У.бр.105/2009-1

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 20 јануари 2010 година, донесе

О Д Л У К А

1. СЕ УКИНУВА Одлуката за донесување на Детален урбанистички план за УАЕ број 9, кварт 2, опфат 1, 2, 9, 10 и 11 во Прилеп, број 07-285/28 од 28 јануари 2009 година, донесена од Советот на општина Прилеп.

2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“.

3. Уставниот суд на Република Македонија по повод поднесена иницијатива на Божидар Трајковски и Кирил Трајковски од Прилеп, со Решение У.бр.105/2009 од 18 ноември 2009 година поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на актот означен во точката 1 од оваа одлука затоа што се постави прашањето за неговата согласност со Уставот и со Законот за просторното и урбанистичкото планирање.

4. Судот на седницата утврди дека Советот на општина Прилеп на седницата одржана на 28 јануари 2009 година ја донел оспорената одлука во која со членот 1 било определено дека се донесува предметниот план и е определен неговиот опфат со граници на локалитетот, во членот 2 било определено дека Планот ги содржел набројаните прилози, во членот 3 се уредени прашањата за заверката со потпис и печат и архивирањето на примероците од Планот, во членот 4 е определено дека составен дел на оваа одлука се извештајот од јавната анкета и стручната консултација со образложение за прифатените и неприфатените забелешки изработен од стручна комисија формирана од Градоначалникот на општината, во членот 5 е определено дека Советот на општината Прилеп бил должен во рок од 30 дена од донесувањето на Планот да обезбеди картирање на Планот на хамер и астралон, и овие подлоги да се предадат на Државниот завод за геодетски работи на чување и користење како подлоги за издавање на нумерички податоци, а во членовите 6, 7 и 8 е определено дека Планот ќе го спроведува надлежниот орган на општината Прилеп, оваа одлука се доставува до органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на уредување на просторот и Одлуката влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во „Службен гласник на општина Прилеп“.

5. Согласно членот 51 став 1 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон.

Условите и начинот на системот на просторното и урбанистичкото планирање, видовите и содржината на плановите, изработувањето и постапката за донесувањето на плановите, како и другите прашања од областа на просторното и урбанистичкото планирање се уредени со Законот за просторно и урбанистичко планирање (“Службен весник на Република Македонија” бр.51/2005, 137/2007 и 151/2007-исправка), во чие време на важење е донесена оспорената одлука.

Во членот 3 од наведениот закон е утврдено дека изработувањето, донесувањето и спроведувањето на Просторниот план на Република Македонија и на урбанистичките планови се работи од јавен интерес.

Видовите и содржината на плановите, како и постапката за нивно изработување и донесување се уредени во посебен дел од Законот означен и насловен со “II. Планирање на просторот”, кој ги опфаќа членовите од 7 до 48.

Според членот 7 од овој закон, во зависност од просторот кој е предмет на планирањето се донесуваат следните планови: Просторен план на Република Македонија и урбанистички планови во кои спаѓаат генерален урбанистички план, детален урбанистички план, урбанистички план за село и урбанистички план вон населено место.

Согласно член 11 ставовите 1 и 2 од Законот, детален урбанистички план, за каков што се работи во конкретниот случај, се донесува за плански опфат за кој е донесен генерален урбанистички план. Деталниот урбанистички план содржи текстуален дел и графички приказ на планските решенија на опфатот, како и нумерички дел со билансни показатели за планскиот опфат и за инфраструктурата.

Според ставот 3 од овој член од Законот, графичките прикази на планот содржат: граница на планскиот опфат, регулациони линии, парцелација на градежното земјиште, површини за градење на градби определени со градежни линии, максимална висина на градбата изразена во метри до венец, намена на земјиштето и градбите, планско решение на секундарната сообраќајна мрежа со нивелманско решение и плански решенија на сите секундарни комунални и телекомуникациски инфраструктури.

Според ставот 4 од овој член од Законот, текстуалниот дел од планот содржи: општи услови за изградба, развој и користење на земјиштето и градбите, посебни услови за изградба на поединечни градежни парцели, податоци за сообраќајните, комуналните и телекомуникациските инфраструктури и други параметри.

Понатаму, согласно член 18 од Законот, изработување на урбанистички планови вршат правни лица кои поседуваат лиценца, што ја издава органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на уредување на просторот под услови утврдени во овој член од Законот.

Според одредбите од членовите 21 и 22 од Законот, плановите од членот 7 на овој закон се изработуваат во две фази, односно како нацрт на план и предлог на план. На нацртот на плановите се врши стручна ревизија со која се утврдува дека плановите се изработени во согласност со одредбите на овој закон, прописите донесени врз основа на овој закон и друг закон. Стручна ревизија на плановите од член 7 точка 2 на овој закон финансирани од буџетот на општината и буџетот на градот Скопје врши овластено правно лице од член 18 став 1 на овој закон, определено од градоначалникот на општината или на градот Скопје. Согласно став 5 на овој член, забелешките од стручната ревизија се вградуваат во нацртот на планот, а изработувачот на планот задолжително дава извештај за постапувањето по забелешките на стручната ревизија до органот надлежен за донесување на планот. Стручната ревизија и извештајот за постапување по забелешките од стручната ревизија се составен дел на планот.

Во член 24 од Законот, се утврдува дека по нацртот на деталниот урбанистички план, урбанистичкиот план за село и урбанистичкиот план вон населено место, општината спроведува јавна презентација и јавна анкета (став 1). Организирањето на јавната презентација и јавната анкета на плановите од став 1 на овој член го врши градоначалникот на општината, по утврдување на нацртот на планот од страна на советот за кој претходно е добиено мислење од органот на државната управа надлежен за работите од областа на уредување на просторот (став 2). За спроведената јавна презентација и јавна анкета се изработува извештај (став 3). Јавната презентација и јавната анкета од ставот 1 на овој член се спроведува со излагање на планот на јавно место кое се наоѓа во кругот на месната самоуправа. Јавната анкета трае најмалку десет работни дена, во кој рок заинтересираните граѓани и правни лица од конкретното подрачје опфатено со планот можат да достават забелешки, предлози и мислења на анкетни листови (став 4). Јавната презентација е стручно презентирање на планот и се организира во простории и време што ќе го определи градоначалникот на општината (став 5).

Според член 24 став 6 од Законот, извештај од јавната анкета со образложение за прифатените и неприфатените забелешки за плановите од ставот 1 на овој член, изработува стручна комисија формирана од градоначалникот на општината, која е составена од три члена, и тоа: носителот на изработка на планот, одговорно лице од општинската администрација надлежно за урбанистичко планирање и истакнат научен и стручен работник од областа на урбанистичкото планирање. Според став 7 на овој член од Законот, извештајот е составен дел на одлуката за донесување на предлогот на планот, а согласно ставот 8, врз основа на извештајот, комисијата е должна писмено да го извести секое лице кое поднело анкетен лист со образложение за прифаќање или неприфаќање на неговите забелешки или предлози.

Во членот 24 став 10 од Законот утврдено е дека времето и местото каде ќе биде изложен планот и спроведувањето на јавната презентација и јавната анкета, задолжително се објавува со сопштение во јавните гласила. Соопштението задолжително ги содржи податоците, местоположбата и површината на опфатот на планот.

Според член 25 став 1 од Законот, на плановите од членот 7 точка 2 на овој закон, изработени во форма на нацрт на план се дава мислење од органот на државната управа надлежен за работите од областа на уредувањето на просторот, заради согледување на степенот на усогласеноста на плановите со одредбите на овој закон и прописите донесени врз основа на овој закон. Во ставот 2 на овој член од Законот утврдено е дека на плановите изработени во форма на предлог на план се дава согласност од органот на државната управа надлежен за работите од областа на уредувањето на просторот, со која се потврдува дека плановите се изработени согласно со одредбите на овој закон и прописите донесени врз основа на овој закон.

Согласно ставот 3 на член 25 од Законот мислењето од ставот 1 и согласноста од ставот 2 на овој член се дава во рок од 15 работни дена од денот на поднесувањето на барањето од страна на доносителот на планот. Доколку надлежниот орган за издавање на мислењето и согласноста не одговори во наведениот рок ќе се смета дека мислењето и согласноста се издадени. Според ставот 5 на истиот член по добивањето на согласноста од ставот 2 на овој член, планот се доставува до надлежниот орган за донесување. Од овие законски одредби произлегува дека законодавецот, во функција на обезбедување на уредувањето и хуманизацијата на просторот и заштитата и унапредувањето на животната средина и на природата, како темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија, утврдил прецизна регулатива во врска со планирањето на просторот, точно определувајќи ги плановите за просторно и урбанистичко планирање, нивната содржина и постапката за нивно донесување.

Тргнувајќи од наведената законска регулатива, како и од увидот и анализата на документацијата од постапката за донесување на оспорената одлука, Судот оцени дека:
– Нацрт-Деталниот урбанистички план за УАЕ број 9, кварт 2, опфат 1, 2, 9, 10, 11 во Прилеп бил изработен од ДООЕЛ „ИН – ПУМА“ – Скопје со тех.бр.189/2008 од септември 2008 година;
– На Нацрт-планот била изработена Стручна ревизија од ДОО „Простор“ од Куманово од септември 2008 година и бил даден одговор од изготвувачот на планот;
– Министерството за транспорт и врски дало Стручно мислење број 16-11166 од 24 септември 2008 година на Нацрт-планот со забелешки, а изготвувачот, потоа, со Одлука број 07-2260/38 од 26 септември 2008 година го утврдил Нацрт-планот;
– За организирање на јавната презентација и јавната анкета по Нацрт-планот градоначалникот на општината Прилеп донел Одлука број 09-2260/9 од 1 октомври 2008 година и за тоа подготвила и Соопштение дека ќе се организира јавна презентација на 13, 14 и 15 октомври 2008 година во просториите на општината, а јавната анкета на Нацрт-планот, дека ќе трае од 6 – 17 октомври 2008 година во кој период граѓаните можеле да имаат увид во Нацрт-планот и да даваат предлози на анкетни листови во Архивата на општината. Соопштението има три броеви (бр.09-2260/10, 09-1646/10 и 09-737/10) но нема конкретен датум на донесување.

Судот утврди дека од списите по предметот не произлегува, односно нема никакви докази дека Соопштението за одржување на јавната анкета и јавната презентација било уредно испратено за огласување во јавните гласила и дека воопшто било објавено во јавните гласила, како што тоа е предвидено во членот 24 став 10 од Законот. Оттука, спорно е дали граѓаните дознале за Нацрт-планот по пат на соопштението преку јавни гласила на што упатува Законот или на друг начин надвор од ова законско решение.

– Од Извештајот број 09-2260/12 од 2 декември 2008 година за спроведената јавна анкета по Нацрт-Планот, кој го изготвила тричлена стручна комисија, а кој е потпишан од двајца од нив, произлегува дека имало повеќе анкетни листови (20) на граѓани со забелешки кои биле во дел прифатени. Меѓутоа, Судот утврди дека од списите не произлегува дека стручната комисија писмено ги известила подносителите на анкетните листови меѓу кои и подносителите на иницијативата, со одговор за забелешките по Нацрт-Планот, на што упатува членот 24 став 8 од Законот, според кој комисијата е должна писмено да го извести секое лице кое поднело анкетен лист со образложение по неговите забелешки. Од писмата испратени до подносителите на иницијативата се гледа дека општината преку раководителот на Одделението за урбанизам и заштита на животната средина, а не стручната комисија, со писма од 30 март 2009 година им ги доставила одговорите од стручната комисија по нивните три анкетни листови, а веќе Планот бил донесен со оспорената Одлука на Советот на општината бр.07-285/28 од 28 јануари 2009 година, што претставува незаконито спроведување на постапката.
– Министерството за транспорт и врски дало Согласност број 16-1081/2 од 26 јануари 2009 година за Предлог Планот и потоа Советот на општината Прилеп ја донел Одлуката број 07-285/28 од 28 јануари 2009 година за донесување на Деталниот урбанистички план. Во списите нема доказ дека оспорената одлука била објавена во службеното гласило на општината.

Од изнесената правна и фактичка состојба Судот оцени дека оспорената Одлука не е донесена во постапка спроведена во согласност со одредбите од Законот за просторното и урбанистичкото планирање, а со тоа не е во за согласност и со членот 51 од Уставот.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

7. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.105/2009
20 јануари 2010 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски