У.бр.104/2011-1

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 16 мај 2012 година, донесе

О Д Л У К А

1. СЕ УКИНУВААТ:

– член 30 став 4 и став 23 во делот:„ и кој нема да ја достави во пропишаниот рок изјавата од ставот 4 на овој член или достави изјава со различна содржина“ и член 60 став 1 точка 9 од Законот за виното („Службен весник на Република Македонија“ бр. 50/2010 и 53/2011) и

– член 20 во делот:„ Производителите на вино запишани во Регистарот на производители на вино пред денот на влегувањето во сила на овој закон треба да достават изјава од членот 30 став 4 на овој закон најдоцна во рок од 60 дена од денот на влегувањето во сила на овој закон за финансиските обврски за купено винско грозје во периодот од влегувањето во сила на Законот за виното („Службен весник на Република Македонија“ број 69/2004) до денот на влегувањето во сила на Законот за виното („Службен весник на Република Македонија“ број 50/10), а во рок од 120 дена од денот на влегувањето во сила на овој закон треба да достават изјава од членот 30 став (4) на овој закон за финансиските обврски за купено винско грозје во периодот од влегувањето во сила на Законот за виното („Службен весник на Република Македонија“ број 50/10) до денот на влегувањето во сила на овој закон“ и во делот: „ и кои нема да ја достават изјавата од членот 30 став 4 на овој закон во роковите од ставот 2 на овој член“ од Законот за изменување и дополнување на Законот за виното („Службен весник на Република Македонија“ бр. 53/2011)

2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.

3. Уставниот суд на Република Македонија, по повод иницијатива поднесена од Миле Бундовски од Скопје, на седницата одржана на 21 март 2012 година, со Решение У. бр. 104/2011, поведе постапка за оценување на уставноста на одредбите од Законот означен во точка 1 на оваа одлука, затоа што основано се постави прашањето за нивната согласност со Уставот.

4. Судот на седницата утврди дека според член 30 став 4 од Законот за виното, запишаните производители на вино во регистарот од ставот 2 на овој член, се должни секоја година најдоцна до 30 април да достават до Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство изјава од одговорното лице дадена на нотар под материјална и кривична одговорност дека во целост им се исполнети финансиските обврски за купено винско грозје во претходните години.

Според став 23 на овој член, производителот на вино кој ќе престане да ги исполнува условите од ставот 1 на овој член и кој нема да ја достави во пропишаниот рок изјавата од ставот 4 на овој член или достави изјава со различна или невистинита содржина се брише од Регистарот на производители на вино.

Според член 60 став 1 точка 9 од Законот, глоба во износ од 2.500 до 5.000 евра во денарска противвредност ќе му се изрече на правното лице за прекршок, ако не ја достави навремено изјавата од членот 30 став 4 на овој закон (член 30 став 4).

Судот, исто така, утврди дека според член 20 од Законот за изменување и дополнување на Законот за виното („Службен весник на Република Македонија, бр.53/2011) производителите на вино запишани во Регистарот на производители на вино пред денот на влегувањето во сила на овој закон се должни да се пререгистрираат во рок од 60 дена од влегувањето во сила на овој закон согласно со членот 30 од овој закон. Производителите на вино запишани во Регистарот на производители на вино пред денот на влегувањето во сила на овој закон треба да достават изјава од членот 30 став 4 на овој закон најдоцна во рок од 60 дена од денот на влегувањето во сила на овој закон за финансиските обврски за купено винско грозје во периодот од влегувањето во сила на Законот за виното („Службен весник на Република Македонија“ број 69/2004) до денот на влегувањето во сила на Законот за виното („Службен весник на Република Македонија“ број 50/10), а во рок од 120 дена од денот на влегувањето во сила на овој закон треба да достават изјава од членот 30 став 4 на овој закон за финансиските обврски за купено винско грозје во периодот од влегувањето во сила на Законот за виното („Службен весник на Република Македонија“ број 50/10) до денот на влегувањето во сила на овој закон. Производителите на вино запишани во Регистарот на производители на вино пред денот на влегувањето во сила на овој закон кои нема да се пререгистрираат во рокот од став 1 на овој член и кои нема да ја достават изјавата од членот 30 став 4 на овој закон во роковите од ставот 2 на овој член, со решение на министерот се бришат од Регистарот на производители на вино.

5. Согласно член 8 став 1 алинеите 3, 4 и 7 од Уставот на Република Македонија, владеењето на правото, поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска и слободата на пазарот и претприемништвото, се темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Според член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Согласно член 55 од Уставот, се гарантира слободата на пазарот и претприемништвото. Републиката обезбедува еднаква правна положба на сите субјекти на пазарот. Слободата на пазарот и претприемништвото можат да се ограничат со закон единствено заради одбрана на Републиката, зачувувањето на природата, животната средина или здравјето на луѓето.

Со Законот за виното се уредуваат планирањето и управувањето со производствениот потенцијал за производство на винско грозје, производството на вино, пазарот и прометот со вино, класификацијата на вината, производството, означувањето и заштитата на вината со географски назив и описот, означувањето и заштитата на виното (член 1).

Во Главата III. ПРОИЗВОДСТВО НА ВИНО, во член 30 од Законот, се уредува материјата поврзана со регистарот на производители на вино.

Така, во став 1 на овој член, се утврдува дека со производство на вино заради ставање во промет може да се занимава физичко и правно лице кое има соодветни простории и опрема и вработено најмалку едно лице со завршено високо образование од областа на лозарството и винарството или ангажирано со договор доколку производителот на вино е физичко лице. Според став 2 на овој член, заради евиденција на производителите на вино, Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство води Регистар на производители на вино. Според став 3 на овој член, Министерството по претходно поднесено барање за упис во регистарот на производители на вино на производителот на вино кој ги исполнува условите за упис во Регистарот на производители на вино му издава Решение за упис во Регистарот на производители на вино. Согласно став 4 на истиот член, запишаните производители на вино во регистарот од ставот 2 на овој член, се должни секоја година најдоцна до 30 април да достават до Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство изјава од одговорното лице дадена на нотар под материјална и кривична одговорност дека во целост им се исполнети финансиските обврски за купено винско грозје во претходните години. Со ставовите 5 до 21 од овој член, се пропишува постапка за издавање на решение за упис во Регистарот на производители на вино. Според став 22 од истиот член, министерот ги пропишува поблиските услови во поглед на просториите и опремата за производство на вино од став 1 на овој член. Според став 23 на истиот член, производителот на вино кој ќе престане да ги исполнува условите од ставот 1 на овој член и кој нема да ја достави во пропишаниот рок изјавата од ставот 4 на овој член или достави изјава со различна или невистинита содржина се брише од Регистарот на производители на вино. Според став 24 од истиот член, министерот го пропишува начинот за пријавување во Регистарот и бришење од регистарот на производители на вино од ставот 2 на овој член потребната документација, како и формата, содржината и начинот на водење на Регистарот од ставот 2 на овој член.

Членот 30 од Законот актуелната содржина ја добива со член 3 од Законот за изменување и дополнување на Законот за виното („Службен весник на Република Македонија“ бр. 53/2011), каде што, помеѓу другото, по ставот 3 се додаваат 18 нови става (4-21), по ставот 22 се додава нов став 23, а во ставот 5 кој станува став 24, по зборовите:„ пријавување во регистарот“ се додаваат зборовите:„и бришење од регистарот“, а по зборот „член“ во вториот ред се додаваат зборовите:„потребната документација“. Тоа значи дека оспорените ставови 4, 23 и 24 на членот 30 од Законот, во содржината во која се оспоруваат, стануваат дел од правниот поредок со влегување во сила на неведените законски измени, односно сметано од 22 април 2011 година.

Анализата на членот 30 од Законот покажува дека со одредбите на овој член, законодавецот ги утврдува условите кои треба да ги исполни физичко или правно лице доколку сака да се занимава со производство на вино заради ставање во промет ( соодветни простории и опрема и вработено или ангажирано со договор најмалку едно лице со завршено високо образование од областа на лозарството и винарството), како и востановува Регистар на производители на вино, кој го води Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, кое на производителите на вино кои ги исполнуваат условите за упис во Регистарот на производители на вино, им издава решение за упис во наведениот регистар. Со оспорените законски одредби, дополнително се пропишува обврска за запишаните производители на вино во наведениот регистар, секоја година, најдоцна до 30 април да достават до Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство изјава од одговорното лице дадена на нотар под материјална и кривична одговорност дека во целост им се исполнети финансиските обврски за купено винско грозје во претходните години (став 4), под закана дека доколку не ја достават изјавата во пропишаниот рок или достават изјава со различна или невистинита содржина, ќе бидат избришани од Регистарот на производители на вино (став 23.) Последицата од ваквото бришење е неможност да се врши дејноста производство на вино заради ставање во промет.

Во предлог-законот со кој се воведени овие оспорени законски одредби, воопшто нема образложение за потребата и оправданоста од воведувањето на истите.

Според мислењето на Владата, како предлагач на Законот, доставено до Уставниот суд како одговор на наводите во иницијативата (акт бр.51-3163/1 од 21.06.2011 година),оспорените одредби од Законот требало да допринесат во остварување на целите на Законот, а особено да обезбедат стабилно ниво на доход на земјоделското стопанство, стабилно производство на квалитетно грозје за производство на квалитетни вина и заштита на интересите на производителите и потрошувачите, подобрување на квалитетот на виното и добро функционирање на внатрешниот и надворешниот пазар на грозје и вино. Вака конципираните одредби не задирале во темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија, туку напротив, истите претставувале мерки за спречување на монополската положба на монополското однесување на пазарот и обезбедување на еднаква положба на сите субјекти на пазарот. Исто така, согласно член 32 од Законот за земјоделство и рурален развој, максималниот рок за исплата на било кој откупен земјоделски производ, вклучително и на грозјето, бил 180 дена од денот на откупот, па така со оспорените одредби само се овозможувало дополнителен контролен механизам за почитување на ова законско решение во поглед на исплата на купено винско грозје како стратешки производ за Република Македонија, што било лесно воочливо ако се знаело дека откупот на винско грозје во Република Македонија вообичаено завршувал најдоцна до 15 октомври, па рокот за исплата завршувал најдоцна до средината на април наредната година, па така законодавецот предвидел оптимален и објективен рок за доставување на оспорената изјава со која треба да се потврди сериозноста на субјектите кои учествуваат во пазарот на грозје и вино.

Целта на оспорените одредби не била во насока да се ограничат слободата на пазарот и претприемништвото, туку напротив во услови на нестабилност на откупот и цените на грозјето и потребата од непречено производство на квалитетна суровина за производство на квалитетно вино кое успешно би конкурирало на светските пазари, државата како гарант на економската и политичката стабилност, во суштина вршела балансирање на тие услови преку инструменти и мерки кои државата задолжително ги презема, со цел да се отстранат или ублажат несаканите последици од евентуално дисбалансирани пазарни околности, во функција на оневозможување на монополска положба и монополско однесување на субјектите на пазарот.

Според Судот, член 30 став 4 и став 23 во делот:„ и кој нема да ја достави во пропишаниот рок изјавата од ставот 4 на овој член или достави изјава со различна содржина“ и член 60 став1 точка 9 од Законот, не се во согласност со Уставот. Имено, законодавецот ги утврдил условите кои треба да ги исполнува субјектот кој сака да врши дејност производство на вино заради ставање во промет и пропишал обврска за евиденција на производителите на вино во Регистарот на производители на вино. Во оваа смисла, законодавецот пропишал дека само производител на вино впишан во Регистарот на производители на вино може да стави вино во промет во Република Македонија (член 31). Тоа значи дека дејноста можат да ја вршат само и единствено субјектите кои ги исполнуваат законските услови за тоа и кои се запишани во Регистарот на производители на вино, од каде сосема логично и легитимно произлегува дека престанувањето на исполнувањето на законските услови за вршење на оваа дејност, повлекува бришење од Регистарот на производители, а со тоа и прекинување на вршење на дејноста.

Меѓутоа, сосема основано се поставува прашањето за основаноста и оправданоста на дополнително пропишаниот услов за задржување на статусот на веќе запишан субјект како производител во Регистерот, кој не се поврзува со исполнување на законските услови за запишување во регистерот, односно за вршење на дејноста, туку се поврзува со прашањето за исполнување на финансиските обврски за купено грозје во претходната година, за која состојба се бара писмено заверена изјава кај нотар. Видно од доставеното мислење на Владата, произлегува дека наведената финансиска обврска е уредена со договор за откуп на грозје, склучен согласно член 32 од Законот за земјоделство и рурален развој („Службен весник на Република Македонија, бр.49/2010 и 53/2011), при што за одбележување е дека како услов за бришење од регистарот на откупувачи на земјоделски производи (член 35), овој закон не го предвидува неисполнувањето на обврските од склучениот договор, како во случајот со производителите на вино.

Ваквото решение во Законот за виното, практично значи дека одреден субјект, кој иако ги исполнува законски пропишаните услови за запишување во наведениот регистер и за вршење на дејноста (во однос на простории, опрема и стручен кадар), поради недоставување на изјава за исполнување на одредени одредби од договор во даден рок, без притоа во Законот да постои пропишана постапка за утврдување на причините за недоставувањето на изјавата или за нејзината точност, ќе биде избришан од Регистерот на производители на вино и со тоа ќе му биде оневозможено да ја врши дејноста. Дополнително, за ненавременото доставување на изјавата, правното лице ќе биде казнето за прекршок со изречена глоба во износ од 2.500 до 5.000 евра во денарска противвредност (член 60 став 1 точка 9) и ќе му се изрече прекршочна санкција привремена забрана за вршење дејност во траење од шест месеци до пет години (член 60 став 3), а на одговорното лице ќе му се изрече глоба во износ од 600 до 1.000 евра во денарска противвредност за сторен прекршок и прекршочна санкција забрана за вршење на должност во траење од една до пет години (член 60 став 4). Тоа значи дека законодавецот пропишал исклучително строги казнени санкции за субјектот што нема да ја достави бараната изјава, со што ќе се соочи освен со плаќање на висока глоба, и со забрана за вршење на дејноста која забрана може да се протега на период до пет години.

Анализата на ова прашање покажува дека спорните финансиски обврски кои се предмет на наведената ригорозна законска регулатива се резултат на склучени договори помеѓу производители или трговци со грозје, од една страна и производители на вино, од друга страна, што пак е прашање на реализација на договор, што според Судот, не може да биде услов за тоа дали едно лице (правно или физичко) може да се бави со производство на вино. Ова затоа што дејноста производство на вино е поврзана и зависна од простории, опрема и потребен стручен персонал, како услови што законодавецот сосема логично и оправдано ги пропишал како неопходни за субјектот кој сака да се бави со оваа дејност, а со оспореното решение дополнително, со измени на Законот, вршењето на дејноста се условува со барање кое воопшто не е поврзано со условите за вршењето на оваа дејност, но кое повлекува исклучително значајни последици за субјектот.

Во оваа смисла, Судот имаше предвид дека договорот за откуп на винско грозје е облигационо-правен договор, двострано обврзувачки, уреден со Законот за облигационите односи, кој пропишува механизми за исполнување на договорот и последици од неисполнувањето на обврските од договорот, независно дали е склучен согласно член 32 од Законот за земјоделство и рурален развој.

Тргнувајќи од наведеното, според Судот, барањето на писмена изјава заверена на нотар дека во целост се исполнети финансиските обврски за купено винско грозје во претходните години, како услов за задржување на статусот на регистриран субјект кој има право да врши дејност производство на вино заради ставање во промет, значи пречекорување на дозволениот праг и излегување надвор од соодветните законски механизми и води до состојба исполнувањето на обврските на лицето во еден статус, да влијае на остварувањето на неговите права во друг статус, што уставно не е дозволено.

Дополнително, според Судот, докажувањето на исполнувањето на наведените финансиски обврски со изјава дадена на нотар во определениот рок, без регулатива за испитувањето на причините за недоставувањето на таквата изјава, а со предвидување на последица – забрана на вршење на дејност поради недоставување на изјавата, претставува недоволно јасен и прецизен начин на утврдување на состојбата која повлекува исклучително сериозни последици за подносителот, поради што не го задоволува критериумот на јасна и прецизна норма која е нужен елемент за обезбедување на владеењето правото.

Тргнувајќи од наведеното, Судот оцени дека член 30 став 4 и став 23 во делот:„ и кој нема да ја достави во пропишаниот рок изјавата од ставот 4 на овој член или достави изјава со различна содржина“ и член 60 став 1 точка 9 од Законот за виното, не се во согласност со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот.

6. Судот утврди дека член 20 од Законот за изменување и дополнување на законот за виното („Службен весник на Република Македонија, бр.53/.2011), по својата правна природа е преодна и завршна одредба, со која законодавецот пропишува обврски за пререгистрирање на производителите на вино запишани во Регистарот на производители на вино пред денот на влегување во сила на овој закон.

Според подносителот на иницијативата, со наведената одредба се повредувал основниот принцип на правната сигурност како на граѓаните така и на правните субјекти, а со тоа и владеењето на правото. Таа одредба била во директно содејство со другите оспорени одредби во Законот и содржела нереални рокови, недоволно конкретен и јасен начин и содржела необјективна рамка за исполнување на очекувањата од напред оспорените одредби што вкупно ја правела неуставна.

Според Судот, за делот од оспорената одредба која воведува рокови за пререгистрација поврзани со претходно оспорената изјава од член 30 став 4 од Законот, основано може да се постави прашањето за нејзината согласност со Уставот. Имено, доколку постои основано сомнение дека не е во согласност со Уставот барањето на изјава за исполнетите финансиски обврски за купено винско грозје во претходните години, како услов за задржување на статусот на регистриран субјект за производство на вино, од причини изложени во точка 5 од оваа одлука, основано произлегува дека преодната одредба која пропишува рокови за исполнување на ова оспорено законско барање, ја дели правната судбина на основната одредба со која е поврзана, поради што основано произлегува дека и преодната одредба не е во согласност со владеењето на правото, како темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија.

Дополнително, одредбата во оспорениот дел повлекува и повратно дејство на Законот, кое не е дозволено. Имено, обврската за давањето на писмената изјава е воведена со измените на Законот кој влегоа во сила на 22 април 2011 година, а обврската за пререгистрација во согласност со таквата изјава се врзува за период од денот на влегување во сила на Законот за виното, објавен во „Службен весник на Република Македонија“ бр. 69/2004, што значи дека предвидува повратно дејство на Законот, пред неговото донесување и влегување во сила, кое не е во согласност со член 52 став 4 од Уставот.

Поради наведеното, Судот оцени дека член 20 во делот:„ Производителите на вино запишани во Регистарот на производители на вино пред денот на влегувањето во сила на овој закон треба да достават изјава од членот 30 став 4 на овој закон најдоцна во рок од 60 дена од денот на влегувањето во сила на овој закон за финансиските обврски за купено винско грозје во периодот од влегувањето во сила на Законот за виното („Службен весник на Република Македонија“ број 69/2004) до денот на влегувањето во сила на Законот за виното („Службен весник на Република Македонија“ број 50/10), а во рок од 120 дена од денот на влегувањето во сила на овој закон треба да достават изјава од членот 30 став 4 на овој закон за финансиските обврски за купено винско грозје во периодот од влегувањето во сила на Законот за виното („Службен весник на Република Македонија“ број 50/10) до денот на влегувањето во сила на овој закон“ и во делот: „и кои нема да ја достават изјавата од членот 30 став 4 на овој закон во роковите од ставот 2 на овој член“, не се во согласност со член 8 став 1 алинеја 3 и член 52 став 4 од Уставот.

7. Тргнувајќи од наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

8. Оваа одлука Судот ја донесе со мнозинство гласови, во состав од претседателот на Судот, Бранко Наумоски и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, д-р Гзиме Старова, Владимир Стојаноски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.104/2011
16 мај 2012 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски