У.бр.13/1995

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија и член 71 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 1 февруари 1995 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА барањето на Ристо Маринчески од Скопје за заштита “на уставноста, законитоста, слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата”.

2. Ристо Маринчески од Скопје, судија на Окружниот стопански суд во Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе барање за заштита на основните права наведени во точката 1 од ова решение. Според наводите од барањето, подносителот на барањето, со обвинителен акт на Општинското јавно обвинителство-Скопје ХХКО.бр.450/93 од 6 јули 1993 година, бил обвинет за сторено кривично дело примање поткуп од член 181 став 1 од Кривичниот закон на Република Македонија. Пред тоа, на 12 февруари 1993 година тој бил лишен од слобода од страна на Управата за внатрешни работи на град Скопје, без да биде почитуван неговиот судски имунитет. Понатаму, против него била водена истражна постапка и бил покрената обвинителен акт без претходно да биде покрената постапка за одземање на судскиот имунитет пред Собранието на Република Македонија, односно без да биде претходно одземен имунитет од страна на Собранието на Република Македонија. Подоцна, Мандатно-имунитетската комисија го одбила барањето на Општинскиот суд Скопје 2 за дозволување да се води кривична постапка против судијата Ристо Маринчески.

Со тоа, според наводите од барањето, била повфедена слободата на уверувањето, слободата на совеста и слободата на мислата и јавното изразување на мислата, затоа што актите и постапката на органите на политицијата, на обвинителството и на судовите го довеле во сомневањ неговото дотогашно верување дека живее во држата што е правна по својот карактер, верувањето дека надлежните органи во својата работа ги почитуваат уставот и законите, затоа што псотапките на тие органи го ставиле под прашање неговото 25-годишно совесно вршење на судската должност и затоа што целиот случај за кој се обвинува дека примил поткуп е монтиран случај со цел да го ограничат неговото слободно судско мислење и уверување во некои случајни постапки што тој како судија ги водел.

3. Според член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија ги штити слободите и правата на човекот и граѓанинот што се однесуваат на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, политичкото здружување и дејствување и забраната на дискриминација на граѓаните по основ на пол, раса, верска, национална, социјална и политичка припадност.

4. Разгледувајќи го барањето, наведениот обвинителен акт на Општинското јавно обвинителство и Решението на Општинскиот суд Скопје 2 – Скопје со кое се одбива приговорот против обвинителниот акт, Судот утврди дека прашањата што се покренуваат со барањето спаѓаат во доменот на кривичната постапка, и тоа како во поглед а на прашањата поврзани со условите за определување притвор, така и во поглед на прашањето за условите, начинот и постапката за одземање на судскиот имунитет и натамошно водење на кривичната постапка, односно дека за заштита на законитоста на актите и дејствијата на надлежните органи во таа постапка предвидени се правни средства како нејзин составен дел. Според оценката на Судот, положбата на подносителот на барањето на обвинет во таа постапка и правните средства што му стојат на располагање во рамките на таа постапка, како и природата на кривичното дело за кое е обвинет, укажуваат дека прашањата што тој ги покренува во барањето не се непосредно поврзани со остварувањето на слободата на мислата и дека за тие прашања Уставниот суд на Република Македонија не е надлежен да одлучува.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.13/95).