У.бр.123/2013

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992) на седницата одржана на 28 мај 2014 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на член 45 од Тарифниот систем за продажба на топлинска енергија („Службен весник на Република Македонија“ бр.99/2013).

2. Стамен Филипов од Скопје до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на одредбата од Тарифниот систем означен во точката 1 од ова решение.

Според подносителот на иницијативата оспорената одредба можела да биде пропишана само и единствено со закон, но не и со Тарифниот систем за продажба на топлинска енергија, затоа што согласно членот 51 став 2 од Уставот, секој е должен да ги почитува Уставот и законите, но не и подзаконските акти, како означениот. Тоа значело, дека во овој случај, Регулаторната комисија на енергетика, спротивно на Уставот, ја превзела законодавната функција.

Исто така, ниту една норма во правниот поредок не можела да се заснова на претпоставката „од било која причина не му пристигнала фактура до 15-ти во тековниот месец“ и потрошувачот со подзаконски акт да биде задолжен од снабдувачот да бара изготвување на копија од истата. За правото во Република Македонија, најтрагично било што, во спротивно, ќе се сметало дека фактурата била уредно доставена, поради што се поставувало прашањето во каква правна сигурност се наоѓал потрошувачот. Подносителот на иницијативата поставува прашање, во кој рок потрошувачот ќе ја плател фактурата кога не му била доставена, и како тој можел да поднесе приговор кога фактурата не му пристигнала? Ова било во спротивност со членовите 88 и 89 од Законот за општата управна постапка.

Во поткрепа на тврдењето на наводите за неодржливост на оспорената одредба во правниот поредок подносителот на иницијативата посочува на одлуките на Судот донесени во постапката по предметите У.бр.152/2008 и У.бр.121/2010.

Врз основа на наведеното произлегувало дека одредбата не била во согласност со член 8 став 1 алинеи 3 и 4, член 51, член 61 став 1 и член 68 став 1 алинеја 2 од Уставот, со Законот за енергетика, како и со членовите 88 и 89 од Законот за општата управна постапка, поради што се предлага Судот да поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста, а потоа одредбата да ја поништи.

3. Судот на седницата утврди според член 45 став 1 од Тарифниот систем за продажба на топлинска енергија, потрошувачот на кој, од било која причина, не му пристигнала фактура до 15-ти во тековниот месец, должен е од снабдувачот да бара изготвување на копија од истата. Во спротивно ќе се смета дека фактурата била уредно доставена.

Според член 45 став 2 од Тарифниот систем, потрошувачот е должен да ја плати фактурата во определениот рок.

Според член 45 став 3 од истиот акт, на доставената фактура потрошувачот може да поднесе писмен приговор во рок од 15 дена по приемот на истата.

4. Согласно член 8 став 1 алинеи 3 и 4 од Уставот, владеењето на правото и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска се едни од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Според член 51 од Уставот во Република Македонија законите мора да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Според член 61 став 1 од Уставот, Собранието на Република Македонија е претставнички орган на граѓаните и носител на законодавната власт во Републиката. Според член 68 став 1 алинеја 2 од Уставот, Собранието на Република Македонија донесува закони.

Во конкретниот случај со оспорената одредба се предвидува должност на потрошувачот да побара изготвување на копија на фактурата за испорачана топлинска енергија, доколку истата од било која причина не му пристигнала до 15-ти во тековниот месец. Потрошувачот е должен да ја плати фактурата во определен рок и истиот има право на писмен приговор на доставената фактура во рок од 15 дена по приемот на истата.

Според подносителот на иницијативата, секој е должен да ги почитува Уставот и законите, согласно членот 51 од Уставот, но не и подзаконските акти како што е Тарифниот систем за продажба на топлинката енергија донесен од Регулаторната комисија. Според Судот вака изнесените наводи се неосновани од причина што правниот систем го сочинуваат Уставот и законите, но и подзаконските акти, донесени во функција на доразработка на законите, или во овој случај во функција на доразработка на Законот за енергетика, од каде произлегува дека и подзаконските акти, исто така, подлежат на почитување.

Од друга страна, во смисла на одредбите од Законот за енергетика, (член 15) Регулаторната комисија за енергетика е независно тело, со својство на правно лице кое ги регулира прашањата поврзани со вршењето на енергетските дејности определени со наведениот закон.

Согласно член 22 точка 2 од Законот, Регулаторната комисија, меѓу другото, донесува прописи и тарифни системи и донесува или одобрува методологии за формирање на тарифи за регулираните енергетски дејности.

Согласно член 25 став 1 од Законот, со тарифните системи за пренос или дистрибуција на електрична енергија, топлинска енергија или природен гас и услугите што ги обезбедува операторот на пазарот на електрична енергија се определува начинот на утврдување на тарифите за регулираните услуги врз основа на приходите определени со примена на соодветните методологии од членот 24 став 1 на овој закон.

Според член 28 став 1 од Законот, регулаторната комисија за енергетика за секој вид енергија и природен гас донесеува одделни правила за снабдување со електрична енергија, топлинска енергија и природен гас.

Според членот 28 став 2 точки 1 и 2 од Законот, со правилата од ставот 1 на овој член поблиску се уредуваат општите услови и начинот на снабдување, како и меѓусебните права, обврски и одговорности на снабдувачот, потрошувачот на соодветен вид енергија или природен гас и операторот на соодветниот систем, а особено: условите, начинот и рокот на склучување на договорот за продажба на соодветниот вид енергија или природен гас (точка 1); како и начинот на пресметка, фактурирање и наплата на испорачаната енергија или природен гас и услугите за користење на преносните, односно дистрибутивните мрежи (точка 2).

Врз основа на направената анализа на одредбите од Законот за енергетика произлегува дека законодавецот препушта точно определена проблематика да биде разработена и доуредена во подзаконските акти што ги носи Регулаторната комисија, како што е овде случај, поради што Судот оцени дека во иницијативата несновано се тврди дека постои повреда на членот 8 став 1 алинеја 4 од Уставот. Исто така, од цитираните одредби произлегува дека меѓусебните права и обврски на снабдувачот со топлинска енергија и на потрошувачот се предмет на договорен однос, а начинот на пресметка, фактурирање и наплата на испорачаната енергија, законодавецот остава да биде предмет на поблиско доуредување со Правилата за снабдување со топлинска енергија.

Инаку, плаќањето на обврската за испорачана топлинска енергија се врши со фактура, која по својата природа е финансов документ издаден од давателот на услугата врз основа на кој пак примателот на услугата врши плаќање.

Бидејќи подносителот на иницијативата наведува дека оспорената одредба не била во согласност и со член 88 и 89 од Законот за општата управна постапка („Службен весник на Република Македонија“ бр.38/2005, 110/2008 и 51/2011) Судот направи анализа на одделни одредби од наведениот закон.

Имено, во Главата V, членови 75 до 101 од Законот за општата управна постапка е уредено доставувањето на писмената.

Според членот 78 од наведениот закон, доставувањето на писменото (поканата, решението, заклучоците и на другите службени списи) се врши на следниве начини: со предавање од страна на органот, по пошта и со јавна објава.

Според ставот 2 од истиот член од Законот, доставувањето се врши според редоследот утврден во ставот 1 на овој член.

Во членот 88 став 1 од Законот за општата управна постапка е пропишано дека, доставување на физичко лице се врши, по правило, во станот на лицето на адресата која е заведена во неговата лична карта, во деловна просторија или во работилница, каде што е вработено лицето, а на адвокат во неговата адвокатска канцеларија, а ако такви простории нема, на такво лице доставувањето може да му се изврши секаде каде што ќе се затече тоа.
Кога лицето на кое треба да му се изврши доставување не се затече во својот стан, доставувањето се врши со предавање на писменото на некој од полнолетните членови на неговото домаќинство (став 2).

Ако доставувањето се врши на работното место на лицето на кое писменото треба да му се достави, а тоа лице не се затече тука, доставувањето може да му се изврши на лицето кое е вработено на истото работно место, ако тоа се согласи да го прими писменото (став 3).

Доставувањето на адвокат може да се изврши и со предавање на писменото на лице вработено во адвокатската канцеларија (став 4).

Доставувањето според ставовите 2 и 3 на овој член не може да му се изврши на лице кое во истата постапка учествува со спротивен интерес (став 5).

Според член 89 став 1 од Законот за општата управна постапка, доставувањето мора да му се изврши лично на лицето на кое му е наменето писменото кога такво доставување е определено со овој закон или со друг пропис, кога од денот на доставувањето почнува да тече рокот кој не може да се продолжува, или кога тоа особено ќе го определи органот што го наредил доставувањето. Се смета дека е извршено лично доставување на адвокат и со предавање на писменото на лице вработено во адвокатската канцеларија.

Од анализата на цитираните одредби од Законот за општата управна постапка во корелација со оспорената одредба произлегува дека фактурата, по својата природа и намена е документ сосема различен од писмената што се доставуваат во управната постапка, од каде произлегува дека оспорената одредба не може да се проблематизира од аспект на нејзината согласност со членовите 88 и 89 од наведениот закон.

Што се однесува до наводите дека потрошувачот противуставно и противзаконито се задолжувал да побара изготвување на копија на фактурата во случаите кога истата нема да му пристигне до 15-ти во месецот, како и тоа дека во спротивно ќе се смета дека фактурата му е уредно доставена од досегашната уставно-судска практика по предметот У.бр.80/2013 (формиран по иницијатива на Стамен Филипов) Судот, по однос на ваквата формулација оценил дека не може да се проблематизира од уставен аспект.

Имено, со решение У.бр.80/2013 од 22 јануари 2014 година Судот, меѓу другото, не повел постапка за оценување на уставноста и законитоста на член 20 став 3 од Правилата за снабдување со топлинска енергија, број 01-1302/1 од 30 јули 2012 година („Службен весник на Република Македонија“ бр.97/2012) донесени од Регулаторната комисија за енергетика на Република Македонија.

Во оспорениот член 20 став 3 од Правилата е утврдено дека доколку потрошувачот од било која причина најкасно до 15-ти во месецот, не добие сметка – фактура за претходниот месец, должен е истата да ја побара од снабдувачот, во спротивно ќе се смета дека фактурата му била навремено доставена.

Според Судот, оспорените одредби претставуваат разработка на член 28 од Законот за енергетика, според кој со Правилата се уредуваат особено начинот на пресметка, фактурирање и наплата на испорачаната енергија или природен гас и услугите за користење на преносните, односно дистрибутивните мрежи. Со оспорената одредба според тоа на единствен начин се уредува плаќањето за извршената услуга за снабдување со топлинска енергија кој важи за сите потрошувачи.

Оспорената одредба од Тарифниот систем за продажба на топлинска енергија има слична содржина со оспорените одредби кои биле предмет на уставно-судска анализа во постапката по предметот У.бр.80/2013. Оттаму, и во овој случај Судот смета дека нема повреда на член 8 став 1 алинеи 3 и 4, член 51, член 61 став 1 и член 68 став 1 алинеја 2 од Уставот.

По однос на наводот од иницијативата дека во сега оспорената одредба не било јасно во кој рок потрошувачот ќе ја плател фактурата што не му пристигнала судот оцени дека е неоснован од причина што станува збор за побарувања што доспеваат за плаќање во точно определен договорен, вообичаен период, кој на потрошувачот му е однапред познат. Впрочем и во претходно испорачаните фактури постои означен период за доспевање на побарувањето кој скоро секогаш е идентичен. Исто така, Судот оцени дека правото на приговор од членот 45 став 3 од Тарифниот систем се однесува на приговор по однос на елементите содржани во доставената фактура, што само по себе не значи дека потрошувачот не може да приговара и во случаите кога фактура не му пристигнала, токму поради овие околности.

Вака направената анализа покажа дека подносителот на иницијативата неосновано укажува на уставно-судската практика по предметите У.бр.152/2008 каде интервенцијата на Судот била заради недоволно јасниот основ за промена на статусот на застапникот на даночниот должник во гарант или пак нов даночен должник. Исто така, неосновано се укажува на уставно-судската практика по предметот У.бр.121/2000 каде интервенцијата на Судот била заради сметањето на рокот за водење на управен спор од ден на објавување на одлуката за разрешување на државниот правобранител во „Службен весник на Република Македонија“, кој момент не се поклопува со сознанието за постоењето на ваков акт.

Врз основа на наведеното Судот оцени дека членот 45 од Тарифниот систем за продажба на топлинска енергија е во согласност со член 8 став 1 алинеи 3 и 4, член 51, член 61 став 1 и член 68 став 1 алинеја 2 од Уставот, со одредбите од Законот за енергетика, како и со член 88 и 89 од Законот за општата управна постапка.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Елена Гошева и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.123/2013
28 мај 2014 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева