У.бр.133/2014

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеите 1 и 2 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” број 70/1992), на седницата одржана на 22 април 2015 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за утврдување единствени критериуми за материјално-финансиско работење на здруженијата на пензионери и Сојузот на здруженијата на пензионери на Македонија, донесена од Собранието на Сојузот на здруженијата на пензионери на Македонија, на седницата одржана на 14.03.2014 година, број 02-02/185.

2. Борис Касапинов и други од Неготино, до Уставниот суд на Република Македонија, поднесоа иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на актот, означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите од иницијативата, оспорената одлука не била во согласност со Уставот и Законот за здруженија и фондации (“Службен весник на Република Македонија” број 52/2010). Со истата се вршело централизирање на здруженијата на пензионерите во Република Македонија, бидејќи со така донесената одлука Сојузот имал за цел, паричните средства со кои располагаат здруженијата, остварени од наплата на чланарината од своите членови, да ги одземе од здруженијата и да ги прелее на своја сметка. Здруженијата биле самостојни, а Сојузот со донесената одлука се мешал во работата на собранијата и извршните одбори на здруженијата при одредување на надоместоци на избраните раководители и ангажирани извршители во здруженијата, поради што се нарушувало основното начело на независност на здруженијата на пензионери во Македонија од член 10 од Законот за здруженија и фондации.

3. Судот, на седницата утврди дека оспорената Одлука за утврдување единствени критериуми за материјално-финансиско работење на здруженијата на пензионери и Сојузот на здруженијата на пензионери на Македонија, е донесена на 14 март 2014 година од страна на Собранието на Сојузот на здруженија на пензионерите на Македонија.

Со член 1 од Одлуката, е определено дека со оваа одлука се утврдуваат единствени критериуми за материјално-финансиското работење на здруженијата на пензионери и Сојузот на здруженијата на пензионерите на Македонија, а заради усогласување и унапредување на активностите во врска со стекнувањето и употребата на финансиските средства.

Одлуката содржи вкупно 24 члена, поделена во неколку делови: Општи одредби (членови 1-6), Критериуми за користење на средствата за социјални, солидарни и други намени (членови 7-9), Критериуми за користење средства за културни, спортски и други дисциплини (членови 10-13), Плати на вработените и единствени критериуми за надоместоци на членовите на органите и телата (членови 14-17), Парични награди и објави (членови 18 и 19) и Преодни и завршни одредби (членови 20-24).

4. Согласно член 110 алинеја 7 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија, одлучува за уставноста на програмите и статутите на политичките партии и на здруженијата на граѓаните.

Од наведената уставна одредба произлегува дека Уставниот суд ја цени само уставноста на програмите и на статутите на здруженијата на граѓани.

Согласно член 28 алинеите 1 и 3 од Деловникот на Уставниот суд, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето и ако постојат процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Со иницијативата се оспорува уставноста и законитоста на Одлука за утврдување единствени критериуми за материјално-финансиско работење на здруженијата на пензионери и Сојузот на здруженијата на пензионери на Македонија, донесена од Собранието на Сојузот на здруженија на пензионерите на Македонија.

Во конкретниот случај, Судот утврди дека актот кој се оспорува, нема карактер на пропис подобен за уставно-судска оцена, бидејќи согласно член 110 алинеја 7 од Уставот, во надлежност на Уставниот суд е да одлучува само за уставноста на програмите и на статутите на здруженијата на граѓани, а не и другите акти кои тие ги донесуваат.

Судот, исто така утврди дека актот кој се оспорува е со содржина како и акт кој бил предмет на постапување од страна на Уставниот суд на Република Македонија, а по повод поднесена иницијатива од друг подносител, при што Судот, врз основа на член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд, со Решение У.бр.84/2014 од 10 декември 2014 година, ја отфрлил иницијативата за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за утврдување единствени критериуми за материјално-финансиско работење на здруженијата на пензионери и Сојузот на здруженијата на пензионери на Македонија, (број 02-02/185 од 14.03.2014 година), донесена од Сојузот на Здруженијата на пензионерите на Македонија, поради ненадлежност, со образложение дека согласно член 110 став 1 алинеја 7 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија одлучува само за уставноста на програмите и статутите на политички партии и здруженија на граѓани, а не и на другите акти што ги донесуваат органите на здружението.

5. Имајќи предвид дека актот кој се оспорува со иницијативата нема карактер на пропис подобен за уставно-судска оцена, како и со оглед дека Судот за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување, Судот оцени дека се настапени условите за примена на цитираните одредби од членот 28 алинеите 1 и 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија за отфрлање на иницијативата.
6. Поради изнесеното, Судот, одлучи како во точката 1 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе, во состав од претседателот на Судот Елена Гошева и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.133/2014
22 април 2015 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева