У.бр.99/2024


Уставен суд на
Република Северна Македонија
У.бр.99/2024
Скопје,20.06.2024 година

Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, Елизабета Дуковска, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија” бр.202/2019, 256/2020 и 65/2021), на седницата одржана на 20 јуни 2024 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 273 ставови 10 и 11 од Кривичниот законик („Службен весник на Република Македонија“ бр.37/96, 80/99, 4/02, 43/03, 19/04, 81/05, 60/06, 73/06, 7/08, 139/08, 114/09, 51/11, 135/11, 185/11, 142/12, 166/12, 55/13, 82/13, 14/14, 27/14, 28/14, 115/14, 132/14, 160/14, 199/14, 196/15, 226/15, 97/17, 248/18 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.36/23 и 188/23).

Образложение

I

Антонио Апостолски и Кирил Стојановски, адвокати во Адвокатското друштво Апостолски Скопје, до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесоа иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на членот од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата со примена на оспорените одредби од член 273 ставови 10 и 11 од Кривичниот законик се загрозуваат основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати со меѓународното право и утврдени со Уставот и повредено е владеењето на правото, како темелна вредност утврдена во член 8 став 1 алинеи 1 и 3 од Уставот, а со тоа директно се повредуваат основните слободи и права на човекот и граѓанинот загарантирани со член 13 од Уставот каде е утврдено дека лицето обвинето за казниво дело ќе се смета за невино сè додека неговата вина не биде утврдена со правосилна судска одлука, како и дека лицето незаконито лишено од слобода, притворено или незаконито осудено, има право на надомест на штета и други права утврдени со закон. Според подносителот, директно се повредува член 51 од Уставот на Република Северна Македонија кој уредува дека во Република Северна Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон и дека секој е должен да ги почитува Уставот и законите како и на повреда на Амандманот XXV од Уставот со кој се заменува член 98 од Уставот.

Имено, со вака поставената одредба во прашање се доведува самиот стандард на докажување, односно обвиненијата кои се базираат на овие ставови од одредбата премногу ниско го поставувале стандардот на докажување и доволно било постоење на основано сомнение врз основа на фактички околности преку кое се ценело постоењето на самото дело за разлика од постоењето на повисокиот стандард во докажување во член 403 став 3 од Законот за кривична постапка, кој уредува дека јавниот обвинител како овластен тужител треба да докаже надвор од разумното сомневање дека обвинетиот го сторил делото за кое е обвинет како и за оценка на свесноста за криминалното потекло на имотот, кое законодавецот го сведува на нејасни и објективни околности на случајот.

Според подносителот на иницијативата, со оспорените одредби се нарушува правната сигурност на почитување на основните слободи и права на човекот и граѓанинот изразени преку повреда на презумцијата на невиност со дерогирање на правните постапки и процесни гаранции. Повредата на овие гаранции е создадена со одредбата од став 10 од член 273 кој утврдува дека криминалното потекло на парите се докажува само преку основано сомнение кое пак претставува категорија на кривично процесно право, а не на материјален закон.

Понатаму, во иницијативата подносителот наведува дека правото постои само доколку има јасни процесни гаранции и правила во постапката, а во овој случај таа е загрозена бидејќи не постојат јасни процесни гаранции и поставеност на правните постапки за разлика од постоењето на нормативните правила.

Со вака дефинираните одредби, според подносителот е повредена темелната вредност – владеење на правото бидејќи истите по својата природа отстапуваат од карактеристиките на владеењето на правото односно општиот карактер и праведност на правните акти. Карактерот на праведноста на двата става упатува на лесни основи за „инкриминација“ и уште понејасни прерогативи за потекло на имотот, што е создаден со став 11 од член 273 со што е оставено на случајот на определени фактички околности за секој предмет посебно и целосно отстапува од општо прифатените стандарди за нормирање на материјалното кривично законодавство.

Според подносителот, внесувањето на доказни правила во Кривичниот законик е проблематично, особено ако истите отстапуваат од принципите на Законот за кривична постапка, каде покрај принципот на презумција на невиност важи и принципот на in dubio pro reo, што значи дека доколку постојат сомненија за фактите во врска со казнената одговорност, истите треба да се толкуваат во корист на обвинетиот (член 3 од Законот за кривичната постапка). Во нашето казнено процесно право е предвиден принципот на слободна оцена на доказите, што е во начелна спротивност со однапред определените правила на докажување (член 16 од Законот за кривичната постапка) и сето тоа суштински го нарушува принципот на презумција на невиност, како носечки концепт на современото казнено право.

Од наведените причини, подносителот смета дека оспорените делови на законски одредби од Кривичниот законик немаат уставна основа, со барање Уставниот суд да поведе постапка за оценување на уставноста на ставови 10 и 11 од член 273 од Кривичниот законик и истите да ги поништи или укине.

II

На седницата Судот утврди дека во член 273 од Кривичниот законик со наслов „Перење пари и други приноси од казниво дело“ е предвидено:

(1) Тој што ќе пушти во оптек или промет, прими, преземе, замени или раситни пари или друг имот што го прибавил со казниво дело или за кој знае дека е прибавен со казниво дело, или со претворање, промена, пренос или на друг начин ќе прикрие дека потекнува од таков извор или ќе ја прикрие неговата локација, движење или сопственост, ќе се казни со затвор од една до десет години.
(2) Со казната од ставот (1) на овој член ќе се казни и тој што поседува или употребува имот или предмети за кои знае дека се прибавени со извршување на казниво дело или со фалсификување на исправи, непријавување на факти или на друг начин ќе прикрие дека потекнуваат од таков извор, или ќе ја прикрие нивната локација, движење и сопственост.
(3) Ако делото од ставовите 1 и 2 е сторено во банкарско, финансиско или друго стопанско работење или ако со разделување на трансакцијата ја избегнува должноста за пријавување во случаите определени со закон, сторителот ќе се казни со затвор најмалку три години.
(4) Тој што ќе го стори делото од ставовите 1, 2 и 3, а бил должен и можел да знае дека парите, имотот и други приноси од казниво дело или предмети се прибавени со казниво дело, ќе се казни со парична казна или со затвор до три години.
(5) Тој што делото од ставовите 1, 2 и 3 ќе го стори како член на група или друго здружение што се занимава со перење пари, противправно прибавување на имот или други приноси од казниво дело, или со помош на странски банки, финансиски установи или лица, ќе се казни со затвор најмалку пет години.
(6) Службено лице, одговорно лице во банка, осигурително друштво, друштво што се занимава со приредување игри на среќа, менувачница, берза или друга финансиска институција, адвокат, освен кога постапува како бранител, нотар или друго лице кое врши јавни овластувања или работи од јавен интерес, што ќе овозможи или ќе дозволи трансакција или деловен однос, спротивно на неговата законска должност или ќе изврши трансакција спротивно на забраната изречена од надлежен орган или привремена мерка одредена од суд или нема да го пријави перењето пари, имот или имотна корист, за кое дознало во вршењето на својата функција или должност, ќе се казни со затвор најмалку пет години.
(7) Службено, одговорно лице во банка или друга финансиска институција, или лице кое врши работи од јавен интерес, кое според закон е овластен субјект за примена на мерки и дејствија за спречување на перење пари и други приноси од казниво дело, кое неовластено ќе открие на клиент или на неповикано лице податоци што се однесуваат на постапката на испитување на сомнителни трансакции или на примена на други мерки и дејствија за спречување на перење пари, ќе се казни со затвор од три месеци до пет години.
(8) Ако делото е сторено од користољубие или заради користење на податоци во странство, сторителот ќе се казни со затвор најмалку една година.
(9) Ако делото од ставот (7) на овој член е сторено од небрежност, сторителот ќе се казни со парична казна или со затвор до три години.
(10) Ако постојат фактички или правни пречки за утврдување на претходното казниво дело и гонење на неговиот сторител, постоењето на такво дело се утврдува врз основа на фактичките околности на случајот и постоењето на основано сомнение дека имотот е прибавен со такво дело.
(11) Знаењето на сторителот, односно должноста и можноста да знае дека имотот е прибавен со казниво дело можат да бидат утврдени врз основа на објективните фактички околности на случајот.
(12) Ако делото од овој член го стори правно лице, ќе се казни со парична казна.
(13) Приносот од казнивото дело се одзема, а ако одземањето не е можно од сторителот ќе се одземе друг имот што одговара на неговата вредност.

III

Според член 8 став 1 алинеи 1 и 3 од Уставот на Република Северна Македонија, основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати со меѓународното право и утврдени со Уставот, владеењето на правото и почитувањето на општо прифатените норми на меѓународното право, се темелни вредности на уставниот поредок.

Член 12 став 1 од Уставот утврдува дека слободата на човекот е неприкосновена, а став 2 дека никој не може да му биде ограничена слободата, освен со одлука на суд и во случаи и во постапка утврдена со закон.

Согласно со член 13 од Уставот, лицето обвинето за казниво дело ќе се смета за невино сè додека неговата вина не биде утврдена со правосилна судска одлука.

Во член 14 став 1 од Уставот е утврдено дека никој не може да биде казнет за дело кое пред да биде сторено не било утврдено со закон или со друг пропис како казниво дело и за кое не била предвидена казна.

Според член 51 од Уставот, законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Согласно со Амандманот XXV со кој се менувал член 98 од Уставот, судската власт ја вршат судовите. Судовите се самостојни и независни. Судовите судат врз основа на Уставот и законите и меѓународните договори ратификувани во согласност со Уставот. Забранети се вонредни судови. Видовите, надлежноста, основањето, укинувањето, организацијата и составот на судовите, како и постапката пред нив, се уредуваат со закон, што се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.

Според член 110 став 1 алинеи 1 од Уставот на Република Северна Македонија, Уставниот суд, одлучува за согласноста на законите со Уставот.

Согласно со член 118 од Уставот, меѓународните договори што се ратификувани во согласност со Уставот се дел од внатрешниот правен поредок и не можат да се менуваат со закон.

Законот за кривичната постапка („Службен весник на Република Македонија“ бр.150/2010, 100/2012, 142/2016 и 198/2018) во член 1 утврдил дека предмет на негово уредување е да ги утврди правилата со кои се овозможува правично водење на кривичната постапка, така што никој невин да не биде осуден, а на сторителот на кривичното дело да му се изрече кривична санкција под условите предвидени во Кривичниот законик и врз основа на законито спроведена постапка. Во основните начела на овој закон се презумцијата на невиност (член 2), начело на законитост и пропорционалност (член 3), одлучување на начин поповолен за обвинетиот (in dubio pro reo) (член 4), право на правилно судење (член 5), начелото на слободна оценка на доказите (член 16) и други набројани начела.

Според член 7 од Кривичниот законик, кривично дело е противправно дело што со закон е определено како кривично дело и чии обележја се определени со закон.

Член 11 од Кривичниот законик уредува дека кривично е одговорен сторителот кој е пресметлив и што кривичното дело го сторил со умисла или од небрежност и притоа бил свесен или бил должен и можел да биде свесен за забранетоста на делото.

Кривично дело во правната јурисдикција е граѓанско зло. Јурисдикцијата на кривичното дело се занимава со ситуации каде човечкото однесување неправедно предизвикало некој да претрпи загуба или повреда. Јурисдикцијата на кривичното дело се разликува од кривичното право, кое се занимава со ситуации каде дејствата на еден човек предизвикуваат повреда општо на општеството.

Согласно со член 21 точка 14 од Законот за кривичната постапка „Основи на сомневање се сознанија кои врз основа на криминалистичкото знаење и искуство може да се оценат како доказ за сторено кривично дело“; додека согласно точка 15. „Основано сомневање е повисок степен на сомневање заснован врз прибавените докази кои упатуваат на заклучок дека определено лице сторило кривично дело“.

Со член 70 од овој закон се утврдени правата на обвинетиот, меѓу кои и да има можност да се изјасни за фактите и доказите што го товарат и да ги изнесе сите факти и докази што му одат во прилог и самиот или преку бранител да ги испита сведоците против него, како и да му се обезбеди присуство и испитување на сведоци во негова корист под исти услови, како и сведоците против него.

Република Северна Македонија е потписник на повеќе меѓународни конвенции од различни сфери, меѓу кои и потписник на конвенции и нејзини протоколи коишто го третираат и прашањето поврзано со перење пари, откривање, заплена и конфискација на имотна корист прибавена со кривично дело и за финансирање на тероризам.

Со Законот за спречување перење пари и финансирање на тероризам („Службен весник на Република Северна Македонија„ бр.151/2022) се утврдуваат мерките и дејствијата за откривање и спречување на перење пари и финансирање на тероризам кои ги преземаат задолжителните субјекти, како и работењето и надлежностите на Управата за финансиско разузнавање.

Зaконот за спречување перење пари и финансирање на тероризам е во согласност со основните постулати на кои почиваат меѓународните конвенции на ОН, со конвенциите на Советот на Европа потпишани и ратификувани со закон од страна на Република Северна Македонија. Со Законот се врши хармонизација на регулативата за превенција од перење пари и финансирање на тероризам во Републиката со законодавството на Европската Унија и меѓународните стандарди (препораки на ФАФТ).

Во член 5 од Законот се пропишуваат субјектите кои имаат обврска да ги преземаат мерките и дејствијата за откривање и спречување на перење пари и финансирање на тероризам предвидени со овој закон.

Со Законот за спречување перење пари и финансирање на тероризам се регулира системот на превентивни мерки и дејствија против перењето пари и финансирање на тероризам како глобални феномени, кои ги поткопуваат темелите на владеењето на правото и финансискиот систем на државата, како и субјекти кои имаат обврска да преземаат мерки и дејствија за спречување и откривање на перење пари и финансирање на тероризам.

Основната цел на истиот закон е превенцијата, односно откривањето на еден од најтешките облици на криминал, перењето пари и други облици на казниви дела инкриминирани согласно со член 273 од Кривичниот законик и кривично дело финансирање на тероризам инкри-минирано согласно со член 394-в од Кривичниот законик.

Во Законот се идентификувани казнивите дела со јасно дефинирани права и обврски на институциите од јавниот и приватните субјекти од приватниот сектор, како и субјекти кои вршат јавни овластувања согласно закон. Согласно законските одредби (коишто во Кривичниот законик се сублимирани во глава XXV. Кривични дела против јавните финансии, платниот промет и стопанство) се овозможува ефикасно откривање и гонење на кривични дела со кои се загрозуваат јавните финансии, платниот промет и стопанството во целост, а со тоа и спречување на финансирање на тероризмот како најсериозна закана за мирот и безбедноста во Републиката.

Законското битие на кривичното дело „Перење пари и други приноси од казниво дело”, претставува дејствие на противправно постапување кое претставува сериозна закана за секоја национална економија. Од таа причина многу е важно развивање на национална и меѓународна институционална соработка помеѓу државите, користење на сите инструменти за борба против перење пари, како што би било замрзнување и конфискација на имот и имотна корист и зголемување на свеста на институциите во насока на градење на цврста правна рамка за превенција и спречување на оваа негативна појава.

„Перењето пари“ претставува процес преку кој добивките за кои основано се верува дека потекнуваат од криминална активност, се транспортираат, трансферираат, конвертираат или вградуваат во легалните фондови, со цел да се прикрие нивното потекло, изворот, движењето или сопственоста.

Процесот на „перење пари“ опфаќа три основни фази и тоа:
1. фаза на пласман (placement) – која претставува почетна и основна фаза од процесот на перење пари и истата опфаќа низа активности на внесување на стекнатите приноси од кривично дело во финансискиот систем на државата преку нејзините финансиски институции, банките, казината, менувачниците, продавниците и останатите бизниси.
2. фаза на прикривање (layering) – опфаќа серија активности на дислокација на паричните средства од нивниот нелегален извор (користење на земјите на даночен рај, шел-корпорации и трустови, формирање на фиктивни трговски друштва, фиктивни фактури и низа лажни трансакции) и
3.фаза на интеграција (integration) – е крајната фаза од процесот на перење пари и истата претставува враќање на паричните средства кај сопственикот но сега како „чисти” („испрани”), парични средства од легитимни извори.

Перењето пари во член 273 од Кривичниот законик е инкриминирано како посебно кривично дело „Перење пари и други приноси од кривично дело“ според кое предвидена е казнена одговорност за секој.

Согласно со член 273 од Кривичниот законик најважен момент во законското битие на делото претставува постоењето на свест кај сторителот, односно сторителот ги презема дејствијата со намера да го сокрие криминалното потекло на имотот и неговото движење, што значи по своето субјективно битие делото е умислено. Поради тоа мора да се докаже свесноста на сторителот за преземање инкриминирани дејствија за стекнување на материјалните средства од криминалниот извор, за потоа преземените дејствија да може да се поврзат со неговата намера за сокривање на таквиот извор. Ова само по себе претпоставува докажување на постоење на предикативно дело. Предикативно дело е забрането дејствије кое е или мора да биде содржано во друго кривично дело. Предикативното дело е поврзано со перењето пари, доколку не се докаже предикативното дело – нема услови за кривично гонење за кривично дело перење пари и други приноси од казниво дело.

Фактичките и правни пречки за утврдување на предикативното дело, или претходното казниво дело како што се застареност, смрт, бегство на осомничен, амнестија и слично, според оспорениот став 10 од член 273 од Кривичниот законик, не го спречува кривичното гонење за кривичното дело перење пари и други приноси од казниво дело кое следува во синџирот на перење на пари. Додека, ставот 11 од наведениот член гласи „Знаењето на сторителот, односно должноста и можноста да знае дека имотот е прибавен со казниво дело можат да бидат утврдени врз основа на објективните фактички околности на случајот“. Но, исто така, треба да се има предвид дека оспорениот став 10 нема да најде своја примена во случаите кога не постојат фактички и правни пречки за гонење на првиот и останатите сторители во синџирот на перењето на парите. Воедно, треба да се има предвид дека ваквиот вид на кривични дела понекогаш може да опфатат подолг временски период на извршување, но висината на запретената казна особено кај ставовите 4, 8 и 9 која е пониска може да доведе до застареност на гонењето на сторителите кои се меѓу првите во низата, што не би требало да значи по автоматизам и застареност на гонењето на сите сторители вклучително и на оној кој својот принос од казнивите дела го прикажува како легален и законит.

Според Судот, инкриминацијата на перењето пари е последната фаза на претходно сторените криминални активности за да се постигне материјална добивка и истата да се прикажe како легална. Имено, делото постои независно од тоа дали секој од сторителите ќе одговара или не за таквото претходно дело. Самото вклучување на промет на незаконски стекнат капитал, кој претходи на претходни незаконски активности е противзаконски.

Република Северна Македонија е потписник на Конвенцијата на Советот на Европа од 2005 за перење пари, откривање, заплена и конфискација на имотна корист прибавена со кривично дело и за финансирање на тероризам (Варшавската конвенција), ратификувана на 27.05.2009 година.

Член 9 став 5 од Конвенцијата уредува дека „Секоја страна ќе обезбеди дека претходно или истовремено обвинување на предикативното кривично дело не претставува предуслов за обвинување за перење пари.“ а со тоа е востановен е стандард дека претходна или истовремена пресуда за предикативно дело не е услов за сторителот да биде осуден за кривично дело перење пари. Ставот 6 од истиот член во Конвенцијата уредува дека „Секоја страна ќе обезбеди обвинувањето за перење пари согласно овој член да е можно онаму каде што е докажано дека имотот, предметот од став 1.а или б од овој член, потекнува од предикативно кривично дело без да има потреба прецизно да утврди кое кривично дело.“ Согласно наведеното, секоја држава треба да обезбеди дека осудување на сторителот за перење пари е можно и кога е докажано дека имотот кој е предмет на перење пари потекнува од предикативно дело, без да има потреба да се прецизира од какво кривично дело потекнува.

Имено, секоја држава треба да обезбеди дека ќе се казни секој сторител за перење пари кога е докажано дека имотот кој е предмет на перење пари или потекнува од предикативно дело без да прецизира од какво кривично дело потекнува, односно потписниците на Конвенцијата да се погрижат претходната или истовремената осуда за основното дело да не претставува предуслов за осуда за перење пари. За да се олесни гонењето, Конвенцијата ја истакнува важноста за обвинителите да не мора да ги докажуваат сите фактички елементи на конкретното предикативно дело, доколку доказот за недозволеното потекло на имотот може да се собере од постоење други околности. Со прецизирање дека овој став се однесува на пресудите за перење пари, Конвенцијата индицира дека оваа одредба треба да се гледа во контекст на дефиницијата на перење пари, согласно член 9 од Конвенцијата, особено во ставот 1 кој се однесува на интенцијата на сторителот. Затоа, страните можат да го имплементираат член 9 став 6 со тоа што ќе бараат од сторителот на кривичното дело за перење пари да знаел дека имотот потекнува од основно дело, без да биде потребно да се докаже од кое конкретно предикативно кривично дело се однесува.

Оттаму, Судот оцени дека оспорените ставови 10 и 11 од член 273 од Кривичниот законик се всушност усогласување со цитираната регулатива од Варшавската конвенција.

Меѓународните договори што се ратификуваат согласно со Уставот се дел од внатрешниот правен поредок и не може да се менуваат со закон. Меѓународните конвенции создаваат меѓународни стандарди со цел да бидат признати и општо прифатени со нивна имплементација во внатрешните правни поредоци. Според член 8 став 1 алинеи 1 и 11 од Уставот, основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати со меѓународното право и утврдени со Уставот и почитувањето на општоприфатените норми на меѓународното право, претставуваат темелни вредности на нашиот уставен поредок. Непочитувањето на меѓународните конвенции од страна на законо-давецот значи повреда на темелните вредности на нашиот уставен поредок.

Согласно изнесеното не може да стане збор за повреда на темелните вредности утврдени во член 8 став 1 алинеи 1 и 3 од Уставот, а со вака дефинираните законски одредби директно да се повредуваат основните слободи и права на човекот и граѓанинот загарантирани со член 13 од Уставот (каде е утврдено дека лицето обвинето за казниво дело ќе се смета за невино сè додека неговата вина не биде утврдена со правосилна судска одлука, како и дека лицето незаконито лишено од слобода, притворено или незаконито осудено, има право на надомест на штета и други права утврдени со закон).

Во конкретниот случај, со оспорените законски одредби, според Судот, законодавецот ја операционализирал темелната вредност на нашиот уставен поредок (член 8 став 1 алинеја 11) и уредил во Кривичниот законик дека најнапред мора да постојат елементите на кривичното дело „Перење пари и други приноси од казниво дело“ со цел во постапка да се докаже криминалното потекло на парите, а тоа значи најнапред докажување на постоењето на предикативното дело и покрај околноста што за ова дело постојат фактички и правни пречки за утврдување на вина на претходниот сторител и отсуство на негова осуда. Секако фактичките и правни пречки се утврдуваат според правилата на Законот за кривичната постапка, па според нас нема повредa на Амандманот XXV од Уставот и откако ова ќе се утврди според правилата на кривичната постапка се пристапува кон утврдување на постоење на основано сомнение за случајот што следува во низата на инкриминирани дејствија насочени кон перење пари. Ова сè со цел да се утврди поврзаност помеѓу потеклото на паричните средства стекнати со криминалната активност со „испраните“ парични средства.

Самото постоење на основaно сомнение дека имотот е прибавен со казниво дело (273 став 10) е повисок степен на сомневање заснован врз прибавени докази кои упатуваат на заклучок дека определеното лице сторило кривично дело, како што впрочем се дефинира и во член 21 точка 15 од Кривичниот законик.

Според Судот, во конкретниот случај фактичката состојба врз основа на која судот треба да ја темели својата одлука, или со други зборови, фактите што судот ги користи за да одговори на прашањето дали е сторено кривично дело, кој е сторителот и дали треба да се применат соодветните казнени одредби од материјалниот кривичен закон, мора да бидат докажани точно и целосно и со примена на основните начела и принципи. Принципот на континуитет во постапката претставува предуслов за правилно формирање на слободното судско уверување, а со самото тоа и правилна судска одлука.

Начелото на законитост во казненото право ги содржи следните елементи: државата да ги прогласи како казниви дела поведенијата на човекот со кои се повредуваат или загрозуваат индивидуалните слободи и права, државата да ги определи на крајно прецизен начин битијата на казнивите дела, за секое казниво дело да пропише соодветна казна што е нужна и праведна и прецизно да ги одреди границите на казната и на другите санкции, државата стриктно да ги определи овластувањата на судот и на другите органи во примената на казнено-правните норми, никој да не може да биде казнет за дело што пред да е сторено не било со закон пропишано како казниво дело, односно кон никој да не може да биде изречена казна што не е предвидена со закон. Видовите на казни и нивната висина со Уставот не се определени туку е препуштено тие да се определат со закон, водејќи притоа сметка за член 54 став 1 од Уставот според кој ограничувањето на слободите и правата не може да се однесува на правната одреденост на казнивите дела и казните.

Во оваа смисла, со Кривичниот законик се утврдуваат основните начела и општи институти од материјално-правен карактер, со кои се определува општиот поим на кривичното дело, се дефинираат претпоставките и условите на кривичната одговорност, се утврдуваат основите за нивното исклучување, се утврдува систем на санкции, поблиску се одредуваат условите за примена на санкциите и се пропишуваат конкретните кривични дела и санкциите кои можат да се изречат за секое кривично дело. Притоа, непочитување на принципот на континуитет на доказите предизвикува сомнеж за постоење на одлучувачките факти и тоа претставува претпоставка за примена на принципот in dubio pro reo. Во спротивно принципот на in dubio pro reo е неприменлив.

Оттука не може да стане збор за повреда на Aмандманот XXV од Уставот каде е утврдено дека судската власт ја вршат судовите и дека судовите се самостојни и независни. Судовите судат врз основа на Уставот и законите и меѓународните договори ратификувани во согласност со Уставот. Забранети се вонредни судови. Видовите, надлежноста, основањето, укинувањето, организацијата и составот на судовите, како и постапката пред нив, се уредуваат со закон, што се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.

Според дадената формулација на оспорените одредби во Кривичниот законик (ставови 10 и 11 од член 273) од страна на законодавецот, Судот оцени дека оспорените одредби не би можеле да се користат како општо правило во процесен закон кои би се користеле за сите кривични дела токму поради специфичноста на делото перење пари.

Наводите во иницијативата дека ова дело во оспорените одредби е непрецизно и создава правна несигурност, за Судот се неосновани, од причина што примената на одредбите од Кривичниот законик во конкретни случаи секогаш е фактичко прашање, односно оценка на судот кој ја води кривичната постапка е дали во конкретниот случај се остварени законските елементи на кривичното дело за кое се товари обвинетиот од што ќе зависи и неговата кривична одговорност. За примената на одредбата, од уставен аспект е значајно дали таа ги содржи јасно и прецизно сите елементи врз основа на кои може да се утврди казнено-правната одговорност на сторителот за неговото противправно поведение. Ова особено се однесува на дејствието на извршувањето кое, согласно начелото на законитост, мора да биде утврдено во законскиот опис. Со тоа се обезбедува само поведение што е соодветно со законскиот опис да може да се подведе под таа одредба и да се смета за кривично дело. Изборот на законодавно-правната техника при утврдување на описот на дејствието на извршување пак, е прашање за што одлучува законодавецот, а не Уставниот суд.

Оттука, според Судот, во оспорените одредби на ставовите 10 и 11 од член 273 од Кривичниот законик несомнено се содржани појдовните основи за да се смета дека постои имот прибавен на незаконит начин кој треба да биде предмет на судска постапка поради што Судот оцени дека не може да се постави прашањето за нивната согласност со член 8 став 1 алинеи 1 и 3, член 13, член 51 и Aмандманот XXV од Уставот на Република Северна Македонија.

IV

Врз основа на наведеното, Судот, со мнозинство гласови, одлучи како во диспозитивот на ова решение.

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски