У.бр.119/2002

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92) на седницата одржана на 2 април 2003 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на член 4 став 3, член 6 став 3, член 25 став 2, член 33 став 3, член 39 став 2, член 44 став 7 во делот “плаќањето на долгот за контролни марки”, членот 58 и членот 63 став 3 од Законот за акцизите („Службен весник на Република Македонија“ бр. 32/2001).

2. Стамен Филипов од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за оценување уставноста на Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата, министерот за финансии не можел да одлучува за обезбедување на плаќањето на акцизниот долг ниту, пак, за ослободувањето од плаќањето на таа обврска, туку дека овие прашања требало да бидат уредени исклучиво со закон.

Инаку, подносителот на иницијативата не ги појаснува причините поради кои акцизна дозвола може да стекне само лице против кое не е покрената постапка за стечај, односно ликвидација.

3. Судот на седницата утврди дека согласно член 4 став 3 од Законот министерот за финансии донесува поблиски прописи во врска со примената на ставот 2 на овој член, доколку тоа е потребно за обезбедување на даночните принципи. Согласно, пак, член 6 став 3 од Законот, акцизна дозвола може да стекне лице само против кое не е покрената постапка за стечај, односно ликвидација.

Во членот 25 став 2 од Законот е предвидено дека министерот за финансии донесува поблиски прописи за примената на одредбите од овој член (според кој добрата подлежни на акциза се ослободуваат од акциза во случаи кога: се користат како проба за анализа, за неопходни производствени тестови или научни цели; се уништуваат под даночен надзор; се денатурираат под даночен надзор; се користат за научно – истражувачки цели; патникот ги носи со себе од странство во својот личен багаж, ако не се од комерцијална природа и минерални масла и гас кои се наоѓаат во стандардните резервоари на моторни возила или авиони кои доаѓаат од странство и не се наменети за натамошна продажба и се ослободени од плаќање увозни давачки согласно со царинските прописи).

Согласно членот 33 став 3 од Законот, министерот за финансии донесува посебни прописи за случаите од ставовите 1 и 2 на овој член (тоа се посебните случаи што не се сметаат за производство на минерални масла). Членот 39 став 2 од Законот, предвидува дека министерот за финансии донесува поблиски прописи за начинот и постапката за остварување на ослободувањата (за алкохол и алкохолни пијалоци).

Според членот 44 став 7 од Законот министерот за финансии донесува поблиски прописи во врска со подигнувањето на контролни марки, плаќањето на долгот за контролни марки како и нивната форма, содржина и начинот на нивното издавање. Согласно членот 58 поблиски прописи за спроведување на овој закон, донесува министерот за финансии. И на крај, членот 63 став 3 од Законот предвидува дека министерот за финансии донесува поблиски прописи за постапката на пробивање и начинот на докажување на условите за користење на правото на пробивање на акцизата содржана во залихите.

Членот 63 став 3 од Законот предвидува дека министерот за финансии донесува поблиски прописи за постапката на пробивање и начинот на докажување на условите за користење на правото на пробивање на акцизата содржана во залихите.

4. Согласно членот 95 став 1 од Уставот, државната управа ја сочинуваат министерства и други органи на управата и организации утврдени со закон.

Согласно членот 96 од Уставот, органите на државната управа работите од својата надлежност ги вршат самостојно врз основа и во рамките на Уставот и законите и за својата работа се одговорни пред Владата.

Во членот 55 став 1 од Законот за организација и работа на органите на државната управа е предвидено дека министерот донесува правилници, наредби, упатства, планови, програми, решенија и други видови акти за извршување на законите и други прописи кога е за тоа овластен со закон.

Од изнесените уставни и законски одредби, произлегува дека министерството за финансии е едно од органите на државната управа, кое работите од својата надлежност ги извршува врз основа и во рамките на Уставот и законите.

Во тој контекст, врз основа на Законот за организација и работа на органите на државната управа, министерот е овластен да донесува акти за извршување на законите.

Во конкретниов случај овластувањата на министерот да донесува поблиски прописи за примена на Законот за акцизите, всушност значи дека тие прописи ги носи во функција на операционализација на овој закон.

Поконкретно кажано, министерот не донесува прописи со кои воведува права и обврски со дејство ерга омнес , туку со нив ја уредува примената, начинот и постапката и спроведувањето на законот (во случајов Законот за акцизите).

Што се однесува до прашањето за условувањето на добивањето на акцизна дозвола со тоа што против лицето што ја бара, да не е покрената постапка за стечај, односно ликвидација, Судот смета дека наводите во иницијативата се неосновани.

Имено, според Судот, оваа одредба претставува еден вид, превенција со што се спречува можноста на лицата кои се склони да вршат кривични дела од оваа област тоа да го сторат.

Од тие причини, Судот оцени дека елиминирањето на претпоставената опасност од ризик кој го носи лицето спрема кое е во тек стечајната постапка, не може да се оквалификува како ограничување на правото на стекнување на акцизна дозвола, туку, има превентивна улога.

Ова дотолку повеќе што при отварањето на постапката за ликвидација и стечај, лицето го задржува правниот субјективитет независно од тоа што таквиот субјективитет е ограничен.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.

У.бр.119/2002
2 април 2003 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Д-р Тодор Џунов