У.бр.109/2010

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 1 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 10 октомври 2012 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 198 став 2 од Законот за служба во Армијата на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.36/2010, 23/2011, 47/2011, 148/2011, 55/2012 и 77/2012).

2. Стамен Филипов од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијативи за поведување на постапка за оценување на уставноста на законот наведен во точка 1 од ова решение.

3. Според наводите во иницијативата законската одредба на член 198 став 1 од Законот била неодржлива од уставно-правен аспект, затоа што истата била применлива само за активниот воен и цивилен персонал под услов да трајно службуваат и живеат во местото на службување во кое го решиле станбеното прашање со купување на стан во лична сопственост. Меѓутоа, оваа одредба според наводите во иницијативата не била применлива и создавала нееднаквост и нерамноправност за граѓаните односно за активниот воен и цивилен персонал, кога истиот бил поставуван на друга должност надвор од градот каде што го купил станот, кое било регулирано и со членовите 74 до 78 од Законот, и тоа во состојба кога истиот персонал бил упатен на работа во друга единица или установа надвор од местото каде што го купил станот согласно член 80 од Законот; кога бил разрешен од должност поради стручно оспособување и усовршување и упатен во друг град во Републиката или надвор од Републиката според одредбите на член 82 од овој закон и кога бил преместен од еден во друг град како што било уредено согласно член 86 од Законот.

Поради тоа, според наводите во иницијативата со оваа законска одредба се повредувал член 8 став 1 алинеја 3, член 9 и член 51 од Уставот и подносителот на иницијативата предлага Уставниот суд да поведе постапка за оценување на уставноста.

4. Судот на седница утврди дека според оспорениот член 198 став 1 од Законот, на активниот воен и цивилен персонал кој по сопствен избор трајно ќе го реши станбеното прашање со купување на стан во лична сопственост под условите и на начин утврдени во членот 196 од овој закон, трајно му престанува правото на користење на службен стан, правото на надоместок на трошоци за закупнина на стан и правото на надоместок на стварни трошоци за превоз. Според ставот 2, правото од членот 196 на овој закон, активниот воен и цивилен персонал може да го оствари само еднаш во текот на службата во Армијата. Според ставот 3, правото од членот 196 на овој закон има право да го користи само еден од брачните другари, доколку двајцата се на служба во Армијата.

5. Во член 8 став 1 алинеите 3 и 8 од Уставот на Република Македонија, како темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија се утврдени принципот на владеењето на правото и на хуманизмот, социјалната правда и солидарноста.

Во членот 9 став 1 од Уставот предвидено е дека граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Според ставот 2 на овој член, граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Согласно член 32 став 5 од Уставот, остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективен договор.

Членот 51 став 1 од Уставот предвидува дека законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Според ставот 2 на овој член, секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Со членот 1 од Законот за служба во Армијата на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр. 36/2010, 23/2011, 47/2011, 148/2011, 55/2012 и 77/2012) се уредува статусот, правата, обврските, должностите и одговорностите на персоналот на служба во Армијата на Република Македонија, како и системот на плати и надоместоци на плати и други прашања во врска со службата во Армијата.

Според членот 2 став 1 под служба во Армијата се смета вршење на воени должности во Армијата. Според ставот 2 како служба во Армијата се смета вршење на должности во Министерството за одбрана, Воената академија, другите органи на државната власт, трговските друштва, јавните претпријатија, установите и службите, воените претставништва на Република Македонија во странство, учество во вежбовни активности и обука и во хуманитарни или мировни операции надвор од територијата на Република Македонија, како и должности во мултинационални воени сили формирани согласно ратификувани меѓународни договори кои Република Македонија ги склучила или им пристапила.

Согласно членот 3 став 1 од наведениот закон, служба во Армијата врши воен и цивилен персонал.

Во членот 3 точка 1 од Законот е дефинирано што според овој закон се смета за воен персонал, при што, покрај другото, воен персонал е воен старешина офицер и подофицер. Во точката 2 од наведениот член, цивилен персонал во смисла на овој закон, се смета цивилно лице поставено на должност согласно со актот за формација на Армијата.

Согласно членот 4 од Законот воениот и цивилниот персонал вршат служба во Армијата со засновање на работен однос со Министерството за одбрана, а согласно член 74 од Главата IX. насловена “Поставување на воениот и цивилниот персонал и други односи во вршење на службата во Армијата” од Законот, воениот и цивилниот персонал се поставува на соодветна должност, односно формациско место според неговата воена евиденциска специјалност и според потребите на службата во Армијата.

Според членот 80 став 1 од овој Закон, aктивниот воен и цивилен персонал поради потреба на службата може да биде упатен на должност во друга единица или установа во Републиката или во друг орган на државната власт на одредено време, а најдолго една година. По исклучок од ставот 1 на овој член, активниот воен и цивилен персонал може да биде упатен на должност и подолго од една година, но најмногу две години во текот на пет години, сметано од првото упатување. Според ставот 3, во случаите од ставовите 1 и 2 на овој член, лицето ги задржува правата од својот чин и должност на која бил поставен, доколку тоа е поповолно за него. Според ставот 4, по исклучок од ставот 1 на овој член, активниот воен и цивилен персонал без негова согласност не може да се упатува во друго место на вршење на службата, ако во наредните пет години ги исполнува условите за пензионирање, освен ако поради преместување или укинување на единицата, нема слободно формациско место во местото на вршење на службата на кое би можел да биде поставен.

Во Главата XIV насловена “Станбено обезбедување” во членовите од 192-198 од Законот, се уредуваат прашања кои се однесуваат на станбеното обезбедување на вработените во Армијата на Република Македонија, односно за правата и обврските на воениот и цивилниот персонал за време на вршењето на службата во Армијата, како што се право на користење на службен стан, право на надоместок на трошоците за закупнина на стан и правото на надоместок на стварни трошоци.

Според член 194 став 1 од Законот, вработените во Армијата кои засновале работен однос на неопределено време, а кои на територијата на Република Македонија немаат стан во лична сопственост или во сопственост на член од нивното потесно семејство (брачен другар, деца родени во брак или вон брак, посиноци, посвоени деца и деца земени на издржување и родители), со кои живеат во заедничко домаќинство, а не им е обезбедено користење на службен стан, имаат право на надоместок на трошоци за закупнина на стан. Вработените во Армијата кои засновале работен однос на определено време,правото од ставот 1 на овој член можат да го остварат по три години служба во Армијата.(став 2) Висината на надоместокот од ставовите 1 и 2 на овој член ја утврдува министерот за одбрана во зависност од местото на вршењето на службата.(став 3)

Според Член 196 став 1 од Законот, на вработените во Армијата кои по сопствен избор трајно ќе го решат станбеното прашање со купување на стан во лична сопственост, Министерството за одбрана ќе им овозможи субвенционирање на дел од трошоците за купување на стан во лична сопственост. Согласно ставот 2 субвенционирањето на трошоците на ставот 1 на овој член се врши согласно со Програмата за изградба на станови за припадниците на Армијата, донесена од Владата на Република Македонија и тоа претставува јавен интерес.(став 3) При субвенционирањето на дел од трошоците за купување на стан во лична сопственост особено се земаат предвид местото на службување, годините на работен стаж, семејната состојба, користење на стан под закуп и слично. (став 4) Начинот на субвенционирање на трошоците за купување на стан во лична сопственост го пропишува министерот за одбрана.(став 5)

Согласно член 197 став 1 од овој закон, активниот воен и цивилен персонал кој по сопствен избор трајно ќе го реши станбеното прашање со купување на стан во лична сопственост со субвенционирање на дел од трошоците од страна на Министерството за одбрана, е должен да остане на служба во Армијата десет години по остварувањето на ова право. Според ставот 2, ако на активниот воен и цивилен персонал од ставот 1 на овој член му престане службата во Армијата по негово барање или поради изречена дисциплинска мерка престанок на работен однос, односно губење на чин, пред истекот на рокот од ставот 1 на овој член, е должен да ги надомести реалните трошоци од членот 196 став 1 на овој закон исплатени од страна на Министерството за одбрана. По исклучок од ставовите 1 и 2 на овој член, професионалниот војник на кој службата во Армијата му престанува со навршување на 38 години возраст, се ослободува од обврските утврдени во ставовите 1 и 2 на овој член.

Според оспорениот член 198 став 1 од Законот, на активниот воен и цивилен персонал кој по сопствен избор трајно ќе го реши станбеното прашање со купување на стан во лична сопственост под условите и на начин утврдени во членот 196 од овој закон, трајно му престанува правото на користење на службен стан, правото на надоместок на трошоци за закупнина на стан и правото на надоместок на стварни трошоци за превоз. Според ставот 2, правото од членот 196 на овој закон, активниот воен и цивилен персонал може да го оствари само еднаш во текот на службата во Армијата. Според ставот 3, правото од членот 196 на овој закон има право да го користи само еден од брачните другари, доколку двајцата се на служба во Армијата.

Тргнувајќи од анализата на цитираните одредби од Законот, станува збор за јасни и недвосмислени одредби со кои се уредуваат прашањата што се однесуваат на статусот, правата, обврските, должностите и одговорностите на персоналот на служба во Армијата на Република Македонија. Заради подобрување на стандардот на активниот воен и цивилен персонал, новина претставува можноста за активниот воен и цивилен персонал кој по сопствен избор трајно ќе го реши станбеното прашање со купување на стан во лична сопственост, Министерството за одбрана да му овозможи субвенционирање на дел од трошоците за купување на стан во лична сопственост, согласно Програмата за изградба на станови за припадниците на Армијата донесена од Владата на Република Македонија.

Поаѓајќи од уставната определба во член 8 став 1 алинеја 3, член 9 и член 51 од Уставот, сметаме дека право на законодавецот е да ги утврдува правата и обврските и на лицата во служба во Армијата на начин и под услови кои тој ќе ги определи со законот. Па оттука и правото кое го утврдил со оспорениот член 198 став 2 од Законот само за воениот и цивилниот персонал на служба во Армијата и под определени услови, е законска материја која во случајов тоа прашање го регулира како посебно право. Воедно, ова право може да се оствари врз одредени критериуми односно во зависност од дискреционото право односно доброволното изјаснување за предметното прашање со преземање на сите права и обврски по тој основ и вклучувајќи го губењето на определени права во иднина.

Исто така, по однос на наводите во иницијативата за несогласност на оспорениот член од Законот со уставното начело во членот 8 став 1 алинеја 8, според кое хуманизмот, социјалната правда и солидарноста се темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија, како и со уставната определба за еднаквост на граѓаните пред Уставот и законите, согласно членот 9 од Уставот и со уставната определба дека законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон, согласно членот 51 од Уставот, сметаме дека не може основано да се постави прашањето за несогласност со овие уставни норми.

Ова од причина дека не е доволно јасна намерата на подносителот на иницијативата, предметното законско решение уставно да го проблематизира, освен изнесеното мислење дека законодавецот поинаку требал да ги нормира предметните прашања во врска со решавањето на станбеното прашање. Имено, за повреда на принципот на еднаквост станува збор само кога се во прашање различни права и обврски за граѓани кои се наоѓаат во еднаква правна положба, што не е случај со цивилните и воените лица на служба во Армијата на Република Македонија, меѓу кои не може да се стави знак на еднаквост во однос на остварување на правата по било кој основ. За повреда на принципот на еднаквост не станува збор и во случај кога законодавецот за две различни права на иста категорија граѓани утврдил различни услови за нивно остварување.

Со оглед на изнесеното, сметаме дека за членот 198 став 2 од Законот за служба во Армијата на Република Македонија не може основано да се постави прашањето за несогласност со Уставот.

6. Тргнувајќи од наведеното, Судот одлучи како во точка 1 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Бранко Наумоски и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Елена Гошева, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Вера Маркова, Сали Мурaти, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски .

У.бр.109/2010
10 октомври 2012 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски