У.бр.100/2013

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 23 април 2014 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на член 68 став 1 точка 6 во делот „како и предлозите на законите кои подлежат на проценка на регулативата“ и на член 73-а став 2 во делот „оценка на Министерството за информатичко општество и администрација по предлозите на законите од аспект на нивната усогласеност со актите кои ја уредуваат материјата која се однесува на проценка на регулативата“ од Деловникот за работа на Владата на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“бр.38/2001, 98/2002, 9/2003, 47/2003, 4/2003, 67/2003, 51/2006, 5/2007, 15/2007, 26/2007, 30/2007, 58/2007, 105/2007, 116/2007, 129/2007, 157/2007, 29/2008, 51/2008, 86/2008, 114/2008, 42/2009, 62/2009, 141/2009, 162/2009, 40/2010, 166/2010, 172/2010, 95/2011, 151/2011, 170/2011 и 67/2013).

2. Стамен Филипов од Скопје до Уставниот суд на Република Македонија достави иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на член 6 став 1 точка 6 во делот „како и предлозите на законите кои подлежат на проценка на регулативата“ и на член 8 во делот „оценка на Министерството за информатичко општество и администрација по предлозите на Законот од аспект на нивната усогласеност со актите кои ја уредуваат материјата која се однесува на проценка на регулативата“ од Деловникот за изменување и дополнување на Деловникот за работа на Владата на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.67/2013).

Во конкретниов случај, а со цел за сеопфатен и целосен увид во нивната содржина, Судот оцени дека треба да ја разгледува содржината на оспорените членови во целина од интегралниот текст на Деловникот со сите измени и дополнувања, а не само делот од измените како што тоа го прави подносителот.

Со оглед на наведеното предмет на оценување на уставноста и законитоста се член 68 став 1 точка 6 во делот „како и предлозите на законите кои подлежат на проценка на регулативата“ и на член 73-а став 2 во делот „оценка на Министерството за информатичко општество и администрација по предлозите на законите од аспект на нивната усогласеност со актите кои ја уредуваат материјата која се однесува на проценка на регулативата“ од Деловникот за работа на Владата на Република Македонија означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите на подносителот на иницијативата оспорените делови на членот 6 и 8 од Деловникот не биле во согласност со член 8 став 1 алинеја 3, член 51, член 96 од Уставот, член 5 став 2 од Законот за Владата на Република Македонија и член 26-а од Законот за организација и работа на органите на државната управа, кој закон бил донесен со двотретинско мнозинство. Ова од причина што оспорените делови не произлегувале од членот 96 од Уставот, член 5 став 2 од Законот за Владата и од член 26-а став 1 од Законот за организација и на органите на државна управа според кој Министерството за информатичко општество и администрација врши и други работи утврдени со закон, а не со Деловник за работа на Владата на Република Македонија.

Подносителот ги цитира уставните и законските одредби на кои се повикува и извлекува заклучок дека оспорените делови од наведените одредби од Деловникот немале основа во Уставот и во Законот за организација и работа на органите на државната управа од кои причини тие не биле во согласност со член 8 став 1 алинеја 3, член 51, член 96 од Уставот и член 26-а од Законот за организација и работа на органите на државната управа.

3. Судот на седницата утврди дека во оспорениот член 6 од Деловникот за измени и дополнување на Деловникот за работа на Владата на Република Македонија,во членот 68 став 1 по точката 5 се додава нова точка 6 која гласи:

6) Министерството за информатичко општество и администрација материјалите од областа на државната управа, како и предлозите на законите кои подлежат на проценка на влијанието на регулативата“.

Во оспорениот член 8 од Деловникот е предвидено дека во членот 73-а во став 2 по зборовите „оценка на Секретаријатот за законодавство по материјалот“ се додаваат зборовите „оценка на Министерството за информатичко општество и администрација по предлозите на законите од аспект на нивната усогласеност со актите кои ја уредуваат материјата која се однесува на процена на влијанието на регулативата“.

4. Според член 8 став 1 алинеја 3 Уставот,владеењето на правото е една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Согласно член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Според член 88 од Уставот, Владата на Република Македонија е носител на извршната власт.

Своите права и должности Владата ги врши врз основа и во рамките на Уставот и законите.

Во член 91 од Уставот се утврдени надлежностите на Владата при што во став 1 алинеа 14 е предвидено дека, покрај другото, таа врши и други работи утврдени со Уставот и закон.

Според член 95 став 3 од Уставот, организацијата и работата на органите на државната управа се уредуваат со закон што се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.

Според член 96 од Уставот, органите на државната управа работите од својата надлежност ги вршат самостојно врз основа и во рамките на Уставот и законите и за својата работа се одговорни на Владата.

Од изнесените уставни одредби произлегува дека владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија и дека таа вредност се остварува така што законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон при што секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Во членот 5 од Законот за Владата на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.59/2000, 12/2003, 55/2005, 37/2006, 115/2007, 19/2008, 82/2008, 10/2010 ,51/2011 и 15/2013), Владата донесува Деловник за работа на Владата.

Во согласност со овој закон со Деловникот поблиску се утврдува внатрешната организација, начинот на работа, како и други прашања од значење за работата на Владата.

Според член 10 од Законот за организација и работа на органите на државната управа („Службен весник на Република Македонија“ бр.58/2000, 44/2002, 82/2008, 167/2010 и 51/2011), органите на државната управа при подготвувањето на законите и другите прописи од својата надлежност обезбедуваат консултации со граѓаните преку:

1.) јавно објавување на видот, содржината и роковите за донесување на законите и други прописи; 2) организирање јавни трибини и 3) прибавување мислење од заинтересираните здруженија на граѓани и други правни лица и слично.

Во членот 11 од наведениот закон, е утврдена организацијата и надлежноста на органите на државната управа, при што во точката 13 од законот ,покрај другите министерства ,утврдено е и Министерството за информатичко општество и администрација.

Во членот 26-а од Законот е предвидено дека:

„(1) Министерството за информатичко општество и администрација ги врши работите што се однесуваат на:
– развојот и промоцијата на информатичкото општество,
– креирањето и водењето на регистар на информационите и комуникациските системи и информатичката опрема во рамките на органите на државната управа,
– интегрираната информатичка и комуникациска мрежа, базите на податоци,меѓусебното поврзување и размена на информации, безбедносните аспекти и развојот на инфраструктурата на државните органи, правните и другите лица на кои со закон им е доверено да вршат јавни овластувања,
– следењето на состојбите со информациските и телекомуникациските технологии и воведување на меѓународни стандарди,
– телекомуникациите и телекомуникациската инфраструктура,
– радиодифузијата и радиодифузната инфраструктура,
– законското уредување на прашањата во врска со администрацијата,
– надзорот и обезбедувањето на единствена примена на прописите што се однесуваат на државните и јавните службеници,
– развивањето на политиката поврзана со правата, обврските, одговорностите и оценувањето на државните и јавните службеници,
– класификацијата и описот на работните места, платите и надоместоците на плати на државните и јавните службеници,
– водењето Регистар за државните и јавните службеници,
– подготвувањето стратешки документи за ефикасното и ефективното работење,обуката и стручното усовршување на државните и јавните службеници,организирање и спроведување на обуката,
– развојот и координацијата на политиките во врска со управувањето со човечките ресурси,
– реформата во јавната администрација,
– остварувањето на меѓународна соработка по прашања од негова надлежност,
– државната управа,
– управната постапка,
– управниот надзор и
– врши и други работи утврдени со закон.

(2) Во состав на Министерството за информатичко општество и администрација е
– Државниот управен инспекторат.“

Тргнувајќи од наведените уставни одредби, одредбите од Законот за Владата на Република Македонија како и Законот за работа и организација на органите на државната управа, наспрема наводите од иницијативата во однос на оспорените одредби од Деловникот,Судот оцени дека истите се неосновани.

Ова од причини што оспорените делови од Деловникот за работа на Владата на Република Македонија не можат да се гледаат изолирано сами за себе како што тоа го гледа подносителот на иницијативата, туку во контекс на целината на одредбите од Деловникот кои ја разработуваат материјата за меѓусебната соработка на министерствата и на другите органи на управата.

Во членот 68 поместен во главата V. Седници на Владата потточката 2 „Соработка на генералниот секретар со министерствата и органите на државната управа во изработката на материјалите и актите„ од Деловникот е предвидено:

(1) Министерствата и другите органи на државната управа материјалите што и ги доставуваат на Владата за разгледување, утврдување, односно донесување, претходно им ги доставуваат на мислење на надлежните, на соодветните и на заинтересираните органи на државната управа и на други државни органи во зависност од природата на материјалот што се разгледува, а задолжително на:

1) Министерството за финансии сите материјали кои имаат фискални импликации како и материјалите што се однесуваат на располагањето со државни средства и на финансиското работење или со кои се утврдуваат финансиско-материјалните обврски на државата, општините и прописите што содржат финансиски одредби;
2) Министерството за правда материјалите кои обработуваат прашања од областа и на казнената политика;
3) Министерството за одбрана материјалите од интерес за одбраната;
4) Министерството за надворешни работи материјалите од областа на надворешните работи и надворешната политика;
5) Министерството за животна средина и просторно планирање, материјалите од областа на животната средина и просторното планирање;
6) Министерството за информатичко општество и администрација материјалите од областа на државнатаа управа,како и предлозите на законите кои подлежат на проценка на влијанието на регулативата; (оспорен дел)
7) Секретаријатот за законодавство предлозите за донесување закон, нацртите и предлозите на законите и другите прописи и акти;
8) Секретаријатот за спроведување на Рамковниот договор материјалите кои се во функција на спроведувањето на Рамковниот договор;
9) Комисијата за заштита на конкуренцијата материјалите кои содржат елементи на државна помош и
10) Дирекцијата за заштита на личните податоци,сите материјали, предлог законите,подзаконските акти и други прдлог прописи од областа на заштитата на личните податоци,односно кои се на било кој начин поврзани со заштитата на личните податоци.

(2) Барањето за добивање мислење по материјалот од став (1) на овој член, како и одговорите по нив ги потпишува министерот или државниот секретар, односно директорот кој раководи со самостојниот орган на државната управа.

(3) Материјалите по кои не е прибавено мислење во смисла на став (1) на овој член, нема да се разгледуваат на седница на работните тела и на Владата.

(4) По исклучок, материјалите од став (1) на овој член, освен материјалите од точка 1), можат да се достават до Владата и без предвидените мислења и без да се достават на разгледување на Генералниот колегиум, ако се работи за прашања што се итни и не трпат одлагање. Во тој случај предлагачот ќе ја извести Владата за причините, поради кои не ги прибавил мислењата

(5) Доколку по материјалите од став (1) на овој член бидат дадени забелешки или предлози кои не се прифатени од предлагачот, предлагачот треба да се произнесе по нив со писмено известување во кое ќе ги наведе причините поради кои забелешките и предлозите не се прифатени.

(6) По барање на Уставниот суд за определени прашања, Владата прибавува мислење од надлежните министерства.

Во членот 73-а став 2 поместен во поднасловот 4.Доставување на материјали од главата V од Деловникот е предвидено:

(1) Материјалите што се доставуваат од министерствата и другите органи на државната управа за разгледување на Владата, задолжително се доставуваат со меморандум за секој поединечен материјал како информативен документ преку кои се обезбедуваат јасни информации за содржината на материјалите.
(2) Меморандумот од став (1) на овој член содржи: наслов (како што е во придружно писмо), место и датум, потпис од министерот или државниот секретар, односно директорот кој раководи со самостојниот орган на државна управа; oсврт по материијалот; разгледани можни решенија (за-против аргументи); резултати од извршените консултации со ресорните министерства и другите органи на државната управа и организации; дали материјалот содржи елементи на државна помош и оценка на Комисијата за заштита на конкуренцијата; изјава за усогласеност на прописот со законодавството на Европската унија; усогласеност со преземените обврски од ратификуваните меѓународни договори; решение кое се препорачува (со образложение); фискални импликации на материјалите што се предлагаат; очекувани влијанија; оценка на Секретаријатот за законодавство по материјалот оценка на Министерството за информатичко општество и администрација по предлозите на закони од аспект на нивната усогласеност со актите кои ја уредуваат материјата која се однесува на процена на влијанието на регулативата и клучни елементи за информирање на јавноста.(оспорен дел)
(3) Материјалите од информативен карактер и актите со кои се извршуваат законите (уредби, одлуки, упатства, програми, решенија и заклучоци) до Владата се доставуваат со придружно писмо.

Тргнувајќи од анализата на целината на членот 68 и 73-а како и оспорените делови од овие одредби јасно и недвосмислено произлегува дека министерствата и другите органи на државната управа материјалите што ги доставуваат до Владата на разгледување и утврдување, во зависност од природата на материјалот што се разгледува претходно ги доставуваат на Министерството за информатичко општество и администрација доколку тие се од областа на регулаторната реформа како интегрален дел од реформата на јавната администрација,а со цел на обезбедување и почитување на основните начела на транспарентност, отвореност, информираност и вклучување во целокупниот процес на конципирање на регулативата.

Имајќи го предвид изнесеното,Судот оцени дека со оспорените делови од член 68 став 1 точка 6 и член 73-а став 2 од Деловникот за работа на Владата не се утврдуваат надлежности на Министерството за информатичко општество и администрација туку се врши операционализација на веќе утврдените надлежности пропишани со закон, поради што не може да се постави прашањето за нивната согласност со одредите од Уставот и законите на кои се повикува подносителот на иницијативата.

5. Врз основа на изнесеното,Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Елена Гошева и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.100/2013
23 април 2014 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева