У.бр.13/1992-1

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 112 од Уставот на Република Македонија и член 20 од Законот за основите на постапката пред Уставниот суд на Македонија и за правното дејство на неговите одлуки, по одржаната јавна расправа, на седницата одржана на 13 мај 1992 година, донесе

О Д Л У К А

1. СЕ УКИНУВА Уредбата за дополнителни услови за упис во судскиот регистар на претпријатијата и другите правни лица што вршат стопанска дејност (“Службен весник на РМ” бр.52/91 и 9/92).

2. Оваа одлука ќе се објави во “Службен весник на Република Македонија”.

3. Уставниот суд на Република Македонија, со Решение У.бр.13/92, донесено на седницата одржана на 4 март 1992 година, поведе постапка за оценување уставноста и законитоста на уредбата означена во точката 1 од оваа одлука, затоа што пред Судот се постави прашањето за нејзината согласност со Уставот и со закон.

4. На седницата и на јавната расправа Судот утврди дека оспорената одлука е донесена врз основа на член 1 од Законот за мерките кои може да се преземат заради спречување и отстранување на нарушувањата во стопанството во Република Македонија (“Службен весник на СРМ” бр.46/90), кој престанал да важи со влегувањето во сила на Законот за мерките што можат да се преземаат заради спречување и отстранување на нарушувањата на тековите на општествената репродукција на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.55/91).

Понатаму, Судот утврди дека според точка 1 од оспорената уредба се пропишуваат дополнителни услови за упис во судскиот регистар на претпријатијата и другите правни лица кои вршат стопанска дејност настанати со поделба, спојување на други претпријатија или со припојување кон други претпријатија. Според точка 2 со пријавата за упис субјектите на уписот се должни да достават и договор односно спогодба (делбен биланс), со кој се уредуваат меѓусебните односи што настанале со статусните промени.

Според точка 3 регистрираните претпријатија по извршените статусни промени, пред влегувањето во сила на Уредбата, се должни на регистарскиот суд да му достават договор, спогодба односно делбен биланс, а најдоцна до 31 декември 1991 година. Според точките 4 и 5 од Уредбата надлежните судови се должни да ја известат Службата на општественото книговодство кои претпријатија не ги доставиле наведените договори, спогодби односно делбени биланси, која е задолжена да ги блокира жиро-сметките на тие претпријатија.

5. Согласно член 8 став 1 алинеја 4 од Уставот на Република Македонија поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска е една од темелните вредности на уставниот поредок на Републиката. Според член 88 од Уставот Владата на Република Македонија е носител на извршната власт, која според член 91 алинеја 5 донесува уредби и други прописи за извршување на законите. Според член 98 од Уставот судовите се самостојни и независни и судат врз основа на Уставот и законите и меѓународните договори ратификувани во согласност со Уставот. Согласно член 52 став 4 од Уставот законите и другите прописи не можат да имаат повратно дејство, освен по исклучок, во случаи кога е тоа поповолно за граѓаните.

Со член 183 од Законот за претпријатијата, кој, согласно член 5 од Уставниот закон за спроведување на Уставот на Република Македонија, е преземен како републички, е утврдена обврската на претпријатијата за запишување во судскиот регистар, а со член 184 став 1 се утврдени околностите што се запишуваат во регистерот и тоа: основањето, организирањето и престанокот, како и статусните промени на субјектите на уписот. Со ставот 2 на оваа одредба се наброени фактите и податоците што се од значење за наведената содржина на уписот и тоа: фирмата, седиштето, дејноста, овластувањата во правниот промет со трети лица, видот и обемот на одговорноста во правниот промет со трети лица, имињата на лицата овластени за застапување, називот и седиштето на основачот, бројот и датумот на актот за основање и друго. Во судскиот регистар се запишуваат и други податоци и факти определени со закон. Според член 185 став 2 од Законот, пак, со уписот во судскиот регистар претпријатието стекнува правна и деловна способност.

Според член 73-в став 1 од Законот за постапката за упис во судскиот регистар (“Службен лист на СФРЈ” бр.13/83 и 17/90), кој, согласно член 5 од Уставниот закон за спроведување на Уставот на Република Македонија, е преземен како републички со надлежностите на органите утврдени со Уставот на Република Македонија, Владата на Република Македонија донесува поблиски прописи за содржината на пријавата за упис во судскиот регистар. за исправите и доказите што се приложуваат кон пријавата и за објавувањето на уписот.

Според членовите 4 и 10 од Законот за службата на општественото книговодство (“Службен лист на СФРЈ” бр.70/83, 16/86, 72/86, 54/87, 74/87, 37/88, 10/89, 57/89, 79/90 и 84/90) и членовите 7 и 8 од Законот за Службата на општественото книговодство на Република Македонија (“Службен весник на СРМ” бр.44/85 и 23/86), Службата за општественото книговодство е самостојна и независна организација која работи врз основа на Уставот и законите.

Од наведените уставни и законски одредби, според мислењето на Судот, произлегува дека во рамките на остварувањето на принципот на поделбата на власта, содржината на прописите што ги донесува Владата е ограничена на извршувањето на законите, односно со нив не може да се уредуваат односи кои по својот карактер се законска материја, ниту поинаку да се уредуваат односите што се уредени со закон. Од нив, исто така, произледува дека односите поврзани со уписот во судскиот ргистар (субјектите што се должни да се запишат во судскиот регистар, нивните права и обврски во врска со уписот, условите за остварувањето на тие права и обврски, какои податоците и фактите што се запишуваат во регистарот) се пропишуваат со закон, а овластувањата на Владата во оваа облст се ограничени на донесувањето поблиски прописи за содржината на пријавата и исправите и доказите што се приложуваат кон неа.

Судот смета дека обврската на претпријатијата за доставување делбен биланс пропишана со оспорената уредба претставува дополнителен услов за запишување во судскиот регистар, со оглед на правните последици што ги предизвикува а кои се изразуваат како губење на правата на субјектите на уписот во судскиот регистар што се стекнуваат со уписот (правото на субјектите на уписот да стекнуваат правна и деловна способност со денот на уписот во судскиот регистар). Судот, понатаму, смета дека таа обврска истовремено значи и менување на законски утврдените права и обврски што произлегуваат од уписот во судскиот регистар, а не само дополнување на доказите што се приложуваат кон пријавата за упис во судскиот регистар. Со тоа, според мислењето на Судот, со оспорената уредба се надминуваат рамките на овластувањата на Владата определени со закон.

Понатаму, Судот смета дека со пропишувањето обврски за регистарскиот суд и на Службата на општественото книговодство на тие органи им се утврдуваат права и обврски што се уредуваат само со Уставот и со закон.

Судот смета дека одредбата со која обврската дополнителните услови за упис во судскиот регистар да се однесува и на претпријатијата кои по денот на влегувањето во сила на оспорената уредба веќе се запишале во судскиот регистар според прописите што важеле на денот на уписот, и дава повратно дејство на Уредбата.

Со оглед на изнесеното, Судот оцени дека оспорената уредба не е во согласност со член 9 став 1 алинеја 4, член 52 став 4, член 88, член 91 алинеја 5 и член 98 од Уставот на Република Македонија, член 184 од Законот за претпријатијата, член 73-в од Законот за постапката за упис во судскиот регистар и членовите 7 и 8 од Законот за Службата на општественото книговодство во Република Македонија, поради што одлучи како во точката 1 од оваа одлука.