У.бр.140/2012

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 3 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992), на седницата одржана на 3 октомври 2012 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА барањето на Дамјан Ѓорѓиев од Скопје за заштита на слободата на мислата и јавното изразување на мислата повредени со Решението, бр.09-752/8, донесено од Дирекцијата за заштита на личните податоци на 12 август 2012 година.

2. Дамјан Ѓорѓиев од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе барање за заштита на слободата на мислата и јавното изразување на мислата повредени со решението означено во точката 1 од ова решение.

Подносителот на барањето најнапред наведува дека за оспореното решение дознал на 12 септември 2012 година и дека за него дознал од една од двете страни во постапката пред означената дирекција-Претпријатието „СТР Продукција“ односно од сопственикот на Претпријатието, па Барањето го поднесува како засегнат граѓанин.

Понатаму, наведува дека оспореното решение определува отстранување на коментари поврзани со фотографиите од веб страницата на „СТР Продукција“ www.ajdedoma.com.mk, иако самата Дирекција утврдила во Решението дека фотографиите биле од јавен карактер. Причина за отстранувањето на коментарите била оценката на Дирекцијата дека коментарите биле несоодветни, нерелевантни и преобемни, иако тие се однесувале на домот на лицето на кое „СТР Продукција“ му го уредувала неговиот дом. При таква состојба (фотографии од јавен карактер и коментари на фотографии од страна на „СТР Продукција“ во врска со домот на лице на кое му го уредувала домот), определувањето во оспореното решение „СТР Продукција“ да ги отстрани од својата веб страница коментарите на фотографиите, значело излегување на Дирекцијата надвор од нејзините ингеренции (да ги заштитува личните податоци на граѓаните) и навлегување во регулирање на односи од јавната сфера и тоа преку субјективна оценка на тоа што е соодветно, релевантно и доволно обемно за да не бидат повредени личните податоци на граѓанинот, а со тоа Дирекцијата ја повредила слободата на мислата и јавното изразување на мислата на „СТР Продукција“.

Покрај тоа, Решението не ја почитувало ниту определбата од членот 4-а на Законот за изменување и дополнување на Законот за заштита на лични податоци („Службен весник на Република Македонија“ бр.103/2008) според кој одредбите од членовите 6, 7, 11-14, 16 и 22-36 од Законот за заштита на лични податоци не се применуваат во врска со личните податоци кога се во прашање литературниот и уметничкиот израз, како и професионалното новинарство.

3. Судот на седницата утврди дека оспореното решение е донесено од Дирекцијата за заштита на личните податоци на барање поднесено од Борче Маневски од Скопје.

Во диспозитивот на Решението стои дека се утврдува повреда на правото на заштита на личните податоци на Борче Маневски од Скопје, заради неоснована односно преобемна обработка на неговите лични податоци, во однос на целта заради кои се собрани и обработени, од страна на „СТР Продукција“ и одговорното лице на „СТР Продукција“ Ивана Николовска и се задолжуваат „СТР Продукција“ и одговорното лице на „СТР Продукција“ Ивана Николовска веднаш да ги отстранат коментарите поврзани со фотографиите од веб страницата на „СТР Продукција“ www.ajdedoma.com.mk кои се однесуваат на домот на Борче Маневски.

Во образложението на Решението, покрај другото, се наведува дека Борче Маневски, во Барањето за заштита на личните податоци упатено до Дирекцијата, укажува дека без негова согласност „СТР Продукција“ и нејзиното одговорно лице ги злоупотребиле фотографиите од него и неговиот дом со тоа што на нив додале коментари со навредлива содржина како што е „будоарска спална соба со геј уредување“, со што се нарушувал неговиот углед и достоинство и се нарушувала неговата приватност.

4. Според член 110 алинеја 3 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија ги штити слободите и правата на човекот и граѓанинот што се однесуваат на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, политичкото здружување и дејствување и забраната на дискриминација на граѓаните по основ на пол, раса, верска, национална, социјална и политичка припадност.

Според член 51 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, секој граѓанин што смета дека со поединечен акт или дејство му е повредено право или слобода утврдени во член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, може да бара заштита од Уставниот суд во рок од 2 месеци од денот на доставувањето на конечен или правосилен поединечен акт, односно од денот на дознавањето за преземање дејство со кое е сторена повредата, но не подоцна од 5 години од денот на неговото преземање.

Од изнесената уставна одредба произлегува дека Уставниот суд ги штити слободите и правата на човекот и граѓанинот што се однесуваат на, покрај другото, слободата на мислата и јавното изразување на мислата.

Од изнесената одредба на Деловникот на Судот произлегува дека секој граѓанин што смета дека со поединечен акт или дејство му е повредено некое негово право или слобода утврдени во член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, може да бара заштита од Уставниот суд.

Во конкретниот случај, Судот утврди дека оспореното решение не утврдува некое право или слобода, определени во член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, што се однесуваат на подносителот на барањето, туку се однесува на други правни субјекти учесници во постапката пред Дирекцијата за заштита на личните податоци.

Со оглед на тоа што оспореното решение не утврдува некое право или слобода, определени во член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, што се однесуваат на подносителот на барањето, Судот утврди дека нема процесни претпоставки за постапување на Судот по ова барање, поради што оцени дека се исполнети условите од член 28 алинеја 3 на Деловникот на Судот за отфрлање на иницијативата.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Бранко Наумоски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Елена Гошева, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Вера Маркова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.140/2012
3 октомври 2012 г.
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски