У.бр.116/2003

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 24 ноември 2004 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на членот 26 став 1 точка 2 и членот 38 став 2 и 3 од Правилникот за заштита на авторски права и распределба на авторски надоместоци на Здружението за заштита на музички авторски права – ЗАМП Скопје (“Службен весник на Република Македонија ” бр. 1/2000).

2. Славе Димитров од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на членовите од Правилникот означен во точката 1 од ова решение, од причина што истите биле во спротивност со членот 8 алинеја 3 и членот 15 од Уставот на Република Македонија.

Според подносителот на иницијативата, членот 38 став 2 од Правилникот бил спротивен на членот 15 од Уставот на Република Македонија поради тоа што стручната служба не можела да одлучува во втор степен бидејќи одлучувала во прв степен. Исто така, погледнати во корелација двете оспорени одредби (членот 26 став 2 и членот 38 став 2 и 3 биле противречни една на друга од причина што предвидувале Одборот за заштита на авторските дела да одлучува во прв степен, односно втор степен по барањата за измена на категоризацијата на музичките дела.

3. Судот на седницата утврди дека согласно членот 26 став 1 точка 2, одборот за заштита на авторските права одлучува во прв степен по барањата на авторите од член 39 од овој правилник. Согласно членот 38 став 2 и 3 дополнителната пресметка или исправката на пресметката од претходниот став, кога се во прашање грешки настанати поради непотполни податоци или поради пропуст на администрацијата, ја решава стручната служба во рок од три месеци од денот на поднесувањето на доказниот материјал. За барањето за измена на категоризацијата одлучува Одборот за заштита во рок од три месеци од денот на доставувањето на потполната документација.

4. Согласно членот 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, владеењето на правото претставува една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Согласно членот 15 од Уставот на Република Македонија, се гарантира правото на жалба против поединечните правни акти донесени во постапка во прв степен пред суд, управен орган или организација или други институции што вршат јавни овластувања.

Правилникот за заштита на авторските права и распределба на авторските надоместоци, чии одредби се предмет на оспорување со иницијативата, Здружението за заштита на авторските музички права го донело врз основа на овластувањето содржано во член 147 од Законот за авторското право и сродните права (“Службен весник на Република Македонија” бр. 47/1996; 3/1998; 98 /2002), според кој Здружението донесува правилник за распределба на авторските надоместоци, во согласност со статутот и овој закон.

Согласно членот 25 од Правилникот, со работите на остварување на авторските права раководи Одбор за заштита на авторските права.

Според ставот 2 од овој член, Одборот за заштита на авторските права е помошно тело на Управниот одбор, а според ставот 4, за својата работа Одборот за заштита на авторските права е одговорен пред Управниот одбор на ЗАМП.

Членот 26 од Правилникот ги утврдува надлежностите на Одборот за заштита на авторските права, при што во точката 2 од овој член (оспорена со иницијативата) е утврдено дека Одборот за заштита на авторските права одлучува во прв степен за барањата на авторите од член 39 од овој Правилник.

Од анализата на членот 39 и особено членот 38 на кој истиот упатува, се заклучува дека Одборот за заштита на авторските права се јавува како надлежен орган кој решава во прв степен за барања за измена на категоризација на авторско дело.

Според членот 38 став 2 од Правилникот, дополнителната пресметка или исправката на пресметката од претходниот став, кога се во прашање грешки настанати поради непотполни податоци или поради пропуст на администрацијата, ја решава стручната служба во рок од три месеци од денот на поднесувањето на доказниот материјал.

Според ставот 3 од овој член, за барањето за измена на категоризацијата одлучува Одборот за заштита во рок од три месеци од денот на доставувањето на потполната документација.

Врз основа на ваквата правна состојба по предметот, Судот утврди дека во конкретниот случај се работи за одредби кои регулираат односи и ситуации кај кои не може да дојде до примена на уставно загарантираното право на жалба. Имено, иако ЗАМП има карактер на професионално, еснафско здружение кое врши јавни овластувања делегирани врз основа на закон, а кои се однесуваат на прашањето на колективно остварување на авторските права, сепак во конкретниот случај се работи за прашања кои произлегуваат од самата природа на колективното остварување на авторските права. Така, согласно член 148 од Законот за авторското право и сродните права (“Службен весник на Република Македонија” бр.47/1996; 3/1998; 98/2002), Здружението го остварува авторското право врз основа на договор со авторот, при што во ставот 4 од овој член е утврдено дека правата кои се остваруваат колективно, надлежното здружение ги остварува по сила на закон и независно дали е склучен договор со авторот.

Во конкретниот случај се работи за прашања кои се однесуваат на дополнителна пресметка или исправка на пресметката на надоместокот, како и за барања за измена на категоризација на делото. Тоа се прашања кои произлегуваат од односот на застапништво кој авторот го има со ЗАМП и како такви се од интерен карактер уредувајќи односи меѓу авторот или носителот на авторското право и Здружението.

Оттука, поаѓајќи од становиштето дека прашањата кои ги уредуваат оспорените одредби се прашања кои произлегуваат од застапничкиот однос кој постои меѓу авторот и Здружението, а кој е од граѓанскоправен каракер, Судот утврди дека ваквиот однос не може да се доведе во корелација со правото на жалба, на начин како што е тоа уредено со Уставот на Република Македонија. Тоа се прашања кои не произлегуваат од јавно-правниот карактер на Здружението, ниту се јавни овластувања кои Здружението ги врши. Оттука, со оглед на приватноправниот карактер на односите помеѓу авторот и Здружението во однос на дополнителната пресметка или исправката на пресметката на авторскиот надоместок, односно измената на категоризацијата, како нешто што произлегува од граѓанскоправната релација што постои меѓу авторот и Здружението, верификувана врз основа на склучениот договор, или според законот, Судот утврди дека не може да се инсистира на постоење двостепеност на оваа постапка која се спроведува во рамки на Здружението, но нема управен карактер.

Врз основа на изнесеното, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за повреда на правото на жалба по барањата за дополнителна пресметка или исправка на пресметката, како и по барањата за измена на категоризација на авторски дела. Прашањата кои ги уредуваат оспорените одредби не се од таков карактер кој би налагал постапувањето на Здружението да има јавноправен карактер, туку се работи за односи кои произлегуваат од застапничкиот однос кој постои меѓу авторот и Здружението, а споровите во врска со тоа се предмет на судска постапка.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.116/2003
24 ноември 2004 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова