У.бр.105/2012

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“бр.70/1992), на седницата одржана на 21 мај 2014 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на Тарифникот за висината на надоместокот за извршени геодетски работи од страна на трговци поединци овластени геодети и трговски друштва за геодетски работи, донесен од Управниот одбор на Агенцијата за катастар на недвижности на 1 март 2011 година („Службен весник на Република Македонија“ бр.28/2011).

2. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста на член 94 став 2 од Законот за катастар на недвижности („Службен весник на Република Македонија“ бр.40/2008, 158/2010, 17/2011, 51/2011 и 74/2012) и на член 36 од Законот за изменување и дополнување на Законот за катастар на недвижности („Службен вeсник на Република Македонија“ бр.158/2010).

3. Стамен Филипов од Скопје, до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на одредбите од Законот означени во точката 2 од ова решение и на уставноста и законитоста на тарифникот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата, со оспорените законски одредби се давало овластување на Агенцијата за катастар на недвижности да ја утврдува висината на надоместокот за извршени геодетски работи од страна на трговци поединци овластени геодети и трговски друштва за геодетски работи, а во согласност со Владата на Република Македонија, со што се вршело навлегување на извршната власт во законодавната власт, што не било во согласност со член 8 став 1 алинеја 4 од Уставот на Република Македонија според кој темелна вредност на уставниот поредок е поделба на државната власт на законодавна, извршна и судска.

Подносителот на иницијативата смета дека не може Управниот одбор на Агенцијата за катастар, во согласност со Владата на Република Македонија, со закон да биде овластен да го донесува Тарифникот за висината на надоместокот за извршени геодетски работи од страна на наведените правни субјекти, туку тоа можело да биде уредено само со закон или евентуално Комората на овластени геодети со закон да биде овластена, врз законски критериуми и параметри, да го донесе Тарифникот. Уредувањето од Комората на наведената материја произлегувало од член 8 став 1 алинеја 7 и член 55 ставовите 1 и 2 од Уставот, според кои темелна вредност на уставниот поредок е слободата на пазарот и претприемништвото, таа се гарантира со Уставот и Републиката обезбедува еднаква правна положба на сите субјекти на пазарот.

Поради тоа, подносителот на иницијативата смета дека оспорените законски одредби и Тарифникот не биле во согласност со член 8 став 1 алинеите 3, 4 и 7, член 51, член 55, член 68 став 1 алинеите 2 и 3, член 95 став 3 и член 96 од Уставот, а оспорениот тарифник не бил во согласност и со член 61 став 2 од Законот за организација и работа на органите на државната управа, според кој со актите кои ги донесува директорот кој раководи со самостојниот орган на државната управа односно со управната организација не може за граѓаните и другите правни лица да се утврдуваат права и обврски, ниту да се пропишува надлежност на други органи.

4. а) Судот на седницата утврди дека оспорениот тарифник е донесен врз основа на член 94 став 2 од Законот за катастар на недвижности („Службен весник на Република Македонија“ бр.40/2008 и 158/2010).

Во член 1 од Тарифникот се определува дека со него „се утврдува максималната висина на надоместокот кој го наплаќаат трговците поединци овластени геодети и трговските друштва за геодетски работи, за извршени работи“, а во став 2 од истиот член се утврдуваат видовите на извршените работи-видот на геодетскиот елаборат, единицата мерка и висината на надоместокот. Според член 3 од Тарифникот, „во висината на надоместокот од членот 2 на овој тарифник не се пресметани трошоците за користење на податоци од Геодетско-катастарски информационен систем (ГКИС), како и данокот на додадена вредност“, а во член 4 се определува дека „овој тарифник влегува во сила наредниот ден од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“, а ќе се применува по добивање на согласност од Владата на Република Македонија“.

Судот, исто така, утврди дека со член 125 од Законот за катастар на недвижности („Службен весник на Република Македонија“ бр.55/2013) се определува дека „трговецот поединец овластен геодет и трговското друштво за геодетски работи за извршените геодетски работи наплаќаат надоместок чија висина особено зависи од обемот (површината/волуменот/должината на недвижностите што се предмет на премерот, бројот и видот на зградите, посебните и заедничките делови од зградите и другите објекти и друго), оддалеченоста на недвижностите, теренските услови (густина на детаљот) и сложеноста на геодетските работи“ (став 1). „Висината на надоместокот од ставот 1 на овој член се утврдува со тарифник кој на предлог на Комората го донесува Управниот одбор на Агенцијата, а согласност дава Владата на Република Македонија“ (став 2).

Во член 268 од наведениот Закон за катастар на недвижности се пропишува дека подзаконските прописи од член 125 од овој закон ќе се донесат во рок од шест месеци од денот на влегувањето во сила на овој закон (став 1), а според став 3 од истиот член „до денот на влегувањето во сила на подзаконските прописи од ставовите 1 и 2 на овој член, продолжуваат да се применуваат подзаконските прописи донесени врз основа на Законот за катастар на недвижности („Службен весник на Република Македонија“ бр.40/2008, 158/2010, 17/2011, 51/2011 и 74/2012)“.

б)Со оглед дека Тарифникот можеше да биде во позитивниот правен поредок во период од шест месеци од влегувањето во сила на Законот за катастар на недвижности („Службен весник на Република Македонија“ бр.55/2013) согласно член 168 став 1 од тој закон (односно до 24 октомври 2013 година), а не и после тоа, основано може да се постави прашањето дали Тарифникот има законска основа за натамошно останување во правниот поредок во ситуација кога престанал Законот на кој бил заснован Тарифникот и измина рокот за неговото важење утврден во новиот закон.

Поради тоа, пред Судот се постави прашањето за согласноста на оспорениот тарифник со член 8 став 1 алинеја 3 и член 51 од Уставот и со член 268 став 1 во врска со член 125 од Законот за катастар на недвижности („Службен весник на Република Македонија“ бр.55/2013), па Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

5.а) Судот на седницата утврди дека во член 94 став 1 од Законот („Службен весник на Република Македонија“ бр.40/2008, 158/2010, 17/2011, 51/2011 и 74/2012) се определува дека „трговецот поединец овластен геодет и трговското друштво за геодетски работи за извршените геодетски работи наплаќаат надоместок чија висина особено зависи од обемот (површината на недвижностите што се предмет на премерот, бројот и видот на зградите, посебни делови од згради и други објекти и друго), оддалеченоста на недвижностите, теренските услови (густина на детаљот) и сложеноста на геодетските работи.“

Во оспорениот член 94 став 2 од Законот се пропишува дека „висината на надоместокот од ставот 1 на овој член се утврдува со тарифник кој на предлог на Комората на овластени геодети го донесува Управниот одбор на Агенцијата, а согласност дава Владата на Република Македонија.“

Во оспорениот член 36 од Законот („Службен весник на Република Македонија“ бр.158/2010 од 9 декември 2010 година) се определува дека „комората е должна во рок од 30 дена од денот на влегувањето во сила на овој закон, да го достави предлогот на тарифникот од членот 94 став 2 на овој закон до Управниот одбор на Агенцијата, а по евентуалните забелешки на Управниот одбор на Агенцијата да постапи во рок од десет дена“ (став 1). „Доколку Комората не постапи во роковите од ставот 1 на овој член Управниот одбор на Агенцијата ќе го донесе Тарифникот од членот 94 став 2 на овој закон на предлог на директорот на Агенцијата“ (став 2).

Судот, исто така, утврди дека со член 269 од Законот за катастар на недвижности („Службен весник на Република Македонија“ бр.55/2013) се определува дека „со денот на влегувањето во сила на овој закон престанува да важи Законот за катастар на недвижности („Службен весник на Република Македонија“ бр.40/2008, 158/2010, 17/2011, 51/2011 и 74/2012), а со член 271 од овој закон се утврдува дека „овој закон влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“.

б) Според член 110 алинеја 1 од Уставот, „Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот.“

Според член 28 алинеја 3 од Деловниот на Уставниот суд, „Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако постојат процесни пречки за одлучување по иницијативата.“

Од изнесената уставна одредба произлегува дека Уставниот суд има уставно овластување да ја оценува согласноста на законите односно на законските одредби со Уставот, а од изнесената одредба од Деловникот на Уставниот суд произлегува дека во ситуација кога постои процесна пречка за одлучување по иницијативата, Судот ќе ја отфрли иницијативата.

Во конкретниот случај, оспорениот член 94 став 2 од Законот за катастар на недвижности („Службен весник на Република Македонија“ бр.40/2008, 158/2010, 17/2011, 51/2011 и 74/2012) и оспорениот член 36 од Законот за изменување и дополнување на Законот за катастар на недвижности („Службен весник на Република Македонија“ бр.158/2010) престанаа да важат со денот на влегувањето во сила на Законот за катастар на недвижности („Службен весник на Република Македонија“ бр.55/2013), а тоа е на 24 април 2013 година, со што тие повеќе не се дел од позитивниот правен поредок на Република Македонија, поради што има процесни пречки за постапување по тој дел од иницијативата, па согласно член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд, се одлучи како во точката 2 од ова решение.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Елена Гошева и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У бр.105/2012
21 мај 2014 год.
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева