У.бр.117/2008-1

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членови 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 17 декември 2008 година, донесе

О Д Л У К А

1. СЕ УКИНУВААТ член 39 став 1 точка и), член 55 став 1 точка и) и член 79 став 5 точка ѓ) од Законот за доброволно капитално финансирано пензиско осигурување („Службен весник на Република Македонија” бр.7/2008).

2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“.

3. Уставниот суд на Република Македонија по иницијатива на Стамен Филипов од Скопје, со решение У.бр.117/2008 од 8 октомври 2008 година, поведе постапка за оценување на уставноста на член 39 став 1 точка и), член 55 став 1 точка и) и член 79 став 5 точка ѓ) од означен во точката од оваа одлука, бидејќи основано се постави прашањето за нивната согласност со член 8 став 1 алинеја 3, членот 11, членот 25, член 32 ставовите 1 и 2 и член 33 од Уставот.

4. Судот на седницата утврди дека во оспорениот членот 39 став 1 точка и) од Законот, меѓу другото, е предвидено, кон барањата од членот 38 став 1 на овој закон да се достават уверенија дека на лицата кои се членови на органите на раководење и управување на друштвото за управување со доброволни пензиски фондови не им е изречена прекршочна санкција забрана за вршење на професија, дејност или должност во областа на правото, банкарството, сметководството, осигурувањето, управување со средства и инвестирање, управување со пензиски фондови или финансиски услуги.

Bo оспорениот член 55 став 1 точка и) од Законот, меѓу другото, е предвидено кон барањата од членот 54 став 1 на овој закон да се достават уверенија дека на лицата кои се членови на органите на раководење и управување на друштвото не им е изречена прекршочна санкција забрана на вршење на професија, дејност или должност во областа на правото, банкарството, сметководството, осигурувањето, управување со средства и инвестирање, управување со пензиски фондови или финансиски услуги.

Според оспорениот член 79 став 5 точка ѓ) од Законот, кон барањата од ставот 3 на овој член, друштвата за управување со задолжителни и доброволни пензиски фондови, меѓу другото, треба да достават документи за финансиската состојба на акционерите на секое друштво, за сите години од неговото основање a најмногу за период од пет години кој претходи на датумот на поднесување на барањето, вклучувајќи и документи со кои се потврдува дека ниту еден од акционерите нема заостанати неплатени даноци и придонеси за социјално осигурување.

5. Според членот 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, владеењето на правото е една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Според членот 11 став 1 од Уставот, физичкиот и моралниот интегритет на човекот се неприкосновени.

Според членот 13 став 1 од Уставот, лицето обвинето за казниво дело ќе се смета за невино се додека неговата вина не биде утврдена со правосилна судска пресуда.

Според членот 25 од Уставот, на секој граѓанин му се гарантира почитување и заштита на приватноста на неговиот личен и семеен живот, на достоинството и угледот.

Според членот 33 став 1 точка 3 од Кривичниот законик, (“Службен весник на Република Македонија” бр.37/1996, 80/1999, 4/2002, 43/2003, 19/2004 и 81/2005), забраната за вршење професија, дејност или должност е предвидена како вид на казна.

Co одредбите од општиот дел од Кривичниот законик е уредено прашањето на казнената евиденција. Според членот 106 став 1 казнената евиденција ја води првостепениот суд надлежен според местото на раѓање на осудениот. Според ставот 2 на истиот член, за лицата родени во странство или за оние чие место на раѓање е непознато како и за правните лица казнената евиденција ја води судот определен со закон.

Co одредбите од ставовите 3 и 4 од овој член од Криви-чниот законик е пропишан ограничен круг на овластени субјекти на кои можат да им се направат достапни податоците од казнената евиденција. Имено, овие податоци можат да му се дадат на судот и на јавното обвинителство во врска со кривичната постапка што се води против порано осудениот и на надлежните органи што учествуваат во постапката за давање амнестија и помилување. Податоците од казнената евиденција можат на образложено барање да им се дадат на државните органи, правни или физички лица ако уште траат определени правни последици од осудата или казни што се состојат во забрани или ако за тоа постои оправдан интерес заснован врз закон.

Согласно ставот 5 на овој член од Законикот, никој нема право да бара од граѓаните да поднесуваат докази за својата осуду-ваност или неосудуваност, a според ставот 6 на граѓаните по нивно барање, може да им се дадат податоци за нивната осудуваност или неосудуваност само ако овие податоци им се потребни заради оства-рување на нивните права во странство.

Според член 1 од Законот за доброволно капитално финансирано пензиско осигурување, со овој закон се уредуваат доброволното капитално финансирано пензиско осигурување, основањето и работењето на доброволните пензиски фондови, друштвата за управување со доброволни пензиски фондови и друштвата за управување со задолжителни и доброволни пензиски фондови, како и организирањето на професионалните пензиски шеми за своите вработени од страна на работодавачи и за своите членови од страна на здруженија на граѓани.

Според ставот 2 на истиот член од Законот, доброволното капитално финансирано пензиско осигурување претставува пензиско осигурување на доброволна основа финансирано со капитализација на средствата. Во ова осигурување се вклучени лица кои не се опфатени во задолжително пензиско осигурување и лица кои се опфатени во тоа осигурување заради остварување дополнителен приход.

Во членот 37 став 1 од Главата IV од Законот, со наслов „Основање на друштво за управување со доброволни пензиски фондови”, е определено дека друштво за управување со доброволни пензиски фондови се основа врз основа на дозвола издадена од Агенцијата, a no основањето, од Агенцијата добива одобрение за управување со доброволен пензиски фонд. Според член 4 точка 7 од Законот, Агенција за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување е Агенција која го регулира и супервизира задолжи-телното и доброволното капитално финансирано пензиско осигурување.

Според членот 38 став 1 од истиот закон, заради добивање на дозвола за основање на друштво за управување со доброволни пензиски фондови заинтересираните лица до Агенцијата доставуваат барање со документацијата наведена во членот 39 од овој закон и деловен план кој ги содржи деталите за сите надоместоци и провизии што ќе се наплатуваат согласно со овој закон. Барање за одобрение за управување со доброволен пензиски фонд се доставува заедно со барањето за дозвола за основање на друштво.

Во Главата V од Законот, со наслов: „Основање на друштво за управување со задолжителни и доброволни пензиски фондови” се уредени, меѓу другото условите и постапката за нивно основање и спојување.

Тргнувајќи од членот 11 став 1 и членот 25 од Уставот, произлегува дека нивната содржина ја истакнуваат вредноста и неприкосновеноста на човечката личност како основа и смисла на гарантирањето на човековите права. Човечкото достоинство, во таа смисла, не е само едно од субјективните човекови права што изречно се препознава во член 25 од Уставот, туку и темелна вредност на демократското општество што ужива универзална заштита.

Почитувањето на моралниот интегритет и достоинството на граѓанинот во себе ја опфаќа и улогата на државата која треба да гарантира заштита на интегритетот и достоинството на начин со кој ќе се обезбеди заштита во случај кога овие вредности се загрозени од друг, но и со избегнување на поединецот да му се наметнуваат правни обврски кои во конкретниот случај во постапка на давање на одобрение можат службено да се проверат.

Bo тој контекст, одредбата од член 106 став 5 од Кривичниот законик, со која се забранува од граѓаните да се бараат докази за нивната осудуваност или неосудуваност е јасен израз на овој втор аспект на заштита на човековото достоинство, како што тоа е општо прифатениот принцип на забрана за самообвинување на осомничениот во казненото право, кој што е изграден подеднакво врз презумпцијата на невиност и заштитата на достоинството на поединецот.

Тргнувајќи од содржината на оспорените член 39 став 1 точка и) и член 55 став 1 точка и) од Законот произлегува дека со нив се предвидува дека друштвото за управување со задолжителни и доброволни пензиски фондови при основањето треба да приложи доказ дека на лицата кои се членови на органите на раководење и управување на друштвото за управување со доброволни пензиски фондови не им е изречена прекршочна санкција забрана за вршење на професија, дејност или должност во областа на правото, банкарството, сметководството, осигурувањето, управувањето со средства и инвестирање, управувањето со пензиски фондови или финансиски услуги.
Во конкретниот случај, барањето доказ од друштвата за околноста дали на лицата кои се членови на органите на раководење и управување на друштвото за управување им е изречена наведената прекршочна санкција се сведува на барање изјава за нивната осудуваност или неосудуваност, со оглед на тоа што забраната за вршење на дејност е споредна казна што се изрекува како дел од осудителната пресуда. Иако овие докази не се бараат во кривичноправен контекст, односно немаат самообвинувачки квалитет, обврската за нивното соопштување има ефект врз однесувањето на поединецот, што е проблематично како од аспект на заштита на човековото достоинство, така и од аспект на претпоставката на невиност на која се надоврзува забраната од лицето да се бара било доказ за осудуваност, било доказ за неосудуваност.

За Судот, притоа, не е спорно дека забраната за вршење на дејност изречена со една осудителна пресуда мора да биде ефективна, односно дека не може да се дозволи лицето под таква забрана да ја врши таа дејност се додека таа забрана трае. Меѓутоа, утврдувањето на тој факт не може да биде обврска на поединецот кој е во прашање, туку на надлежниот орган што одлучува за давање на соодветни дозволи за вршење на дејноста и кој што за утврдување на таа законска обврска ја има на располагање службената казнена евиденција, како инструмент за правилно применување на законот. Впрочем во членот 39 став 3 и членот 55 став 3 од Законот е дадена можност Агенцијата дополнително да испита одделни факти во врска со барањата и документацијата и за таа цел може да се обрати до други надлежни регулаторни и супервизорски органи и институции во Република Македонија и во странство, или да прибира документи и податоци од други извори. Оттаму, во врска со постапката за основање на Агенцијата можат да и се дадат податоци од казнената евиденција врз основа на образложено барање, ако уште траат определени правни последици од осудата или казни што се состојат во забрани секогаш кога за тоа постои оправдан интерес заснован врз закон.

Врз основа на изнесеното Судот оцени дека оспорените член 39 став 1 точка и) и член 55 став 1 точка и) од Законот не се во согласност со членот 8 став 1 алинеја 3, членот 11 и членот 25 од Уставот на Република Македонија.

Тргнувајќи од содржината на членот 32 ставови 1 и 2 и членот 33 од Уставот, произлегува дека Уставот го гаранира правото на работа, слободниот избор на вработување и го промовира принципот за достапност секому, под еднакви услови на секое работно место. Исто така, граѓаните се должни да плаќаат данок, при што начинот на плаќање се уредува со закон.

По однос на оспорениот член 79 став 5 точка ѓ) од Законот произлегува дека со него се предвидува во постапката за основање или спојување на друштвата за управување со задолжителни и доброволни пензиски фондови, да се достават и документи за финансиската состојба на акционерите на секое друштво, за сите години од неговото основање, a најмногу за период од пет години кој претходи на датумот на поднесување на барањето, вклучувајќи и документи со кои се потврдува дека ниту еден од акционерите нема заостанати неплатени даноци и придонеси за социјално осигурување.

Тргнувајќи од фактот што во рамките на уредувањето на начинот на плаќање на данок постојат законски механизми за неизвршување на таа обврска, според Судот пропишувањето на услов за приложување документ за сопствената финансиска состојба, вклучувајќи и документи со кои се потврдува дека ниту еден од акционерите нема заостанати неплатени даноци и придонеси за социјално осигурување значи излегување надвор од соодветните законски механизми и намалување на обемот на правото на работа, слободен избор на вработување, достапноста на секое работно место секому под еднакви услови. Оттаму, според Судот оспорениот член 79 став 5 точка ѓ) од Законот не е во согласност со член 32 ставовите 1 и 2 и член 33 од Уставот.

6.Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

7. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседате-лот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите: д-р Наташа Габер Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.117/2008
17 декември 2008 год.
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски