У.бр.108/2012

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992) на седницата одржана на 5 декември 2012 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за донесување на изменување и дополнување на Деталениот урбанистички план за дел од локалитетот „Буњаковец- 1“ – УМ-1, УМ-2, УМ-3, УМ-4, УМ-5, УМ-6, УМ-8, УМ-9, УМ-10, УМ-11, УМ-12, УМ-13, УМ-14, УМ-15, УМ-18, УМ-19, УМ-20, УМ-21, УМ-22 и УМ-23, бр.07-3625/14 донесена од Советот на општина Центар на 10 мај 2012 година („Службен гласник на општина Центар“ бр.5/2012).

2. Јордан Кузмановски, Зорица Кузмановска и Стамен Филипов сите од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесоа иницијатива со барање за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за донесување на изменување и дополнување на деталниот урбанистички план означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите на подносителите на иницијативата оспорената одлука не била во согласност со член 8 став 1 алинеи 3, 6 и 10, член 30, член 43 и 51 од Уставот, Законот за просторното и урбанистичко планирање како и одредбите од Законот за градот Скопје.

Имено и ако во член 1 од одлуката се наведува дека таа е донесена согласно Генералниот урбанистички план, Законот за просторно и урбанистичко планир ање, Правилникот за поблиска содржина, размер и начин на графичка обработка на урбанистички планови и Правилникот за стандарди и нормативи, таа одлука не само што не е во согласност со наведените прописи, туку истата не е во согласност со член 8 став 1 алинеја 10 според која темелна вредност на уставниот поредок е уредувањето и хуманизација на просторот и заштитата и унапредувањето на животната средина и на природата. Ова од причина што со донесениот план не само што не се заштитува и унапредува животната средина и просторот, туку, напротив се уназадува постоечката животна средина што не е во согласност со член 43 од Уставот според кој секој човек има право на здрава животна средина …….

Понатаму, подносителите наведуваат дека со оспорената одлука се повредува начелото на правната заштита на сопственост од член 8 став 1 алинеја 6 и член 30 од Уставот со кој се гарантира правото на сопственост и правото на наследување.

Како доказ дека со оспорената одлука се повредуваат правната заштита на сопственоста подносителите го цитираат Известувањето на општина Центар – Скопје бр.26-4743/3 од 14.06.2012 година, според кое „Со увид во планската и ажурираната документација со која располага општина Центар – Одделение за урбанизам констатирано е: наведената КП.11654 КО Центар, која е опфатена со ДУП за дел од локалитет „Буњаковец-1“ усвоен на Советот на општина Центар со Одлука бр.07-3625/14 од 10 мај 2012 година, согледано е дека дел се наоѓа на градежна парцела УМ 12.3 со намена домување во станбени згради видно од изводот бр.1161/2012, а дел се наоѓа на јавна површина Д-1- парковско зеленило.

Понатаму, подносителите даваат краток опис на континуирана дискриминација од урбанизам на општина Центар против нивната повеќедецениска фамилијарна сопственост во интерес на нивните соседи, која дискриминација започна со ДУП од 2005 година, со ДУП од 2011 и со ДУП од 2012, затоа што нивната ГП од 331 м2 ја намалува на 117 м2 односно 2/3 или 214 м2 го предвидува за јавна површина Д-1 – паркови и зеленило за поединци за нивните соседи.Имено за сметка на нивната сопственост се прави здружување за материјална корист на друго физичко лице што никако не е од јавен интерес. И покрај тоа што во целиот потфат подносителите се со најголема ГП 331 м2, во планскиот опфат тие учествува само со 10%, а нивните соседи неколкупати го мултиплицираат нивниот имот. Соседите кои имаат земја од 200 м2 сега добива можност да изгради објект од 2000 м2, соседи кои имаат ГП од 300 м2, а сега можат да изградат 2000 м2.

ДУП за каков се работи во конкретниот случај не е донесен за плански опфат за кој е донесен генералниот урбанистички план (ГУП) на град Скопје, а што не е во согласност со член 11 став 1 и 2 од Законот за просторно и урбанистичко планирање, како и со став 7 на член 11 според кој детален урбанистички план како план од пониско ниво мора да биде усогласен со ГУП.

Според наводите на подносителите на иницијативата за оспорениот план, општината и градот Скопје немаат донесено годишна програма што не е во согласност со член 17 став 1 и 2 од Законот за просторно и урбанистичко планирање.

Оспорениот план не е во согласност и со член 17 став 6 од наведениот закон, од причина што советот на општина Центар и Советот на град Скопје, немаат формирано партиципативно тело кое ќе ги пренесува ставовите, мислењата и потребите за изготвување на плански решенија.

Општина Центар по нацрт-планот на ДУП нема спроведена ниту јавна презентација и јавна анкета и нема извештај со образложение за прифатени и неприфатени забелешки, доследно како што е предвидено во член 24 од Законот за просторно и урбанистичко планирање. Понатаму, подносителите наведуваат дека од писмата испратени до подносителите на анкетни листови се гледало дека наместо комисијата од став 7 на член 24 од Законот, Општина Центар – Одделение за урбанизам ги доставило известувањата без образложение за прифаќање или неприфаќање на нивните забелешки или предлози без потпис на членовите на комисијата што претставува незаконито спроведување на постапката.

Според подносителите на иницијативата на изработен ДУП во форма на нацрт-план не е обезбедено стручно мислење од комисија од член 17 став 4 од Законот, заради согледување на степенот на усогласеност на плановите со одредбите на овој закон и прописите донесени врз основа на овој закон.

Исто така подносителите сметаат дека оспорениот ДУП не е во согласност со член 31 став 1 од Законот за просторно и урбанистичко планирање од причина што при донесување на планот не се применети стандарди и нормативи за просторното планирање со кои се уредуваат основите на рационално планирање, уредување и користење на просторот, заради создавање на услови за хумано живеење.

Врз основа на изнесените наводи подносителите му предлагаат на Уставниот суд оспорената одлука да ја поништи, а до донесување на конечна одлука да донесе времена мерка.

3. Судот на седницата утврди дека врз основа на член 15 став 1 алинеја 3 и член 26 од Статутот на општина Центар-Скопје и член 26 став 4 од Законот за просторно и урбанистичко планирање („Службен весник на Република Македонија“ бр.51/2005, 137/2007, 91/2009, 124/2010, 18/2011 и 53/2011) Советот на општина Центар на 77 седница одржана на 10 мај 2012 година донел Одлука за донесување на изменување и дополнување на Деталниот урбанистички план за дел од локалитет „Буњаковец – 1“УМ-1, УМ-2, УМ-3, УМ-4, УМ-5, УМ-6, УМ-8, УМ-9, УМ-10, УМ-11, УМ-12, УМ-13, УМ-14, УМ-15, УМ-18, УМ-19, УМ-20, УМ-21, УМ-22 и УМ-23 општина Центар.

Во член 1 од Одлуката е предвидено дека со оваа одлука се донесува изменување и дополнување на ДУП за дел од локалитет „Буњаковец – 1“ за наведените урбани модули согласно Генералниот урбанистички план, Законот за просторно и урбанистичко планирање, Правилникот за поблиска содржина на размер и начин на графичка обработка на урбанистичките планови и Правилникот за стандарди и нормативи за урбанистичко планирање.

Во членот 2 од оодлуката е утврдена површината на просторот за кој се донесува планот (24,14 ха) и дефинирани се границите на зафатот.

Во членот 3 од одлуката е у тврдено дека границата на опфатот на планот ја сочинува: документациона основа, планска документација, планска програма на донесувањето на планот, анализа на состојбата и анализа на можностите за просторен развој, биланс на показатели и услови за градба. Понатаму е утврдено што опфаќа графичкиот дел на ДУП и во кој размер е изработен.

Во членот 4 од одлуката е предвидено што претставува составен дел на одлуката со наведувањето на сите акти што биле донесувани од почнување на постапката за донесување на планот до донесување на оспорената одлука.

Во членот 5 од одлуката е предвидено дека ДУП за дел од локалитетот „Буњаковец – 1“УМ-1, УМ-2, УМ-3, УМ-4, УМ-5, УМ-6, УМ-8, УМ-9, УМ-10, УМ-11, УМ-12, УМ-13, УМ-14, УМ-15, УМ-18, УМ-19, УМ-20, УМ-21, УМ-22 и УМ-23, се заверува со печат на општината и потпис на претседателот на советот на општината во седум примероци и каде тие се чуваат.

Во членот 6 од Одлуката е предвидено дека Секторот за урбанизам на општина Центар – Скопје во рок од 30 дена е должен да обезбеди картирање на планот на хамер или астралон, а картираните подлоги се предаваат во Агенцијата за катастар на недвижности на чување и користење.

Во членот 7 од Одлуката е предвидено дека таа со сите нејзини делови се чува и за нејзина реализација се грижи Секторот за урбанизам во општина Центар.

Во членот 8 е предвидено дека одлуката влегува во сила од денот на објавување во „Службен гласник на општина Центар – Скопје“.

4. Во натамошната постапка, а по повод донесувањето на Одлук ата за донесување на изменување и дополнување на ДУП за дел одЛокалитетот „Буњаковец – 1“УМ-1, УМ-2, УМ-3, УМ-4, УМ-5, УМ-6, УМ-8, УМ-9, УМ-10, УМ-11, УМ-12, УМ-13, УМ-14, УМ-15, УМ-18, УМ-19, УМ-20, УМ-21, УМ-22 и УМ-23 на општина Центар, утврдено е дека пред донесување на наведената одлука презмени се следните дејствија:

Врз основа на член 22 став 1 точка 1 од Законот за локалната самоуправа и Статутот на општина Центар, Советот на општина Центар на 18 март 2011 година, донел Програма за дополнување на програмата за урбано планирање „Ф“ на општина Центар („Службен гласник на општина Центар “ бр.3/2011).

Во оваа програма е предвидено дека поради економски развој на општина Центар, врз основа на член 17 од Законот за просторното и урбанистичкото планирање во скратена постапка пропишана во член 24-а став 2, 3 и 4 од наведениот закон, покрај другото ќе се донесе и ДУП за „Буњаковец – 1“.

За изработка на изменување и дополнување на ДУП за „Буњаковец – 1“ изготвена е планска програма во ноември 2011 година од страна на ДППИ „Тајфи План“ – Скопје за плански период од 2011 – 2016 година.

Планската програма треба да овозмжи изработка на ДУП со кој ќе се уреди намената и начинот на користење на просторот при што основа за изработка на ДУП е ГУП на град Скопје.

Врз основа на добиениот елаборат односно предлог-план тех.бр.126/11/11 направена е стручна ревизија на изменување и дополнување на планот и изготвен е извештај за стручната ревизија од страна на АД за урбанизам, архитектура и инженерство „ЗУАС“ Ско пје во ноември 2011 година тех.бр.2425/11 година.

За направената стручна ревизија изготвување на предлог-планот „Тајфи План“ изготвен е одговор на стручната ревизија во декември 2011 година.

Градоначалникоте на општина Центар согласно член 17 став 4 од Законот за просторно и урбанистичко планирање донел Решение бр.08-1140/1 од 10 март 2011 година со кое е формирана Комисија која дава мислење, предлози за нацрт урбанистички планови и одобрување на планската програма за урбанистичките планови од член 7 точка 2 од Законот.

Комисијата формирана од градоначалникот на општина Центар по доставениот предлог-план за изменување и дополнување на ДУП за дел од Локалитетот „Буњаковец – 1“УМ-1, УМ-2, УМ-3, УМ-4, УМ-5, УМ-6, УМ-8, УМ-9, УМ-10, УМ-11, УМ-12, УМ-13, УМ-14, УМ-15, УМ-18, УМ-19, УМ-20, УМ-21, УМ-22 и УМ-23, по проучување на Предлог-планот доставила мислење на 2 декември 2011 година, а заведено во општината на 6 декември 2011 година бр.08-5093/1 со одредени забелешки.

Согласно одредбите од член 25 став 2 од Законот за просторно и урбанистичко планирање на предлог-планови од член 7, пред организирање на јавна презентација и јавна анкета изработувачот на планот „Тајфа-План“ во декември 2011 година изготвил одговор на извршеното стручно мислење од комисијата, при што во одговорот ги прифатил забелешките од комисијата.

Градоначалникот на општина Центар, врз основа на Законот за просторно и урбанистичко планирање, Законот за локалната самоуправа, Статутот на општина Центар, како и Програмата за дополнув ање на програмата за урбанистичко планирање „Ф“ (од 18.03.2011 година) донел Решение за јавна презентација и јавна анкета по изменување и дополнување на ДУП за дел од Локалитетот „Буњаковец – 1“УМ-1, УМ-2, УМ-3, УМ-4, УМ-5, УМ-6, УМ-8, УМ-9, УМ-10, УМ-11, УМ-12, УМ-13, УМ-14, УМ-15, УМ-18, УМ-19, УМ-20, УМ-21, УМ-22 и УМ-23 на предлог-планот бр.08-5092/1 од 6 декември 2011 година.

Во наведеното решение е утврдено дека соопштението за организирање на јавна презентација и јавна анкета ќе биде објавено во „Дневник“ и „Нова Македонија“, јавната презентација ќе се одржи во просториите на ОУ „Јохан Хајнрих Песталоци“ на 16 декември 2011 година, јавната анкета ќе трае 11 работни дена од 7.12. до 22.12.2011 година, дека предлог-планот ќе биде изложен на јавно место во просториите на Училиштето „Јохан Х. Песталоци“, како и тоа дека заинтересираните граѓани и правни лица можат да учествуваат на јавната презентација и јавната анкета, а во времетраењето на анкетата ќе можат да бидат дадени забелешки, предлози и мислења.

Врз основа на член 24 од Законот за просторно планирање и урбанистичко планирање градоначалникот на општина Центар на 6.12.2011 година донел Соопштение бр.08-5092/2 со кое се известуваат граѓаните и правните лица од опфатот на изменување и дополнување на ДУП за дел од Локалитетот „Буњаковец – 1“УМ-1, УМ-2, УМ-3, УМ-4, УМ-5, УМ-6, УМ-8, УМ-9, УМ-10, УМ-11, УМ-12, УМ-13, УМ-14, УМ-15, УМ-18, УМ-19, УМ-20, УМ-21, УМ-22 и УМ-23.

Од увидот во дневните весници „ Дневник“ и „Нова Македонија“ е утврдено дек а Соопштението за јавна презентација и јавна анкета по предлог- план бр.08-5092/3 од 23 декември 2011 година е објавен во наведените весници.

Врз основа на член 24 став 7 од Законот за просторно и урбанистичко планирање и Статутот на општина Центар, градоначалникот донел Решение за формирање на стручна комисија која има задача да изготви Извештај од спроведената јавна анкета и јавна презентација по изменување и дополнувањето на ДУП за дел од Локалитетот „Буњаковец – 1“УМ-1, УМ-2, УМ-3, УМ-4, УМ-5, УМ-6, УМ-8, УМ-9, УМ-10, УМ-11, УМ-12, УМ-13, УМ-14, УМ-15, УМ-18, УМ-19, УМ-20, УМ-21, УМ-22 и УМ-23 по предлог-план со образложение за прифатените и неприфатените забелешки по предлог-планот.

Понатаму, од увидот во Записникот по спроведена јавна презентација по изменување на предлог-планот бр.25-3097/21 од 26 декември 2011 година е утврдено дека на ден 16 декември 2011 година во просториите на ОУ „Јохан Х. Песталоци“ била одржана јавна презентација по изменувањето на ДУП за дел од Локалитет „Буњаковец – 1“ на кој присуствувале претставници на изготвувањето на планот, правни лица како и правници на јавното претпријатие Водовод и претставник на град Скопје.

Во натамошната постапка е утврдено дека врз основа на Решението за формирање на стручна комисија од страна на градоначалникот на општина Центар-Скопје (08-5092/3 од 23 декември 2011 година), стручната комисија изготвила Извештај од јавната презентација и јавната анкета бр.25-3097/22 од 26 декември 2011 година по изменување и дополнувањето на ДУП за дел од локалитетот „Буњаковец – 1“УМ-1, УМ-2, УМ-3, УМ-4, УМ-5, УМ-6, УМ-8, УМ-9, УМ-10, УМ-11, УМ-12, УМ-13, УМ-14, УМ-15, УМ-18, УМ-19, УМ-20, УМ-21, УМ-22 и УМ-23 во периодот од 7 декември до 22 декември 2011 година.

Во Извештајот се наведува дека во периодот на спроведување на јавната анкета се доставени 65 анкетни листови од страна на граѓаните и правните лица, при што од увидот во самиот извештај во кој се презентирани барањата на граѓаните и одговорите дадени од комисијата, подносителите на иницијативата кои го оспоруваат планот не доставиле анкетен лист.

Исто така стручната комисија формирана од градоначалникот на општина Центар изготвила и Известување за постапување по извештајот по спроведената јавна презентација и јавна анкета за изменување и дополнување на ДУП за дел од Локалитетот „Буњаковец – 1“ – предлог план бр.25-3097/23 од 26 декември 2011 година, кое известување го доставила до изготвувачот на планот кој треба да постапи по забелешките, а прифатените да ги вградат во планот.

Од извадокот – копие на приемната книга (лист) на Македонска пошта е утврдено дека општина Центар на 12 април 2012 година на подносителите на анкетни листови им доставило одговор, при што во пропратното писмо се наведува дека одговорот е составен дел на Извештајот од јавната анкета и јавната презентација. Во пропратното писмо изготвено од општина Центар бр.25-28/14 од 9 април 2012 година е утврдено дека истата е потпишана од членовите на стручната комисија формирана од градоначалникот (бр.25-3097/22 од 26.12.2011 годин а).

Согласно Законот за просторно и урбанистичко планирање и Законот за градот Скопје , Градот Скопје Сектор за планирање и уредување на просторот дал позитивно мислење по однос на предлог – планот бр.13-1084/2 од 9 април 2012 година со образложение дека во предлогот се вградени основните намени утврдени во ГУП на град Скопје.

На 22 февруари 2012 година, градоначалникот на општина Центар врз основа на Законот за животна средина донел Одлука за неспроведување на стратегиска оцена бр.08-1863/1 во која е предвидено дека за планскиот документ Изменување и дополнување на ДУП за дел од Локалитет „Буњаковец – 1“УМ-1, УМ-2, УМ-3, УМ-4, УМ-5, УМ-6, УМ-8, УМ-9, УМ-10, УМ-11, УМ-12, УМ-13, УМ-14, УМ-15, УМ-18, УМ-19, УМ-20, УМ-21, УМ-22 и УМ-23 не е потребно да се спроведе стратегиска оцена на влијанието врз животната средина согласно член 65 од Законот за животна средина.

За наведената одлука Министерството за животна средина и просторно планирање дало мислење бр.08-2404/2 од 8 мај 2012 година со кое потврдува дека не е потребно да се спровееде постапка за стратегиска оценка.

Дирекцијата за заштита и спасување – Подрачно одделение Центар за Предлог-планот ДУП за дел од Локалитетот „Буњаковец – 1 “ дала позитивно мислење бр.10-280/4 на 14 декември 2011 година во кое констатирала дека во документацијата за предлог-планот мерките за заштита и спасување се соодветно вградени.

Министерството за култура – Управа за заштита на културното наследство на 22 ноември 2011 година донела Решение за одобрување на заштитно конзерваторските основи за културното наследство во границите на опфатот на ДУП „Буњаковец – 1“ бр.УП-17-914, со кое се одобруваат заштитно конзерваторските основи за културно наслество во границите на опфатот на ДУП „Буњаковец – 1“ изработени од надлежната установа за заштита на културно наследство.

По барање на општина Центар, а во врска Предлог планот за „Буњаковец – 1“УМ-1, УМ-2, УМ-3, УМ-4, УМ-5, УМ-6, УМ-8, УМ-9, УМ-10, УМ-11, УМ-12, УМ-13, УМ-14, УМ-15, УМ-18, УМ-19, УМ-20, УМ-21, УМ-22 и УМ-23 мислење доставиле:

– Друштво за дистрибуција на топлинска енергија – Дистрибуција на топлина ДООЕЛ Скопје бр.01-273/2 од 14 март 2012 година,
– ЕВН Македонија АД Скопје бр.27-1037/1 од 5 март 2012 година,
– Министерство за образование и наука – Сектор за општи работи бр.09-3179/2 од 6 април 2012 година и
– ЈП Водовод и канализација бр.1202-3450/1 од 24 април 2012 година.

Врз основа на спроведената постапка и донесувањето на соодветните документи по барање на општина Центар, Министерството за транспорт и врски дало Согласност за Предлог-измените и дополнување на ДУП за дел од Локалитет „Буњаковец – 1“УМ-1, УМ-2, УМ-3, УМ-4, УМ-5, УМ-6, УМ-8, УМ-9, УМ-10, УМ-11, УМ-12, УМ-13, УМ-14, УМ-15, УМ-18, УМ-19, УМ-20, УМ-21, УМ-22 и УМ-23 плански опфат 24,14 ха. изготвен од ДППИ „Тајфа План“ ДОО – Скопје со тех.бр.126/11/11 од април 2012 година.

5. Според член 8 став 1 алинеја 10 од Уставот на Република Македонија, покрај другите темелни вредности на уставниот поредок на Републиката е и уредувањето и хуманизацијата на просторот и заштита и унапредувањето на животната средина и на природата.

Системот на просторното и урбанистичкото планирање, видовите и содржината на плановите, изработувањето и постапката за донесувањето на плановите, како и другите прашања од областа на просторното и урбанистичкото планирање се уредени со Законот за просторно и урбанистичко планирање (“Службен весник на Република Македонија” 51/2005, 137/2007, 151/2007, 91/2009, 124/2010, 18/2011 и 53/2011).

Во членот 3 од наведениот закон е утврдено дека изработувањето, донесувањето и спроведувањето на Просторниот план на Република Македонија и на урбанистичките планови се работи од јавен интерес.

Видовите и содржината на плановите, како и постапката за нивно изработување и донесување се уредени во посебен дел од Законот означен и насловен со “II. Планирање на просторот”, кој ги опфаќа членовите од 7 до 48.

Согласно член 11 ставовите 1 и 2 од Законот, детален урбанистички план, за каков што се работи во конкретниот случај, се донесува за плански опфат за кој е донесен генерален урбанистички план. Деталниот урбанистички план содржи текстуален дел и графички приказ на планските решенија на опфатот, како и нумерички дел со билансни показатели за планскиот опфат и за инфраструктурата.

Според ставот 3 од овој член од Законот, графичките прикази на планот содржат: граница на планскиот опфат, регулациони линии, парцелација на градежното земјиште, површини за градење на градби определени со градежни линии, максим ална висина на градбата изразена во метри до венец, намена на земјиштето и градбите, планско решение на секундарната сообраќајна мрежа со нивелманско решение и плански решенија на сите секундарни комунални и телекомуникациски инфраструктурни.

Според ставот 4 од овој член од Законот, текстуалниот дел од планот содржи: општи услови за изградба, развој и користење на земјиштето и градбите, посебни услови за изградба на поединечни градежни парцели, податоци за сообраќајните, комуналните и телекомуникациските инфраструктури и други параметри.

Во ставот 7 на членот 11 од Законот е предвидено дека деталниот урбанистички план како план од пониско ниво,мора да биде усогласен со генералниот урбанистички план.

Според член 17 став 1 од Законот, за изработување на плановите од членот 7 точка 2 на овој закон , општините и градот Скопје донесуваат годишна програма. Во годишната програма општините и градот Скопје можат да утврдат одредни планови заради економски развој на општината, да се донесат во постапка,пропишана во членот 24-а ставови 2, 3, и 4 на овој закон. Според ставот 2 од истиот член од Законот, програмата од ставот 1 на овој член општините и градот Скопје ја доставуваат до органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на уредувањето на просторот и задолжително ја објавуваат во јавните гласила.

Согласно ставот 3 на овој член изработката на плановите од програмата од ставот 1 на овој член,се финансира од буџетот на оп штината и буџетот на градот Скопје.

Според одредбата од членот 22 став 1 од Законот, плановите од членот 7 на овој закон се изработуваат во две фази, односно како нацрт на план и предлог на план. На нацртот на плановите, согласно членот 21 од Законот се врши стручна ревизија со која се утврдува дека плановите се изработени во согласност со одредбите на овој закон, прописите донесени врз основа на овој закон и друг закон. Стручна ревизија на плановите од член 7 точка 2 на овој закон финансирани од буџетот на општината и буџетот на градот Скопје врши овластено правно лице од член 18 став 1 на овој закон, определено од градоначалникот на општината или на градот Скопје. Согласно став 5 на овој член, забелешките од стручната ревизија се вградуваат во нацртот на планот, а изработувачот на планот задолжително дава извештај за постапувањето по забелешките на стручната ревизија до органот надлежен за донесување на планот. Стручната ревизија и извештајот за постапување по забелешките од стручната ревизија се составен дел на планот.

Во член 24- а став 2 од Законот, е утврдено дека, на предлогот на планот се врши стручна ревизија согласно членот 21 став 3 на овој закон, се спроведува стручна расправа согласно членот 23 на овој закон и се спроведува јавна презентација и јавна анкета согласно членот 24 од овој закон.. Јавната анкета трае десет работни дена и се организира во рок од три работни дена по добивање на одговор на стручното мислење од страна на изготвувачот на планот.Стручната расправа се одржува во периодот на времетраењето на јавната анкета,а извештајот од стручната расправа се изработува во рок од три дена по одржаната стручна расправа .Извештајот од јавната анкета се изработува во рок од пет работни дена по завршување на јавната анкета,а по извештајот на комисијата изработувачот на планот постапува во рок од седум работни дена.

Според ставот 3 на член 24-а од законот,комисијата од членот 17 став 4 на овој закон дава стручно мислење на предлогот на планот во рок од пет работни дена по доставувањео на предлогот на планот од страна на изработувачот.

Согласно ставот 4 на наведениот член на предлогот на планот се бара согласност од органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на уредување на просторот која се издава во рок од пет дена по поднесување на барањето од страна на доносителот на планот. Прдлогот на планот се донесува во рок од десет работни дена од приемот на согласноста.

Според членот 25 став 2 на овој закон на плановите од членот 7 точка 2 изработени во форма на предлог на план согласност дава органот на државната управа надлежен за работите од областа на уредувањето на просторот ,со која се потврдува дека постапката за изработување на предлог планот е спроведена согласно со одрдбите на овој закон и прописите донесени врз основа на овој закон.

Според член 10 став 1 алинеа 2 од Законот за градот Скопје ( “Службен весник на Република Македонија” бр.55/2004 ) е утврдено дека градот Скопје донесува генерален урбанистички план на градот Скопје,а според точката 4 алинеите 1 и 2 од наведениот член градот Скопје е надлежен за изградба , користење и одржување на магистрални и собирни улици и други инфраструктурни објекти како и категоризација и именување на градски населби, улици, плоштади, мостови и други инфраструктурни објекти.

Согласно член 15 став 1 точка 1 алинеа 3 од Законот: “надлежности односно работи од јавен интерес од локално значење на општините во градот Скопје се . . . донесување детални урбанистички планови урбанистички проекти и урбанистички планови за населени места во општината., а според ставот 2 на член 15 од Законот, плановите и проектите од ставот 1 точка.1 алинеа 3 од овој член општината ги донесува по претходно добиено позитивно мислење од градот Скопје и согласност од органот на државната управа надлежен за работите на уредување на просторот.

Во врска со конкретните наводи во иницијативата дека постои несогласност на деталниот со генералниот урбанистички план, односно на план од пониско ниво со план од повисоко ниво, со што се повредува член 11 став 7 од Законот, Судот оцени дека се неосновани. Ова, од причина што укажувањата во иницијативата по однос на намената на земјиштето, се однесуваат на содржината на деталниот урбанистички план, што е прашање од технички карактер и не се однесува на правните аспекти на постапката за донесување на планот. Оценката на стручно – техничките прашања и аспекти на планот изле гува од границите на надлежноста на Уставниот суд, кој ја цени само постапката за донесување на урбанистичкиот план, а не и неговата содржина.
Имајќи ги предвид наведените уставни и законски одредби, направената анализа на постапката и актите и дејствијата што се превземани во врска со донесување на оспорениот Урбанистички план доставен од доносителот на планот наспрема наводите во иницијативата Судот оцени дека истите се неосновани.
Видно од самата постапка и документација за оспорениот урбанистички план констатирано е дека тој е донесен врз основа на Програма за урбанистичко планирање според која согласно член 24-а од Законот планот е донесен во скратена постапка односно нема фази на нацрт-план. Оттука, со оглед на фактот што планот е донесен во скратена постапка донесувањето на планот општината нема обврска заедно со градот Скопје да формираат партиципативно тело туку комисија согласно член 17 став 4 од Законот.

Понатаму, од увидот во изводот на Генералниот план е утврдено дека планираниот простор е во рамките на планот, при тоа која е содржината на ДУП не е надлежност на Уставниот суд, односно Уставниот суд не се впушта во согласност на содржината на ДУП во однос на ГУП од причина што при донесување на планот, донесувачот на планот мора да го почитува ГУП што во конкретниов случај е направено, а што е констатирано од доставената документација. Воедно по однос на предлог-планот видно од актите спроведена е јавна презентација и јавна анкета за што е изготвен и извештај од јавната анкета со образложение за прифатените и неприфатените заблешки.

Во однос пак, на наводите од иницијативата дека при донесување на планот не биле испочитувани стандардите и нормативите од подзаконските акти, Судот исто така оцени дека се неосновани, односно Уставниот суд не е надлежен да се впушта во оцена на ДУП во однос на подзаконски акт од причина што за примената на подзаконски акт се грижи и ги спроведува изработувачот на актот како и органите надлежни за давање на согласност на самиот план.

Имајќи го предвид наведеното,Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорената Одлука за донесување на Деталниот урбанистички план со Уставот, Законот за просторно и урбанистичко планирање и подзаконски акт.

6. Врз основа на изнесеното,Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Бранко Наумоски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Елена Гошева, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Вера Маркова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.108/2012
5 декември 2012 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски