У.бр.119/2011

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 3 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992), на седницата одржана на 29 ноември 2011 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1.СЕ ОТФРЛА барањето на Магдалина Ицова од с.Нижеполе-Битола за заштита на слободите и правата на човекот и граѓанинот од член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, што се однесуваат на слободата на уверувањето и забраната на дискриминација по основ на верска припадност.

2. Магдалина Ицова од с.Нижеполе – Битола на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе барање за заштита на слободите и правата на човекот и граѓанинот од член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, што се однесуваат на слободата на уверувањето и забраната на дискриминација по основ на верска припадност.

Подносителката на барањето наведува дека на 10 мај 2011 година починал нејзиниот татко Љупчо Ицов од Кавадарци и дека негова последна желба била погребот да му го извршат свештенослужители од Охридската архиепископија на која тој и’ припаѓал и во која барателката била монахиња. Заради тоа, таа истиот ден го посетила началникот на Полициската станица во Кавадарци и укажала дека може да настане кршење или попречување на нејзините верски права како и на верските права на членовите на нејзиното семејство што им припаѓале според Уставот на Република Македонија, со оглед дека свештениците од МПЦ кои биле дежурни во градската капела и’ кажале дека ќе го употребеле сиот нивен „авторитет“ да го спречат погребувањето на нејзиниот татко од свештеници на Охридската архиепископија.

Наредниот ден, на 11 мај 2011 година, на денот на погребот, на барање на семејството на починатиот, во градската капела дошле свештенослужители од Охридската архиепископија Епископот брегалнички г. Марко, свештеникот Иринеј Стефановски и ѓаконот Јордан Марков. Веднаш по нивното влегување во капелата се појавил управителот на Јавното претпријатие и дрско им се заканил да не го вршат опелото на покојникот бидејќи такво право имала само МПЦ и дека во спротивно ќе го повикал обезбедувањето да го спречи опелото. Со оглед дека началникот на Полициската станица во Кавадарци, на повик на семејството на починатиот, не дошол во капелата, семејството одлучило опелото да се изврши на самото гробно место на покојникот. Но, управителот на Јавното претпријатие најнапред им се заканил на членовите на семејството дека не дозволува ни на гробот да биде извршено опелото ако тоа не го правеле свештеници на МПЦ, а по започнувањето на опелото го испратил обезбедувањето, со што создал мрачна и мизерна атмосфера односно жалоста од упокојувањето ја продлабочил до неиздржливост наметнувајќи го начинот на погребувањето што тој го определил. По настанатото туркање и викање, началникот на Полициската станица испратил неколкумина полицајци, но тие само ја набљудувале караницата за време на погребувањето и не ја спречиле таквата атмосфера. Дејствијата, пак, на Агенцијата за обезбедување се состоеле во туркањето и викањето.

Подносителката на барањето смета дека со наведените дејствија и’ биле нарушени граѓанските права загарантирани со членовите 16 и 19 од Уставот на Република Македонија, како и правата опишани во член 18 од Универзалната декларација за човекови права и утврдени во член 9 од Европската конвенција за човекови права, поради што бара нивна заштита од Уставниот суд на Република Македонија како надлежна институција.

На 25 октомври 2011 година подносителката на барањето ги достави до Уставниот суд кривичната пријава што ја доставила до Јавниот обвинител во Кавадарци против началникот на Полициската станица во Кавадарци, управникот на Јавното претпријатие во Кавадарци и управата на Агенцијата за обезбедување поради кршење на член 137 став 1 вв со став 2 од Кривичниот законик (повреда на рамноправноста на граѓаните), како и Решението КО бр.277/11, донесено од Јавниот обвинител во Кавадарци на 5 септември 2011 година, со кое е отфрлена наведената кривична пријава бидејќи Јавниот обвинител оценил дека пријавеното дело не било кривично дело кое се гони по службена должност. Притоа, подносителката на барањето го замолува Уставниот суд да го земе предвид и означеното решение наведувајќи дека Уставниот суд треба да го разреши прашањето дали членовите 16, 19 и 110 од Уставот на Република Македонија важат и за припадниците на нерегистрираните верски заедници, па и за припадниците на Охридската архиепископија на која припаѓа и таа, или тие членови важат само за оние кои се определиле да припаѓаат на некоја верска заедница.

3.Судот на седницата утврди дека од наводите на подносителката на барањето, од една страна, и од наводите на правните субјекти вклучени во спорните настани, од друга страна, неспорно произлегува дека подносителката на барањето на 10 мај 2011 година се обратила до Полициската станица во Кавадарци укажувајќи дека можат да настанат недоразбирања околу погребот на нејзиниот починат татко. Исто така, произлегува дека на 11 мај 2011 година на гробното место на покојникот присуствувале, покрај другите, лица од т.н. Охридска архиепископија кои според подносителката на барањето биле свештенослужители и кои започнале верски обред, како и дека настанало туркање и викање меѓу тие лица од една страна и вработените во Агенцијата за обезбедување на Градските гробишта во Кавадарци од друга страна, на кој настан присуствувале полициски службеници од Полициската станица во Кавадарци без да учествуваат во споменатите дејствија.

Според наводите на Владата на Република Македонија и Комисијата за верските заедници и религиозни групи, кои се надлежни за спроведувањето на Законот за правна положба на црквата, верските заедници и религиозни групи („Службен весник на Република Македонија“ бр.113/2007), т.н. Охридската архиепископија не е регистрирана во Единствениот регистар на цркви, верски заедници и религиозни групи и поради тоа нема својство на правно лице, а според наводите на Јавното претпријатие „Комуналец“ во Кавадарци не им бил покажан доказ дека т.н. Охридска архиепископија има својство на правно лице.

Покрај тоа, од Решението У.бр.184/2009 и Решението У.бр.118/2010, донесени од Уставниот суд на Република Македонија на 9 септември 2009 година и на 15 декември 2010 година, произлегува дека т.н. Охридска архиепископија во практика не ги презема, ниту вложува напори во насока на исполнување, формалните законски барања потребни заради нивна регистрација пред надлежниот суд а кои се задолжителни подеднакво за сите граѓани, туку без да постапи по укажувањата на надлежните судови ги проследува своите барања до сите според неа релевантни инстанци. Со други зборови, т.н. Охридска архиепископија не била а приори одбиена во смисла на тоа дека нема право да регистрира верска заедница, туку дека одбивањето на регистрацијата била поради неисполнување на условите определени со Законот.

4. Според член 8 став 1 алинеја 1 од Уставот, основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот се темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија.

Според член 9 од Уставот, граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба (став 1). Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви (став 2).

Според член 16 став 1 од Уставот, се гарантира слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата.

Според член 19 од Уставот, се гарантира слободата на вероисповеста (став 1) и се гарантира слободно и јавно, поединечно или во заедница со други, изразување на верата (став 2).

Според член 68 став 1 алинеја 2 од Уставот, Собранието на Република Македонија, кое е претставнички орган на граѓаните и носител на законодавна власт на Републиката (член 61 став 1 од Уставот), донесува закони.

Со Законот за правната положба на црква, верска заедница и религиозна група („Службен весник на Република Македонија“ бр.113/2007) се уредуваат основањето и правниот статус на црквата, верската заедница и религиозната група, уредувањето на богослужба, молитва и верски обред, верска поука и образовни дејности, приходи од црквата, верската заедница и религиозната група, како и други прашања (член 1 став 1).

Според член 2 од наведениот закон, црква, верска заедница и религиозна заедница, во смисла на овој закон, е доброволна заедница на физички лица кои со своето верско убедување и изворите на нивното учење ја остваруваат слободата на вероисповедта соединети по вера и идентитет изразен со подеднакво извршување на богослужба, молитва, обреди и друго изразување на верата (став 1). Верски службеник е лице кое е во служба и со своето верско убедување и припаѓа на црква, верска заедница и религиозна група и врши верско –обредни, просветни, организациски и добротворни активности во согласност со нормите на врховниот орган на својата регистрирана црква, верска заедница и религиозна група, кои се во согласност со Уставот, законите и правните прописи на Република Македонија (став 2).

Во член 8 од Законот се определува дека со закон може да се ограничи слободата на изразување на религијата или убедувањето доколку тоа е неопходно во интерес на јавната сигурност, поредокот, здравјето, моралот или заштита на правата и слободите на другите.

Според член 9 став 1 од Законот, црква, верска заедница и религиозна група се запишуваат во Единствениот судски регистар на црквите, верските заедници и религиозните групи, со што стекнуваат својство на правно лице.

Во членовите 12 и 13 од Законот се определуваат условите и начинот на запишување на црква, верска заедница и религиозна група во Единствениот судски регистар, а во членовите 11 и 14-17 од Законот се утврдува дека Основниот суд Скопје II во Скопје е надлежен суд за водење на Единствениот судски регистар за црквите, верските заедници и религиозните групи, како и времетраењето и начинот на запишувањето и бришењето од Регистарот.

Според член 18 ставовите 1 и 2 од Законот, религиозниот култ се врши во верски објекти како храм, џамија, молитвен дом, синагога, на гробишта и во други простории на црква, верска заедница и религиозна група, а може да се врши и да се практикува и во други простории и јавни места. Според став 3 од истиот член на Законот, богослужба, молитва и други манифестации на верата во верски објект или на места од ставовите 1 и 2 може да организира и да врши верски службеник од црква, верска заедница и религиозна група во Република Македонија или со нивна дозвола.

Слободата на уверувањето и слободата на вероисповеста се уредени и со член 18 од Универзалната декларација за човекови права според кој секој има право на слобода на мислата, совеста и религијата и секој има право да ја промени својата религија или убедување, како и слободно индивидуално или во заедница со други луѓе, приватно или јавно, да ја манифестира својата религија или убедување преку подучување, практикување, одржување служби или обреди. Според член 29 став 2 од наведената декларација, при користењето на своите права и слободи секој ќе подлежи само на такви ограничувања какви што се определени со закон, со единствена цел да се осигура должното признавање и почитување на правата и слободите на другите и со цел да се задоволат предметните барања во врска со моралот, јавниот ред и општата благосостојба во едно демократско општество.

Изнесените слободи и права се уредени, исто така, и со член 9 од Европската конвенција за заштита на човековите права и основни слободи така што се определува дека секој има право на слобода на мислата, совеста и верата. Ова право ја вклучува слободата на промена на верата и убедувањето, како и слободата на изразување на својата вера или убедување, сам или заедно со другите, јавно или приватно, преку богослужба, поука, проповеди, верски обреди и ритуали. Слободата на изразувањето на својата вера или на своите убедувања може да биде предмет само на оние ограничувања што се предвидени со закон и кои претставуваат мерки во интерес на јавната безбедност, поредокот, здравјето и моралот или заштита на правата и сободите на други, неопходни во едно демократско општество.

Од изнесените уставни одредби произлегува дека темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија се основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот, дека Уставот ги гарантира слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата и слободата на вероисповеста односно слободно и јавно, поединечно или во заедница со други, изразување на верата, дека граѓаните се еднакви меѓу себе во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба, а еднакви се и пред Уставот и законите, и дека Уставот препуштил со закон да се врши конкретизација на општествените односи во уставните рамки. Универзалната декларација за човекови права и Европската конвенција за заштита на човековите права и основните слободи предвидуваат дека слободата на мислата, совеста и верата може да биде ограничена со закон заради остварување на јавна безбедност, заштита на поредокот, здравјето и моралот или заштита на правата и слободите на другите.

Од изнесените законски одредби произлегува дека црква, верска заедница и религиозна група е доброволна заедница на физички лица кои се соединети по вера и идентитет и кои тоа го изразуваат со подеднакво извршување на богослужба, молитва, верски обред и други облици на изразување на верата и дека верски службеник е лице кое со своето верско убедување и’ припаѓа на црквата, верската заедница и религиозната група и кое ги врши, покрај другото, верските обреди согласно на нормите на врховниот орган на својата регистрирана црква, верска заедница и религиозна група, кои се во согласност со Уставот, законите и правните прописи на Република Македонија. Законот определува дека црквите, верските заедници и религиозните групи се запишуваат во Единствениот судски регистар под услови, на начин и во постапка уредени со Законот, а определува и дека верскиот обред го врши верски службеник од црква, верска заедница и религиозна група во Република Македонија или со нивна дозвола.

Во конкретниот случај, подносителката на барањето се повикува на повредата на слободата на уверувањето и на дискриминација по основ верска припадност настанати со напред наведените дејствија и бара Уставниот суд тие слободи да и’ ги заштити, иако на нив им претходи исполнување на законските услови и спроведување на начинот и постапката пропишани со Законот заради запишување на црквата, верската заедница и религиозната група во Единствениот судски регистар, кои се задолжителни подеднакво за сите граѓани и за кои досега не се вложени напори иако се дадени прецизни наводи за тоа што треба да се направи.

Имајќи го предвид изнесеното, Судот утврди дека во конкретниот случај не се исполнети процесните претпоставки за впуштање на Судот во мериторно одлучување по барањето, поради што одлучи согласно на член 28 алинеја 3 од Деловникот на Судот.

5.Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6.Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот Бранко Наумоски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова, Владимир Стојаноски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.119/2011
29 ноември 2011 год.
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски