон. Според член 102 од истиот законик, правните последици од осудата настапуваат со денот на право-силноста на пресудата. Правните последици од осудата што се состојат во забрана на стекнување на определени права траат најдолго десет години од денот на издржаната, простената или застарената казна. Со бришење на осудата престануваат правните последици од осудата.

Во конкретниот случај законодавецот предвидел бришење од содветниот регистар за било каква осуда (прекршочна или кривична) без оглед на видот на изречената казна (условна осуда, парична или затворска казна), неводејќи сметка дека правните последици на осудата се надоврзуваат, односно може да се трпат само врз основа на правосилна судска пресуда, за конкретен вид на кривично дело и само ако лицето е осудено на казна затвор.

Начинот на кој сега е формулирана оспорената законска одредба, според Судот недоволно е прецизен и јасен и како таков не обезбедува правна сигурност на граѓаните, како еден од елементите на принципот на владеењето на правото гарантиран со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, го повредува уставното начело на презумпција на невиност (член 13 став 1), бидејќи доведува до тоа лицето да се смета за виновно пред неговата вина да биде утврдена со правосилна судска одлука, како и принципот на легалитет од член 14 став 1 од Уставот, со тоа што овозможува лицето да биде „казнето“, односно да трпи последица за сторување на недефинирано дело и недефинирана казна, и тоа автоматски по сила на закон, а не со правосилна судска одлука.

Врз основа на наведеното Судот оцени дека оспорениот член 30 став 1 точка 5 од Законот не е во согласност со член 8 став 1 алинеја 3, член 13 став 1, член 14 став 2 и член 32 од Уставот.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

7. Оваа одлука Судот ја донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот Бранко Наумоски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Елена Гошева, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, д-р Гзиме Старова, Сали Мурати и Владимир Стојаноски.

У.бр.141/2012
10 јули 2013 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски