У.бр.112/2009-1

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992) на седница одржана на 20 јануари 2010 година, донесе

О Д Л У К А

1. СЕ УКИНУВА членот 9 став 5 алинеја 3 од Законот за Управата за јавни приходи („Службен весник на Република Македонија“ бр.81/2005, 81/2008 и 105/2009).

2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“.

3. Уставниот суд на Република Македонија, по повод иницијатива на Стамен Филипов од Скопје, со Решение У.бр.112/2009 од 4 ноември 2009 година, поведе постапка за оценување на уставноста на членот 9 став 5 алинеја 3 од Законот означен во точката 1 од оваа одлука, бидејќи основано се постави прашањето за неговата согласност со член 8 став 1 алинеја 3, член 13 став 1, член 14 став 1 и член 112 став 3 од Уставот.

4. Судот на седницата утврди дека, според содржината на оспорениот член 9 став 5 алинеја 3 од Законот за Управата за јавни приходи, мандатот на директорот и заменикот на директорот може да престане, меѓу другото, доколку е осуден за кривично дело кое е поврзано со надлежноста на Управата за јавни приходи, а со кое би се нарушил угледот на органот.

5. Согласно член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, владе-ењето на правото е една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Согласно член 9 став 2 од Уставот, граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Според член 13 став 1 од Уставот, лицето обвинето за казниво дело ќе се смета за невино се додека неговата вина не биде утврдена со правосилна судска одлука, а според член 14 став 1 од Уставот, никој не може да биде казнет за дело кое пред да биде сторено не било утврдено со закон или со друг пропис како казниво дело и за кое не била предвидена казна.

Според член 23 од Уставот, секој граѓанин има право да учествува во вршењето на јавни функции.

Согласно член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Според член 54 став 1 од Уставот, слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да се ограничат само во случаи утврдени со Уставот, а според став 3 на истиот член, ограничувањето на слободите и правата не може да биде дискриминаторско по основ на пол, раса, боја на кожа, јазик, вера, национално или социјално потекло, имотна или општествена положба.

Според Амандманот XXV на Уставот, судската власт ја вршат судовите. Судовите се самостојни и независни. Судовите судат врз основа на Уставот и законите и меѓународните договори ратифи-кувани во согласност со Уставот. Забранети се вонредни судови. Видовите, надлежноста, основањето, укинувањето, организацијата и составот на судовите, како и постапката пред нив, се уредуваат со закон што се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.

Согласно член 19 став 2 од Законот за организација и работа на органите на државната управа („ Службен весник на Република Македонија“ број 58/2000, 44/2002 и 82/2008), Управата за јавни приходи е основана како орган во состав на Министерството за финансии, со својство на правно лице.

Со цел да се создадат основи за пристапување кон процес на реорганизација на Управата за јавни приходи во ефикасна и ефективна организација во сите сегменти на нејзиното работење, поради остварување на основната мисија-наплата на даноците согласно закон заради обезбедување остварување на функциите на државата и давање помош и поддршка на даночните обврзници за доброволно исполнување на даночните обврски, законодавецот го донел Законот за управата за јавни приходи.

Со овој закон се уредува делокругот, организацијата, начинот на вршење на работата и раководењето со Управата за јавни приходи, како и овластувањата и одговорностите при собирањето, евидентирањето, обработката и заштитата на податоци во врска со работите на Управата, потоа специфичностите во правата, обврските и одговорностите на службениците од работен однос, кодексот на однесување, наградите и признанијата, како и финансирањето на Управата за јавни приходи, а оваа регулатива има за цел да се подигне степенот на професионализам кај наведените службеници, кои имаат посебни должности и овластувања, како и да се зајакне нивната одговорност.

Според членот 9 од Законот, со работата на Управата за јавни приходи раководи директор, кој може да има заменик. Директорот и заменикот на директорот, на предлог на министерот за финансии, ги именува и разрешува од должност Владата на Репу-блика Македонија за период од четири години со право на повторно именување. Именувањето на директорот и заменикот на директорот се врши врз основа на нивната стручност и компетентност.

Во постапката по предметот У.бр.169/2006, меѓу другото, предмет на уставно-судска оцена беше, сега укинатиот член 9 став 3 алинеја 5 од Законот за Управата за јавни приходи („Службен весник на Република Македонија“ број 81/2005) во кој беше предвидено мандатот на директорот и заменикот на директорот да може да престане доколку е осуден за кривично дело.

Ваквата одредба од Законот, Судот со Одлука У.бр.169/2006 од 12 септември 2007 година (“Службен весник на Република Македонија“ бр.116/2009 од 27 септември 2007) ја укинал бидејќи нашол дека не е во согласност со член 8 став 1 алинеја 3, член 13 став 1 и член 14 став 1 од Уставот.

Ова од причина што престанокот на извршувањето на функцијата директор, односно заменик на директорот на Управата за јавни приходи поради осуденост за кривично дело, според гледиштето на Судот можела да биде предвидена како правна последица само за осуденост за конкретно дефинирани кривични дела за кои на сторителот со правосилна судска пресуда му е изречена казна затвор.

Во тогаш оспорената одредба од Законот, според Судот не биле наведени ниту видот на кривичните дела, ниту пак изречените санкции кои во конкретен случај би претставувале основ за престанување на мандатот на директорот, односно на заменикот на директорот. Напротив, од дадената формулација на оспорената одредба, произлегувало дека осудата за кое било кривично дело, на која било кривична санкција е основ за престанок на функцијата директор, односно заменик на директорот на Управата за јавни приходи. Ваквата непрецизност на одредбата, според гледиштето на Судот можела да доведе до ситуација осудата за кривично дело кое нема никаква врска со функцијата директор на Управата за јавни приходи, да биде основ за престанок на мандатот на директорот или на заменикот на директорот кои се именувани на функцијата согласно нивната стручност и компетентност.

Од овие причини, Судот оценил дека формулацијата на наведената законска одредба е недоволно прецизна и јасна и како таква не обезбедува правна сигурност на граѓаните, како еден од елементите на принципот на владеењето на правото гарантиран со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија. Поради ваквата непрецизност, Судот оценил дека оспорената одредба не е во согласност и со член 13 став 1 од Уставот, бидејќи имала недостаток на квалификацијата “правосилна” осуда, што претставувало директна повреда на уставното начело на презумпција на невиност, со оглед на тоа што доведувала до тоа лицето да се смета за виновно пред неговата вина да биде утврдена со правосилна судска одлука.

Покрај наведеното, недефинирањето на кривичните дела чие извршување би имало како последица престанок на мандатот на директорот, односно заменикот на директорот и недефинирањето на видот на санкциите за тие кривични дела, според Судот се повредувал и принципот на легалитет од член 14 став 1 од Уставот, со тоа што овозможувал лицето да биде „казнето“, односно да трпи последица за сторување на недефинирано дело и недефинирана казна, и тоа автоматски по сила на закон, а не со правосилна судска одлука.

По објавувањето на интервентната одлука на Судот, законодавецот пристапил кон измена и дополнување на Законот (Закон за именување и дополнување на Законот за Управата за јавни приходи, објавен во „Службен весник на Република Македонија“ бр.81/2008 од 7 јули 2008 година) и во членот 7 од наведениот закон предвидел во членот 9 став 5, по алинејата 3 да се додаде нова алинеја 3 која гласи: „-е осуден за кривично дело кое е поврзано со надлежноста на Управата за јавни приходи, а со кое би се нарушил угледот на органот“, која содржина е предмет на оспорување во оваа постапка.

Од компарацијата на укинатата одредба и сега оспоре-ната одредба произлегува дека законодавецот по повод наведената интервентна одлука направил обид, при креирањето на новата норма да ги отстрани констатираните повреди на Уставот, но според оцена на Судот во недоволна мера, а поради следното:

Формулацијата на укинатата одредба и воведниот дел на сега оспорената одредба се сосема идентични и гласат: „-е осуден за кривично дело“. Продолжението на оспорената одредба направено со цел појаснување за какво кривично дело станува збор, односно дека е во прашање кривично дело поврзано со надлежноста на Управата за јавни приходи, а со кое би се нарушил угледот на органот, заедно со изнесениот воведен дел, според Судот, повторно ја доведува во прашање согласност на оспорената одредба со одредбите од Уставот на кои се темели поднесената иницијатива.

Стореното кривично дело поврзано со надлежноста на Управата за јавни приходи е премногу општа формулација која не дава јасна слика за тоа кое сторено кривично дело предвидено во позитивната кривична регулатива е она што може да предизвика престанок на мандатот на директорот или неговиот заменик. Потоа, недостасува формулирање дека не секоја осуда, туку осудата и тоа со правосилна пресуда само на казна затвор може да предизвика престанок на мандатот на наведените лица. Во таа смисла, утврду-вањето на осуденоста за кривично дело како основ за престанок на мандатот на директорот, односно на заменикот на директорот, мора да биде во согласност со општите правила и рамки за пропишување на правните последици од осудата утврдени во Кривичниот законик (“Службен весник на Република Македонија” бр. 37/1996, 80/1999, 4/2002, 43/2003, 19/2004, 81/2005, 60/2006, 73/2006, 7/2008 и 114/2009). Така, според член 101 од Кривичниот законик, правните последици од осудата што се надоврзуваат на осудите за определени кривични дела, може да настапат само кога за кривичното дело на сторителот му е изречена казна затвор. Правни последици можат да се предвидат само со закон. Според член 102 од истиот законик, правните последици од осудата настапуваат со денот на правосилноста на пресудата. Правните последици од осудата што се состојат во забрана на стекнување на определени права траат најдолго десет години од денот на издржаната, простената или застарената казна. Со бришење на осудата престануваат правните последици од осудата.

Тргнувајќи од наведеното, со оспорената одредба од Законот, повторно се пропишува правна последица од осуда за кривично дело што се состои во губење на веќе стекнато право-престанок на функцијата директор, односно заменик на директорот, поради осуда за кривично дело кое не е сосема до крај дефинирано, за секој вид на осуда, а не само за казна затвор, без да се прецизира дека треба да е во прашање осуда со правосилна пресуда, од каде пред Судот, повторно, се постави прашањето за согласност на оспорената одредба со член 8 став 1 алинеја 3, член 13 став 1 и член 14 став 1 од Уставот, како и со членот 112 став 3 од Уставот, од причини што законодавецот при креирањето на новата норма во недоволна мера ја земал предвид оцената на Судот изразена во Одлуката У.бр. 169/2006 од 12 септември 2007 година.

При изразувањето на погоре наведеното гледиште Судот го имаше предвид значењето на работите кои се извршуваат од страна на Управата за јавни приходи во сферата на спроведување на даночната политика на Република Македонија, како и значењето и одговорноста на функцијата директор на Управата, што несомнено подразбира висока стручност, одговорност, совесност и непри-страсност од страна на лицето кое ја извршува оваа одговорна функција, но тоа воедно ја наметнува потреба со закон да се утврдат прецизни, јасни, недвосмислени услови кои треба да ги исполнува лицето на кое ќе му биде доверено извршувањето на вака одговорна функција, како и основите за престанок на извршувањето на функцијата.

Престанокот на извршувањето на функцијата директор, односно заменик на директорот на Управата за јавни приходи поради осуденост за кривично дело, законодавецот може да ја предвиди како околност за престанок на мандатот само за осуденост за конкретно дефинирани кривични дела за кои на сторителот со правосилна судска пресуда му е изречена казна затвор.

Начинот на кој сега е формулирана оспорената законска одредба, според оцена на Судот е недоволно прецизен и јасен и како таков не обезбедува правна сигурност на граѓаните, како еден од елементите на принципот на владеењето на правото гарантиран со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, го повредува уставното начело на презумпција на невиност (член 13 став 1), бидејќи доведува до тоа лицето да се смета за виновно пред неговата вина да биде утврдена со правосилна судска одлука, како и принципот на легалитет од член 14 став 1 од Уставот, со тоа што овозможува лицето да биде „казнето“, односно да трпи последица за сторување на недефинирано дело и недефинирана казна, и тоа автоматски по сила на закон, а не со правосилна судска одлука.

Врз основа на изнесеното, Судот оцени дека оспорената одредба од Законот не е во согласност со член 8 став 1 алинеја 3, член 13 став 1, член 14 став 1 и член 112 став 3 од Уставот.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

7. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претсе-дателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.112/2009
20 јануари 2010 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски