У.бр.112/2005

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 5 април 2006 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 166 став 3 од Законот за сопственост и други стварни права (“Службен весник на Република Македонија” бр.18/2001).

2. Стамен Филипов од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на член 166 став 3 од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според подносителот на иницијативата новиот систем на сопственички односи, утврден со Уставот на Република Македонија поаѓал од принципот на сопственичкиот плурализам со доминантна позиција на индивидуалната и групно приватна сопственост и со соодветно место на државната сопственост. Така, Уставот на преден план ја истакнувал приватната сопственост, што било видливо и од одредбите со кои се утврдувале основите на економските односи во Република Македонија, а посебно гарантираната слобода на пазарот и претприемништвото. Слободниот пазар и претприемништвото биле можни само во услови на доминантна приватна сопственост. Оттаму, подносителот на иницијативата смета дека и напуштената ствар предвидена во оспорената одредба не можела да биде резервирана само за државната сопственост, од кои причини со оспорената одредба се повредувал член 8 став 1 алинеи 3 и 6, членовите 30, 51 и 55 од Уставот на Република Македонија.

Врз основа на изнесеното се предлага Уставниот суд на Република Македонија да поведе постапка за оценување на уставноста на член 166 став 3 од Законот за сопственост и други стварни права.

3. Судот на седницата утврди дека според член 166 од Законот за сопственост и други стварни права правото на сопственост престанува со напуштање на стварта.

Стварта се смета за напуштена кога нејзиниот сопственик на несомнен начин ќе изрази волја дека не сака повеќе да ја држи.

Напуштената недвижност преминува во државна сопственост.

4. Согласно член 8 став 1 алинеи 3 и 6 од Уставот, владеењето на правото и правната заштита на сопственоста се утврдени како темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Со член 30 од Уставот, се гарантира правото на сопственост и правото на наследување.

Сопственоста создава права и обврски и треба да служи за добро на поединецот и на заедницата. Никому не можат да му бидат одземени или ограничени сопственоста и правата кои произлегуваат од неа, освен кога се работи за јавен интерес утврден со закон. Во случај на експропријација на сопственоста или во случај на ограничување на сопственоста се гарантира праведен надомест кој не може да биде понизок од пазарната вредност.

Тргнувајќи од содржината на членот 30 од Уставот, како и од содржината на Уставот во целина, произлегува дека општествената сопственост нормативно не егзистира во Уставот, меѓутоа практично во овој период на транзиција општествената сопственост како општествено-економски однос се уште постои.

Уставот на Република Македонија, освен гаранцијата на сопственоста и правата кои произлегуваат од неа, не содржи одредби за утврдување на основните облици на сопственоста, меѓутоа тргнувајќи од целината на нормативниот дел на Уставот, а особено од фактот што сопственоста е лоцирана во делот на економските права и слободи на човекот и граѓанинот може да се смета дека Уставот всушност се определил пред се за приватната сопственост како основен облик на сопственост, неисклучувајќи ја можноста од постоење на други видови сопственост.

Понатаму, иако Уставот не содржи изречни одредби за приватизација на општествената сопственост, според членот 7 од Уставниот закон за спроведување на Уставот, Собранието на Република Македонија е овластено во рок од 6 месеци да донесе закон со кој ќе се уреди начинот на трансформација на општествената сопственост. Оттука, Собранието на Република Македонија како орган на законодавната власт во рамките на генералното овластување да ги уреди односите поврзани со трансформацијата на општествената сопственост, со Уставот не е ограничено во пропишување на облиците, начинот и динамиката на таа трансформација.

Според член 1 од Законот за сопственост и други стварни права со овој закон се уредуваат правото на сопственост и другите стварни права во согласност со Уставот.

Во членот 2 од овој Закон е утврдено дека право на сопственост можат да го стекнуваат сите домашни и странски физички и правни лица, вклучувајќи ја и државата и единиците на локалната смаоуправа, под услови и на начин предвидени со овој и друг закон.

Според членот 7 од наведениот закон, стекнувањето, заштитата и престанокот на правото на сопственост и на другите стварни права се уредуваат со закон.

Од содржината на овој член од законот произлегува дека стекнувањето, заштитата и престанокот на правото на сопственост и другите стварни права се уредува со закон, што значи дека тоа не може да биде уредувано со подзаконски акт.

Стекнувањето, заштитата и престанокот на правото на сопственост е уредено во Глава IV од Законот за сопственост и други стварни права.

Според членот 112 став 1 од Законот, правото на сопстеност се стекнува според закон, врз основа на правна работа и наследување, а според ставот 2 на овој член, правото на сопстеност се стекнува и со одлука на надлежен орган, на начин и под услови определени со закон.

Оспорениот член 166 од Законот е сместен во Оддел VI “Престанок на правото на сопственост”.

Според ставот 1 на овој член, правото на сопственост престанува со напуштањето на стварта.

Според ставот 2 од овој член, стварта се смета за напуштена кога нејзиниот сопственик на несомнен начин ќе изрази волја дека не сака повеќе да ја држи.

Во оспорениот став 3 на овој член е утврдено дека напуштената недвижност преминува во државна сопственост.

Од содржината на овој член од Законот произлегува дека стварта се смета за напуштена и правото на сопственост врз таквата ствар престанува доколку се исполнети следните два услови: прво, нејзиниот сопственик на несомнен начин ја изразил својата волја дека не сака повеќе да ја држи и второ, фактички да го напуштил владението на стварта. Чинот на напуштање на стварта е престанок на правото на сопственост. За да дојде до престанок на правото на сопственост со чинот на напуштање на стварта, потребно е тој начин да е преземено со слободно искажана волја на сопственикот дека се откажува од своето право на сопственост. Таа волја може да биде искажана со зборови, изречени или напишани или со знаци и конклудентни дејствија.

Според оспорената одредба, напуштената недвижност преминува во сопственост на државата и тоа во моментот на нејзиното напуштање. За да помине во државна сопственост, ова право треба да се оствари под условите утврдени во членот 135 од Законот.

Имено, според ставот 1 на членот 135 од Законот, недвижноста е напуштена ако врз основа на изјава за откажување од сопственост дадена во форма на исправа подобна за упис на правото во јавната книга за запишување на правата на недвижностите, тоа право ќе биде избришано.

Согласно ставот 2 на членот 135 од Законот, со посебни прописи ќе се определи кога ќе се сметаат за напуштени и дека преминале во државна сопственост (сопственост на Република Македонија), оние земјишта чија обработка е сосема запустена и оние руинирани згради што не се поправени. Напуштената недвижност преминува во државна сопственост во моментот на нејзиното напуштање, ако со закон поинаку не е определено.

Од содржината на овој член од Законот произлегува дека сопственикот на недвижноста може да се одрече од своето право на сопственост, но недвижноста со тоа не станува ничија, туку со самото тоа еџ леге преоѓа во сопственост на Република Македонија. Откажувањето на правото на сопственост на недвижноста мора да се стори во дадена форма подобна за упис на правото на сопственост во јавните книги за тоа право да биде избришано.

Со самиот факт на невршење на правото на сопственост недвижноста не е напуштена, правото на сопственост не престанало, па Република Македонија со самото тоа не стекнува право на сопственост на таква недвижност. Со посебни прописи се уредува кога ќе се смета за напуштена и ќе премине во сопственост на Република Македонија, земјиштето чија обработка е сосема запустена или зградите се урнатини, бидејќи не се поправани. Стекнувањето на сопственост врз основа на такви прописи нема да биде врз основа на закон, туку врз основа на одлука донесена од органите на јавната власт.

Напуштената недвижност преминува во сопственост на Република Македонија во моментот на нејзиното напуштање, а не кога е донесена одлуката за нејзиното стекнување – преоѓање во државна сопственост.

Анализирајќи ја оспорената одредба во однос на наводите во иницијативата Судот утврди дека законодавецот се определил за вакво решение, бидејќи во пракса недвижните ствари се напуштаат во ретки случаи и дека целта на преминувањето на напуштената недвижност во државна сопственост не е стекнување на економска корист, туку ставање под режим и грижа на таквите недвижни ствари и дека предност се дава на заедницата (заедницата како збир на поединци изразена преку државата), имајќи предвид дека сопственоста треба да служи за добро на поединецот и на заедницата, а во тие рамки и државната сопственост е во функција на задоволување на државните и општествените интереси.

Врз основа на изнесеното Судот оцени дека оспорената одредба од член 166 став 3 од Законот за сопственост и други стварни права не може да се доведе под сомнение за нејзината согласност со Уставот на Република Македонија.

5. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.112/2005
5 април 2006 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова