У.бр.104/2016

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 27 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992) на седницата одржана на 18 мај 2016 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на Одлуката за распуштање на Собранието на Република Македонија, број 08-362/1 од 18.01.2016 година („Службен весник на Република Македонија“ бр.9/2016) и Одлуката за изменување на Одлуката за распуштање на Собранието на Република Македонија, бр.08-1320/1 од 23.02.2016 година („Службен весник на Република Македонија“ бр.33/2016).

2. СЕ ЗАПИРА ИЗВРШУВАЊЕТО на поединечните акти или дејствија што се преземаат врз основа на одлуките означени во точката 1 од ова решение.

3. Ова решение ќе се објави во „Службен весник на Република Македонија“.

4. Талат Џафери од с.Форино, Општина Гостивар, до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на одлуките означени во точката 1 од ова решение.

Во иницијативата се наведува дека Собранието на Република Македонија на 23.02.2016 година донело Одлука за изменување и дополнување на Одлуката за распуштање на Собранието на Република Македонија, заземајќи став дека оспорената одлука ќе произведе одложно дејство, односно наместо од 24.02.2016 година ќе се применува од 07.04.2016 година (член 1 од измената на одлуката и член 2 од основната одлука).

Врз основа на начелото на приоритет и итност, подносителот на иницијативата предлага Судот, до донесување на конечната одлука, да донесе решение за запирање на извршувањето на поединечните акти и дејствија што се преземаат врз основа на оспорениот акт.

Според подносителот на иницијативата оспорената одлука не била во согласност со член 8 став 1 алинеи 1 и 3, член 51 и член 63 став 3 од Уставот на Република Македонија.

Поточно, во членот 63 став 3 од Уставот било определено дека „изборите за пратеници во Собранието се одржуваат …или во рок од 60 дена од денот на распуштањето на Собранието“. За подносителот на иницијативата не било спорно дека Собранието се распушта ако за тоа се изјасни мнозинството од вкупниот број на пратеници, меѓутоа во Уставот не било предвидено одложно дејство на одлуката или пак измена на одлуката за распуштање, туку предвидувал децидно распуштање со важност од денот на нејзиното донесување.

Исто така, оспорената одлука била противуставна со што се доведувало во прашање владеењето на правото и правната сигурност.

Од друга страна, еднаш донесената одлука за распуштање на Собранието не можела да се менува со друга одлука од причини што Собранието веќе се распуштило, што значело дека самото Собрание не можело да ја проширува своја надлежност и да одлучува на поинаков начин надвор од она што било регулирано во самиот Устав по однос на неговото распуштање и работа.

Членот 63 став 3 од Уставот, бил многу јасен и прецизен бидејќи утврдувал точен датум при одржувањето на вонредните парламентарни избори кои не трпеле одлагање или поставување на дополнителни рокови. Во членот 63 став 4 од Уставот, бил предвиден исклучок, според кој мандатот на пратениците во Собранието може да се продолжи само во случај на воена или вонредна состојба.

Распуштање на Собранието со одложно дејствие не познавал ниту Уставот на Република Македонија, ниту уставите на другите земји во светот, што ги правело двете одлуки противуставни.

Одлуката за изменување на Одлуката за распуштање на Собранието, според подносителот на иницијативата имала универзално дејство, со оглед на тоа што практично се однесувала на сите граѓани (делувала erga omnes), кои на општи и непосредни избори го давале својот глас за пратениците во Собранието, односно ним им го пренесувале мандатот, но и суверенитетот за да Собранието решава, односно одлучува во нивно име. Одлуките кои ги носело Собранието по својата суштина не се однесувале само на Собранието и неговото интерно работење, туку иницирале цела серија на правни дејствија и импликации, кои се однесувале и на сопствениот пратенички мандат и легитимитет. Оспорената одлука не можела да се смета како поединечен акт, бидејќи имала дејство не само на Собранието како институција, туку и на сите граѓани на Република Македонија, бидејќи во Република Македонија суверенитетот произлегувал од граѓаните и им припаѓал на граѓаните. Тие власта ја остваруваат преку демократски избрани претставници, по пат на референдум и други облици на непосредно изјаснување. Од ова произлегувало дека со распуштање на Собранието граѓаните повеќе не можат да ја остваруваат власта, преку тој состав на Собранието. Оттаму, распуштањето на Собранието не се однесувало само на Собранието, туку и на сите граѓани на Република Македонија. Од наведеното можело да се заклучи дека одлуката за распуштање на Собранието има карактер на општ правен акт.

Од содржината на оспорената одлука било евидентно дека со неа се вршело дополнително регулирање надвор од Уставот, всушност „креативно“ дополнително нормирање на уставните одредби кои се однесувале на распуштање на Собранието, кои како такви не биле предвидени во Уставот.

Од друга страна Собранието на Република Македонија како највисоко избрано преставничко тело на државата кое има законодавна надлежност не можело да се поистоветува и компарира со одложното дејство на законите или другите нормативни акти кои всушност самото ги носело, бидејќи се работело за неспоредливи категории.

Имајќи го предвид сето наведено подносителот на иницијативата бара Уставниот суд да ја поништи Одлуката за изменување и дополнување на Одлуката за распуштање на Собранието на Република Македонија, а до конечната одлука да донесе решение за запирање на извршувањето на поединечните акти и дејствија што се преземаат врз основа на оспорената одлука.

5. Судот на седницата утврди дека, врз основа на член 68 став 2 и членот 63 став 3 од Уставот на Република Македонија, Собранието на Република Македонија, на седницата одржана на 18 јануари 2016 година, донесе

О Д Л У К А
за распуштање на Собранието на Република Македонија

Член 1

Собранието на Република Македонија се распушта.

Член 2

Оваа Одлука влегува во сила со денот на објавување во „Службен весник на Република Македонија“, а ќе се применува од 24 февруари 2016 година

Собрание на Република Македонија.

Бр.08-362/1
18 јануари 2016 година
С к о п ј е

Претседател на
Собранието на Република Македонија
Трајко Вељановски

На 23 февруари 2016 година, Собранието на Република Македонија, донело Одлука за изменување на Одлуката за распуштање на Собранието на Република Македонија, која гласи:

Врз основа на членот 68 став 2 и членот 63 став 6 од Уставот на Република Македонија, Собранието на Република Македонија, на седницата одржана на 23 февруари 2016 година, донесе

ОДЛУКА ЗА ИЗМЕНУВАЊЕ НА ОДЛУКАТА ЗА РАСПУШТАЊЕ
НА СОБРАНИЕТО НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА

Член 1

Во Одлуката за распуштање на Собранието на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија” број 9/16), во членот 2 датата „24 февруари 2016 година“ се заменува со датата „7 април 2016 година“.

Член 2

Оваа одлука влегува во сила со денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“.

СОБРАНИЕ НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА

Бр. 08 – 1320/1
23 февруари 2016 година
Скопје

Претседател на
Собранието на Република Македонија,
Трајко Вељаноски,с.р.

6. Согласно членот 1 став 1 од Уставот, Република Македонија е суверена, самостојна, демократска и социјална држава, а согласно членот 2 став 2, граѓаните на Република Македонија власта ја остваруваат преку демократски избрани претставници по пат на референдум и други облици на непосредно изјаснување.

Според членот 8 алинеи 1 и 3 од Уставот, темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија се: основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот и владеењето на правото.

Согласно членот 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Според членот 61 од Уставот, Собранието на Република Македонија е претставнички орган на граѓаните и носител на законодавната власт на Републиката. Организацијата и функцио-нирањето на Собранието се уредуваат со Уставот и со Деловникот.

Според членот 63 став 1 од Уставот пратениците во Собранието се избираат за време од четири години. Мандатот на пратениците го верифицира Собранието. Мандатот почнува да тече од конститутивната седница на Собранието. Новоизбраното Собрание се состанува на конститутивна седница најдоцна 20 дена по одржаните избори. Конститутивната седница ја свикува претседателот на Собранието од претходниот состав.

Според ставот 2 на овој член од Уставот, доколку не се закаже конститутивна седница во предвидениот рок, пратениците сами се состануваат и го конституираат Собранието на дваесет и првиот ден од денот на завршувањето на изборите.

Во ставот 3 од членот 63 од Уставот е определено дека избори за пратеници во Собранието се одржуваат во последните 90 дена од мандатот на стариот пратенички состав или во рок од 60 дена од денот на распуштањето на Собранието.

Со одредбата од ставот 4 на овој член од Уставот е утврдено дека мандатот на пратениците во Собранието може да се продолжи само во случај на воена или вонредна состојба.

Според ставот 6 од овој член од Уставот Собранието се распушта ако за тоа се изјасни мнозинството од вкупниот број пратеници.

Согласно член 108 од Уставот, Уставниот суд е орган на Републиката кој ја штити уставноста и законитоста.

7.Од изнесениве уставни норми произлегува дека остварувањето на власта преку демократски избрани претставници е уставен принцип врз основа на кој е уредена и организацијата на државната власт со нормите во III дел од Уставот.

Собранието на Република Македонија е уставно определено како претставнички орган на граѓаните и носител на законодавната власт во Републиката. Со Уставот се уредени статусните прашања на овој орган на државната власт.

Тргнувајќи од член 108 од Уставот на Република Македонија, каде е уредено дека Уставниот суд на Република Македонија е органот кој ја штити уставноста и законитоста, Судот оцени дека тој е единствениот орган во уставниот систем на Република Македонија кој има неприкосновена надлежност за оценување на овие принципи. Имајќи ја предвид и надлежноста на Уставниот суд на Република Македонија утврдена во членот 110 од Уставот, за ваквиот тип на одлуки (акти) како што е оспорената, Уставниот суд е тој кој одлучува кој акт ќе го третира како пропис, подобен за уставно-судска оцена.

Одлуката за распуштање на Собранието има карактер на пропис, бидејќи ваков вид на одлука има универзално дејство и посредно се однесува на сите граѓани кои на непосредни избори го даваат својот глас за одреден пратеник на Собранието, односно ним им го пренесуваат мандатот, но и суверенитетот за Собранието да решава, односно одлучува во нивно име, од каде произлегува дека оспорената одлука е подобна за уставно судска оцена.

8. Собранието на Република Македонија на 87-та седница одржана на 18.01.2016 година донесе одлука за негово распуштање заземајќи став дека ваквата одлука ќе произведе одложено правно дејство, односно ќе се применува од 24.02.2016 година. Дополнително, Собранието на Република Македонија на 95-та седница одржана на 23.02.2016 година ја измени оваа одлука на начин што претходно утврдениот датум на самораспуштање го промени. Во изменетата одлука за самораспуштање, донесена на 23.02.2016 година определено е ново одложно дејство, сметано од 07.04.2016 година.

Во Уставот на Република Македонија не е експлицитно уредено прашањето за одложното важење на Одлуката за распуштање на Собранието. Отсуството на конкретна регулатива за ваков случај не може да се толкува дека ваквото решение е допуштено со одлука на Собранието, како во случајов, а особено имајќи ја предвид сериозноста и можните последици.

Со Уставот не е утврдено мандатот на пратениците во Собранието да продолжи во случај на распуштање на Собранието, ниту е предвидено во таков случај тие да продолжат со должноста. Според тоа не може да постои било какво одлагање на распуштање на Собранието, а со тоа и одложено губење на мандатот на пратениците.

Спротивно на изнесеното, Собранието продолжи да работи во својот полн капацитет во периодот од 19.01.2016 година кога е донесена првата Одлука за самораспуштање со одложно дејство, па се до 07.04.2016 година кога Собранието фактички се самораспушти.

Одложеното дејство на оспорената одлука, односно одложеното дејство на распуштањето на Собранието, како највисоко избрано претставничко тело на државата кое има законодавна надлежност, не може да се поистоветува или компарира со одложеното дејство на законите или други нормативни акти.

Според членот 63 став 3 од Уставот на Република Македонија скратениот рок за вонредни парламентарни избори (60 дена) не трпи одлагање, а мандатот на пратениците не може да продолжи во случај на самораспуштање на Собранието, надвор од условите утврдени во членот 63 став 4 од Уставот, од каде Судот оцени дека со оспорената одлука се прави повреда на членот 63 ставовите 3 и 4 од Уставот на Република Македонија.

Ваквата состојба доведува и до правна несигурност и повреда на владеењето на правото како темелна вредност на уставниот поредок утврдена во членот 8 став 1 алинеја 3 и членот 51 од Уставот, бидејќи Собранието на Република Македонија е должно да ги почитува Уставот и законите, што овде не е случај.

9. Согласно член 27 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија Судот оцени дека се исполнети условите за донесување на решение за запирање на извршувањето на поединечните акти или дејствија што се преземаат врз основа на оспорената одлука, заради можноста од настанување на тешко отстранливи последици.

10. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.

11. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Елена Гошева и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.104/2016
18 мај 2016 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева