У.бр.115/2014

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 1 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 25 ноември 2014 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на законитоста на

– Одлуката за донесување на Детален урбанистички план Градска четврт Ј 07 – локалитети Капиштец, Завод за медицинска рехабилитација, Старо Водно, Долно Водно, Мало Курило и Цвеќара, Општина Центар – Скопје бр.07-4414/4 од 18 јули 2014 година;
– Одлуката за донесување измени и дополнување на Деталниот урбанистички план Тасино Чешмиче 1, Општина Центар – Скопје, бр.07-4414/6 од 18 јули 2014 година;
– Одлуката на Решението за запирање на објавувањето на Одлуката за донесување измени и дополнувања на Деталниот урбанистички план Тасино Чешмиче 1, општина Центар – Скопје, бр.07-4780/2 од 4 август 2014 година, и
– Одлуката по Решението за запирање на објавувањето на Одлуката за донесување Детален урбанистички план Градска четврт Ј 07- локалитети Капиштец, Завод за медицинска рехабилитација, Старо Водно, Долно Водно, Мало Курило и Цвеќара, општина Центар – Скопје, бр.07-4780/4 од 4 август 2014 година, сите објавени во „Службен гласник на општина Центар“ бр.9/2014.

2. Андреј Жерновски, градоначалник на општина Центар Скопје до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на законитоста на одлуките означени во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата, Советот на општина Центар на 23-та седница, која била одржана на 18 јули 2014 година ,ги донел прво и второ оспорените одлуки спротивно на член 62 став 2 од Законот за локалната самоуправа, односно истите не биле донесени со потребното мнозинство гласови предвидени во наведениот член од Законот.

Имено, на седницата на Советот на која се постапувало по оспорените одлуки биле присутни 12 членови од вкупно 23 членови на Советот на општина Центар – Скопје, при што „за“ гласале 11 членови, а само 1 гласал „против“. Подносителот на иницијативата смета дека при донесување на оспорените одлуки не биле испочитувани одредбите од Законот за локалната самоуправа, бидејќи не бил обезбеден елементарниот минимум од неопходни 12 гласови „за“ колку што според Законот за локалната самоуправа биле потребни, за полноважно донесување на прописи, односно одлуки за урбанистички планови.

Понатаму, во иницијативата се наведува дека оспорените одлуки биле изгласани и донесени спротивно на член 62 ставови 1 и 2 од Законот за локалната самоуправа бидејќи во моментот на гласање од вкупно 23 членови на Советот, биле присутни вкупно 12, односно се допуштило гласање и истовремено донесување на пропис со мнозинство од вкупно присутните членови на Советот, што според подносителот на иницијативата, било спротивно на законски потребното мнозинство за донесување на прописи кое требало да биде апсолутно мнозинство на Советот за да се донесе полноважно, легално и легитимно ваков акт, односно пропис.

Со иницијативата, исто така, се оспоруваат наведените одлуки и по однос на нивното неусогласување со Генералниот урбанистички план, што во смисла на член 11 став 7 од Законот за просторно и урбанистичко планирање било обврска на Советот на општината посебно да внимава на нивната усогласеност, односно усогласенот на Деталниот урбанистички план со Генералниот урбанистички план.

3. Судот на седницата утврди дека Советот на општина Центар на седницата одржана на 18 јули 2014 година ја донел Одлуката за донесување Детален урбанистички план Градска четврт Ј 07 – локалитет Капиштец, Завод за медицинска рехабилитација, Старо Водно, Долно Водно, Мало Курило и Цвеќара, бр.07-4414/4 која вкупно содржи 8 (осум) члена. Во првиот член од одлуката се дефинира и прецизно утврдува просторот на кој се однесува Деталниот урбанистички план, а во членот 2 се утврдува површината на просторот и границите на планскиот опфат. Во член 3 од истата одлука прецизно е наведен општиот дел, документационата основа – текстуалниот и графичкиот дел, како и планската документација на утврдените граници. Членот 4, утврдува што е составен дел на одлуката, а во членот 5 се наведува дека Деталниот урбанистички план се заверува со печат и потпис на претседателот на Советот на општина Центар – Скопје во седум примероци.

Според член 6 од одлуката Секторот за урбанизам во општина Центар – Скопје е задолжен во рок од 30 дена од донесување напланот да обезбеди картирање на планот на хамер или астралон. Во член 7 е предвидено дека одлуката за конкретниов Детален урбанистички план со сите нејзини делови се за нејзина реализација се грижи Секторот за урбанизам во општина Центар – Скопје.

Во членот 8 се утврдува дека Одлуката влегува во сила со денот на објавувањето во „Службен гласник на општина Центар – Скопје“.

Одлуката за донесување изменување и дополнување на Деталниот урбанистички план Тасино Чешмиче 1, општина Центар – Скопје бр.07-4414/6 од 18 јули 2014 година, донесена од Советот на општина Центар, исто така содржи 8 (осум) члена. Во првиот член децидно се утврдува што е предмет, односно простор на одлуката, а во член 2 е утврдена површината на просторот и прецизно е дефинирана границата на планскиот опфат. Членот 3 од одлуката ги содржи текстуалниот и графичкиот дел, а членот 4 децидно наведува што е основен дел на одлуката. Членот 5 од одлуката го утврдува бројот на примероци на одлуката, а член 6 уредува дека Секторот за урбанизам во општина Центар Скопје во рок од 30 дена од донесување на одлуката е должен да обезбеди картирање на планот на хамер или астралон. Во член 7 се утврдува дека одлуката со сите нејзини делови се чува и за неа се грижи Секторот за урбанизам во општина Центар – Скопје. Членот 8 утврдува дека одлуката влегува во сила со денот на објавувањето во „Службен гласник на општината Центар“.

Претседателот на Советот на општина Центар – Скопје со Одлуките бр.07-4780/4 и бр.07-4780/2 двете донесени на 4 август 2014 година не ги прифатил решенијата за запирање на Одлуките за донесување на двата погоренаведени Детални урбанистички планови и истите во целост ги потврдил.

4. Во текот на претходната постапка, по прибавената писмена документација од Советотна општина Центар, Судот ја утврди следната фактичка состојба:
– Програма за изработка на урбанистички планови за општина Центар во 2011 година бр.07-1193/2 од 18.03.2011 година,
– Планска програма изработена од Друштво запланирање, проекирање и инженеринг „Тајфа-план“ доо-Скопје од ноември 2011 година,
– Предлог изменување и дополнување на Детален урбанистички план „Тасино Чешмиче 1“, општина Центар, плански период 2011-2016 со плански опфат од 30.00 ха, изготвен од Друштво за планирање, проектирање и инженеринг „Тајфа-план“ доо-Скопје, со тех.бр.132/11/11 од февруари 2013 година,
– Извештај од извршена Стручна ревизија изработена од АД за урбанизам, ахитектура и инженеринг „ЗУАС“-Скопје, со тех.број 2428/11 од декември 2011 година,
– Извештај-одговор за постапување по забелешките од Стручната ревизија изготвен од Друштво за планирање, проектирање и инженеринг „Тајва-план“ доо Скопје, од декември 2011 година,
– Решение за формирање Комисија за давање мислење на планот, бр.08-1140/1 од 10.03.2011 година,
– Мислење на планот од Комисија, со арх.бр.08-5144/1 од 6.12.2011 година,
– Одлука – Решение за организирање на јавна презентација и јавна анкета по планот бр.08-5111/1 од 7.12.2011 година,
– Соопштение за организирање на јавна анкета и јавна презентација по планот бр.08-5111/2 од 7.12.2011 година и доказ за објава во две јавни гласила,
– Решение за формирање на Стручна комисија за изработка на извештај од јавна анкета бр.08-5111/3 од 23.12.2011 година,
– Записник од јавна презентација бр.25-1667/20 од 26.12.2011 година,
– Извештај од јавна анкета и јавна презентација по планот, бр.25-1667/21 од 26.12.2011 година,
– Известување за постапување по Извештајот од спроведената јавна анкета и јавна презентација бр.25-1667/22 од 26.12.2011 година,
– Одлука – Решение за организирање на повторна јавна презентација и јавна анкета по планот бр.08-9737/1 од 11.12.2012 година,
– Соопштение за организирање на повторна јавна презентација и јавна анкета по планот бр.9737/2 од 11.12.2012 година и доказ за објава во две јавни гласила,
– Записник од повторна јавна презентација бр.27-87/2 од 3.01.2013 година,
– Извештај од повторна јавна анкета и јавна презентација по планот, бр.27-87/3 од 3.01.2013 година,
– Известување за постапување по Извештајот од спроведената јавна анкета и јавна презентација, бр.27-87/4 од 3.01.2013 година,
– Мислења од соодветни надлежни органи, институции и други субјекти, согласно член 29 од Законот,
– Мислење од Министерството за култура – Управа за заштита на културното наследство бр.17-2466/2 од 17.10.2011 година,
– Одлука за неспроведување на стратегиска оцена бр.08-1864/1 потпишана од градоначалникот,
– Мислење од НУ Конзерваторски центар – Скопје бр.07-150/2 од 7.03.2012 година,
– Согласност од Дирекција за заштита и спасување бр.10-21/6 од 19.03.2012 година,
– Мислење од ЈП „Водовод и канализација“ Скопје бр.1202-19510/2 од 28.12.2012 година,
– Мислење од град Скопје – Сектор за планирање и уредување на просторот, бр.13-492/2 од 6.02.2013 година,
– Мислење од Дистрибиуција на топлина ДООЕЛ Скопје бр.01-1826/2 од 24.12.2012 година,
– Мислење од Државна комисија за спречување на корупцијата бр.07-497/2 од 25.01.2013 година доставено до општина Центар,
– Мислење од Државна комисија за спречување на корупцијата бр.07-1515/2 од 26.02.2013 година доставено до Министерствоза транспорт и врски.
– Програма за урбано планирање Ф на Општина Центар- Скопје за 2013 година бр.07-10029/16 од 27.12.2012година,
– Програма за изменување и доплонување на програмата за урбано планирање Ф на Општина Центар- Скопје за 2013 година бр.07-238/6 од 09.01.2013 година,
– Планска програма изработена од Друштвото за производство, услуги и промет БИЛД ДООЕЛ експорт- импорт, со тех.бр.19-1/13 од јануари/2013 година,
– Предлог-план ДУП Градска Четврт Ј 07- локалитети Капиштец, Завод за медицинска рехабилитација, Старо Водно, Мало Курило и Цвеќара Општина Центар Скопје, со плански период(2013-2018), со плански опфат(136,00ха),изработен од Друштвото за производство, услуги и промет БИЛД ДООЕЛ експорт- импорт Скопје со тех.бр.19/13 од февруари /2013 година,
– Извештај од извршена Стручна ревизија изготвена од Друштво за планирање,проектирање и инженеринг Тајфа-план доо Скопје, со тех.бр.003/01/13 од Јануари/2013 година.
– Решение за формирање Комисија за давање мислење на планот,бр.08-1140/1 од 10.03.2011 година,
– Мислење на планот од Комисија,арх.бр.08-1121/1 од 29.01.2013 гидина,
– Соопштение за организирање на јавна анкета и јавна презентација по планот бр.08-1136/2 од 30.01.2013 година о доказ за објава во две гласила,
– Решение за формирање на Стручна комисија за изработка на извештај од јавна анкета, бр.08-1136/3 од 14.02.2013 година,
– Записник од јавна презентација бр.08-1136/4 од 14.02.2013год. и записник од јавна анкета бр.08-1136/5 од 21.02.2013 година,
– Извештај од јавна анкета и јавна презентација по планот, бр.08-1136/6 од 21.02.2013 година,
– Известување за постапување по Извештајот од спроведената јавмна анкета и јавна презентација, бр.08-1136/7 од 21.02.2013 год,
– Мислења од соодветни надлежни органи, институции и други субјекти во смисла на член 29 од Законот за просторно и урбанистичко планирање.
– Записник од 23-тата седница на Советот на Општина Центар одржана на 18 јули 2014 година кога се донесени прво и второ оспорените одлуки.Од увидот во истиот констатиравме дека истите се донесени со 11 гласа “за”, 1 глас “против” и ниту еден “воздржан “и истите се донесени на седница на која не присуствувала советничката група на СДСМ, која ја напуштила седницата пред започнувањето на истата.

5. Според член 8 став 1 алинеи 3 и 10 од Уставот на Република Македонија, владеењето на правото и уредувањето и хуманизацијата на просторот и заштитата и унапредувањето на животната средина и на природата се утврдени како темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Условите и начинот на системот на просторното и урбанистичкото планирање, видовите и содржината на плановите, изработувањето и постапката за донесување на плановите, спроведувањето на плановите и следењето на реализацијата на плановите, надзорот и други прашања од областа на просторното и урбанистичко планирање се уредени со Законот за просторно и урбанистичко планирање („Службен весник на Република Македонија” бр.51/2005, 137/2007, 91/2009, 124/2010, 18/2011, 53/2011, 144/2012,55/2013 , 163/2013 и 42/2014).

Co член 7 од овој закон се утврдени видовите планови кои се донесуваат во зависност од просторот кој е предмет на планирање, и тоа: просторни планови во кои спаѓа просторен план на Република Македонија и урбанистички планови во кои спаѓаат генерален урбанистички план, детален урбанистички план, урбанистички план за село и урбанистички план надвор од населено место.

Cо членот 17 од Законот е уредено:
(1) За изработување на плановите од членот 7 точка 2 на овој закон, општините и градот Скопје донесуваат годишна Програма.
(2) Програмата од ставот (1) на овој член, општините и градот Скопје ја доставуваат до органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на уредување на просторот и задолжително ја објавуваат во јавните гласила.
(3) Изработката на плановите од програмата од ставот (1) на овој член, се финансира од буџетот на општината и буџетот на градот Скопје.
(4) Заради ефикасно спроведување на политиката на планирање и уредување на просторот, општините, општините во градот Скопје и градот Скопје се должни да обезбедат стручно следење на спроведувањето на плановите и да извршат согледување за степенот на реализација на плановите, заради подготвување на Програма за изработка на урбанистички планови.
(5) За обезбедување на стручност и јавност во процесот на просторното и урбанистичкото планирање советот на општината и Советот на градот Скопје формира партиципативно тело кое ги пренесува ставовите, мислењата и потребите на граѓаните и правните лица, ги следи состојбите во планирањето преку давање иницијативи, насоки и сугестии за изготвување на плански решенија за соодветната општина и Градот Скопје. Партиципативното тело се состои од: претставници од советот, стручно лице од општинската администрација, истакнати стручни лица од областа на урбанистичкото планирање, претставници од здруженија на граѓани и граѓани од подрачјето на општината. Бројот на претставниците се утврдува со статутот на општината и Статутот на градот Скопје и не може да биде поголем од десет члена.
(6) Изработката на плановите од програмата од ставот (1) на овој член можат да ја финансираат и заинтересирани правни и физички лица чиишто програмски барања и подрачја на интерес се прифатливи за општината и градот Скопје.
Со членот 21 од Законот е определено:
(1) На нацртот на плановите од членот 7 на овој закон се врши стручна ревизија со која се утврдува дека плановите се изработени во согласност со одредбите на овој закон, прописите донесени врз основа на овој закон и друг закон.
(2) Стручна ревизија на планот од членот 7 точка 1 на овој закон, врши стручна комисија што ја формира министерот кој раководи со органот на државна управа надлежен за работите од областа на просторното планирање и се состои од најмалку три члена од стручно-научни институции, истакнати научни и стручни работници од областа на просторното и урбанистичко планирање и од други области суштествени за изработка на планската документација.
(3) Стручна ревизија на плановите од членот 7 точка 2 на овој закон финансирани од Буџетот на Република Македонија, врши стручна комисија што ја формира министерот кој раководи со органот на државна управа надлежен за вршење на работите од областа на уредување на просторот. Стручната комисија се состои од најмалку три члена, од кои најмалку двајца се со овластување за носител на изработка на урбанистички планови или се истакнати научни и стручни работници од областа на урбанистичкото планирање.
(4) Стручна ревизија на плановите од членот 7 точка 2 на овој закон финансирани од буџетот на општините и буџетот на градот Скопје, врши овластено правно лице од членот 18 став (1) на овој закон, определено од градоначалникот на општината или градоначалникот на градот Скопје.
(5) Забелешките од стручната ревизија се вградуваат во нацртот на планот, а изработувачот на планот задолжително дава извештај за постапувањето по забелешките на стручната ревизија, до органот надлежен за донесување на планот. Стручната ревизија и извештајот за постапувањето по забелешките од стручната ревизија се составен дел на планот.
(6) Стручна ревизија не може да врши изработувачот на планот на кој се врши ревизија.

Во членот 22 став 1 на овој закон се утврдува дека плановите од членот 7 на овој закон се изработуваат во две фази, односно како нацрт на план и предлог на план.

Според член 24 став 1 на овој закон, по нацртот на деталниот урбанистички план, урбанистички план за село и урбанистички план вон населено место, општината спроведува јавна презентација и јавна анкета.

Според став 2 на истиот член, организирањето на јавната презентација и јавната анкета по плановите од ставот 1 на овој член, го врши градоначалникот на општината по утврдување на нацртот на планот од страна на советот за кој претходно е добиено мислење од органот на државната управа надлежен за работите од областа на уредувањето на просторот.

За спроведената јавна презентација и јавна анкета се изработува извештај (став 3).

Според ставот 4 на овој член од Законот, јавната презентација и јавната анкета од ставот 1 на овој член се спроведува со излагање на планот на јавно место кое се наоѓа во кругот на месната самоуправа. Јавната анкета трае најмалку 10 работни дена, во кој рок заинтересираните граѓани и правни лица од конкретното подрачје опфатено со планот можат да достават забелешки, предлози и мислења на анкетни листови.

Во ставот 5 на овој член, се предвидува дека јавната презентација е стручно презентирање на планот и се организира во простории и време што ќе го определи градоначалникот на општината.

Согласно, пак, член 24 став 6 од овој закон, извештај од јавната анкета со образложение за прифатените и неприфатените забелешки за плановите од ставот 1 на овој член изработува стручна комисија формирана од градоначалникот на општината која е составена од три члена и тоа: носителот на изработка на планот, одговорно лице од општинската администрација надлежно за урбанистичко планирање и истакнат научен и стручен работник од областа на урбанистичкото планирање.

Според член 24 став 7 од Законот, извештајот од ставот 6 на овој член е составен дел на одлуката за донесување на предлогот на планот.

Согласно член 24 став 8 од истиот закон, врз основа на извештајот, комисијата од ставот 6 на овој член е должна писмено да го извести секое лице кое поднело анкетен лист со образложение за прифаќање или неприфаќање на неговите збелешки или предлози.

Според ставот 9 на членот 24 од Законот, доколку комисијата од ставот 6 на овој член оцени дека нацртот на планот со прифатените забелешки од јавната анкета претрпел значајни промени (промена на границата на урбанистичкиот опфат, промени на регулационите линии, промени на намената на земјиштето и промена во поголем обем на други параметри утврдени во планот), градоначалникот на општината за нацрт на планот со вградени забелешки во планот повторно спроведува јавна презентација и јавна анкета.

Според ставот 10 на членот 24 од Законот, времето и местото каде што ќе биде изложен планот и спроведувањето на јавната презентација и јавната анкета, задолжително се објавува со соопштение во јавните гласила. Соопштението задолжително ги содржи податоците, местоположбата и површината на опфатот на планот.

Согласно член 25 став 1 од Законот, на плановите од членот 7 точка 2 на овој закон, изработени во форма на нацрт на план се дава мислење од органот на државната управа надлежен за работите од областа на уредување на просторот, заради согледување на степенот на усогласеноста на плановите со одредбите на овој закон и прописите донесени врз основа на овој закон.

Според ставот 2 на овој член од Законот, на плановите од членот 7 точка 2 на овој закон, изработени во форма на предлог на план се дава согласност од органот на државната управа надлежен за работите од областа на уредување на просторот, со која се потврдува дека плановите се изработени согласно со одредбите на овој закон и прописите донесени врз основа на овој закон.

Според ставот 3 од истиот член од Законот мислењето од ставот 1 и согласноста од ставот 2 на овој член се дава во рок од 15 работни дена од денот на поднесување на барањето од страна на доносителот на планот. Доколку надлежниот орган за издавање на мислењето и согласноста не одговори во наведениот рок ќе се смета дека мислењето и согласноста се издадени.

Во ставот 4 на членот 25 од овој Закон, се предвидува дека по добивањето на согласноста од ставот 2 на овој член, планот се доставува до надлежниот орган за донесување.

Според членот 26 став 9 од Законот, општините во градот Скопје, урбанистичките планови ги донесуваат по претходно добиено мислење од градоначалникот на градот Скопје – за што градоначалникот овластува стручно лице, дипломиран инженер архитект со најмалку три години работно искуство во областа на урбанистичкото планирање. Мислењето од градоначалникот на градот Скопје се издава во рок од 15 дена од денот на поднесувањето на барањето од страна на доносителот на планот, а доколку не се издаде во определениот рок ќе се смета дека мислењето е дадено.

Со членот 28 од Законот е определено дека:

(1) Планирањето на просторот се врши за период од најмалку:
-петнаесет години за Просторен план на Републиката, десет години за генерален урбанистички план, урбанистички план за село и урбанистички план вон од населено место и
-пет години за детален урбанистички план.
(2) Со донесување на нов Просторен план на Републиката и нов урбанистички план, престанува да важи постојниот план.
(3) Пред истекот на пропишаниот плански период за плановите од членот 7 на овој закон, донесувачот на планот најмалку еднаш годишно изработува стручна анализа на плановите со која се утврдува евентуалната потреба од изменување и дополнување на плановите или дел од плановите.
(4) По истекот на пропишаниот плански период, градоначалникот на општината и градоначалникот на градот Скопје овластува стручно лице дипломиран инженер архитект со најмалку три години работно искуство од областа на урбанистичкото планирање кое е задолжено за следење на урбанистичките планови, да изготвува анализа за степенот и квалитетот на реализацијата на плановите, новонастанатите промени и потребите на развој и подготвува програма за изработка на урбанистички планови.
(5) Измени и дополнувања на плановите и делови од планови од членот 7 на овој закон се вршат по истата постапка пропишана за нивно донесување.

Од изнесените законски одредби произлегува дека законодавецот во функција на обезбедување на уредувањето и хуманизацијата на просторот и заштитата и унапредувањето на животната средина и на природата како темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија, утврдил прецизна регулатива во врска со планирањето на просторот, точно определувајќи ги плановите за просторно и урбанистичко планирање, нивната содржина и постапката за нивно донесување.

Со иницијативата се оспоруваат предметните одлуки бидејќи истите не биле донесени со потребното мнозинство гласови како се предвидувало во Законот за локалната самоуправа, поради што постапката за донесување на истите не била законита. Меѓутоа, со овие наводи содржани во иницијативата не може пред Уставниот суд да се оспорува постапката на изгласување на одлуките, бидејќи ваквото правно прашање за Уставниот суд е ирелевантно, од причина што уставно-судската анализа на оспорените планови се врши исклучиво од аспект постапката за донесување на истите vis a vis одредбите на Законот за просторно и урбанистичко планирање. Имено, Уставниот суд на Република Македонија при оценката на уставноста и законитоста на плановите ја цени законитоста на постапката во која тие се донесуваат, односно фазите и другите дејствија преземени во рамките на таа постапка предвидени во Законот за просторно и урбанистичко планирање („Службен весник на РМ“ бр.51/2005……………. 42/2014), а не и работите и работните задачи како тековни надлежности на субјектите од локалната самоуправа надлежни за донесување на планот, кои работат врз основа на одредбите од Законот за локалната самоуправа.Оттука, Уставниот суд согласно член 110 од Уставот на Република Македонија, ја цени исклучиво постапката за донесување на плановите во смисла на постапката за нивно изработување и донесување уредена исклучиво во посебен дел од Законот за просторно и урбанистичко планирање означен и насловен со „II. Планирање на просторот“, кој ги опфаќа членовите од 7 до 48.

Имено, според член 1 од Законот за локалната самоуправа (“Службен весник на Република Македонија” бр.5/2002) со овој закон се уредуваат надлежностите на општината, непосредното учество на граѓаните во одлучувањето, организацијата и работата на органите на општината,општинската администрација, актите на органите,имот- сопственост на општината, надзорот на работата на органите на општината, распуштањето на советот на општината, механизмите на соработка механизмите на соработка меѓу заштитата на локалната самоуправа, утврдување на службени јазици општините и Владата на Република Македонија, месната самоуправа, во општината и други прашања од значење на локалната самоуправа.

Од наведеното, јасно произлегува дека Уставниот суд не е надлежен да ја цени законитоста на постапката на донесување на плановите од аспект на одредбите од Законот за локалната самоуправа, туку од аспект на содржината на одредбите од Законот за просторно и урбанистичко планирање, односно дали во текот на постаката се запазени сите фази предвидени во наведениот закон, а и истовремено дали е донесен од надлежен орган.

Во врска со наводите во иницијативата дека оспорените одлуки биле во спротивност со одредбите на Законот за просторно и урбанистичко планирање, бидејќи деталниот урбанистички план не бил во согласност со генералниот урбанистички план, имајќи ја предвид надлежноста на Уставниот суд определена во член 110 алинеите 1 и 2 од Уставот, да одлучува за согласноста на законите со Уставот и на другите прописи и колективните договори со Уставот и со законите, а не и за меѓусебната согласност на прописите од ист правен ранг, Судот оцени дека и по однос на овие наводи иницијативата треба да се отфрли во смисла на член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија.Ова поради тоа што Судот не ја оценува согласноста на деталниот со генералниот урбанистички план.

Врз основа на напред наведената уставно-судска анализа, Судот оцени дека во конкретниов случај со оглед на карактерот на наводите содржани во иницијативата Уставниот суд нема надлежност да се впушти во мериторна оцена на оспорените одлуки, а во смисла на член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд.

6. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот Елена Гошева и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.115/2014
25 ноември 2014 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева

Издвоено мислење по предметот У.бр.115/2014