У.бр.133/2009

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 алинеја 3 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992), на седницатa одржана на 3 март 2010 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 153-ѕ став 2 точка 5 од Законот за здравствена заштита („Службен весник на Република Македонија“ бр.38/91, 46/93, 55/95, 10/2004, 4/2005, 111/2005, 65/2006, 5/2007, 77/2008 и 67/2009).

2. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување на уставноста на член 153-ѕ став 2 точка 4 од Законот означени во точката 1 од ова решение.

3. Стамен Филипов од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на одредбите од Законот означени во точките 1 и 2 од ова решение.

Според наводите во иницијативата оспорените членови пропишувале престанок на вршење на определено право, односно дејност или професија на здравствен работник со високо образование како последица од осуда за кривично дело примање поткуп, што настапувала по сила на закон, а не со конкретна судска пресуда во форма на казна. Подносителот на иницијативата смета дека оспорените одредби не се во согласност со член 8 став 1 алинеи 1 и 3, член 9 став 2, член 11 став 1, член13 став 1, член 14 став 1, член 25, член 32 став 1 и 2, член 51 и член 54 став 1 од Уставот.

Поради наведените причини подносителот на иницијативата предлага Уставниот суд на Република Македонија да поведе постапка за оспорените одредби од Законот.

4. Судот на седницата утврди дека според оспорениот член 153-ѕ Лекарската, Стоматолошката, односно Фармацевтската комора може времено или трајно да ја одземе лиценцата за работа на здравствен работник со високо образование. Временото одземање на лиценцата за работа може да се изврши најмногу за период од седум години, ако здравствениот работник со високо образование не ја продолжи лиценцата за работа во роковите утврдени со овој закон; не ја заврши дополнителната обука во утврдениот рок; со успех не ја заврши дополнителната проверка на стручните знаења и способности; со судско правосилно решение привремено му е забрането вршење на дејност или професија; (оспорен дел), со правосилна судска пресуда е осуден за кривично дело примање поткуп; (оспорен дел), по доделувањето на лиценцата за работа се утврди дека доказите за исполнување на условите пропишани со овој закон ги прибавило спротивно на закон; врши дополнителна дејност спротивно на членот 115-а од овој закон; работи надвор од лиценцата за работа што ја поседува или работи во услови за кои нема одобрение за работа издадено согласно со овој закон и ако Судот на честа при соодветната Комора утврди дека сторил повреда на Кодексот на медицинската етика.

Судот, исто така, констатира дека во решението за времено одземање на лиценцата за работа треба да се определи дополнителната обука која здравствениот работник со високо образование треба да ја изврши за да може повторно да му се издаде лиценца за работа. Трајното одземање на лицанцата за работа се врши ако со правосилна судска одлука се утврди дека здравствениот работник со високо образование сторил стручен пропуст или грешка при работата со што предизвикал трајно нарушување на здравјето или смрт на болниот или ако по временото одземање на лиценцата за работа врз основа на ставот 2 алинеја 6-а од овој член повторно врши дополнителна дејност во друга здравствена установа.

5. Согласно член 8 став 1 алинеи , 3 и 8 од Уставот, темелни вредности на уставниот поредок на Република македонија се основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот, владеењето на правото и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска.

Според член 9 од Уставот, граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Согласно членот 11 физичкиот и моралниот интегритет на човекот се неприкосновени.

Според член 13 став 1 од Уставот, лицето обвинето за казниво дело ќе се смета за невино се додека неговата вина не биде утврдена со правосилна судска одлука, а според член 14 став 1 од Уставот, никој не може да биде казнет за дело кое пред да биде сторено не било утврдено со закон или со друг пропис како казниво дело и за кое не била предвидена казна.

Според член 25 од Уставот на секој граѓанин му се гарантира почитување и заштита на приватноста на неговиот личен и семеен живот, на достоинството и угледот.

Согласно член 32 од Уставот, секој има право на работа, слободен избор на вработување, заштита при работењето и материјална обезбеденост за време на привремената невработеност, и секому, под еднакви услови му е достапно секое работно време.

Според членот 51 став 1 од Уставот, во Република Македонија законите мора да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со уставот и со закон

Според членот 54 став 1 од Уставот, слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да се ограничат само во случаи утврдени со Уставот, а според став 3 на истиот член, ограничувањето на слободите и правата не може да биде дискриминаторско по основ на пол, раса, боја на кожа, јазик, вера, национално или социјално потекло, имотна или општествена положба.

Согласно член 138 од Законот за здравствената заштита (Службен весник на Република Македонија бр. 38/1991, 46/1993, 55/1995, 10/2004, 84/2005, 111/2005, 65/2006 и 5/2007) здравствена заштита можат да укажуваат здравствени работници со соодветно стручно образование, завршен приправнички стаж, положен стручен испит, основна лиценца и лиценца за работа.

Според член 143 од Законот, по завршувањето на приправничкиот стаж здравствените работници полагаат стручен испит (став1), а врз основа на ставот 2 на истиот член, здравствените работници со средно, више и високо стручно образование во траење од три години, стручниот испит го полагаат пред испитни комисии кои министерот за здравство ги образува во јавните здравствени установи.

Здравствените работници со високо образование стручниот испит го полагаат пред испитни комисии кои ги образува Лекарската, Стоматолошката односно Фармацевтската комора од редот на лицата определени согласно член 142 став 2 на овој закон (став 3).

Положениот стручен испит од ставот 3 на овој член за здравствените работници со високо образование од областа на медицината и стоматологијата е услов за добивање на основна лиценца (став 4).

Условите за стекнување на основна лиценца и лиценца за работа за здравствените работници со високо образование од областа на медицината, стоматологијата и фармацијата, условите за издавање на овие лиценци за странски државјани, условите за обновување на лиценците и за нивно времено или трајно одезмање се уредени во членовите 153–а до член 153-л од Законот, меѓу кои се и оспорените одредби на член 153-ѕ став 2 точките 4 и 5.

6. Oд анализата на оспорената одредба на Законот за здравствена заштита член 153-ѕ став 2 точка 5 Судот смета дека се пропишува правна последица од осуда за кривично дело поткуп што се состои во губење на веќе стекнатото право за добивање на лиценци за работа па и за нивното времено или трајно одземање по сила на закон. Поради тоа, пред Судот ваквата законска формулација која претставува основ за прекин на извршување на дејноста на здравствените работници како вршители на самостојна дејност при укажувањето на здравствените услуги, се проблематизира.

Имено, Судот смета дека при оценувањето на уставноста на оспорените законски одредби основен критериум е постоењето на двата принципи на казненоправниот однос утврдени во членовите 13 став 1 и 14 став 1 од Уставот, а тоа се прво, дека казната може да се изрече само со судска одлука и второ, дека за извршено казниво дело на сторителот може да му се изрече казна што како таква е утврдена со закон или друг пропис. Тоа, значи дека согласно наведените уставни одредби казненоправниот однос се исцрпува на релација казниво дело и судски изречена казна за сторителот и дека натамошни последици од неговото извршување односно од осудата за тоа дело кои се состојат во ограничување на правата на граѓаните не се допуштени, освен ако тоа не е изречно утврдено со Уставот.

Судот утрди дека ако се има во предвид фактот дека со оспорените законски одредби се врши ограничување на правото за вршење на дејноста на здравствените работници при укажувањето на здравствените услуги, односно стекнување на основна лиценца и лиценца за работа за здравствените работници со високо образование од областа на медицината, стоматологијата и фармацијата, на лице кое било осудувано за кривично дело поткуп, ова ограничување не е последица што произлегува од извршувањето на изречената кривична санкција, односно казна, туку претставува дополнителна последица што граѓаните ја трпат по основ на осудуваноста, а која настапува по сила на закон.

Со оглед на наведеното пред Судот се постави прашањето за согласноста на оспорената одредба на член 153-ѕ став 2 точка 5 од Законот со членот 8 став 1 алинеи 1 и 3, член 13 став 1, член 14 став 1 и членот 51 од Уставот.

7. Согласно член 110 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија, меѓу другото, е надлежен да одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и колективни договори со Уставот и со законите.

Согласно член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.

Уставниот суд со Решение У.бр. 73/2005 од 5 октомври 2005 година не повел постапка за оценување на уставноста на член 153-ѕ во целина, а во тие рамки и на ставот 2 точка 4 на овој член од Законот за здравствената заштита, чија што содржина е неизменета.

Со оглед на тоа што за истата работа Судот веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување, Судот оцени дека иницијативата во делот во кој е оспорената одредба треба да се отфрли врз основа на член 28 алинеја 2 од Деловникот на Судот.

8. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.

9. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов, а во однос на точката 1 со мнозинство гласови.

У.бр.133/2009
3 март 2010 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски