Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 алинеа 3 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992) на седницата одржана на 14 ноември 2012 година, донесе
О Д Л У К А
1. СЕ ОДБИВА барањето на Славчо Десподов од Делчево за заштита на слободата и правото на јавно изразување на мислата повредени со Пресуда К.бр.490/11 од 25 ноември 2011 година на Основниот суд Струмица и Пресуда КЖ.бр.177/12 од 12 април 2012 година на Апелациониот суд во Штип.
2. Оваа одлука ќе се објави во „Службен весник на Република Македонија“.
3. Славчо Десподов од Делчево на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе барање за заштита на слободите и правата од член 110 алинеја 3 од Уставот што се однесуваат на слободата на уверувањето, мислата и јавното изразување на мислата, повредени со пресудите наведени во точката 1 од оваа одлука.
Во барањето се наведува дека со Пресудата К.бр.490/11 на Основниот суд Струмица, а потврдена со Пресуда КЖ.бр.177/12 на Апелациониот суд во Штип биле повредени начелото на владеење на правото од член 8 алинеја 3 од Уставот, слободата на правото на јавно изразување на мислата и ограничување на правото на одбрана пред суд во одбрана на спорот гарантирани со член 11 од Уставот на Република Македонија како и со Европската Конвенција за заштита на човековите права и слободи. Ова од причина што подносителот на барањето во 2011 година во Основниот суд во Делчево поднел приватна тужба за надомест на штета против физичко лице од Делчево по правосилна пресуда за навреда. Од за него непознати причини Основниот суд во Делчево се прогласил за ненадлежен, а Апелациониот суд во Штип предметот го отстапил на Основниот суд Кочани.
Во судот во Кочани, спротивната страна го ангажирала адвокатот Душко Симов од Делчево кој пред само неколку месеци бил разрешен од судија во Основниот суд Делчево. На двете одржани расправи пред судот во Кочани и ако мојата тужба беше по основ надомест на штета по правосилна пресуда за навреда, адвокатот Душко Симов и во одговор на тужбата и на расправите постојано кон мене се однесуваше со иронија, провокации и навреди поради освета сметајќи дека во неговото разрешување од судија имал придонес и тој како основач и претседател на невладино здружение за заштита на човековите права. И покрај фактот што постоеше правосилна пресуда за Навреда со кој е докажано дека тужениот ме повредил, адвокатот Симов упорно настојувал да го убеди судот дека не му е нарушена честа и угледот. Кулминација на таквото однесување на адвокатот Симов било кога на главната расправа во завршниот збор по кој знае кој пат го навредил дека: „самиот сум виновен за тоа што неговиот клиент и уште неколку соучесници објавиле текст полн со лаги и навреди кон мене во дневен весник и дека секој треба да си ги чува честа и угледот !!!???. На ваквата навреда во мојот завршен збор морав да реагирам соодветно и кажав „Дегутантно е за чест и углед да зборува разрешен судија“ на кои зборови адвокатот не реагирал, а не реагирал ни предметниот судија со што сметав дека приказната е завршена. Меѓутоа на последниот ден од 3 месеци, адвокатот Симов се сетил дека сум го навредил и ми поднесе тужба за навреда во Основниот суд во Делчево.
Меѓутоа, игрите и злоупотребата на судската власт и грубо кршење на одредбите од законите почнуваат. Имено користејќи ги врските што ги има кај колегите од штипското апелационо подрачје спротивно на член 26 од Законот за кривична постапка и ако делот „Навреда“ е сторена во Основниот суд Кочани Апелациониот суд во Штип го одредуваат Основниот суд во Струмица да постапува по предметот. Дека не се работи за никаква повреда и заштита на честа и угледот туку за стекнување на материјална корист адвокатот Душко Симов го истакнува уште во самото тужбено барање каде бара надомест на штета во висина од 300.000,00 денари. На првото рочиште адвокатот неосновано пред судот на самата расправа изрече тешки обвинувања наведувајќи дека сум се заканувал нему и на неговото семејство со ликвидација, дека повеќе пати сум му поднесувал кривични пријави и обвинителни акти како судија и слично. И покрај тоа што инсистирав сите овие тешки клевети да влезат во записник предметниот судија не го стори тоа ниту на првата ниту на втората расправа. Но тука не завршила голгота и кршење на темелните вредности бидејќи повторно во завршниот збор адвокатот Симов во својство на тужител повторно без никаков основ ме обвини дека сум го навредувал судот што не било нотирано во записник.
Дека грубо е прекршено начелото на владеење на правото, начелото на еднаквост и член 3 од Законот за судовите, е пресудата на Основниот суд во Струмица со која неговата против-тужба ја отфрла како ненавремена односно неоснована.
Подносителот на барањето, понатаму, а имајќи го предвид наведеното смета дека во неговите зборови не постои навредлив збор туку изрекол вредносен суд во кој е употребен странски збор „дегутантно“ кој може да се преведува како „гаден, грозен, одвратен“, но и како невкусен, невкусно, недобро неубаво и слично, но Основниот суд и Апелациониот суд го осудуваат за изречен вредносен суд и странски збор кој го толкуваат како ним им одговара при што само врз основа на зборот „дегутантно“му овозможуваат на Душко Симов да бара надоместок на штета, односно да платам за тоа што тој бил разрешен од судија.
Исто така, подносителот на барањето се повикува на примери од Европскиот суд за човекови права во кои било кажано дека битно е да се разликуваат „факти“ од „вредносни судови“ и дека не е можно да се докажува вредносниот суд туку може да се докажуваат само фактите.
Оттука, подносителот наведува дека судот во Струмица и Апелациониот суд во Штип спротивно на Уставот, законите и Европската конвенција за заштита на човековите права и слободи донеле противзаконски пресуди со толкување на странски збор како основ за сторена навреда, а истовремено ја отфрлаат против-тужбата. На крајот од барањето, подносителот наведува дека судот во Струмица го задолжил со 11.000,00 денари за адвокатски трошоци и ако адвокатот кој го застапувал тужителот до судот не достави коморска маркичка.
Според наведеното, а поради грубо кршење на владеење на правото и заштита на слободите и правата на човекот и граѓанинот подносителот бара Судот да ги укине или поништи пресудите на Основниот суд Струмица и Апелациониот суд Штип.
4. Судот на седницата, а од увидот во пресудите со кои според подносителот на барањето е направена повреда, односно дискриминција по основ на слободата на мислата и јавното изразување на мислата, како и` увидот во записниците од одржаните расправи го утврдени следното:
Основниот суд во Струмица постапувајќи по предметот К.бр.490/11 во кривичната постапка во прв степен по приватна кривична тужба на приватниот тужител Душко Симонов од Делчево преку полномошникот Аксел Ахмедов адвокат од Делчево против обвинетиот Славчо Десподов од Делчево за кривично дело „Навреда“ по член 173 став 1 од Кривичниот закон и приватната кривична тужба – противтужба на приватниот тужител Славчо Десподов од Делчево против обвинетиот Душко Симонов од Делчево за кривично дело „Навреда“ од член 173 став 1 од Кривичниот законик на 25 ноември 2011 година донел I Решение спрема обвинетиот Славчо Десподов и согласно член 59 од Кривичниот законик, а во врска со член 463 став 1 од Законот за кривичната постапка изрекол Судска опомена затоа што на ден 1 март 2011 година пред Основниот суд Кочани на одржана главна расправа по Малв. п.бр.274/2010 во завршен збор на записник обвинетиот Славчо тогаш како тужител во постапката према приватниот тужител Душко тогаш како полномошник на тужениот во постапката, ги искажал навредливите зборови „Дегутантно е за чест и углед да зборува лице кое е разрешен судија“.
Со таквото дејствие обвинетиот сторил кривично дело „Навреда“ по член 173 став 1 од Кривичниот законик.
Согласно член 89 од Законот за кривичната постапка, обвинетиот се задолжува да плати кривични трошоци во постапката, на име награда и нужни издатоци на полномошникот Аксел Ахмедов адвокат од Делчево во корист на приватниот тужител Душко Симов, сумата во износ од 10.760,00 денари во рок од 15 дена по правосилноста на решението, под страв на присилно извршување.
Согласно член 102 од Законот за кривичната постапка оштетениот Душко Симов, за остварување на имотно правно побарување се упатува на спор.
Воедно, судот донел и II Пресуда согласно член 367 став 1 точка 6, а во врска со член 48 став 2 од Законот за кривичната постапка спрема обвинетиот Душко Симов се одбива обвинението дека е стореното кривично дело „Навреда“ по член 173 став 1 од Кривичниот законик.
Во образложението на Решението К.бр.490/1 се наведува дека:
Приватниот тужител Душко Симов од Делчево преку полномошникот Аксел Ахмедов адвокат од Делчево поднел приватна тужба со која го обвинил Славчо Десподов од Делчево за кривично дело „Навреда“ по член 173 став 1 од Кривичниот законик.
Приватниот тужител – обвинетиот Славчо Десподов од Делчево до судот поднел приватна кривична тужба – противтужба со која го обвинил Душко Симов од Делчево за кривично дело „Навреда“, по член 173 став 1 од Кривичниот законик.
На предлог на обвинетиот – приватниот тужител Славчо Десподов од Делчево, а согласно член 29 од Законот за кривичната постапка, судот донел решение предметите К.бр.490/11 и К.бр.116/11 да се спојат и во иднина да се спроведува единствена постапка под К.бр.490/11 и да се донесе една пресуда, како се работи за исти странки и ист кривично правен настан.
На одржаниот главен претрес и во завршниот збор полномошникот – бранител на приватниот тужител – обвинетиот Душко Симов, Аксел Ахмедов адвокат од Делчево изјави дека од изведениот докази неспорно се докажало дека на одржаното рочиште пред Основниот суд Кочани по предметот Малв.п.274/2010 на 1 март 2010 година по дадените завршни зборови обвинетиот има искажано навредливи зборови кон приватниот тужител и тоа „Дегутантно е за чест и углед да зборува лице кое е разрешен од судија“. Полномошникот на приватниот тужител смета дека во ваквата изјава се содржани битни елементи на кривично дело навреда по член 173 став 1 од Кривичниот законик поради што предложи обвинетиот да биде огласен за виновен и казнет според законот. Во однос на оштетеното побарување изјавил дека истото приватниот тужител ќе го оствари во парнична постапка.
Во однос на противтужбата поднесена од обвинетиот спрема тужителот, обвинетиот сметал дека истата не била во согласност со член 48 од Законот за кривичната постапка и истата да биде отфрлена, а доколку не биде отфрлена, противтужба да биде одбиена како неоснована од причина што наводите во одговор на тужбата и искажаните зборови на рочиштето не претставуваат навредливи зборови.
Во завршниот збор обвинетиот – приватниот тужител Славчо Десподов изјавил дека тужбата поднесена од Душко Симов е без правен основ исклучиво од ниски побуди. Обвинетиот сметал дека од негова страна нема сторено кривично дело и зборовите на кои се повикува приватниот тужител биле резултат на навреди што тој континуирано ги искажувал по предметот Малв.п.бр.274/2010 кое нешто било потенцирано во противтужбата, во одговор на тужбата која ја имал поднесено како и на самото рочиште одржано на 1 март 2010 година при Основениот суд Кочани каде во континуитет навредите ги искажувал со сарказам, омаловажување и иронија. Што се однесува на зборот дегутантно, кој збор обвинетиот го кажал на расправата одржана на 12 септемвмри 2011 година, изјавил дека за него тоа е негов слободен израз како новинар, писател, публицист и културен работник и со висок стил на изразување односно самиот збор „дегутантно“ не значи тоа што се тврди во тужбата од Симов дека тоа значи гадно, одвратно итн., туку според речникот за странски зборови, тој збор е француски и значи „невкусно“, одбивен и неподнослив .
Од изведените докази во текот на доказната постапка и тоа: од одбраната на обвинетите Славчо Десподов и Душко Симов, од увидот во одговор на тужбата заведена во Основниот суд во Делчево на 20.10.2010 година по предметот Малв.бр 334/2010 година ,од увидот во записникот на Основниот суд Кочани Малв.П. 274/2010 година од 1 март 2011 година во заверен препис, од увидот во Записникот Малв.п.274/2010 на Основниот суд Кочани од 15 декември 2010 година во копие, …….. од увидот во жалбата К.бр.198/2009 од 23 декември 2009 година, од увидот во извадокот стр.145 од Лексикон за странски зборови и изрази и од изјавата на сведокот Митко Ќурчиски ценејќи го секој доказ посебно и во врска со другите докази судот ја утврди следната фактичка состојба.
Приватниот тужител Душко Симонов, поранешен судија сега адвокат во граѓанскиот предмет Малв.П.бр.274/10 што се водел пред Основниот суд Кочани, сега приватен тужител Душко бил ополномоштен да ги застапува интересите на тужената страна Митко Ќурчиски од Делчево и во негово име и за негова сметка да ги презема дејствијата во постапката во кој предмет како тужител бил сега обвинетиот Славчо Десподов од Делчево.
На одржаната главна расправа на 1 март 2010 година при Основниот суд Кочани по предметот Малв.П.бр.274/10 после дадениот завршен збор од страна на полномошникот на тужителот сега приватниот тужител – обвинет Душко Симов, тогаш тужителот Славчо Десподов, а сега обвинетиот-приватен тужител во завршниот збор но меѓу другото изјавил дека „Дегутантно е за чест и углед да кажува лице кое е разрешен судија“.
Со таквото дејствие обвинетиот Славчо Десподов спрема приватниот тужител Душко Симов сторил кривично дело „Навреда“ по член 173 став 1 од Кривичниот законик.
Вака искажаните зборови не биле спорни за судот од причина што истите биле потврдени и од сведокот Митко и од самиот обвинет Славчо кој пред судот признал дека ги има искажано тие зборови, при што неговата цел не била да го навреди полномошникот сега тужителот Душко, туку тоа било одговор на претходно однесување и навредување од страна на тогаш полномоникот Душко. Обвинетиот се бранел дека значењето на зборот „дегутантно“ во македонскиот јазик има значење на невкусно, одбивност, не чини, недобро и слично, а не само зборот одвратно или гадење како што го прифатил приватниот тужител, од кои причини обвинетиот не смета дека има сторено кривично дело.
Ваквата одбрана судот не ја земал во предвид при своето одлучување од причина што зборот „дегутантно“ согласно Лексиконот за странски изрази има значење на одвратен, непријатен, невкусен, одбивен, неподнослив, гаден, па кое и да се земе значење во контекст на искажаната реченица „Дегутантно е за чест и углед да кажува лице кое е разрешен судија“,зборот „Дегутантно“ има значење на негативен суд за друг со кој се изразува, омаловажува некој друг и претставува вербална навреда.
Врз основа на наведеното, неспорно се утврдило дека обвинетиот го сторил кривичното дело за кое се обвинува за што го огласил за виновен и осуден на кривична санкција – алтернативна мерка судска опомена. Имајќи во предвид под какви околности е сторено под олеснителни околности, односно навредата е искажана во судска постапка каде секој сака да ја заштити својата странка, поради што судот сметал дека се исполнети условите да биде изречен овој вид на алтернативна мерка со која ќе се постигне целта на казнувањето. Досудените кривични трошоци во износ од 10.760,00 денари се по приложениот трошковник согласно адвокатската тарифа, а во останатиот дел барањето за трошоци за сума од 11.460,00 судот ги одбил како неосновани.
Бидејќи полномошникот на приватниот тужител на главниот претрес изјавил дека оштетеното побарување ќе го оствари во друга постапка, судот согласно член 102 од Законот за кривичната постапка оштетениот Душко Симов за остварување на имотно правното побарување го упатил на спор.
Под т. II од диспозитивот на одлуката, а по однос на кривичната тужба-противтужба на приватен тужител Славчо Десподов од Делчево согласно член 48 став 2, а во врска со член 367 став 1 точка 6 од Законот за кривичната постапка судот донел одбивателна пресуда од причини што приватниот тужител Славчо Десподов ја поднел кривичната тужба противтужба по истек на три месеца од денот кога дознал за кривичното дело и сторителот.
Незадоволен од наведеното решение и пресуда на Основниот суд Струмица обвинетиот – тужителот Славчо Десподов во благовремен рок поднел жалба со која ги напаѓа истите поради суштествена повреда на одредбите од кривичната постапка, погрешно утврдена фактичка состојба, повреда на Кривичниот законик и досудените трошоци.
Апелациониот суд во Штип со пресуда КЖ.бр.177/12 од 12 април 2012 година ја одбил како неоснована жалбата на тужителот и ги потврдил првостепената пресуда и првостепеното решение донесени по предметот К.бр.490/2011.
Во образложението на пресудата и решението донесени од Апелациониот суд во Штип, решавајќи по жалбата, а по претходна оцена на наводите во истата и списите во предметот одлучил како во изреката од причина што:
Првостепениот суд со правилна примена на материјалното право, правилно утврдил дека обвинетиот со кажаните зборови го сторил кривичното дело „Навреда“ од член 173 став 1 од Кривичниот закон, меѓутоа имајќи ги предвид сите олеснувачки и отежнувачки околности правилно прифатил дека во конкретниов случај и со една обично предупредување со изречената судска опомена доволно ќе влијае врз него во иднина да не врши вакви и слични кривични дела, односно ќе бидат постигнати целите на казнување во смисла на член 32 од Кривичниот законик.
Апелациониот суд не ги прифати жалбените наводи од обвинетиот Славчо дека погрешно првостепениот суд го задолжил со кривични трошоци во постапката бидејќи согласно член 92 од Законот за кривичната постапка обвинетиот е тој што ги сноси трошоците во постапката.
Исто така, Апелациониот суд во Штип, утврдил дека жалбените наводи по однос на пресудата со која спрема обвинетиот Душко Симов се одбива обвинението дека сторил кривично дело „Навреда“ од член 173 став 1 од Кривичниот закон, се неосновани. Ова од причина што Славчо Десподов како тужител го пропуштил рокот за поднесување на тужба од 3 месеци од узнавањето на кривичното дело.
Воедно, Апелациониот суд во Штип не го прифатил предлогот на жалителот да биде повикан да присуствува на совет пред Апелациониот суд, бидејќи станува збор за кривично дело за кое се води скратена постапка, а само во исклучителни случаи согласно член 457 од Законот за кривичната постапка второстепениот суд најде дека присуството на странките би било корисно за разјаснување на работите.
5. Согласно членот 8 став 1 алинеите 1, 3 и 11 од Уставот на Република Македонија, основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот, владеењето на правото и почитување на општоприфатените норми на меѓународното право, се утврдени како едни од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.
Со членот 11 став 1 од Уставот е определено дека физичкиот и моралниот интегритет на човекот се неприкосновени.
Според член 16 став 1 од Уставот, се гарантира слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата.
Со членот 25 од Уставот, на секој граѓанин му се гарантира почитување и заштита на приватноста на неговиот личен и семеен живот, на достоинството и угледот.
Со членот 50 став 1 од Уставот е определено дека секој граѓанин може да се повика на заштита на слободите и правата утврдени со Уставот, пред судовите и пред Уставниот суд на Република Македонија, во постапка заснована на начелата на приоритет и итност.
Според член 54 од Уставот, слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да се ограничат само во случаи утврдени со Уставот и тоа само во време на воена или вонредна состојба, според одредбите на Уставот, при што ограничувањето на слободите и правата не може да биде дискриминаторско по основ на пол, раса, боја на кожа, јазик, вера, национално или социјално потекло, имот или општествена положба. Ограничувањето на слободите и правата, според ставот 4 на овој член, не може да се однесува на правото на живот, забраната на мачење, на нечовечко и понижувачко постапување и казнување, на правната одреденост на казнивите дела и казните како и на слободата на уверувањето, совеста, мислата, јавното изразување на мислата и вероисповеста.
Според членот 110 алинеја 3 од Уставот, Уставниот суд ги штити слободите и правата на човекот и граѓанинот што се однесуваат на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, политичкото здружување и дејствување и забраната на дискриминација на граѓаните по основ на пол, раса, верска, национална, социјална и политичка припадност.
Уставносудската заштита не се однесува на сите слободи и права утврдени со Уставот, туку на дел од нив, односно само за оние кои се во надлежност на Уставниот суд на Република Македонија определени во членот 110 алинеја 3 од Уставот. Но, граѓаните, за слободите и правата кои не подлежат на уставносудска заштита, согласно цитираниот член 50 став 1 од Уставот, може таа заштита да ја остварат пред судовите во постапка заснована врз начелата на приоритет и итност.
Уставот на Република Македонија тргнува од гарантирање на самата слобода на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, на начин кој е општ, генерален за сите поединци и токму од аспект на оваа општост мора да се толкува одредбата од член 54 став 4 од Уставот со која се исклучува ограничувањето на оваа слобода. Меѓутоа, ова не значи дека не постои никакво ограничување за поединецот во манифестирањето на генерално загарантираната слобода на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата. Границите на манифестирањето на оваа слобода за поединецот се наоѓаат во со закон санкционираните дејствија, без оглед дали се работи за кривична или граѓанско-правна санкција. Оттука, уставно-правен спор дали постои повреда на со Уставот загарантираната слобода на јавното изразување на мислата преку санкционирање на нејзината манифестација, се сведува на уставно-правна оцена дали со ваквата санкција е повредена самата содржина на уставно гарантираната слобода на поединецот без никакво ограничување јавно да го искаже своето мислење, или, пак, е санкционирано дејствие кое, иако како свој појавен облик го има јавното искажување на мислење, всушност ја изгубило смислата на слобода на мислење и јавно искажување на мислата која што Уставот ја гарантира и заштитува, преминувајќи во дејствие со кое се повредуваат други со Уставот и со закон заштитени слободи, права и интереси.
Слободата на изразувањето наоѓа своја заштита и со меѓународните документи, но и ограничување. Имено, според членот 12 од Универзалната декларација за човекови права, никој нема да биде изложен на произволно вмешување во неговиот приватен и семеен живот, домот или преписката, ниту пак на напади врз неговата чест и углед. Секој има право на правна заштита од таквото вмешување или напади.
Овие слободи и права се уредени и со членот 18 од Универзалната декларација според кој секој има право на слобода на мислата, совеста и религијата, а според членот 19 од Декларацијата, секој има право на слобода на мислење и изразување, со тоа што според член 29 став 2 од оваа Декларација, при користењето на своите права и слободи, секој ќе подлежи само на такви ограничувања, какви што се определени со закон, со единствена цел да се осигура должното признавање и почитување на правата и слободите на другите и со цел да се задоволат предметните барања во врска со моралот, јавниот ред и општата благосостојба во едно демократско општество.
Според членот 17 од Меѓународниот пакт за граѓанските и политичките права: “Никој не може да биде предмет на самоволни или незаконити мешања во неговиот приватен живот, во неговото семејство, во неговиот стан или неговата преписка, ниту на незаконити повреди на неговата чест или на неговиот углед. Секое лице има право на законска заштита против ваквите мешања или повреди.”
Според членот 19, исто така од Меѓународниот пакт за граѓанските и политичките права: “Никој не може да биде вознемируван поради своето мислење.
Секое лице има право на слобода на изразувањето. Ова право, без оглед на границите, ја подразбира слобода на изнаоѓање, примање и ширење на информации и идеи од сите видови во усмена, писмена, печатена или уметничка форма, или на кој и да е начин по слободен избор.
Остварувањето на слободите предвидени во точката 2 на овој член опфаќа посебни должности и одговорности. Следствено на тоа, тоа може да биде подложено на извесни ограничувања што мораат, меѓутоа, да бидат одредени со закон, а се потребни од причините:
а) на почитување на правата или угледот на други лица;
б) на заштита на државната безбедност, на јавниот ред, на јавното здравје и на моралот.”
Согласно член 6 од Европската конвенција за заштита на човековите права и основните слободи, секој, при определување на неговите граѓански права и обврски или кога е кривично гонет, има право на правично и јавно судење во разумен рок, пред независен и непристрасен трибунал основан со закон.
Според членот 8 од Конвенцијата за заштита на човековите права и основните слободи: “Секој човек има право на почитување на неговиот приватен и семеен живот, домот и преписката.
Јавната власт не смее да се меша во остварувањето на ова право, освен ако тоа мешање е предвидено со закон и ако претставува мерка која е во интерес на државната и јавната безбедност, економската благосостојба на земјата, заштитата на здравјето и моралот или заштитата на правата и слободите на другите, во едно демократско општество.”
Според членот 10 од Конвенцијата:
“Секој човек има право на слобода на изразувањето. Ова право ги опфаќа слободата на мислење и слободата на примање и пренесување информации или идеи, без мешање на јавната власт и без оглед на границите. Овој член не ги спречува државите на претпријатијата за радио, филм и телевизија да им наметнуваат режим на дозволи за работа.
Остварувањето на овие слободи, кое што вклучува обврски и одговорности, може да биде под определени формалности, услови, ограничувања и санкции предвидени со закон, кои во едно демократско општество претставуваат мерки неопходни за државната безбедност, територијалниот интегритет и јавната безбедност, заштитата на редот и спречувањето на нереди и злосторства, заштитата на здравјето или моралот, угледот или правата на другите; за спречување на ширење на доверливи информации или за зачувување на авторитетот и непристрасноста на судењето”.
Меѓународниот пакт за граѓанските и политичките права и Европската конвенција за човековите права поаѓаат од правото на поединецот слободно да го манифестира своето уверување и совест и слободно да ја изрази својата мисла, без никакво ограничување и во било која форма, но, истовремено, упатуваат на ограничувањата на оваа слобода, кои мора да бидат изречно утврдени со закон и кои се нужни, односно неопходни во едно демократско општество заради заштита на правата или слободите на другите лица, националната безбедност или јавниот поредок, здравјето или моралот.
Слободата на мислата и јавното изразување на мислата претставува субјективно право кое е нераскинливо поврзано со човековата личност. Гарантирањето на оваа слобода во Уставот на Република Македонија е на такво рамниште што овозможува нејзино директно остварување, без поддршка на посебно законско уредување и истовремено овозможува нејзина директна заштита врз основа на Уставот, од страна на Уставниот суд, согласно членот 110 став 1 алинеја 3 од Уставот. Исто така, Уставот на Република Македонија не содржи ниту специјална ниту генерална законска резерва која би ги определила границите на остварувањето на слободата на мислата и јавното изразување на мислата, поради што нејзината граница треба да се бара во севкупноста на Уставот и неговите определби имајќи ги при тоа во предвид меѓународните документи што се ратификувани во согласност со Уставот.
Ваквото високо ниво на гарантирање на слободата на мислата и нејзиното јавно изразување во Уставот на Република Македонија, интерпретирани во меѓународното право не може да важи неограничено. Заради обезбедување на заедничкиот живот, правниот поредок понекогаш мора да ја ограничи слободата на поединецот за да ја заштити слободата на другите, односно содржински да го ограничи нивното важење.
Во оваа смисла, во член 173 став 1 од Кривичниот законик е предидено кривичното дело „Навреда“ според кое тој што ќе навреди друг, ќе се казни со парична казна.
Во конкретниов случај, судот преку донесените судски одлуки, го санкциониракл изнесеното јавно мислење на барателот Славчо Десподов како мерка што ја сметал за неопходна за заштита на честа, угледот и авторитетот на друг граѓанин, бидејќи барателот користејќи го правото на слобода на јавно изразување,го загрозил заштитено право на друг граѓанин, во конкретниов случај на лицето Душко Симов.
Оттука, потребно е да се направи анализа на осудата и санкцијата на Славчо Десподов за кривичното дело навреда, а во насока на тоа дали осудата и санкцијата за навредата претставува оправдано ограничување на неговата слобода и право, односно дали судовите постигнале фер баланс помеѓу потребата за заштита на честа и угледот на оштетениот и слободата на изразување на подносителот на барањето во контекст на околностите на случајот.
Приватниот тужител Душко Симов, поранешен судија, а сега адвокат во граѓанскиот предмет Малв.П.бр.274/10 што се водел пред Основниот суд во Кочани бил ополномоштен да ги застапува интересите на тужената страна во предметот лицето Митко Ќурчиски од Делчево и во негово име и за негова сметка да ги презема сите дејствија.
На одржаната главна расправа по предметот Малв.П.бр.274/10 што се водел пред Основниот суд во Кочани тужителот Славчо Десподов меѓу другото изјавил дека „Дегутантно е за чест и углед да кажува лице кое е разрешен судија“.
Според мислењето на Судот, неспорно е дека судовите правилно утврдиле дека лицето Славчо Десподов со искажаните зборови сторил кривично дело „Навреда“ по член 173 став 1 од Кривичниот законик.
Ова од причина што при одлучувањето судовите зборот „Дегутантно“ согласно Лексиконот за странски изрази има значење на одвратен, непријатен, невкусен, одбивен, неподнослив, гаден, па кое и значење да се земе во контекст на искажаната реченица има значење на негативен суд за друг со кој се изразува омаловажување на друг и претставува вербална навреда.
Обвинетиот Славчо не ја негирал искажаната реченица меѓутоа неговата цел не била да го навреди тужителот Душко туку дека тоа било одговор на претходно однесување и навредување од страна на тогаш полномошникот Душко. Ова од причина што според него зборот „Дегутантно“ во македонскиот јазик има значење на невкусно, не чини, недобро, одбивност и слично, а не само одвратно или гадење.
Имајќи во предвид под какви околности е сторено делото, дека делото е сторено под олеснителни околности кои го прават лесно односно навредата е искажана во судска постапка каде секој сака да ја заштит својата странка и да го добие спорот па кога тоа е нереално, судовите изрекле алтернативна мерка – судска опомена со која ќе се исполни целта на казнувањето.Во контекс на погоре наведените и ценети докази, судовите утврдиле дека во дејствијата на обвинетиот се содржани битните елементи на кривичното дело Навреда. Имено, кривичното дело навреда го врши тој што ќе навреди друг. Ова кривично дело претставува основно и општо кривично дело против честа и угледот на луѓето. Дејствието на извршување на кривичното дело навреда го сочинуваат различни однесувања со кои се изразува омаловажување на дуго лице, непочитување на човечкото достоинство, изложување на потсмев, потценување на личните и другите вредности, изнесување на негативни вредносни судови. Изјавата или однесувањето на сторителот се навредливи ако објективно значат омаловажување и потценување на друго лице односно оштетениот, според објективна оценка на изразување непочитување на достоинството на оштетениот односно негово омаловажување. При тоа, навредата мора да се однесува на одредено лице и навредливата изјава да е упатена на оној на кој се однесува. Извршител на кривичното дело навреда може да биде секое лице, а за постоење кривична одговорност потребна е умисла, односно сторителот треба да е свесен дека неговата изјава односно однесување значат омаловажување на оштетениот и истите да се со навредлива содржина, така што навредата е проследена со намера за омаловажување. Кај кривичното дело навреда, честа како објект на заштита се прифаќа во својот нормативен поим односно како барање да се почитува туѓото достоинство и за друг да не се изнесува нешто што може да ја повреди неговата чест. Поради тоа, ова кривично дело постои и кога се изнесува нешто што е вистинито, доколку тоа објективно значи омаловажување или понижување. Во контекст на погоре наведеното, по оценка на судовите, во дејствијата на обвинетиот во целост се содржани елементите на предметното кривично дело. бидејќи обвинетиот со умисла за тужителот изрекол навредливи зборови кои според своето значење објективно претставуваат и значат омаловажување, потценување и навреда на оштетениот – приватен тужител, на кој истите му биле упатени.
Во однос на тоа дали судските трошоци се превисоки и правилно утврдени не е во надлежност на Уставниот суд.
Во врска со точка II од диспозитивот на одлуката, а по однос на кривичната тужба – противтужба на приватниот тужител Славчо Десподов од Делчево против обвинетиот Душко Симонов од Делчево, согласно член 48 став 2, а во врска со член 367 став 1 точка 6 од Законот за кривичната постапка, судовите со право донеле одбивателна пресуда од причина што таа била поднесена по истекот на три месеци од денот на дознавањето за кривичното дело на сторителот.
Имено, судот имајќи ги предвид наведените законски одредби во кои случаи по протек на рокот од три месеци може да се поднесе кривична тужба, за кое кривично дело и под кои услови судовите утврдиле дека постојат околности што го исклучуваат кривичното гонење.
Имаји го предвид наведено, Уставниот суд констатира дека , судовите ги засновале своите одлуки на прифатлива оценка за релевантни факти и донеле пресуда со која е направен фер баланс помеѓу правото на слобда на изразување и правото на заштита на достоинството и угледот на секој граѓанин, поради што наведените аргументи на Основниот и Апелациониот суд се прифатливи и дека вмешување на државата е пропорционално со легитимна цел за заштита на угледот на оштетениот повреда во судска постапка.
Со оглед на фактот што во конкретниов случај искажаните зборови ги надминале границите на можна толеранција, односно ги надминале дозволените граници и со тоа ја повредиле честа и угледот на тужителот, Судот оцени дека првостепениот и второстепениот суд утврдувајќи ги сите правно релеванти факти и околности и донесувајќи ги нападнатите одлуки постапиле во рамките на своите судски надлежности, поради што не може да стане збор за повреда на правото на слободата на јавно изразување на мислата.
Во однос на пресудата од диспозитивот II на Одлуката со која се одбива тужбата – противтужбата на Славчо Десподов против Душко Симонов за кривично дело „Навреда“, Уставниот суд не се впушти во подетална анализа од причина што тужбата – противтужбата била поднесена по истекот на законскиот рок.
6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.
7. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот Бранко Наумоски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Елена Гошева, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Вера Маркова, д-р Гзиме Старова, Сали Мурати и Владимир Стојаноски.
У.бр.117/2012
14 ноември 2012 година
С к о п ј е
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски