У.бр.125/2009

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 алинеја 4 од Уставот на Република Македонија и членовите 65 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 16 декември 2009 година, донесе

О Д Л У К А

1. СЕ УТВРДУВА дека Основниот суд Штип е надлежен орган за постапување по предлогот за поставување на привремен управител на Друштвото за производство, промет и услуги ИМОБИЛИЈАРЕ-СИСТЕМ ДООЕЛ – Свети Николе, поднесен од АД ЦЕНТРО – во стечај од Скопје.

2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на нејзиното објавување во „Службен весник на Република Македонија“.

3. АД ЦЕНТРО – во стечај од Скопје, преку полномошникот Панче Ефтимов адвокат од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе предлог за решавање судир на надлежност настанат помеѓу Основниот суд Штип и Централниот регистар на Република Македонија.

Според подносителот на предлогот, Уставниот суд на Република Македонија треба да определи кој орган е надлежен за постапување по прeдлогот за поставување на привремен управител на ИМОБИЛИЈАРЕ-СИСТЕМ ДООЕЛ – Свети Николе, затоа што Апелациониот суд од Штип со Решение ТСЖ бр. 46/2009 од 4 февруари 2009 година го отфрлил предлогот на предлагачот и го огласил Основниот суд Штип за ненадлежен да постапува по истиот. Предлогот за поставување на привремен управител на наведеното друштво бил отфрлен и со конечно решение на Комисијата за жалби на Централниот регистар под број 15-59/2 од 22 мај 2009 година со образложение дека Централниот регистар не е надлежен за поставување на привремен управител, туку дека за тоа е надлежен судот.

Со оглед на тоа што со наведените акти наведените органи се огласиле за ненадлежни за постапување по предлогот на подносителот за поставување на привремен управител на Друштвото за производство, промет и услуги ИМОБИЛИЈАРЕ – СИСТЕМ ДООЕЛ од Свети Николе, според подносителот постои судир на надлежност кој Уставниот суд на Република Македонија треба да го разреши, односно да го определи надлежниот орган за постапување по предлогот за поставување на привремен управител на наведеното друштво.

4. Постапувајќи по поднесениот предлог Судот утврди дека подносителот на предлогот, АД ЦЕНТРО – во стечај од Скопје, преку полномошникот Панче Ефтимов, адвокат од Скопје, на 31 декември 2008 година до Основниот суд Штип поднел предлог за поставување на лицето Велко Мароски од Скопје, за привремен управител на Друштвото за производство, промет и услуги ИМОБИЛИЈАРЕ–СИСТЕМ ДООЕЛ од Свети Николе.

Основниот суд во Штип со Решение Рл.бр. 1/09 од 15 јануари 2009 година предлогот за поставување на Велко Мароски од Скопје за привремен управител на наведеното друштво го одбил како неоснован. Во образложението на Решението Судот навел дека привремен управител може да биде поставен само од редот на содружниците, а со оглед на тоа што лицето Велко Мароски не бил запишан како содружник на ИМОБИЛИЈАРЕ – СИСТЕМ ДООЕЛ Свети Николе, туку бил поранешен вработен на АД ЦЕНТРО увоз-извоз Скопје, тој не можел да биде поставен за привремен управител на ИМОБИЛИЈАРЕ–СИСТЕМ ДООЕЛ од Свети Николе.

Второстепеното решение странката го примила на 16 февруари 2009 година.

Незадоволен од ваквото решение, подносителот на барањето АД ЦЕНТРО-во стечај, поднел жалба до Апелациониот суд Штип во која го побива првостепеното решение на Основниот суд Штип Рл. бр.1/09 поради суштествена повреда на одредбите на постапката, погрешно и нецелеосно утврдена фактичка состојба и погрешна примена на материјалното право.

Постапувајќи по жалбата, Апелациониот суд Штип со решение ТСЖ бр. 46/2009 година од 4 февруари 2009 година, го преиначил првостепеното решение и го огласил Основниот суд Штип за ненадлежен да постапува по предлогот на предлагачот. Според образложението на Решението, Апелациониот суд оценил дека надлежен за постапување по предлогот е Централниот регистар на Република Македонија. Ова од причина што со воведувањето на едношалтерскиот систем на територијата на Република Македонија, трговскиот регистар и регистарот на други правни лица од 1 јануари 2006 година го води Централниот регистар, при што започнатите постапки за упис до 21 декември 2005 година ќе се завршат пред надлежниот суд, а по овој датум постапката ќе се врши пред Централниот регистар.

Подносителот на барањето потоа до Централниот регистар на Република Македонија, на 18 февруари 2009 година, поднел предлог за поставување на привремен управител.

Централниот регистар на Република Македонија, со Заклучок бр. 0807-9/1075/2 од 13 март 2009 година ја прекинал постапката по предлогот за поставување на привремен управител на ИМОБИЛИЈАРЕ-СИСТЕМ ДООЕЛ од Свети Николе, се до завршување на започнатата постапка за упис во трговскиот регистар заведена во Основниот суд Штип. Во образложението на Заклучокот, Централниот регистар наведува дека бараниот упис во голема мера зависи од решавање на претходно прашање – завршување на постапката по предметот П.трег. 738/01 во Основниот суд Штип за промена на содружник со пренос на удел и сопственост над удел кај друштвото ИМОБИЛИЈАРЕ-СИСТЕМ ДООЕЛ од Свети Николе.

Незадоволен од Заклучокот на Централниот регистар, подносителот на предлогот, на 25 март 2009 година поднел жалба до Комисијата за жалби на Централниот регистар во која го побива заклучокот поради суштествени повреди на постапката, погрешно утврдена фактичка сосотјба и погрешна примена на материјалното право.

Решавајќи по жалбата против Заклучокот 0807-9/1075/2 на Централниот регистар, Комисијата за жалби на Централниот регистар донела Решение бр. 15-59/2 од 22 мај 2009 година со кое го поништила наведениот заклучок на Централниот регистар и предлогот за поставување на привремен управител на друштвото ИМОБИЛИЈАРЕ-СИСТЕМ ДООЕЛ од Свети Николе го отфрлил со образложение дека само судот може да постави привремен управител, односно дека Централниот регистар не е надлежен за поставување на привремен управител, туку дека тој врши само запишување на поставениот управител од страна на надлежниот суд. Решението на Комисијата за жалби е конечно и против него не е дозволена жалба.

5. Според член 110 алинеја 4 од Уставот, Уставниот суд решава за судир на надлежност меѓу носителите на законодавната, извршната и судската власт.

Согласно член 62 од Деловникот на Уставниот суд, предлог за решавање на судир на надлежност меѓу носителите на законодавната, извршната и судската власт и меѓу органите на Републиката и единиците на локалната самоуправа може да поднесе секој од органите меѓу кои настанал судир. Предлог може да поднесе и секој што поради прифаќањето или одбивањето на надлежноста на одделни органи не може да оствари свое право.

Според член 63 став 2 од Деловникот, субјектите од член 62 на овој Деловник, кои поради прифаќање или одбивање на надлежност не можат да остварат свое право, предлогот за решавање на судирот на надлежност може да го поднесат откако и двата органа ја прифатат или ја одбијат надлежноста со конечен или правосилен акт.

Во член 64 од Деловникот е предвидено дека предлогот за решавање на судир на надлежност содржи предмет на спорот поради кој и настанал судирот, органите меѓу кои настанал судир и означување на конечните односно правосилни акти со кои органите ја прифаќаат или одбиваат надлежноста да одлучува по ист предмет.

Според член 65, пак, од Деловникот со одлука со која решава за судирот на надлежност, Уставниот суд го определува надлежниот орган за одлучување по предметот.

Имајќи го предвид наведеното, Судот оцени дека основ за негово постапување во конкретниов случај претставува постоење на конечен акт на Комисијата за жалби на Централниот регистар на Република Македонија и правосилен акт на Апелациониот суд во Штип со кои двата органи се огласиле за ненадележни за постапување, односно дека постои негативен судир на надлежност, и дека во конкретниот случај за постапување по предлогот за поставување на привремен управител на Друштвото за производство, промет и услуги ИМОБИЛИЈАРЕ-СИСТЕМ ДООЕЛ од Свети Николе е надлежен Основниот суд во Штип.

До ваквото становиште Судот дојде врз основа на следново:

Од утврдената фактичка состојба произлегува дека по предлогот за поставување на привремен управител на наведеното друштво одлучувале четири органи и дека сите тие, во одлуките што ги донеле, изразиле различно правно становиште за природата на правната работа.

Основниот суд во Штип како првостепен суд, предлогот за поставување на привремен управител го ценел согласно членот 233 став 2 од Законот за трговските друштва, според кој судот е тој што треба да го определи привремениот управител, и се впуштил во мериторно одлучување, но утврдил дека предложеното лице не ги исполнува законските услови да биде поставено за привремен управител.

Апелациониот суд во Штип, во своето Решение, утврдил поинаков правен став. Имено, овој суд сметал дека во конкретниот случај предлогот на подносителот претставува всушност барање за упис на привремен управител во трговскиот регистар, кој го води Централниот регистар, поради што и донел Решение со кое го огласил Основниот суд Штип за ненадлежен за постапување.

Централниот регистар на Република Македонија одлучувајќи во прв степен, предлогот на подносителот го сметал за предлог за запишување на привремен управител на наведеното друштво, кој упис зависел од решавањето на претходно прашање – односно завршување на постапката по друг предмет кој се водел во Основниот суд Штип.

Комисијата за жалби на Централниот регистар, пак, оценила дека со предлогот се бара Централниот регистар да постави привремен упавител на друштвото, за што Централниот регистар не бил надлежен, туку бил надлежен судот.

Според оценката на Судот, во конкретниот случај правилно постапиле Основниот суд во Штип и Комисијата за жалби на Централниот регистар кои поднесениот предлог го ценеле како предлог за поставување на привремен управител на друштвото, а не како предлог, односно пријава за упис на привремен управител и според тоа, правилно заклучиле дека треба да се применат одредбите од членовите 232 и 233 од Законот за трговските друштва.

Согласно член 232 став 1 од Законот за трговските друштва („Службен весник на Република Македонија“ бр. 28/2004, 84/2005, 25/2007 и 87/2008), за избор на управител одлучуваат содружниците, Согласно член 233 став 2 од овој закон, ако друштвото остане без управител, а содружниците не избрале управител во рок од 30 дена од денот кога друштвото останало без управител, надзорниот одбор, односно контролорот свикува собир на содружниците. Ако друштвото нема орган на надзор, собирот на содружниците ќе биде свикан од судот на предлог на кое било лице кое има правен интерес. Судот во рок од осум дена од приемот на предлогот ќе ги определи физичкото лице и рокот во којшто тоа лице ќе ги презема сите дејствија потребни за одржување на собирот на содружниците. Ако друштвото остане без управител, до изборот на нов управител, судот може, на предлог на содружник или на лице кое има правен интерес, да постави привремен управител од редот на содружниците на друштвото, не подолго од шест месеци. Привремениот управител, до изборот на управител ги врши само неодложните работи.

Согласно член 234 од Законот, управителот, неговото овластување за застапување на друштвото и сите промени, без одлагање, се запишуваат во трговскиот регистар.

Според член 82 од Законот за трговските друштва („Службен весник на Република Македонија“ бр.28/2004, 84/2005, 25/2007 и 87/2008) трговскиот регистар како јавна книга содржи податоци и прилози (исправи и докази) за субјектите на уписот за кои уписот е пропишан со закон.

Според член 86 од Законот трговскиот регистар го води Централниот регистар на Република Македонија.

Во членот 87 од Законот е предвидено дека постапката за упис во трговскиот регистар се води според посебна управна постапка утврдена со прописите за едношалтерскиот систем.

Во членот 182 од Законот е утврдено кои податоци се запишуваат во трговскиот регистар, при што покрај другото, согласно точката 7 од наведениот член се запишува името и презимето на управителот на друштвото.

Со Законот за едношалтерскиот систем и за водење на трговскиот регистар и регистар на други правни лица се уредува едношалтерскиот систем, водењето на трговскиот регистар и регистар на други правни лица од страна на Централниот регистар на Република Македонија во писмена и електронска форма.

Според член 32 од Законот, постапката за упис во регистарот се поведува со поднесување на пријава за упис до канцеларијата на Централниот регистар, освен ако со друг закон поинаку не е определено.

Во членот 33 од Законот е определена содржината на пријавата за упис, при што во ставот 1 е пропишано дека пријавата за упис се поднесува на пропишан образец кој ги содржи податоците што согласно со закон се запишуваат во соодветниот регистар. Ако не е пропишан образец, пријавата за упис се поднесува како поднесок во којшто се наведуваат податоците коишто според закон се запишуваат во регистарот. Согласно ставот 2 на овој член од Законот, кон пријавата за упис се приложуваат прилозите определени со закон според видот на уписот, односно податокот што се запишува во регистарот и доказот за уплатениот надоместок на трошоците.

Според член 67 став 1 од Законот, единствениот трговски регистар на територијата на Република Македонија ќе се воспостави до 31 декември 2005 година.

Од 1 јануари 2006 година Централниот регистар го презема од надлежните судови водењето на трговскиот регистар, заедно со преносот на запишаните податоци кои што се водат во трговскиот регистар на Основниот суд Скопје 1 – Скопје, Основниот суд во Битола и Основниот суд во Штип.

Во точките 3 и 4 од член 67 од овој закон, е утврдена динамиката на пренос на запишаните податоди од трговскиот регистар што се водел во основните судови во трговскиот регистар што ќе го води Централниот регистар на Република Македонија.

Според член 70 став 1 од Законот, започнатите постапки за упис во Трговскиот регистар до 31 декември 2005 година ќе се завршат врз основа на прописите според кои се започнати.

Според став 3 на овој член од Законот, Судот по завршената постапка за упис без одлагање ќе го достави решението со целокупната документација до Централниот регистар.

Од наведените одредби од двата закони, произлегува дека поставувањето на привремен управител на друштво и уписот на привремениот управител на друштвото во Централниот регистар, се всушност две различни правни ситуации, кои се во надлежност на различни органи. За првата – поставување на привремен управител – надлежен е суд, а за втората – упис на поставениот привремен управител во регистарот – надлежен е Централниот регистар. Во првиот случај, формалниот акт со кој што се бара постапување од надлежниот орган е предлог за поставување на привремен управител од страна на надлежниот суд, додека пак во вториот случај барањето до Централниот регистар се доставува во форма на пријава на пропишан образец согласно Законот за едношалтерскиот систем и за водење на трговски регистар и регистар на други правни лица како и Правилникот за формата и содржината на обрасците за упис во трговскиот регистар и регистарот на други правни лица („Службен весник на Република Македонија“ бр. 115/2005 и 101/2006). Тоа впрочем произлегува и од одредбите од членовите 32 и 33 на наведениот закон, според кои постапката за упис во регистарот се поведува со поднесување на пријава со упис, кон која се приложуваат прилозите определени со закон според видот на уписот (во конкретниот случај таков прилог би бил судската одлука со која судот го определува привремениот управител на друштвото), како и од член 234 од Законот за трговските друштва, според која управителот, неговото овластување за застапување и сите промени, се запишуваат во трговскиот регистар, а кон пријавата за упис се приложуваат, документи пропишани со овој член од Законот, меѓу кои е и одлуката за избор на управителот.

Впрочем со самото тоа што во член 233 од Законот за трговските друштва се пропишани и определени услови кога може да се определи привремен управител (на чиј предлог, од редот на кои лица, за колкав период и со какви овластувања), произлегува дека и утврдувањето на исполнувањето на овие услови е во надлежност на судот. Овие услови не може да ги цени Централниот регистар, кој е надлежен само да запишува факти кои се неспорни, без да ја испитува законитоста и вистинитоста на содржината на прилозите (исправите и доказите) што се поднесуваат при упис во регистрите, ниту да ја испитува законитоста на постапката во која тие се донесени, што произлегува од член 39 став 2 од Законот за едношалтерскиот систем и за водење на трговскиот регистар и регистарот на други правни лица.

Од утврдената фактичка состојба и правната анализа, Судот утврди дека во конкретниот случај надлежен за постапување по предлогот за поставување на привремен управител на Друштвото за производство, промет и услуги ИМОБИЛИЈАРЕ-СИСТЕМ ДООЕЛ од Свети Николе, поднесен од АД ЦЕНТРО-во стечај од Скопје, е Основниот суд Штип.

6. Со оглед на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

7. Оваа одлука Судот ја донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите д-р Наташа Габер Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.125/2009
16 декември 2009 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски