У.бр.126/2001

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 20 февруари 2002 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за отстапување основни средства на користење на ЈКП “Илинден” Пробиштип бр.07-349/5 од 8.08.2000 година, донесена од Советот на Општина Пробиштип (“Службен гласник на Општина пробиштип” бр.33/2000).

2. Билјана Симонова, адвокат од Штип, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за оценување на уставноста и законитоста на актот означен во точката 1 од ова решение, од причини што со истиот се вршело пребивање на долг што Општината го имала спрема јавното комунално претпријатие, што од своја страна не било во согласност со низа уставни и законски одредби од повеќе причини. Основните средства кои се предмет на Одлуката, претставувале донација од социјално хуманитарен карактер доделена од страна на ОКСФАМ-УНХЦР како помош на локалната самоуправа, а со цел опремување на јавните комунални претпријатија. Со Одлуката, Општината ги отстапила овие средства на користење на јавното претпријатие заради вршење на неговата основна дејност, со тоа што истото ќе требало да го отпише целокупниот долг на општината спрема него. Со ваквото пребивање на долгот биле повредени повеќе одредби од Законот за здруженија на граѓани и фондации, Законот за локалната самоуправа, Законот за буџетите и членовите 8, 34, 35 став 1 и 2, член 55 став 2 и член 114 од Уставот на Република Македонија.

3. Судот на седницата утврди дека предмет на оваа одлука е отстапување на повеќе основни средства на користење на јавното комунално претпријатие “Илинден”-Пробиштип од страна на Општина Пробиштип. Во Одлуката е утврдено дека отстапените средства ќе се користат за вршење на основната дејност на јавното претпријатие, а за возврат тоа ќе го отпише целокупниот долг на локалната самоуправа спрема него, направен до донесувањето на Одлуката. Одлуката влегува во сила со денот на објавувањето во “Службен гласник на општина Пробиштип”.

4. Согласно член 110 алинеја 1 и 2 од Уставот, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Според член 28 од Деловникот на Уставниот суд, Судот ќе ја отфрли иницијативата, ако меѓу другото постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Во конкретниот случај, предмет на иницијативата е одлука донесена од Советот на Општина Пробиштип со која се врши отстапување на точно утврдени основни средства на јавно комунално претпријатие на користење без право на отуѓување или било какво оптоварување на истите по било кој основ. При тоа, во одлуката е наведено дека истите се отстапуваат на користење во “замена” на отпишување на целокупниот долг што Општината го има спрема јавното претпријатие.

Законските одредби на кои се повикува подносителот, а кои смета дека се повредени со оспорената одлука се однесуваат на карактерот на здруженијата на граѓани и фондации (како непрофитни организации кои не може да вршат стопанска дејност – со отстапување на донацијата, општината остварувала профит), на ненадлежност на Советот на општината и на градоначалникот да ги пребива долговите, приходот од донацијата не бил утврден со буџетот на општината, кој пак од друга страна не бил усогласен со Министерството за финансии.

Судот оцени дека со оваа одлука Општината не утврдува права, ниту обврски од општ карактер и со генерално дејство. Оваа одлука има за цел пренос на основни средства на користење на јавното комунално претпријатие како начин на решавање на еден должничко-доверителски однос што постои меѓу Општината и јавното претпријатие. Во однос на прашањето дали опремата е донација од невладина организација, дали општината требала или морала само да ја преотстапи на претпријатието, не врзувајќи ја за никакви други обврски и односи, Судот оцени дека тие не влијаат врз дефинирањето на природата и карактерот на Одлуката и како такви се ирелевантни за одлучувањето на Судот.

Оттука, Судот утврди дека во конкретниот случај се работи за акт кој не претставува пропис за кој Судот е надле`ен да одлучува. Со оглед на тоа што се работи за акт кој не е подобен за уставно-судска оцена, Судот утврди дека не постојат процесно-правни претпоставки за одлучување по иницијативата.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од Претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.

У.бр.126/2001
20 февруари 2002 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Тодор Џунов