У.бр.130/2004

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 24 ноември 2004 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 101 став 1 алинеите 4 и 5 и ставот 3 во делот што се однесува за став 1 алинеите 4 и 5 на овој член од Законот за избор на пратеници во Собранието на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.42/2002, 50/2002-исправка и 46/2004).

2. Политичката партија “Демократски сојуз” и Марија Којзеклиска, Жарко Караџоски, Спиро Мавровски и Љупчо Балковски, сите од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесоа иницијатива за оценување на уставноста на одредбите од членот 101 од Законот означени во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата поднесена од политичката партија “Демократски сојуз” оспорените законски одредби не биле во согласност со член 62 став 4 од Уставот на Република Македонија, во кој е утврдено дека пратеникот не може да биде отповикан.

Со оглед на тоа што во Уставот не била дадена можност со закон да се утврди кога и под кои услови може предвремено да му престане мандатот на пратеникот, подносителот на оваа иницијатива смета дека законодавецот со оспорените законски одредби, без постоење на уставен основ и спротивно на уставната одредба за неотповикливост на пратеничката функција, предвидел законска можност за предврмен престанок на мандатот на пратеник.

Во второ поднесената иницијатива најпрво се наведува дека со оспорените одредби од Законот се повредувал Уставот на Република Македонија, во делот на престанување на мандатот на пратеникот.

Понатаму, во оваа иницијатива се наведува дека во Глава И од Законот се уредени начинот, условите и постапката за избор на пратеници, како што било пропишано во членот 62 став 5 од Уставот и дека со уредувањето на овие прашања биле почитувани член 16 став 1, член 20 и член 23 од Уставот.

Во оваа иницијатива, исто така, се наведува дека во Главата ВИИИ од Законот за избор на пратеници во Собранието на Република Македонија, членот 101 став 1 алинеите 1, 2, 3, 5 и 6 ги почитува одредбите на членовите 22 став 3, 63 став 5 и 65 од Уставот, затоа што во овие алинеи од членот 101 биле преточени означените уставни одредби. Конкретно, членот 101 став 1 алинеја 6 соодветствувала на членот 22 став 3 од Уставот, алинеите 1 и 2 соодвествувале на членот 65 од Уставот, а членот 63 став 5 од Уставот бил разработен во членот 6 и 7 од Законот.

За разлика од овие одредби, со алинеите 4 и 5 од став 1 на членот 101 од Законот целосно се негирал членот 8 став 1 од самиот закон, како и член 16 став 1, член 20, член 23 и член 65 од Уставот, со кои оспорените одредби од Законот биле во директна и целосна спротивност. Освен со нив, оспорените одредби на Законот биле во спротивност и со темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Како поткрепа за тоа, во оваа иницијатива се наведува дека во образложението на Предлогот за донесување на Законот за избор на пратеници во Собранието на Република Македонија и во Предлогот на овој закон не било содржано ништо во врска со оспорените одредби на членот 101 од Законот. Отсуството на образложение, за подносителот на оваа иницијатива значело дека Владата на Република Македонија како предлагач на овој закон не била во можност аргументирано и децидно да ја образложи потребата и основаноста за воведување на двата нови неуставни основи за престанок на мандатот на пратеник пред истекот на времето за кое е избран.

Поради сето напред наведено, во оваа иницијатива, како и во првата, се предлага Судот да поведе постапка за оценување на уставноста на оспорените законски одредби и истите да ги поништи.

3. Судот на седницата утврди дека според членот 101 став 1 алинеите 4 и 5 од Законот, на пратеникот му престанува мандатот пред истекот на времето за кое е избран, ако по неговото барање му престане членството во партијата или изјави дека преминува во друга политичка партија.

Според ставот 3 на истиот член од Законот, мандатот на пратеникот му престанува со денот на настапувањето на условите од ставот 1 алинеите 2, 3, 4, 5, 6 и 7, а Собранието тоа го констатира на првата наредна седница.

4. При оценување на уставноста на оспорените законски одредби, Судот ги имаше предвид следните уставни одредби:

Според членот 1 на Уставот на Република Македонија, Република Македонија е суверена, самостојна, демократска и социјална држава. Суверенитетот на Република Македонија е неделив, неотуѓив и непренослив.

Според членот 2 од Уставот, во Република Македонија суверенитетот произлегува од граѓаните и им припаѓа на граѓаните. Граѓаните во Република Македонија власта ја остваруваат преку демократски избрани претставници, по пат на референдум и други облици на непосредно изјаснување.

Во членот 8 од Уставот, како темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија, меѓу другите, се утврдени политичкиот плурализам и слободните непосредни демократски избори.

Понатаму, во рамките на граѓанските и политичките слободи и права, со членот 16 став 1 од Уставот се гарантира слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата.

Во членот 20 став 1 од Уставот, на граѓаните им се гарантира слободата на здружување заради остварување и заштита на нивните политички, економски, социјални, културни и други права и уверувања. Според ставот 2 на овој член од Уставот, граѓаните можат слободно да основаат здруженија на граѓани и политички партии, да пристапуваат кон нив и од нив да истапуваат.

Според членот 23 од Уставот, секој граѓанин има право да учествува во вршењето на јавни функции.

Според член 61 став 1 од Уставот, Собранието на Република Македонија е претставнички орган на граѓаните и носител на законодавната власт на Републиката.

Според член 62 став 1 од Уставот, Собранието го сочинуваат од 120 до 140 пратеници. Според ставот 2 на овој член од Уставот, пратениците се избираат на општи, непосредни и слободни избори со тајно гласање.

Според член 62 став 3 од Уставот, пратеникот ги претставува граѓаните и во Собранието одлучува по свое уверување.

Според член 62 став 4 од Уставот, во однос на кој посебно се оспоруваат предметните законски одредби, пратеникот не може да биде отповикан. Според ставот 5 на истиот член од Уставот, начинот и условите за избор на пратениците се уредуваат со закон што се донесува со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.

Според член 63 став 1 од Уставот, пратениците во Собранието се избираат за време од четири години. Според ставот 5 на истиот член, со закон се утврдува неспојливоста и неизберливоста на функцијата пратеник во Собранието со вршење на други јавни функции или професии.

Според член 65 став 1 и 2 од Уставот, пратеникот може да поднесе оставка, која ја поднесува лично на седница на Собранието. Според ставот 3 на истиот член, на пратеникот му престанува мандатот кога е осуден за кривично дело за кое е пропишана казна затвор во траење од најмалку пет години, а според ставот 4, на пратеникот може да му биде одземен мандатот кога е осуден за кривично или друго казниво дело што го прави недостоен за вршење на функцијата пратеник, како и за неоправдано отсуство од Собранието повеќе од шест месеци. Одземањето на мандатот го утврдува Собранието со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.

Од наведените уставни одредби произлегува дека Уставот на Република Македонија, определувајќи се уште во првите членови од основните одредби за граѓански концепт, за што јасно сведочи членот 2, според кој во Република Македонија суверенитетот произлегува од граѓаните и има припаѓа на граѓаните и дека граѓаните власта ја остваруваат преку демократски избрани претставници, по пат на референдум и други облици на непосредно изјаснување, Собранието на Република Македонија го дефинира како претставнички орган на граѓаните и носител на законодавната власт.

Утврдувајќи го Собранието како претставнички орган на граѓаните, Уставот во членот 62 став 2, 3 и 4 на недвисмислен начин го утврдил концептот на слободен мандат на пратениците, со следните карактеристики:

Прво, според членот 62 став 3 од Уставот, а во врска со член 61 став 1 од Уставот, пратеникот ги претставува сите граѓани на Република Македонија, а не само граѓаните од неговата изборна единица, ниту само оние кои гласале за него.

Второ, од членот 62 став 2 на Уставот произлегува дека односот меѓу граѓанинот, како суверен носител на власта и Собранието на Република Македонија како претставнички орган е непосреден, без какво било посредување. Оттука, согласно Уставот граѓаните секогаш независно од изборниот модел по кој се врши изборот на пратеници, избираат пратеници како свои претставници, а не како претставници на политички партии или други посреднички ентитети, па затоа и мандатот добиен од граѓаните му припаѓа само на пратеникот.

Трето, пропишувајќи дека пратеникот во Собранието на Република Македонија одлучува по свое уверување, Уставот на пратеникот му остава потполна слобода во одлучувањето и донесувањето на одлуките во Собранието на Република Македонија (што не е случај кај врзаниот, императивниот мандат), што од друга страна подразбира дека слободата на уверувањето на пратеникот не може да се ограничува со ништо и во ниеден случај.

Четврто, одредбата од членот 62 став 4 на Уставот за забрана на отповикување на пратеникот се надоврзува само како нужна консеквенца на претходните карактеристики на слободниот мандат, како негова уставно правна гаранција. Според оваа одредба, на пратеникот не може да му престане мандатот поради причини што може да се поврзат со неговите лични уверувања и неговите постапки засновани на таквите уверувања.

Имено, според оваа уставна одредба никој, вклучувајќи ги и граѓаните како извор на пратеничкиот мандат, не може да бара тој мандат да биде прекинат од причини на несогласување со политичките ставови на пратеникот, па и кога тие се менуваат во текот на траењето на мандатот. Ниту граѓаните, ни кој било друг, не може да се повикуваат на изневерени очекувања ако пратеникот во текот на мандатот ги промени политичките ставови или ветувања што ги презентирал во време на изборот. Слободниот мандат подразбира токму тоа пратеникот да не може да го изгуби мандатот и кога на изборите промовирал едни политички ставови, а за време на мандатот се определил за други. Според тоа, забраната за отповикување на пратеникот има апсолутен карактер во поглед на слободата на неговото уверување и служи како инструмент на концептот на слободен мандат.

Имајќи ја предвид ваквата природа и содржина на слободниот пратенички мандат и во тој контекст разгледувајќи ги оспорените законски одредби во однос на означените членови од Уставот, а посебно во однос членот 62 став 2, 3 и 4 од Уставот, во кој јасно е конципиран слободниот мандат на пратениците, Судот изрази основано сомневање во нивната уставност пред се од причини што оспорените законски одредби, според кои мандатот на пратеникот му престанува по сила на законот и тоа во моментот кога тој ќе ја напушти политичката партија од чија листа на кандидати е избран, не корспондираат во прв ред со концептот за слободниот претставнички мандат утврден во Уставот. Имено, според овој концепт мандатот на пратеникот не може да му престане ниту по волја на суверенот (граѓаните), а уште помалку по волја на друг субјект, како што е во конкретниот случај, по волјата на законодавецот и тоа поради промена на политички став, а следствено на тоа и промена на политичка партија.

Судот, исто така, смета дека со оспорените законски одредби не само што се врши ограничување на слободниот и независен мандат на пратениците, туку тоа значи и воведување на врзан мандат и тоа врзан не за граѓаните, туку за законодавецот и политичките партии што не одговара дури ни на концептот на врзан мандат.

Од друга страна, врзувајќи го мандатот на пратеникот со неговото членство во политичката партија од чија листа на кандидати е избран за пратеник, произлегува дека со оспорените законски одредби законодавецот и политичките партии во односите со пратениците се ставаат над електоратот, односно граѓаните кои непосредно ги избираат, но неможат да ги отповикуваат. Поради тоа, со овие одредби се доведува во прашање и остварувањето на уставниот концепт дека суверенитетот произлегува од граѓаните и им припаѓа на граѓаните.

Понатаму, со оспорените законски одредби, според мислењето на Судот се врши и директно ограничување на слободата на политичкото здружување и дејствување заради остварување на уверувањата на граѓаните, па и на пратениците, како и на нивното слободно пристапување и истапување од политичките партии, што е утврдено во членот 20 од Уставот.

Друг основ, односно причина за изразување на сомневање во уставноста на оспорените законски одредби е отсуството на уставно овластување со закон да се пропишуваат услови за престанок на мандатот на пратеник.

Имено, со оглед на тоа што во членот 65 од Уставот децидно се утврдени случаите и условите за престанок и одземање на мандатот на пратеник и не се остава можност со закон да се утврдуваат други услови, произлегува дека законодавецот без изречено уставно овластување не може да пропишува други, нови услови за престанок на мандатот на пратеник, како што тоа го сторил со оспорените законски одредби.

Поради наведените причини, пред Судот основано се постави прашањето за согласноста на оспорените законски одредби со означените одредби од Уставот.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.186/2002
У.бр.130/2004
24 ноември 2004 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова