У.бр.1/2015

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 алинеја 3 и 51 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992) на седницата одржана на 27 мај 2015 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА барањето на Славе Димитров од Скопје за заштита на слободите и правата на граѓанинот од член 110 алинеја 3 повредени со Пресуда на Основниот суд Скопје 1 Скопје ХХV К.бр.2171/14 донесена на 16 декември 2014 година.

2. Славе Димитров од Скопје до Уставниот суд на Република Македонија поднесе барање за заштита на слободите и правата на граѓанинот од член 110 алинеја 3 повредени со Пресуда означена во точката 1 од ова решение.

Според наводите на подносителот на барањето со Пресудата на Основниот суд Скопје 1 Скопје ХХV К.бр.2171/14 донесена на главен, јавен и устен претрес на 16.12.2014 година му се повредувала и ограничувала уставната слобода на изразување од сферата на уметничкото убеду­вање, на која според член 10 од Европската конвенција за заштита на човековите права и основните слободи секој човек има право.

Според подносителот на барањето со наведената Пресуда биле повредени: темелните вредности на уставниот поредок утврдени во член 8 од Уставот, член 11, член 16, член 25, член 47, член 50, член 54, член 98, член 110 и член 118 од Уставот, член 10 од Европската конвенција за заштита на човековите права и основните слободи, Бернската конвенција за заштита на литературните и уметничките дела, член 14, член 116, член 135 и член 137 од Законот за авторско право и сродни права. Воедно, според подносителот на барањето со Пресудата не биле почитувани и одредбите од Правилникот за заштита на авторските права и распределбата на авторски надоместоци (член 4, 25 точките 2 и 5 и член 38 став 4).

Понатаму, подносителот наведува дека здружението за авторски и музички права ЗАМП и директорот кој бил овластен да ги застапува пред корисниците на неговите авторски права не постапил во рамките на даденото овластување.

Со побиваната Пресуда обвинетите: Здружението за заштита на авторски музички права од Скопје и Зоран Васковски биле ослободени од обвинение согласно член 368 точка 1 од Законот за кривичната постапка кои во повеќе наврати во текот на 2002, 2003, 2004, 2005 посег­нале по туѓо авторско право, на начин што наспроти уредно определе­ната категоризација на авторските дела од страна на Славе Димитров, злоупотребувајќи ги дадените законски овластувања за застапување на авторските имотни интереси, без негово барање или дозвола ги прекатегоризирале неговите авторски дела со што ја намалиле висината на бодовите на користените авторски дела на оштетениот при што прибавиле поголема имотна корист од 3.272.811,05 денари на штета на авторот Славе Димитров со што сториле по едно продол­жено кривично дело – Повреда на авторското право и сродните права од член 157 став 1 и 3, в.в. со член 45 од Кривичниот законик.

Согласно член 102 став 3 од Законот за кривична постапка оштетениот, сега подносител на барањето се упатува дека своето имотно правно барање може да го остварува во спор.

Во барањето подносителот ги наведува изведените докази и решителните факти врз основа на кои била донесена побиваната Пресуда, при што Основниот суд Скопје 1 Скопје при одлучувањето во целост го ингнорирал Уставот, Законот за авторските права и сродните права („Службен весник на Република Македонија“ бр.47/1996 и неговите измени) Статутот на правното лице и Правилникот за заштита на авторските права), а Пресудата ја засновал на Деловникот за работа на Одборот на ЗАМП и покрај фактот што истиот немал карактер на закон ниту на подзаконски акт, со кој може да се уреди постапка, а не права кои се утврдуваат со закон.

Понатаму, подносителот на барањето наведува дека Основниот суд Скопје 1 Скопје при одлучување воопшто не ги земал предвид одредбите од Европската конвенција за заштита на човековите права и основни слободи (член 10 ) ниту праксата на Европскиот суд за човекови права, со што му била повредена неговата индивидуална и интелектуална врска со негово дело која е заштитена со член 14 и 15 од Законот за авторско право и сродните права и Уставот.

Со оглед на наведеното, според подносителот на барањето Основниот суд Скопје 1 Скопје неоправдано се става во заштита на обвинетото правно лице – Здружението за заштита на авторски музички права ЗАМП од Скопје и со побиваната Пресуда го дерогирал авторското право односно слободата на изразување во уметноста на подносителот „слободно да избира и определува за конкретен жанр на своето авторско дело“.

3. Судот на седницата, а од увидот во Пресудата ХХV К.бр.2171/14 донесена на 16.12.2014 година од Основниот суд Скопје 1 Скопје утврди дека:

Основниот суд Скопје I Скопје, постапувајќи по супсидијар­ниот обвинителен акт на оштетениот како тужител Славе Димитров од Скопје, против обвинетите: Здружението за заштита на авторски и музички права ЗАМП, и обвинетиот Зоран Васковски од Скопје преци-зиран за кривично дело Повреда на авторското право и сродни права по член 157 став 4 в.в со став 1 в.в со член 45 од Кривичниот законик по одржан главен, јавен и усмен претрес на 16 декември 2014 година донел Пресуда со која обвинетите: 1. Здружение за заштита на авторски музички права ЗАМП со седиште во Скопје, 2. Зоран Васковски – директор на стручната служба на Здружението за заштита на авторски музички права, согласно член 368 точка 1 од Законот за кривичната постапка се ослободуваат од обвинението.

Обвинетите: Здружение за заштита на авторски и музички права во свое име и Зоран Васковски како одговорно лице во правното лице во повеќе наврати и тоа од 2000 до 2005 година посегнале по туѓо авторско право на начин што наспроти уредно определената категори­зација на авторските права, од страна на оштетениот (подносител на барањето) Славе Димитров со Нотарски акт ОДУ.бр.75/00 од 26.07.2000 година, злоупотребувајќи ги дадените законски овластувања за застапу­вање на авторските имотни интереси на Славе Димитров, без негово барање или дозвола, ги прекатегоризирале неговите авторски дела, со што ја намалиле висината на бодовите на користените авторски дела на оштетениот, при што прибавиле значителна имотна корист од 3.272.811,05 денари, а на штета на авторот Славе Димитров, со кои дејствија обвинетите би сториле кривично дело: Повреда на авторско право и сродни права по член 157 став 4 в.в. со став 1 в.в. со член 45 од Кривичниот законик, затоа што делото за кое се обвинуваат не е кривично дело според законот.

Согласно член 93 став 3 од Законот за кривичната постапка, оштетениот како тужител се задолжува да плати 1.500,00 денари на име судски паушал.

Согласно член 102 став 2 од Законот за кривичната постапка, оштетениот Славе Димитров од Скопје се упатува дека своето имотно правно барање може да го остварува во спор.

Во образложението на Пресудата се наведува дека оштетениот како тужител Славе Димитров до Основниот суд поднел супсидијарен обвинителен акт насловен како предлог против обвинетите: Здружение за заштита на авторските музички права ЗАМП и Зоран Васковски за кривично дело: Повреда на авторско право и сродни права од член 157 став 1 и 4 в.в. со член 45 од Кривичниот законик со предлог обвинетите да бидат огласени за виновни и казнети според Закон и предјавеното имотно правно побарување кое ќе го оспорува во спор.

Овластениот претставник на правното лице Здружение за заштита на авторски музички права ЗАМП, Скопје, Борче Нечевски во својата одбрана навел дека од страна на обвинетото правно лице не е сторено предметното кривично дело од причини што во целост е постапувано согласно законски донесените акти на правното лице и тоа Статутот на ЗАМП и Одлуката донесена од страна на Управниот одбор на Собранието, а во согласно со нив постапувал и Одборот за заштита кој бил формиран од страна на автори и тоа во рамките на управните тела на ЗАМП и во пропишана постапка за донесување на одлуки. Исто така, авторите при пријавување на своите дела пополнувале образец т.н. „пријава за дело“ со наведување на податоци кои се бараат со истиот, а потпишаниот пополнет образец го разгледувал Одборот за заштита кој бил составен од три члена. Авторот, пак, од своја страна има право кога сака да се информира за тоа на кој начин била извршена категоризаци­јата на неговите дела или ако не е задоволен има право да приговара во смисла на прекатегоризација доколку има основ за тоа.

Обвинетиот Зоран Васковски во својата одбрана навел дека поднесеното обвинение против него било неосновано, од причина што неговите надлежности како директор на стручната служба, произлегу­вале од Статутот на ЗАМП според кој тој одговара на Управниот одбор. Воедно, обвинетиот се повикал и на други акти и тела во ЗАМП, при што, навел дека поените и категоријата на делата се определени во Правилникот за распределба при што никој на тужителот Славе Димитров не му го одзел правото на еден званичен акт на Здружението да го категоризира и жанрот на делото кое што го доставил. Подносителот во сите пријави навел дека „се е музика“ и категоризирано со највисоки поени.

Бранителот на обвинетите во завршниот збор предложил за обвинетите правното лице и Зоран Васковски, да се донесе ослободи­телна пресуда бидејќи се работело за правна ситуација во која на прав­ното лице му се ставиле на товар дејствија, кои претставувале граѓанско-правен однос, а додека обвинетиот, одговорното лице Зоран Васковски не било лице со овластување кое според актите на здружението презело дејствија кои што претставувале суштина на битието на кривично дело од член 157 за кое се товари.

Понатаму, бранителот на обвинетите се осврнал на прашањата кои биле поставени од страна на Апелациониот суд и за истите дал одговор.

Постапувајќи по предметното обвинение на одржаниот главен претрес, Основниот суд ги испитал обвинетите, а во доказната постапка како сведок го сослушал тужителот и ги прочитал и извршил увид во списите.

Ценејќи ги доказите секој поединиечно и во врска со другите докази Судот нашол дека делото за кое се обвинуваат обвинетите не е кривично дело според Законот.

Во правната поука на Пресудата е предвидено дека против оваа пресуда може да се изјави жалба во рок од 15 дена по приемот на истото.

Во понатамошната постапка е утврдено дека подносителот на барањето Пресудата ја добил на 23 декември 2014 година, а на 30 декември 2014 година поднел барање за заштита на слободи и права.

4. Со членот 50 од Уставот на Република Македонија, е утврдено дека секој граѓанин може да се повика на заштита на слободите и правата утврдени со Уставот пред судовите и пред Уставниот суд на Република Македонија во постапка заснована врз начелото на приоритет и итност. Исто така, се гарантира судска заштита на законитоста на поединечните акти на државната управа и на другите институции што вршат јавни овластувања.

Согласно членот 110 алинеја 3 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија, ги штити слободите и правата на човекот и граѓанинот што се однесуваат на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, политичкото здружување и дејствување и забраната на дискриминација на граѓаните по основ на пол, раса, верска, национална, социјална и политичка припадност.

Согласно членот 51 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, секој граѓанин што смета дека со поединечен акт или дејство му е повредено право или слобода утврдени со член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, може да бара заштита од Уставниот суд во рок од 2 месеци од денот на доставувањето на конечен или правосилен поединечен акт, односно од денот на дознавањето за преземање дејство со кое е сторена повредата, но не подоцна од 5 години од денот на неговото преземање.

Во конкретниов случај, подносителот на барањето смета дека со наведената Пресуда му била повредена слободата на изразувањето во сверата на уметничкото убедување.

Од поднесеното барање, увидот во Пресудата, како и дополнителниот одговор на Основниот суд Скопје 1 Скопје, видно проилегува дека наведената Пресуда не е правосилна врз основа на која може да се бара заштита за сторена повреда на слободи и права, утврдени со член 110 алинеја 3 од Уставот, бидејќи постапката по изјавената жалба во време на поднесување на барањето и сега се уште е во тек.

Со оглед на тоа што подносителот на барањето смета дека со Пресудата на Основниот суд му е сторена повреда на слободи и права од член 110 алинеја 3 од Уставот,која не е правосилен акт, во смисла на член 51 од Деловникот на Уставниот суд, произлезе дека во конкретниот случај, не постојат процесни претпоставки за постапување по барањето односно дека се исполнети условите од член 28 алинеја 3 од Деловникот, за отфрлање на истото.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Елена Гошева и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.1/2015
27 мај 2015 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева