У.бр.13/2001-а

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 23 април 2003 година, донесе

О Д Л У К А

1. СЕ УКИНУВААТ:

1.) Упатството за минимумот средства за лична и колективна заштита од воени дејства и други опасности (‘’Службен весник на РМ’’бр.26/93).

2.) Правилникот за пронаоѓање и уништување на неексплодирани убојни средства (’’Службен весник на РМ’’ бр.74/92).

2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.

3. Уставниот суд на Република Македонија по иницијатива на Стамен Филипов од Скопје, поведе постапка за оценување законитоста на актите означени во точката 1 од оваа одлука, бидејќи основано се постави прашањето за нивната согласност со Законот за Владата на Република Македонија и Законот за организација и работа на органите на државната власт.

4. Судот на седницата утврди дека врз основа на член 12 од Уредбата за организирање, подготвување и извршување на активностите и задачите на цивилната заштита во воена состојба и за формирање и подготвување на единиците и штабовите на цивилната заштита (‘’Службен весник на Република Македонија’’ бр.51/92), Владата го донела оспореното Упатство за минимумот средства за лична и колективна заштита од воени дејства и други опасности, а врз основа на член 39 од истата Уредба, министерот за одбрана го донесол осп орениот Правилник за пронаоѓање и уништување на неексплодирани убојни средства.

Согласно член 55 став1 од Законот за организација и работа на органите на државната управа, министерот донесува правилници, наредби, упатства, планови, програми, решенија и други видови акти за извршување на законите и други прописи, кога за тоа е овластен со закон.

Имајќи ја предвид наведената одредба од Законот, Судот оцени дека министерот за одбрана не може да биде овластен со уредба на Владата да донесува правилник со кој се уредува пронаоѓањето и уништувањето на неексплодираните убојни средства.

Согласно член 91 став1 алинеја 5 од Уставот, Владата на Република Македонија донесува уредби и други прописи за извршување на законите.

Законот за Владата на Република Македонија, во посебна глава ИЏ АКТИ НА ВЛАДАТА поточно во членот 35 определува дека за извршување на законите Владата донесува уредби со законска сила, уредби, одлуки, упатства, програми, решенија и заклучоци.

Понатаму во членот 36 од овој закон е определено што е предмет на уредување на секој акт на Владата посебно. Така во точката 4) од овој член е уредено дека со упатство Владата го пропишува начинот на работата на министерствата и органите на државната управа.

Не е спорно дека Владата може да носи упатства, меѓутоа ако се има предвид дека согласно Законот за Владата, Владата со упатство го пропишува начинот на работата на министерствата и органите на државната управа, произлегува дека Владата со уредба не може сама себе да се овласти да донесува упатства, кои не се однесуваат на начинот на работата на министерствата и органите на државната управа.

Тргнувајќи од природата на материјата што се пропишува со оспореното упатство на Владата, Судот оцени дека истата не може да биде предмет на уредување на упатство како вид на акт на Владата за кого со закон е децидно уредено дека со него Владата го пропишува начинот и работата на министерствата и органите на државната управа.

Освен тоа, Уредбата на Владата врз чија основа се донесени Правилникот и Упатството, престанала да важи, па Судот оцени дека оспорените Правилник и Упатство го изгубиле и основот за нивното донесување.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

6. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Суд от д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков и д-р ЈосифТалевски.

У. бр.13/2001–б
23 април 2003 год.
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Д-р Тодор Џунов