У.бр.11/2009-1

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 23 септември 2009 година, донесе

О Д Л У К А

1. СЕ УКИНУВААТ член 21 став 1 точки 3 и 5, член 31 став 4 во делот: „дава писмена изјава заверена кај нотар дека нема ограничување определено со овој закон и во Кодексот за етиката на стечајните управници и …“, член 32 став 3 во дел: „Ако стечајниот управник во овој рок не ја предаде должноста прави тешка повреда која е основа за одземање на лиценцата за овластен стечаен управник на начин и постапка утврдени со овој закон“ и член 295 став 4“, од Законот за стечај („Службен весник на Република Македонија“ бр.34/2006, 126/2006 и 84/2007).

2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“.

3. Уставниот суд на Република Македонија по иницијатива на Стамен Филипов од Скопје, со Решение У.бр.11/2009 од 1 јули 2009 година поведе постапка за оценување на уставноста на одредбите од Законот означен во точката 1 од оваа одлука, затоа што основано се постави прашањето за нивната согласност со одредбите од Уставот.

4. Судот на седницата утврди дека во членот 21 став 1 точки 3 и 5 од Законот за стечај е уредено дека:

„Друштво, односно физичко лице не може да стекнат лиценца за вршење на работи на стечаен управник:

3) ако е или било член на орган за управување, односно е управител на правно лице, вклучувајќи и правно лице што престанало, а не ги платило даноците и придонесите кои со закон било обврзано да ги плати,

5) кое било член на орган на управување, односно управител на трговско друштво кое не ги платило даноците и придонесите кои со закон било обврзано да ги плати, вклучувајќи ги и друштвата што престанале„;

Според членот 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија.

Според членот 32 став 1 од Уставот, секој има право на работа, слободен избор на вработување, заштита при работењето и материјална обезбеденост за време на привремена невработеност, а според ставот 2 на овој член, секому под еднакви услови му е достапно секое работно место.

Согласно членот 33 од Уставот, секој е должен да плаќа данок и други јавни давачки и да учествува во намирувањето на јавните расходи на начин утврден со закон.

Тргнувајќи од тоа дека секој има уставна обврска да ги намирува јавните давачки и дека во рамките на начинот на плаќање на јавните давачки постојат законски механизми за нивно исполнување, Судот оцени дека пропишувањето на наведените услови во оспорените одредби од членот 21 став 1 точки 3 и 5 од Законот за стечај, значи пречекорување на дозволениот праг и излегување надвор од соодветните законски механизми. Ваквите ограничувања со кои не може да се стекне лиценца за вршење на работи на стечаен управник влијае на остварувањето на правото на работа и намалување на обемот на достапноста на работа, што уставно не е дозволено, поради што членот 21 став 1 точки 3 и 5 од Законот е во спротивност со членот 8 став 1 алинеја 3 и членот 32 став 2 од Уставот.

5. Според членот 31 став 4 од Законот, предложениот стечаен управник дава писмена изјава заверена кај нотар дека нема ограничување определено со овој закон и во Кодексот за етиката на стечајните управници и доставува преглед на стечајните постапки во кои е именуван за стечаен управник.

Судот, врз основа на уставносудската анализа оцени дека не е во согласност со Уставот само делот од овој член од Законот, кој гласи: „дава писмена изјава заверена кај нотар дека нема ограничување определено со овој закон и во Кодексот за етиката на стечајните управници и…“.

Ова поради тоа што според членот 11 став 1 од Уставот, физичкиот и моралниот интегритет на човекот се неприкосновени, а согласно членот 25 од Уставот, на секој граѓанин му се гарантира почитување и заштита на приватноста на неговиот личен и семеен живот, на достоинството и угледот.

Почитувањето на овие уставни вредности во себе ја инкорпорира и улогата на државата која треба да гарантира заштита на интегритетот и достоинството на начин со кој ќе обезбеди заштита во случај кога овие вредности се загрозени од друг, и со избегнување на поединецот да му се наметнуваат правни обврски кои во конкретниов случај во постапката за именување на стечаен управник можат службено да се проверат. Поради тоа, за овој дел од членот 31 став 4 од Законот, Судот утврди дека не е во согласност со Уставот.

6. Во членот 32 став 3 од Законот е предвидено дека:

„Поранешен стечаен управник е должен да ја предаде својата должност на новиот стечаен управник во рок од три дена од донесувањето на решението за именување на новиот стечаен управник. Примопредавањето се врши со записник во писмена форма кој го потпишува поранешниот и новоименуваниот стечаен управник. Ако стечајниот управник во овој рок не ја предаде должноста прави тешка повреда која е основа за одземање на лиценцата за овластен стечаен управник на начин и постапка утврдени со овој закон“.

Судот, од анализата на оспорениот дел од членот 32 став 3 од Законот, утврди дека законодавецот предвидел законско решение кое не е пропорционално и не е адекватно сообразено на правните ситуации при оптималната реализација на примопредавањето на должноста од претходниот на новиот стечаен управник и за сите случаи на ненавременото извршување на таа обврска предвидел одземање на лиценца од претходниот стечаен управник, неводејќи сметка дека примопредавањето како фактичко дејствие и во временската рамка е обврска која е детерминирана од двете лица – стечајни управници, чии односи мора од двајцата да се ускладени, како и од многу други фактори кои објективно би можеле да доведат до ситуации на неблаговремено примопредавање, а за кое одговорноста, по сила на Законот, автоматски ќе треба да ја понесе претходниот стечаен управник со одземање на неговата лиценца. Поради тоа, Судот утврди дека ваквото законско решение во оспорениот дел од членот 32 став 3 од Законот, не е во согласност со членот 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, според кој владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија.

7. Во делот од Законот, кој се однесува на „Организација на стечајните управници“ – „Дисциплински повреди и санкции“, во членот 295 став 4 е предвидено: „Со Статутот на Комората можат да се утврдат и други дисциплински повреди“.

Според одредбите од Законот за стечај, стечајните управници на територијата на Република Македонија се организираат во Комора на стечајни управници со седиште во Скопје; Комората има Статут, Кодекс на стечајните управници, професионални правила и други акти; со Статутот се уредува организацијата, управувањето, работењето, финансирањето и внатрешната контрола на Комората; органи на Комората се Собрание, Управен одбор, Надзорен одбор и претседател на Комората; Комората има својство на правно лице и се запишува во регистарот во кој се водат другите правни лица (член 287), потоа, стечајните управници кои имаат лиценца и извршиле осигурување согласно со закон, се запишуваат во именикот (регистар) на стечајни управници (член 288 став 1), а Собранието на Комората го сочинуваат сите стечајни управници на територија на Република Македонија (член 289 став 1).

Со одредбите од членот 295 се уредуваат прашањата за дисциплинските повреди и се набројани што претставуваат дисциплинските повреди кои стечајниот управник би можело да ги направи, а со оспорената одредба од ставот 4 на членот 295 од Законот, е дадено овластување надвор од законски предвидените дисциплински повреди Комората во Статутот да утврди и други дисциплински повреди.

Поаѓајќи од содржината на оспорената одредба од Законот, а имајќи предвид дека согласно членот 32 став 5 од Уставот, остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективни договори, Судот утврди дека во случајов со наведеното законско овластување се овозможува права и обврски кои го засегаат и условуваат работниот однос на стечајниот управник, да се пропишуваат не со закон и колективен договор, туку со статут кој ниту има карактер на пропис и претставува само акт за организацијата на работењето на Комората, поради што оваа одредба од Законот не е во согласност со Уставот.

8. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

9. Оваа одлука Судот ја донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.11/2009
23 септември 2009 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски