У.бр.89/2021, У.бр.90/2021 и У.бр.114/2021

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на членот 110 од Уставот на Република Северна Македонија и членот 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.202/2019, 256/2020 и 65/2021), на седницата одржана на 10 ноември 2021 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 2 став 2 од Законот за изменување и дополнување на Законот за работните односи („Службен весник на Република Северна Македонија“ број 151/2021), во целина, а посебно во делот: „а најдоцна до 30 јуни 2022 година”.

2. Офелија Христовска од Битола, Бојан Милчин од Скопје и други, и Дељо Кадиев од Скопје, до Уставниот суд поднесоа иницијативи за оценување на уставноста на членот од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите во поднесените иницијативи оспорениот став 2 на членот 2 од Законот бил во спротивност со член 8 ставови 1, 3 и 8, членовите 9, 34, 35 и 51 и член 52 став 4 од Уставот на Република Северна Македонија.

Во иницијативите се наведува дека со оспорената одредба во целост се повредувала темелната вредност на уставниот поредок на Република Северна Македонија – владеењето на правото предвидена во член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, и истовремено се нарушувала правната сигурност на граѓаните како нејзин составен дел. Ова од причина што согласно законската одредба на членот 104 од Законот за работните односи, на работникот кој дал писмена изјава до работодавачот за продолжување на договорот за вработување најдоцна до 31 август во годината којашто и претходела на годината во која ги исполнува условите за пензија, работодавачот бил должен да му го продолжи договорот за вработување за наредната година, а најмногу до 67 години возраст.

Оттука, според подносителите на иницијативите, секој работник кој дал писмена изјава до работодавачот за продолжување на договорот за вработување во 2021 година, работодавачот бил должен да му го продолжи договорот за вработување за цела наредна 2022 година, освен ако во 2022 година полни 67 години. Подносителите на иницијативите сметаат дека на тој начин работникот го стекнал правото за продолжување на работниот однос за цела 2022 година, за која година ја дал изјавата и за кое време е продолжен договорот за вработување врз основа на членот 104 од Законот за работните односи, кој се уште бил во сила, па делот од ставот 2 на членот 2 од оспорениот закон „а најдоцна до 30 јуни 2022 година”, бил противуставен и не бил во согласност со принципот на владеењето на правото како темелна вредност на уставниот поредок на Република Северна Македонија.

Според иницијативите, работникот со дадената изјава се стекнал со право на работа за цела 2022 година, па со оспорениот дел на став 2 член 2 од Законот кој гласи „а најдоцна до 30 јуни 2022 година”, на работникот му се скратувало за 6 месеци веќе стекнатото право врз основа на Законот за работните односи.

Понатаму, според наводите во иницијативите оспорениот дел на член 2 став 2 од Законот бил во спротивност со член 52 став 4 од Уставот. Ова од причина што согласно наведената уставна норма законите не можат да имаат повратно дејство, што значи дека со нов закон не можело да се скрати веќе стекнатото право врз основа на закон кој претходно бил во сила.

Имено, оспорениот став 2 на член 2 од Законот сам по себе бил противречен од причина што првиот дел од овој став предвидувал дека договорот за вработување од ставот 1 на овој член од Законот важи до истекот на времето за кое е продолжен, а со вториот дел, кој сега е предмет на оспорување, стекнатото право се скратува за 6 месеци, што го чини овој став во целина нејасен и контрадикторен и истовремено спротивен на член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот.

Во иницијативите, исто така, се наведува дека оспорената одредба од Законот не била во согласност и со член 9 став 2 од Уставот. Ова од причина што дел од граѓаните кои законски се стекнале и се користат со ова законско право се ставале во нееднаква положба во однос на другите граѓани. Имено, врз основа на членот 104 од Законот за работните односи во неговата примена од 2014 до 2021 година работникот врз основа на дадената изјава стекнувал право на продолжување на договорот за вработување за цела следна календарска година, а врз основа на истата изјава од истиот член 104 од Законот, заради спорната одредба, односно делот „а најдоцна до 30 јуни 2022 година”, друг работник по истиот правен основ за 2022 година ќе добиел продолжување на договорот за вработување за само 6 месеци, а не за една година, кое нешто ги правело работниците нееднакви пред Уставот и пред Законот за работните односи, што било спротивно на член 9 став 2 од Уставот.

Во иницијативата, поднесена од Дељо Кадиев од Скопје, посебно се наведува дека во конретниот случај се работело за индиректна дискриминација која се однесувала на пракса, правило, барање или услов кој навидум изгледал неутрален, но имал негативно и непропорционално влијание на група поединци без оправданост. Според тврдењето во иницијативата на овој подносител не било во ред да постои ваков тип на дискриминација, бидејќи, како што можело да се заклучи од оваа нерамноправна положба, се работело за еден ист закон, каде има иста правна ситуација, но различни субјекти. Еднаквоста пред законот значела дека граѓаните не само што уживаат еднакви права и обврски утврдени со закон, туку дека тие права и обврски се еднакво заштитени при примената на законот.

Според наводите во иницијативата на Дељо Кадиев од Скопје, измената на Законот настапила откако работниците го оствариле своето законско право за продолжување на договорот за вработување со поднесување на писмена изјава. Ваквата измена на Законот имала повратно дејство, без истото да е поповолно за лицата на кои се однесува, бидејќи на ваков начин се скратувале веќе еднаш стекнатите права, што било спротивно на уставните норми.

Поради наведените аргументи во иницијативите се предлага Уставниот суд да го укине член 2 став 2 од Законот за изменување и дополнување на Законот за работните односи, во целина, а посебно во делот: „а најдоцна до 30 јуни 2022 година”, како спротивен на уставните одредби на кои се упатува во поднесените иницијативи.

3. Судот на седницата утврди дека оспорениот член од Законот предвидува:

Член 2

„За поднесените изјави за продолжување на договорот за вработување до 31 август 2021 година се применуваат одредбите од Законот за работните односи („Службен весник на Република Македонија” број 62/2005, 106/2008, 161/2008, 114/2009, 130/2009, 50/10, 52/10, 124/10, 47/11, 11/12, 39/12, 13/13, 25/13, 170/13, 187/13, 113/14, 20/15, 33/15, 72/15, 129/15, 27/16, 120/18 и „Службен весник на Република Северна Македонија” број 110/19 и 267/20).

Договорот за вработување од ставот 1 на овој член важи до истекот на времето за кое е продолжен, а најдоцна до 30 јуни 2022 година.”

4. Спoред член 8 став 1 алинеи 1, 3 и 8 од Уставот на Република Северна Македонија, темелни вредности на уставниот поредок на Република Северна Македонија се основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот, владеењето на правото и хуманизмот, социјалната правда и солидарноста.

Со членот 9 од Уставот е определено дека граѓаните на Република Северна Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Според член 32 став 5 од Уставот остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективен договор.

Со членот 34 од Уставот граѓаните имаат право на социјална сигурност и социјално осигурување утврдени со закон и со колективен договор.

Според членот 51 од Уставот, во Република Северна Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Со член 52 став 4 од Уставот е определено дека законите и другите прописи не можат да имаат повратно дејство, освен по исклучок, во случаи кога тоа е поповолно за граѓаните.

Законот за работните односи во членот 1 предвидува дека со овој закон се уредуваат работните односи меѓу работниците и работодавачите кои се воспоставуваат со склучување на договор за вработување. Работниот однос се уредува со овој и со друг закон, колективен договор и договорот за вработување.

Членот 104 од Законот за работните односи, со Законот за изменување и дополнување на Законот за работните односи објавен во „Службен весник на Република Северна Македонија” бр.151/2021 од 6 јули 2021 година, со членот 1 од истиот, во целост е изменет и гласи:

„Договорот за вработување работодавачот го прекинува кога работникот ќе наполни 64 години возраст и 15 години пензиски стаж, доколку со друг закон поинаку не е уредено.”

Во членот 2 од истиот закон се предвидува дека:

„За поднесените изјави за продолжување на договорот за вработување до 31 август 2021 година се применуваат одредбите од Законот за работните односи („Службен весник на Република Македонија” број 62/2005, 106/2008, 161/2008, 114/2009, 130/2009, 50/10, 52/10, 124/10, 47/11, 11/12, 39/12, 13/13, 25/13, 170/13, 187/13, 113/14, 20/15, 33/15, 72/15, 129/15, 27/16, 120/18 и „Службен весник на Република Северна Македонија” број 110/19 и 267/20).

Договорот за вработување од ставот 1 на овој член важи до истекот на времето за кое е продолжен, а најдоцна до 30 јуни 2022 година.”

Од изнесените уставни одредби произлегува дека владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Северна Македонија и дека владеењето на правото се остварува така што законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и законите, како и тоа дека секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Тргнувајќи од наведените уставни и законски одредби, произлегува дека наводите во иницијативите не може да ја доведат под сомнение уставноста на оспорениот член од Законот. Ова, од причина што со новото законско решение се укинува можноста за продолжување на договорот за вработување до 67 години возраст со изјава на работникот, а со цел да се потенцира карактерот на договорот, односно двостраноста на договорот за вработување, кој согласно членот 1 од Законот за работните односи е договор помеѓу работникот и работодавачот.

Со ваквото законско решение всушност се дава можност и опција да се отстрани задолжителноста за продолжување на договорот за вработување само по едностраната волја на работникот во услови кога станува збор за двостран договор од кој произлегуваат права и обврски и за двете договорни страни.

Оттука, со самиот факт дека оспорениот закон стапи на сила на 14 јули 2021 година, но со дадената можност за поднесување на изјави за продолжување на договорот за вработување до 31 август 2021 година, неспорно произлегува дека со тоа им е дадена можност на повеќе работници да поднесат писмена изјава за продолжување на договорот за вработување, со што не може да се прифати тврдењето во иницијативите дека со новото законско решение се ставале работниците во нееднаква положба пред законот.

Имајќи го во вид фактот дека Законот за работните односи и неговите правни институти се поврзани со Законот за пензиското и инвалидското осигурување, Судот оцени дека новото законско решение не може да се доведе под сомнение по однос на член 8 став 1 алинеја 3 и член 9 став 2 од Уставот, на кои се упатува во иницијативите. Ова, од причина што продолжувањето на договорот за вработување е овозможено и се употребува, односно користи само до одреден момент, кој во конкретниот случај е утврден до 30 јуни 2022 година, што претставува преодна одредба за работниците кои, согласно изменетиот член 104 од Законот за работните односи, поднеле изјава за продолжување на договорот за вработување.

Според Судот, ова законско решение, исто така, е поповолно за работниците од причина што истото е дадено со тенденција и можност работниците до дадениот критичен момент да го исполнат и дополнителниот услов, а тоа е 15 години пензиски стаж, што е неопходен, кумулативен услов за исполнување на правото на пензија во смисла на членот 1 од оспорениот Закон за изменување и дополнување на Законот за работните односи.

Постоењето на Законот за работните односи и на Законот за пензиското и инвалидското осигурување, како lex specijalis, со кои се уредуваат работните односи и правата од областа на пензиското и инвалидското осигурување, во која смисла се уредува престанокот, односно прекинувањето на договорот за вработување поради возраста и стекнувањето на старосна пензија како едно од правата од сферата на пензиското и инвалидското осигурување, според Судот, не претставува пречка законодавецот во рамките на своите овластувања (член 68 став 1 алинеја 2 од Уставот) да доуреди одредени прашања од оваа област, и тоа само по себе не претставува повреда на уставниот принцип на еднаквост (член 9 став 2 од Уставот) и на принципот на владеењето на правото (член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот).

Според Судот, со оспореното законско решение се врши доуредување на овие прашања кои се засновани на оправдани причини и истовремено прифатлив сооднос со општите принципи на регулирање на прашањата од соодветната област, односно од областа на пензиското осигурување и со тоа не се доведува во прашање одредбата на членот 1 од Уставот, со која Република Северна Македонија е дефинирана како демократска и социјална држава што индиректно се рефлектира и врз останатите уставни принципи што се однесуваат на еднаквоста, владеењето на правото и социјалната праведност.

Според наводите во иницијативите оспорениот дел на ставот 2 од членот 2 од Законот содржел понеповолно законско решение од претходно уреденото во членот 104 од Законот за работните односи, кој повеќе не е во правна сила, па оттука подносителите на иницијативите сметаат дека работникот со дадената изјава има стекнато право на работа за цела 2022 година, а не до 30 јуни 2022 година, како се уредува со оспорениот член од Законот.

Имајќи предвид дека Законот за изменување и дополнување на Законот за работните односи, во кој е содржана оспорената одредба, е објавен на 6 јули 2021 година, а влегол во сила осмиот ден од денот на неговото објавување во „Службен весник на Република Северна Македонија”, а со денот на влегувањето во сила на новиот закон, во кој е содржана измената на членот 104 од Законот за работните односи, престанал да важи постојниот член 104 од Законот, па оттука оспорениот член од Законот за изменување и дополнување на Законот за работните односи се применува од денот на неговото влегување во сила, што значи дека истиот нема повратно, ретроактивно дејство како што се тврди во иницијативите, односно не е повреден член 52 став 4 од Уставот.

Имено, оспорената одредба регулира пензиски односи кои во суштина се „односи во тек”, а правото за пензија осигуреникот го остварува според законот кој важи во времето на утврдување на исполнување на условите на пензија и сите во истите услови предвидени во законот кој во моментот е во правна сила, еднакво се третираат, односно се однесуваат за сите осигуреници, кои имаат поднесено писмена изјава за продолжување на договорот за вработување. Според наоѓањето на Судот, оспореното законско решение кое е содржано во новиот закон се однесува подеднакво за сите осигуреници кои се наоѓаат во иста правна положба, односно подеднакво за сите кои имаат поднесено писмена изјава и го остваруваат правото на пензионирање по влегувањето во сила на овој закон, па оттука и неосновано подносителите во иницијативите се повикуваат на член 9 став 2 од Уставот.

Оспореното законско решение, според Судот, не може уставно да се проблематизира од аспект на еднаквоста на граѓаните пред Уставот и законите, во смисла на одредбата на членот 9 од Уставот, бидејќи одредбата која се оспорува се однесува на иста категорија на осигуреници, кои се во иста правна положба и правни односи, односно се однесува за сите работници кои поднеле писмена изјава за продолжување на договорот за вработување до 31 август 2021 година, што значи се со ист правен статус и кои ќе остварат право на пензија согласно со закон. Оттука, Судот оцени дека оспорената одредба ја обезбедува правната сигурност на граѓаните како елемент на владеењето на правото, па и од овој аспект оваа одредба не може уставно да се проблематизира.

Според основните одредби на Уставот, Република Северна Македонија, покрај другото, е и социјална држава, а како една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Северна Македонија е и хуманизмот, социјалната правда и солидарноста.

Со цел да се остварат овие уставни претпоставки во членот 34 од Уставот се гарантира правото на граѓаните на социјална сигурност и социјално осигурување. Овие права на граѓаните се утврдуваат со закон и со колективен договор.

Според член 35 став 1 од Уставот, Републиката се грижи за социјалната заштита и социјалнита сигурност на граѓаните согласно со начелото на социјална праведност.

Според тоа со Уставот само се гарантираат права на граѓаните на социјална сигурност, социјална заштита и социјално осигурување, при што е предвидено овие права да се утврдат со закон и со колективни договори.

Тоа значи дека за остварување на овие уставно гарантирани права Републиката треба да обезбеди нормативни и финансиски претпоставки.

Како дел од социјалната заштита и социјалната сигурност е и социјалното осигурување кое го опфаќа и пензиското и инвалидското осигурување.

Пензиското осигурување се определува во случај на старост и опфаќа остварување пред се право на лична пензија и тоа по престанокот на работниот однос, односно по престанок на вршење на дејност или примање на паричен надоместок кај невработените ако ги исполниле условите за пензија предвидени со Законот.

Според тоа како услов за остварување на правото на лична пензија е престанок на работниот однос, односно престанок на другите основи за остварување на средства за живот и тоа осигурување претставува всушност обезбедување на социјална сигурност на граѓаните по престанокот на работниот однос или по престанокот на вршење дејност или на друг со закон предвиден начин за обезбедување средства за живот.

Според Судот, со определување на договорот за вработување продолжен со поднесените изјави за продолжување на договорот за вработување до 31 август 2021 година, да важи до истекот на времето за кое е продолжен, а најдоцна до 30 јуни 2022 година, не се задира во веќе стекнатите права, што значи дека тие ниту се отуѓуваат ниту се одземаат. Според Судот, не е спорно дека законодавецот има право при промена на режимот на уредување на односите во одделна област, во конкретниот случај при промена на условите за стекнување на правото на пензија, да го уреди преминот од стариот во новиот режим. Но, со скратувањето на рокот, според Судот, не се повредуваат стекнатите права, како што се тврди во иницијативите, од причина што законодавецот при нивно уредување ги имал предвид и поднесените изјави за продолжување на договорот за вработување со што не се загрози правната сигурност и веќе стекнатите права и интереси на субјектите на кои тие се однесуваат.

Според оценката на Судот, законодавецот, исто така, има ист однос, односно пристап при уредување на преодниот режим во сите идентични или слични случаи, односно прашања. Оттука, неосновано се тврди во иницијативите дека оспорениот став на членот 2 од Законот бил нејасен и контрадикторен и не бил во согласност со темелната вредност на уставниот поредок владеењето на правото предвидена во член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот.

Наводите во иницијативата, поднесена од Дељо Кадиев од Скопје, дека во конкретниот случај со оспорената одредба од Законот се вршела индиректна дискриминација која се однесувала на пракса, правило, барање или услов кој навидум изгледал неутрален, но имал негативно и непропорционално влијание на група поединци без оправданост. Според тврдењето во иницијативата на овој подносител не било во ред да постои ваков тип на дискриминација, бидејќи, како што можело да се заклучи од оваа нерамноправна положба, се работело за еден ист закон, каде има иста правна ситуација, но различни субјекти. Еднаквоста пред законот значело дека граѓаните не само што уживаат еднакви права и обврски утврдени со закон, туку дека тие права и обврски се еднакво заштитени при примената на законот.

Меѓутоа, според Судот, вака истакнатите наводи се неосновани од следните причини:

Членот 6 од Законот за работните односи предвидува:

(1) Работодавачот не смее барателот на вработување или работникот, да го става во нееднаква положба заради расно или етничко потекло, бојата на кожата, полот, возраста, здравствената состојба, односно инвалидност, религиозното, политичко или друго убедување, членување во синдикатите, националното или социјалното потекло, статус на семејството, имотната состојба, половата насоченост или заради други лични околности.
(2) На жените и мажите мораат да им бидат обезбедени еднакви можности и еднаков третман во врска со: 1) пристап до вработување, вклучувајќи унапредување и стручна и професионална обука во работата; 2) условите за работа; 3) еднаква исплата за еднаква работа; 4) професионални шеми за социјалното осигурување; 5) отсуство од работа; 6) работно време и 7) откажување на договорот за вработување.
(3) Принципот на еднаков третман подразбира забрана за директна и/или индиректна дискриминација, во смисла на ставовите (1) и (2) од овој член.

Директна и индиректна дискриминација

Член 7

(1) Забраната на директна или индиректна дискриминација во случаите од членот 6 на овој закон се однесува на дискриминација на кандидатот за вработување и на работникoт.
(2) Директна дискриминација, во смисла на ставот (1) од овој член, е секое постапување условувано со некои од основите од членот 6 на овој закон со кое лицето било ставено, се става, или би можело да биде ставено во понеповолна положба од други лица во споредбени случаи.
(3) Индиректна дискриминација, во смисла на овој закон, постои кога определена навидум неутрална одредба, критериум или пракса, го става или би го ставила во понеповолна положба во однос на другите лица, кандидатот за вработување или работникот поради определено својство, статус, определување или уверување од членот 6 на овој закон.
(4) Дискриминацијата, во смисла на членот 6 од овој закон, кај работодавачот е забранета во однос на: 1) условите за вработување, вклучувајќи ги и критериумите и условите за избор на кандидати за вршење на определена работа, во која било гранка односно оддел, согласно со Националната класификација на дејности и на сите нивоа на професионална хиерархија; 2) напредувањето во работата; 3) пристапот до сите видови и степени на стручно оспособување, преквалификација и доквалификација; 4) условите за работење и работа и сите права од работен однос и во врска со работниот однос, вклучувајќи и еднаквост на плати; 5) откажувањето на договорот за работа и 6) правата на членовите и дејствувањето во здруженијата на работниците и работодавачите или во која било друга професионална организација, вклучувајќи ги и повластиците кои произлегуваат од тоа членство.
(5) Одредбите на колективните договори и договорите за вработување со кои се утврдува дискриминација на некој од основите од членот 6 на овој закон се ништовни.

Од анализата на цитираните одредби од Законот за работните односи кои се однесуваат на забраната на дискриминација, Судот оцени дека во конкретната правна ситуација не може да стане збор ниту за директна, ниту за индиректна дискриминација, а според дефиницијата за дискриминација утврдена во наведените норми од Законот. Имено, со оспореното законско решение работникот не се става во понеповолна положба во однос на другите лица ниту по еден основ наведен во ставот 1 на членот 6 од Законот, односно заради расно или етничко потекло, бојата на кожата, полот, возраста, здравствената состојба, односно инвалидност, религиозното, политичко или друго убедување, членување во синдикатите, националното или социјалното потекло, статус на семејството, имотната состојба, половата насоченост или заради други лични околности.

Оттука, Судот оцени дека во конкретниот случај не е повредено начелото на забрана на дискриминација поради што оспореното законско решение, не може уставно да се проблематизира од аспект на еднаквоста на граѓаните пред Уставот и законите, во смисла на одредбата на членот 9 од Уставот, бидејќи одредбата која се оспорува се однесува на иста категорија на осигуреници, кои се во иста правна положба и правни односи, односно се однесува за сите работници кои поднеле писмена изјава за продолжување на договорот за вработување до 31 август 2021 година, што значи се со ист правен статус, и кои ќе остварат право на пензија согласно со закон.

Врз основа на направената уставно-судска анализа и наведените аргументи, Судот оцени дека оспорениот член 2 став 2 од Законот за изменување и дополнување на Законот за работните односи не може да се доведе под сомнение по однос на член 8 ставови 1, 3 и 8, членовите 9, 34, 35 и 51 и член 52 став 4 од Уставот на Република Северна Македонија.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе, со мнозинство гласови, во состав од претседателот на Судот, Добрила Кацарска и судиите: Насер Ајдари, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски и Вангелина Маркудова.

У.бр.89/2021
У.бр.90/2021
У.бр.114/2021
10.11.2021 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Добрила Кацарска