У.бр.135/2016

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” број 70/1992), на седницата одржана на 16 ноември 2017 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 28 став 1 во делот: „Барањето за извршување на извршната исправа чија вредност на главното побарување е над 10.000 eвра задолжително го составува адвокат и содржи адвокатски печат и потпис, освен во случаите кога доверител при извршувањето е Република Македонија, банка, штедилница, финансиско друштво, давател на финансиски лизинг или друштво за осигурување како правно лице”; член 86 став 1 во делот: „Приговорот на извршно дејствие во предметите по извршната исправа чија вредност на главното побарување е над 10.000 евра задолжително го составува адвокат и содржи адвокатски печат и потпис, освен во случаите кога како странка во извршувањето се јавуваат Република Македонија, банка, штедилница, финансиско друштво, давател на финансиски лизинг или друштво за осигурување како правно лице и член 87 став 1 во делот: „Жалбата против решението донесено по приговор на извршно дејствие во предметите по извршната исправа чија вредност на главното побарување е над 10.000 евра задолжително го составува адвокат и содржи адвокатски печат и потпис освен во случаите кога жалбата ја поднесува извршителот кој преземал извршни дејствија, или кога како странка при извршувањето се јавуваат Република Македонија, банка, штедилница, финансиско друштво, давател на финансиски лизинг или друштво за осигурување како правно лице, од Законот за извршување („Службен весник на Република Македонија” број 72/2016 и 142/2016).

2. Георги Манасов, Трајан Рибарев и Никола Петров, сите од Прилеп, до Уставниот суд на Република Македонија, поднесоа иницијативи за оценување на уставноста на одредбите од Законот, означен во точката 1 од Решението.

Според наводите од иницијативите, од уредувањето со оспорените делови од законските одредби на член 28 став 1, член 86 став 1 и член 87 став 1 од Законот за извршување, произлегувало ексклузивно право, адвокатурата да дава и да обезбедува правна помош на граѓаните и правните лица во постапката за извршување, со што се создавал облик на монополизација во сферата на пружањето и обезбедувањето на правна заштита.

Од Законот за парничната постапка, јасно произлегувало дека правото на полномошник е право, а не обврска, дека адвокатот е само еден од полномошниците, а не исклучив. Апсурдно било граѓанинот да не може сам лично за себе да преземе процесно дејствие пред извршител и да поднесе барање за извршување, приговор или жалба, кога тужба со најсложен петитум, можело да поднесе секое лице лично за себе и да учествува во најсложени постапки пред судовите, без адвокатски услуги. Како доверител во извршна постапка можело да се јави и лице со правни стручни квалификации, доктори на науки со положен правосуден и нотарски испит, така што нелогично било лицето да не може лично за себе да преземе процесно дејствие пред извршител, туку за тоа задолжително да ангажира адвокат, што значело и зголемување на трошоците во постапката за состав на поднесоците, кое одело на сметката на фаворизираните адвокати. Тоа би било исто како да се забранело возење во патничко возило на сите возачи со возачка дозвола од „Б” категорија, само заради тоа што се намалила работата на таксистите…

Повеќе од воочливо било дека во основа, ексклузивноста која се овозможувала за адвокатската професија со оспорените законски решенија при донесувањето на Законот, бил пазарот, што не било во духот на Уставот. Во услови на пазарна економија, компаниите се труделе да ги имаат кај себе најдобрите кадри, но поради така уредените оспорени законски решенија, тие не можеле самостојно да преземат дејствија за состав на барање за извршување, за разлика од правниците вработени во банки и штедилници и другите субјекти наведени во оспорените законски одредби, кои законодавецот ги исклучил од задолжителното користење на адвокатските услуги пред извршител, што значело дека оспорените законски решенија создавале нееднаквост заснована на дискриминација на граѓаните и правните лица, како по нивниот вид (држава, банка, останати финансиски компании), така и по основ на нивната имотна состојба, бидејќи правната помош во овој случај ќе им била достапна само на онаа категорија граѓани и правни лица кои ќе имале средства да ги платат услугите на адвокатите.

Според подносителите, не смеело да се дозволи бизнис интересите на една групација на луѓе да се остварува преку кршењето на Уставот, што се согледувало од нивното негативно влијание врз реалното остварување на слободите и правата на граѓаните.

Со пропишаните оспорени законски решенија во Законот за извршување, се ставале во нерамноправна положба субјектите на кои се однесувала обврската за задолжително користење на адвокатски услуги за состав на барањето за извршување на извршна исправа и приговорот на извршно дејствие, наспрема останатите субјекти наведени во оспорените делови од одредбите од Законот, како што се Република Македонија, банка, штедилница, финансиско друштво, давател на финансиски лизинг или друштво за осигурување како правно лице, кои законодавецот ги исклучил од таква обврска.

Нејасно било од кои причини законодавецот, дипломираните правници во трговските друштва ги исклучил од можноста да поднесат едно обично барање за спроведување на извршување пред извршител во Република Македонија или приговор за незаконитости во извршувањето. Апсурдно било трговските друштва кои имале сопствени правни служби со вработен стручен кадар-дипломирани правници, да бидат изземени од листата „повластени” подносители на обични барања за извршување до извршител, како и можност да поднесат приговор за незаконитости во извршувањето. Апсурдно било дипломиран правник вработен во правното лице, да може правното лице да го застапува во судски спор, а да го нема тоа право во постапка пред извршител во Република Македонија.

Исто така, сосема било нејасно како законодавецот го поврзал прагот од 10.000 евра со задолжително составување на барањето за извршување или поднесување на приговор против извршно дејствие, исклучиво од страна на адвокат, придружено со адвокатски печат и потпис во наведените случаи. Ваквиот пристап можел да биде само апсурден, и сето тоа било еклатантен пример за нарушување на еднаквоста во обид да се излезе во пресрет на поединечни барања за повластување и обезбедување финансиска корист за одредена група (во конкретниот случај, адвокатите, правници во банки, штедилници, финансиски и осигурителни друштва) кои учествувале во правораздавањето во државата. Во пружањето и обезбедувањето на правната заштита, споменатата група на лица, не биле единствени. Нивните услуги и компетенции не биле уникатни, туку истите ги делеле и со други лица кои припаѓале на единствената правна професија.

Поради наведеното, подносителите на иницијативите сметаат дека, оспорените одредби од Законот за извршување кои уредуваат дека барањето за извршување на извршната исправа чија вредност на главното побарување е над 10.000 eвра, приговорот на извршно дејствие во предметите по извршната исправа чија вредност на главното побарување е над 10.000 евра, како и жалбата против решението донесено по приговор на извршно дејствие во предметите по извршната исправа чија вредност на главното побарување е над 10.000 евра, задолжително треба да бидат составени од адвокат со содржан адвокатски печат и потпис, не биле во согласност со членовите 8, 9, 30, 50, 53, 54 и 55 од Уставот на Република Македонија. Подносителот Рибарев, предложи донесување на решение за запирање на извршувањето на поединечните акти или дејствија, што се преземени врз основа на оспорените законски одредби.
3. Судот на седницата утврди дека според член 28 став 1 од Законот за извршување, барањето за извршување на извршната исправа доверителот го поднесува до извршителот во писмена форма со приложување на извршната исправа во оригинал. Барање за извршување на извршната исправа чија вредност на главното побарување е над 10.000 eвра задолжително го составува адвокат и содржи адвокатски печат и потпис, освен во случаите кога доверител при извршувањето е Република Македонија, банка, штедилница, финансиско друштво, давател на финансиски лизинг или друштво за осигурување како правно лице (оспорен дел).

Според член 86 став 1 од Законот, странката, учесникот или трето лице коe што смета дека извршителот при извршувањето постапувал незаконито, или пак пропуштил да преземе определено законско дејствие, може да поднесе приговор до основниот суд на чие подрачје извршувањето, или пак дел од него, се спроведува. Приговорот на извршно дејствие во предметите по извршната исправа чија вредност на главното побарување е над 10.000 евра задолжително го составува адвокат и содржи адвокатски печат и потпис, освен во случаите кога како странка во извршувањето се јавуваат Република Македонија, банка, штедилница, финансиско друштво, давател на финансиски лизинг или друштво за осигурување како правно лице (оспорен дел).

Со член 87 став 1 од Законот е определено дека против решението од член 86 од овој закон, странката, учесникот или третото лице и извршителот има право да поднесе жалба до Апелациониот суд на чие подрачје се наоѓа основниот суд. Жалбата против решението донесено по приговор на извршно дејствие во предметите по извршната исправа чија вредност на главното побарување е над 10.000 евра задолжително го составува адвокат и содржи адвокатски печат и потпис освен во случаите кога жалбата ја поднесува извршителот кој преземал извршни дејствија, или кога како странка при извршувањето се јавуваат Република Македонија, банка, штедилница, финансиско друштво, давател на финансиски лизинг или друштво за осигурување како правно лице (оспорен дел).

4. Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија.

Според член 9 од Уставот, граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Со членот 51 од Уставот, е определено дека во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и законот. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Според член 54 од Уставот, слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да се ограничат само во случаи утврдени со Уставот (став 1). Слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да бидат ограничени за време на воена или вонредна состојба според одредбите на Уставот (став 2). Ограничувањето на слободите и правата не може да биде дискриминаторско по основ на пол, раса, боја на кожа, јазик, вера, национално или социјално потекло, имотна или општествена положба (став 3).

Со членот 55 од Уставот, се гарантира слободата на пазарот и претприемништвото. Републиката обезбедува еднаква правна положба на сите субјекти на пазарот. Републиката презема мерки против монополската положба и монополското однесување на пазарот. Слободата на пазарот и претприемништвото можат да се ограничат со закон единствено заради одбраната на Републиката, зачувувањето на природата, животната средина или здравјето на луѓето.

Со членот 1 од Законот за извршување („Службен весник на Република Македонија” број 72/2016 и 142/2016), е определено дека со овој закон се уредуваат правилата според кои извршителите постапуваат заради присилно извршување на судска одлука која гласи на исполнување на обврска, освен ако со друг закон поинаку не е определено (став 1). Одредбите на овој закон се применуваат и врз присилно извршување на одлука донесена во управна постапка која гласи на исполнување на парична обврска, освен ако со друг закон поинаку не е определено (став 2). Одредбите на овој закон се применуваат и врз присилно извршување на нотарски исправи и други извршни исправи предвидени со закон став 3. Одредбите на овој закон се применуваат и на извршување на брод и на воздухоплов (став 4).

Според член 2 ставови 1 и 2 од Законот за извршување, основа за извршување претставува извршна исправа, а извршувањето започнува по барање од доверителот.

Доверител е лице чие побарување се остварува, должник е лице спрема кое се остварува побарување, странка е доверител и должник, учесник е лице кое во извршувањето остварува некое свое право или правен интерес, а не е странка во извршувањето, а трето лице е лице кое тврди дека во поглед на предметот на извршувањето има некое право (член 11 точки 2, 3, 4, 5 и 6 од Законот).

Извршната исправа е подобна за извршување ако во неа се назначени доверителот и должникот, како и предметот, видот, обемот и времето на исполнување на обврската (член 17 став 1 од Законот).

При спроведување на извршувањето сообразно се применуваат одредбите на Законот за парничната постапка, ако со овој или со друг закон поинаку не е определено (член 10 став 1 од Законот за извршување).

Според Законот за парничната постапка („Службен весник на Република Македонија” број 79/2005, 110/2008, 83/2009, 116/2010 и 124/2015), странка во постапка може да биде секое физичко и правно лице (член 70 став 1).

Странката која е целосно деловно способна може сама да ги врши дејствијата во постапката (парнична способност) (член 71 став 1).

Странките можат да преземаат дејствија во постапката лично или преку полномошници, но судот може да ја повика странката која има полномошник пред судот лично да се изјасни за фактите што треба да се утврдат во парницата (член 80 став 1).

Според член 81 став 1 алинеи 1, 2 и 3 од Законот за парничната постапка, полномошник на странката може да биде:
-адвокат,-лице дипломиран правник кое со странката е во работен однос и -роднина по крв во права линија, брат, сестра или брачен другар, доколку е потполно деловно способен.

Според член 98 став 1 од Законот за парничната постапка, тужбата, одговорот на тужбата, правните лекови и другите изјави, предлози и соопштенија што се даваат надвор од расправата се поднесуваат писмено, или по електронски пат до приемното одделение на надлежниот суд (поднесоци).

Поднесоците задолжително треба да содржат адвокатски печат, освен оние кои се составени од страна на полномошници определени во член 81 став 1 алинеи 2 и 3 од овој закон (член 98 став 2 од Законот за парничната постапка).

Според член 28 став 1 од Законот за извршување, барањето за извршување на извршната исправа доверителот го поднесува до извршителот во писмена форма со приложување на извршната исправа во оригинал. Барање за извршување на извршната исправа чија вредност на главното побарување е над 10.000 eвра задолжително го составува адвокат и содржи адвокатски печат и потпис, освен во случаите кога доверител при извршувањето е Република Македонија, банка, штедилница, финансиско друштво, давател на финансиски лизинг или друштво за осигурување како правно лице.

Според член 86 став 1 од Законот, странката, учесникот или трето лице коeшто смета дека извршителот при извршувањето постапувал незаконито, или пак пропуштил да преземе определено законско дејствие, може да поднесе приговор до основниот суд на чие подрачје извршувањето, или пак дел од него, се спроведува. Приговорот на извршно дејствие во предметите по извршната исправа чија вредност на главното побарување е над 10.000 евра задолжително го составува адвокат и содржи адвокатски печат и потпис, освен во случаите кога како странка во извршувањето се јавуваат Република Македонија, банка, штедилница, финансиско друштво, давател на финансиски лизинг или друштво за осигурување како правно лице.

Со член 87 став 1 од Законот е определено дека против решението од член 86 од овој закон, странката, учесникот или третото лице и извршителот има право да поднесе жалба до Апелациониот суд на чие подрачје се наоѓа основниот суд. Жалбата против решението донесено по приговор на извршно дејствие во предметите по извршната исправа чија вредност на главното побарување е над 10.000 евра задолжително го составува адвокат и содржи адвокатски печат и потпис освен во случаите кога жалбата ја поднесува извршителот кој преземал извршни дејствија, или кога како странка при извршувањето се јавуваат Република Македонија, банка, штедилница, финансиско друштво, давател на финансиски лизинг или друштво за осигурување како правно лице.

Со иницијативите се оспоруваат член 28 став 1, член 86 став 1 и член 87 став 1 од Законот за извршување, во деловите со кои се уредува задолжително составување на барањето за извршување, приговорот и жалбата, од адвокат, со содржан адвокатски печат и потпис, кога вредноста на главното побарување е над 10.000 евра, а со оспорените делови од законските одредби, законодавецот изречно уредил, за кои субјекти нема да се однесува тоа задолжително правило.

Со неоспорените делови од став 1 на член 28 став 1, член 86 став 1 и член 87 став 1 од Законот за извршување, законодавецот ја уредил формата во која се поднесува барањето за извршување и прилогот кој треба да го содржи, правото на приговор и правото на жалба, а кои начелно се однесуваат за сите субјекти кои учествуваат пред извршител, меѓутоа во продолжение на ова уредување законодавецот дополнително уредил правила за тоа кој треба да ги состави поднесоците кога странките бараат остварување на некое право пред извршител, а вредноста на главното побарување е над 10.000 евра.

Конкретно, од содржината на оспорените делови од член 28 став 1, член 86 став 1 и член 87 став 1 од Законот за извршување, произлегува дека барањето за извршување, приговорот и жалбата, задолжително треба да бидат составени од адвокат со содржан адвокатски печат и потпис, доколку вредноста на главното побарување е над 10.000 евра. Од ова произлегува дека задолжителното правило нема да се однесува за поднесоците чија вредност на главното побарување е до 10.000 евра.

Во продолжение на оспорените делови од законските одредби, законодавецот и изречно уредил во кои случаи за истиот праг на вредност на главното побарување, поднесоците не мора задолжително да бидат составени од адвокат, со содржан печат и потпис, а тоа е: кога доверител при извршувањето е Република Македонија, банка, штедилница, финансиско друштво, давател на финансиски лизинг или друштво за осигурување како правно лице, кога како странка во извршувањето се јавуваат Република Македонија, банка, штедилница, финансиско друштво, давател на финансиски лизинг или друштво за осигурување како правно лице и кога жалбата ја поднесува извршителот кој преземал извршни дејствија, или кога како странка при извршувањето се јавуваат Република Македонија, банка, штедилница, финансиско друштво, давател на финансиски лизинг или друштво за осигурување како правно лице.

Оспорените законски решенија упатуваат на задолжително инволвирање на адвокат во правната работа на граѓаните и правните лица пред извршител, кој за истите ќе ги врши работите на составување на поднесоците и секако со адвокатска награда за составувањето, кое во суштина значи забрана за граѓаните и правните лица да можат сами да ги вршат дејствијата на составување на поднесоците пред извршител, за разлика од Законот за парничната постапка, каде за целосно деловно способните странки е овозможено сами да ги врши дејствијата во постапката, но и преку полномошник кој не мора задолжително да биде адвокат (член 71 став 1 и член 80 став 1 од Законот за парничната постапка).

Законот за извршување не уредува со кои последици може да се соочат граѓаните и правните лица доколку не постапат согласно задолжителното правило за состав на барањето за извршување, приговорот или жалбата кога вредноста на главното побарување е над 10.000 евра, но имајќи предвид дека при спроведување на извршувањето сообразно се применуваат одредбите на Законот за парничната постапка, ако со овој или со друг закон поинаку не е определено, а ова прашање со Законот за извршување, не е определено, произлегува дека во вакви случаи ќе се применуваат одредбите од Законот за парничната постапка.

Така според член 98 став 8 од Законот за парничната постапка, поднесокот од адвокат задолжително содржи печат, односно електронски потпис од адвокатот и адвокатска маркичка предвидена со посебен закон, во спротивно поднесокот се смета за неуреден и судот ќе го отфрли. До донесување на посебен закон со кој се уредува адвокатската маркичка, поднесокот од адвокат задолжително треба да содржи печат, односно електронски потпис.

Според член 101 од Законот за парничната постапка е уредено дека:
(1) Поднесоците кои се поднесени од полномошник, а кои се неразбирливи или не ги содржат податоците од член 98 ставовите 3, 4, 5 и 8 на овој закон или не се поднесени во доволен број примероци кога тие се поднесени во писмена форма, судот ќе ги отфрли.
(2) Ако поднесокот е неразбирлив или не го содржи сето она што е потребно за да може да се постапи по него, судот ќе му укаже на подносителот кој нема полномошник, да го исправи поднесокот.
(3) Кога судот ќе му го врати поднесокот на подносителот од став 2 на овој член заради исправка или дополнение, ќе определи рок за повторно поднесување на поднесокот кој не може да биде подолг од осум дена.
(4) Ако поднесокот што е врзан за рок биде исправен, односно дополнет и предаден на судот во рокот определен за дополнение или исправка, ќе се смета дека му е поднесен на судот оној ден кога прв пат бил поднесен.
(5) Ќе се смета дека поднесокот е повлечен ако не му биде вратен на судот во определениот рок, а ако биде вратен без исправка односно дополнение, ќе се отфрли.
(6) Ако поднесоците или прилозите во писмена форма не ги поднесе во доволен број примероци, судот ќе го повика подносителот од ставот 2 на овој член да ги поднесе во рок од три дена, а во спротивно поднесокот ќе го отфрли.

Оттука, поднесоците кои нема да бидат доставени на начин како што е пропишан со оспорените делови од законските одредби од Законот за извршување, ќе се сметаат за повлечени или ќе се отфрлат, доколку не ги отстранат недостатоците во определениот рок.

Од друга страна, граѓаните и правните лица кои имаат потреба од иницирање на постапка пред извршител, а нивното главно побарување е до 10.000 евра, како и изречно исклучените субјекти од оспорените законски решенија, се исклучени од правилото за задолжително составување на поднесоците од адвокат, со содржан печат и потпис, за разлика од останатите граѓани и правни лица за кои задолжително е востановено тоа правило, само заради тоа што имаат потреба пред извршител да настапат со поголемо побарување, а и заради тоа што нивниот статус и дејноста која ја вршат, не припаѓа на статусот и дејноста како и изречно исклучените од задолжителното правило. Тие ќе мора задолжително, а не по своја оценка за таквата потреба, да ангажираат адвокат и да се изложат на дополнителни трошоци.

Од погоре наведеното произлегува дека учеството на граѓаните и правните лица пред извршител, не е рамноправно. Едни се повластени подносители, а други оптоварени со дополнителни правила и дополнителни трошоци. Доверители со вредност на главното побарување над 10.000 евра, нема да можат да започнат постапка пред извршител, а со тоа и да го остварат своето право на намирување на побарувањето од извршната исправа, доколку не постапат согласно задолжителното правило од оспорените делови на законските одредби. Исто така, странката (доверител или должник), учесникот или трето лице, нема да можат да го остварат правото на приговор или правото на жалба, доколку не постапат согласно задолжителното правило. Непостапувањето согласно оспорените законски решенија, е пречка за остварување на право пред извршител. Меѓутоа, тоа ќе можат да го остварат сите останати граѓани и правни лица со вредност на главно побарување до 10.000 евра и изречно исклучените субјекти од задолжителното правило.

Имајќи предвид дека оспорените законски решенија, налагаат обврска за задолжително користење на правна помош за состав на поднесоците со вредност на главното побарување над 10.000 евра, како и имајќи ги предвид изречно наведените субјекти, за кои тоа не се однесува, произлегува дека од вредноста на главното побарување и статусот и дејноста на правното лице, зависи дали граѓаните и правните лица ќе имаат еднакво и рамноправно учество, како и останатите во постапка пред извршител, иако конкретните случаи се однесуваат на учествување во иста процедурална правна ситуација (извршна постапка), со иста правна проблематика (извршување на побарување).

Според Судот, со ваквото уредување со оспорените законски решенија се воспоставува различен третман на граѓаните и правните лица во однос на правилата за иницирање на постапка пред извршител и иницирање на приговор или жалба, и тоа по две основи, едниот основ е вредноста на главното побарување, а другиот основ е видот и дејноста која ја врши правното лице.

Барањето за извршување, приговорот и жалбата, се поднесоци преку кои се остварува конкретно право на граѓаните и правните лица во постапка пред извршител. Оспорените законски решенија доведуваат и до нивна поделба и тоа: на поднесоци кои подлежат на задолжителен состав од страна на адвокат, со содржан потпис и печат и поднесоци кои не подлежат на тоа правило. Елементите кои соодветно треба да бидат содржани во поднесоците, се уредени во Законот, но едните мора да бидат составени од адвокат, а за другите тоа не е задолжително, па врз основа на таквата поделба, со оспорените законски решенија, дополнително се воспоставуваат обврски за засегнатите субјекти, да мора за составот на истите да ангажираат правна помош и тоа исклучиво од адвокат, со дополнителни финансиски импликации за таа цел. Низ пример тоа би значело дека барање за извршување со вредност на главното побарување од 10.000 евра, не подлежи на задолжителен состав од адвокат, но доколку доверителот истакнува главно побарување од 10.050 евра, барањето за извршување, задолжително подлежи на состав од адвокат, иако во суштина станува збор за ист вид на поднесок, различна е само вредноста на главното побарување.

Од аспект на обврската која задолжително им се наметнува на граѓаните и правните лица, тоа би значело дека за барање за извршување кое се однесува на вредност на главно побарување од 10.000 евра, доверителот не мора задолжително да ангажира правна помош и негово право е дали и од кого ќе користи правни услуги, но, во друг случај доверителот, доколку навел вредност на главно побарува од 10.050 евра, тогаш без право на избор, тој задолжително ќе мора составот на барањето за извршување да го довери на адвокат, а со тоа и дополнително да се изложи на трошоци, кое пак има имликации и кај должникот, кој ќе ги сноси сите трошоци на кои се изложил доверителот за присилната наплата на своето побарување. Соодветно тоа се однесува и за состав на приговор и жалба, за кои пак трошоците се поголеми и тн.

Вредноста на главното побарување и статусот и дејноста со која се занимава одредено правно лице, во постапка пред извршител, според Судот, создава неоснована категоризација на граѓаните и правните лица, а со тоа и нелегитимно спречување на едните да можат исто како и другите, да имаат подеднаков пристап за учество во конкретната постапка, кое е спротивно на членот 9 од Уставот, според кој, граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Исто така, имајќи предвид дека причините за различното третирање на граѓаните и правни лица пред извршител, се засновани на висината на главното побарување и статусот и видот на правното лице, Судот смета дека оспорените законски решенија, имплицираат повреда на член 54 став 3 од Уставот, според кој ограничувањето на слободите и правата не може да биде дискриминаторско по основ на пол, раса, боја на кожа, јазик, вера, национално или социјално потекло, имотна или општествена положба.

Понатаму, со изречното посочување во оспорените делови на одредбите од Законот за извршување, а во однос на тоа кој треба да биде составувач на поднесоците, адвокатите добиваат третман на единствен извор на правна заштита, односно екслузивно право за вршење на конкретните услуги, а со тоа и нивно фаворизирање на пазарот, од каде произлегува дека оспорените законски решенија имплицираат повреда и на членот 55 од Уставот, според кој се гарантира слободата на пазарот и претприемништвото. Републиката обезбедува еднаква правна положба на сите субјекти на пазарот. Републиката презема мерки против монополската положба и монополското однесување на пазарот. Слободата на пазарот и претприемништвото можат да се ограничат со закон единствено заради одбраната на Републиката, зачувувањето на природата, животната средина или здравјето на луѓето.

Во врска со ова прашање, Судот, веќе изразил став постапувајќи по предметот У.бр.134/2002, каде со Одлука од 22.01.2003 година, укинал повеќе одредби од Законот за адвокатурата („Службен весник на Република Македонија” бр.59/2002).

Според ставот на Судот по тој предмет, решенијата според кои адвокатите се единствено надлежни за давање и обезбедување правна помош, не може да се оправда ниту од аспект дека тие се единствено квалификувани за тоа, од едноставна причина што адвокатите се само дел од единствената правна професија и тие имаат исто знаење и способности како и другите лица со завршен правен факултет и положен правосуден испит. Со тоа што овие лица не се определиле професионално да се бават со адвокатура, не ги прави помалку квалификувани од адвокатите да и тие давааат правна помош, било на граѓаните или на правните лица во кои се вработени, се разбира во случаи и под услови определени со закон. По оцена на Судот, тоа уредување не кореспондирало со улогата, значењето и воопшто со определбите изразени во Уставот во поглед на слободите и правата на човекот и граѓанинот. Наведеното од причини што правната помош, од било кој вид, единствено и исклучиво да ја обезбедуваат адвокатите, односно адвокатурата, Судот оценил дека не е во интерес на граѓаните и не е во функција на поцелосно и поефикасно остварување на нивните права и интереси, со оглед дека тоа, прво е премногу рестриктивно во однос на кругот на лицата, односно субјектите од коишто граѓаните досега, а тргнувајќи пред се од сопствениот интерес, можеа да избираат кој ќе ги застапува во постапките пред судовите, органите на државната управа или други организации и институции што вршат јавни овластувања.

Понатаму, Судот постапувајќи по наведениот предмет, оценил дека тоа решение создавало нееднаквост, односно дискриминација меѓу граѓаните по основ на нивната имотна состојба бидејќи правната помош во овој случај ќе им биде достапна само на онаа категорија граѓани кои ќе имаат средства да ги платат услугите на адвокатите, а и монополската положба на адвокатурата во давање и обезбедување правна помош, од што логично се поставувало прашањето која е гаранцијата дека адвокатите нема да го фаворизираат нивниот материјален интерес, со определување на неоправдано високи цени на нивните услуги, место да утврдат поприфатливи услови за да нивните услуги бидат достапни за поширок круг на граѓани, па и на оние со понизок стандард, што би било во согласност и со социјалниот карактер на Републиката.

Понатамошната анализа на оспорените делови содржани во член 28 став 1, член 86 став 1 и член 87 став 1 од Законот за извршување, упатува и на повреда на член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, поради следното:

Од содржината на оспорените делови од законските одредби, не произлегува јасна ситуација дали и лице кое е адвокат ќе може да ги состави поднесоците сам за себе доколку во својство на доверител, странка или учесник, ќе се најде во постапка пред извршител или пак и тој е во обврска да побара правна помош од друг адвокат, кој со свој потпис и печат ќе гарантира дека составот е изготвен од адвокат како што наложува задолжителното правило, а за вредност на главното побарување над 10.000 евра.

Ако се земе во предвид дека законодавецот таксативно наброил за кои субјекти не се однесува должноста од ангажирање на адвокат за состав на поднесоците, односно кои субјекти ги исклучил од задолжителноста од составување на поднесоците од страна на адвокат, а со исклучокот не се опфатени лицата кои се адвокати по професија, произлегува дека и адвокатите (доверители, должници, учесници и трети лица) во правна работа пред извршител, ќе треба да користат услуги за состав на поднесоците од друг адвокат кога вредноста на главното побарување е над 10.000 евра, што води кон една нелогичност, лице доверител кое е адвокат, сам за себе да не може да состави поднесок, а за други лица тоа да го може.

Од друга страна, имајќи предвид дека во содржината на оспорените делови од законските одредби во однос на обврската за составување на поднесоците, стои „… задолжително го составува адвокат и содржи адвокатски печат и потпис”, оваа содржина може да води кон друга интерпретација на нормата, со значење дека доволно е поднесокот да содржи печат и потпис од адвокат, независно дали подносителот (доверител, должник, учесникот или трето лице), е всушност самиот адвокат. Од ваквата интерпретација на нормата, произлегува дека нема пречка адвокатите, лично сами за себе да ги преземат дејствијата за состав на поднесоците за вредност на главното побарување над 10.000 евра, бидејќи тие имаат адвокатски печат, но тоа нема да го можат нотарите, извршителите (во својство на доверители, должници, учесници или трети лица), логично тие не поседуваат адвокатски печат, а исто и останати лица правници по професија со положен правосуден испит и други лица доволно правно способни, сами да преземат дејствија на составување на поднесоците.

Имајќи предвид дека од содржината на оспорените законски решенија, не произлегува јасна правна ситуација во поглед на поставеното прашање, оспорените законски решенија не гарантираат воедначена нивна примена на конкретни ситуации, што води кон правна несигурност на граѓаните. Владеењето на правото во еден правен систем или поредок треба да се остварува преку доминација на правната норма која треба да биде јасна, прецизна и разбирлива, која нема да остава можност за различно толкување и нејзина различна примена или можност за правна несигурност на граѓаните, што во конкретниот случај, според Судот е доведен во прашање овој уставен принцип гарантиран со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот.

При анализата и оцената за согласноста на оспорените законски решенија со одредбите на Уставот, Судот го имаше во предвид и доставеното мислење од предлагачот на Законот, но истото не дава основа за поинаква фактичка состојба и правно мислење по однос на уставната оправданост на оспорените законски решенија.

Според мислењето од предлагачот на Законот, наводите изнесени во иницијативите биле неосновани бидејќи со така пропишаните оспорени законски решенија, се обезбедувала поголема правна сигурност на граѓаните и правните лица и брзо и ефикасно спроведување на извршувањето по поднесените барања за извршување од доверителите, имајќи предвид дека поведувањето и водењето на постапката пред извршител од страна на доверители кои не го познавале Законот за извршување, би имало штетни последици по остварување на нивните права. Воедно, со оспорените делови од законските одредби, странките се заштитувале и од одговорност за штета причинета од адвокатите поради законската обврска на адвокатите да се осигуруваат од одговорност за штета.

Понатаму, според изнесеното мислење од предлагачот на Законот, со пропишаните одредби се обезбедувала и поголема правна сигурност на доверителот и должникот при остварувањето на правото на приговор против преземено и извршно дејствие од извршител, како и жалба против решение на претседателот на надлежен суд кој одлучувал по приговор на странките, а истите немале соодветни познавања за правата кои им ги обезбедувал Законот за извршување во овие постапки.

Од наведените причини, се наведува во мислењето, оспорените законски одредби биле уредени во насока на обезбедување на поголема правна сигурност на граѓаните и правните лица и заштита на нивните права и интереси во извршните постапки кои ги спроведуваат извршителите, со што ќе се намалел бројот на судските постапки, а ќе се зголемела ефикасноста на извршителите при спроведување на извршувањата што ќе довело до побрзо остварување на правата на доверителите и заштитата на правата на странките.

Според Судот, од ова се добива впечаток дека државата преку оспорените законски решенија, воспоставува инструменти за заштита на граѓаните и правните лица од можни штетни последици кои би настанале по истите, а како последица од непознавање на правото. Со мерките за заштита не се опфатени сите граѓани и правни лица кои имаат потреба од иницирање постапка пред извршител или во друго својство учествуваат во истата, туку само оние граѓани и правни лица кои сакаат да иницираат постапка пред извршител за намирување на главно побарување над 10.000 евра, или во друго својство учествуваат во постапка пред извршител (должник, учесник, трето лице).

Со селективно наметната обврска за задолжително користење на правна помош за состав на поднесоците, однапред се прејудицира дека сите субјекти пред извршител, чија вредност на главното побарување е над 10.000 евра, немаат правно познавање на предметната материја, за што законодавецот се погрижил за заштита на нивните правни интереси, а до 10.000 евра, за субјектите (граѓани и правни лица), како и изречно изземените субјекти од ангажирање на адвокат, над таа вредност, не може да се доведе под знак прашање правното познавање на предметната материја, што е нелогично и неприфатливо.

Ова дотолку повеќе што пред извршител, свое учество може да имаат граѓани, правно квалификувани и способни сами за себе да преземат дејствие на составување на конкретен поднесок, а и правни лица преку своите правни застапници со правни квалификации вработени кај правните лица, кои се доволно стручни и правно квалификувани да можат самостојно да ги штитат своите интереси, а нивно право и избор е дали за таа цел ќе ангажираат услуги од адвокат или не, како што тоа според оспорените законски решенија го можат Република Македонија, банка, штедилница, финансиско друштво, давател на финансиски лизинг или друштво за осигурување како правно лице, а тоа го можат и сите граѓани и правни лица кои со барање за извршување, најавиле побарување до 10.000 евра.

Пред извршител, реално настапуваат и лица кои немаат правни квалификации, но ако се земат во предвид мотивите за уредување на оспорените законски решенија кои се поврзани со висината на главното побарување, произлегува дека се штитат правата и интересите поради непознавање на правото, над определениот праг на вредност на главното побарување. Заштитата се обезбедува со обврзување на овие лица од задолжително користење на правна помош, исклучиво од адвокат, а под определениот праг на вредност на главно побарување, лицата кои немаат правно познавање, немаат обврска за должно користење на правна помош од адвокат, но им стои на располагање правото на користење на правна помош, за што сами одлучуваат од кои извори истата ќе ја побараат.

Имајќи предвид дека оспорените законски решенија, налагаат ангажирање на адвокат за состав на поднесоците кои се однесуваат на вредност на главно побарување над 10.000 евра, која услуга се наплатува во зависност од вредноста на побарувањето во извршната постапка, неспорно произлегува дека заштитата која државата им ја воспоставува на граѓаните и правните лица, ја воспоставува на товар на самите граѓани и правни лица, во корист на адвокатите, со што е оневозможено на странките кои имаат доволно стручни и правни квалификации, сами да ги преземат дејствијата на составување и да ги избегнат ваквите наметнати трошоци, а исто така се оневозможува, лицата кои немаат правни познавања, согласно своите финансиски можности, да одлучат на кој начин ќе ја обезбедат правната помош за состав на поднесоците, односно од кои извори истата ќе ја обезбедат.

Ако се тргне од мотивите за ваквото уредување на оспорените законски решенија, произлегува дека интенцијата на законодавецот била да се заштитат правата и интересите на странките кај високите износи на побарувања, што според Судот е неприфатливо, бидејќи сечие истакнато барање за извршување пред извршител, независно од неговата вредност, значи барање за остварување на право и секој има право успешно да го оствари своето право, независно од тоа колкава е висината на вредноста на неговото побарување.

Оттука според Судот, иако целта на уредувањето на оспорените законски решенија, е воспоставување на повисока заштита на правата и интересите на граѓаните и правните лица заради нивните повисоко истакнати побарувања, селективниот пристап за воспоставување на заштита на правата на граѓаните во иста процедурална ситуација, не наоѓа уставно оправдување од аспект на принципот на еднаквост на граѓаните пред Уставот и законите. Ова, дотолку повеќе што начинот на воспоставување на заштитата на субјектите пред извршител и кругот на опфатените субјекти со таа заштита, води кон други повреди на правата на граѓаните и правните лица, така што мотивите и целите за уредување на оспорените законски решенија, го губат своето значење и смисла, дотолку повеќе што целта која законодавецот сакал да ја постигне преку нивното уредување, се воспоставува преку личниот буџет на граѓаните и правните лица, а тоа води кон дополнителни зголемени трошоци во извршната постапка за субјектите на кои се однесуваат оспорените законски решенија, што е уште една причина за нееднаков третман на граѓаните и правните лица во постапка пред извршител и причина за нивната неуставност.

5. Имајќи го предвид погоре наведеното, пред Судот со основ се постави прашањето за согласноста на оспорените делови од одредбите на член 28 став 1, член 86 став 1 и член 87 став 1 од Законот за извршување, со одредбите на член 8 став 1 алинеја 3, член 9, член 51, член 54 став 3 и член 55 од Уставот.

Во однос на барањето во една од иницијативите за донесување решение за запирање на извршувањето на поединечните акти или дејствија, што се преземени врз основа на оспорените законски одредби, Судот оцени истото да не го прифати.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од Решението.

7. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови, во состав од претседателот на Судот, Никола Ивановски и судиите: Елена Гошева, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати и Владимир Стојаноски.

У.бр.135/2016
16 ноември 2017 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Никола Ивановски