У.бр.83/2021

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на членот 110 од Уставот на Република Северна Македонија, член 28 алинеи 1 и 3 и членот 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија” број 70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија” број 202/2019, 256/2020 и 65/2021), на седницата одржана на 6 октомври 2021 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата со која се бара поведување на постапка за оценување на уставноста на членот 19 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување со „Службен весник на Република Македонија” број 27/2016, наведен со иницијативата.

2. Мите Богдановски од Куманово, до Уставниот суд на Република Северна Македонија, поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на законитоста на членот од Законот, означен во точката 1 од Решението.

Во иницијативата се наведува дека се бара оцена на законитоста на Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување („Службен весник на Република Македонија”, број 142/2008), а потоа се наведува дека се поднесува „Иницијатива за поведување на постапка за оценување на законитост на: Законот за пензиско и инвалидско осигурување (членот 19 од Законот објавен во „Службен весник на Република Македонија” број 27/2016)”.

Во продолжение се наведува дека причината поради која се оспорува членот 19 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување, со наведениот „Службен весник на Република Македонија” брoj 27/2016, била неговата неусогласеност со уставните одредби предвидени во членoт 9 од Уставот на Република Северна Македонија, според кој законите во Република Северна Македонија требало да обезбедуваат еднакви права на граѓаните, во согласност со Уставот, независно од нивната општествена положба.

Според наводите од подносителот, Законот за пензиското и инвалидското осигурување со наведениот „Службен весник на Република Македонија”, број 27/2016, во членот 19 предвидувал дека стажот на осигурување на осигуреникот му се засметувал со зголемено траење па старосната граница за стекнување на право на старосна пензија се намалувала зависно од степенот на зголемувањето на стажот и тоа за секои пет години поминати на работни места на кои ефективно поминати 12 месеци се сметаат во стаж на осигурување како 15 месеци. Подносителот како вработен на работно место одговорен на галарија фалцерај и боење на крупна кожа, требало да има бенефициран стаж на начин што за секои 4 (четири) години работен стаж требало да се намали 1 (една) година старосна граница при што согласно платениот стаж требало да се пресметаат 33 месеци, а пресметани биле 26 месеци, што укажувало дека Законот не се применил правилно во неговата пресметка за остварување на старосната пензија, односно дека му биле скратени 7 (седум) месеци, така што старосната пензија ќе можел да ја оствари после 02.02.2022 година, а би требало да ја оствари после 01.07.2021 година.

Законот, предвидувал постоење на намалување на старосна граница (за секои 5 години се скратува 1 година), а требало за секои 4 (четири) години, па оттука, според подносителот, Фондот на ПИОМ, погрешно и неправилно го применил Законот на негова штета, со што се правела нееднаквост помеѓу граѓаните како корисници на своите економски права и пресметување на старосната пензија, од кои причини од Уставниот суд, подносителот бара членот, согласно кој се намалувала старосната граница, да биде поништен како неуставен бидејќи при неговото изготвување не се почитувале одредбите предвидени со Уставот.

Со дополнителен поднесок, а на барање од Уставниот суд за отстранување на недостатоци во иницијативата, повторно стојат истите наводи, дека се бара оцена на законитост на членот 19 од Законот којшто бил објавен во „Службен весник на Република Македонија”, број 27/2016 (во наведениот службен весник е објавена измена и дополнување на Законот, при што членот 19 од тие измени и дополнувања содржи дека „започнатите постапки до денот на започнувањето на примената на овој закон ќе завршат согласно со законот по кој биле започнати”, поточно не интервенира во содржината којашто подносителот со иницијативата ја наведува како спорна, а која всушност е дел од одредбите на членот 19, од интегралниот текст на Законот за пензиското и инвалидското осигурување), бидејќи овој член не бил во согласност со уставните одредби предвидени во членот 9 од Уставот.

Во дополнително доставениот поднесок, подносителот наведува дека нееднаквоста на граѓаните се гледала во примената на овие законски одредби (се мисли на членот 19) за други категории на вработувања како што се полиција, одбрана и слично, а на кои им се засметувал бенефицираниот стаж целосно, па старосната граница за остварување на правото на пензија се остварувала поинаку, односно целосно, на пример за 11 години им се пресметувал за 33 месеци, а во неговиот случај за 11 години требало исто да му се намалела старосната граница за 33 месеци, а му се намалувала за 26 месеци и 12 дена, поради што правото на пензија наместо да го стекнел сега во месец јули 2021 година, подносителот ќе го остварел, дури во месец февруари 2022 година.

3. Судот на седницата утврди дека со иницијативата стојат наводи со кои се бара поведување на постапка за оценување на законитост на Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување („Службен весник на Република Македонија”, број 142/2008), а во продолжение на иницијативата се наведува дека се поднесува иницијатива за поведување на постапка за оценување на законитост на Законот за пензиско и инвалидско осигурување, објавен во „Службен весник на Република Македонија” број 27/2016, а како оспорен се наведува членот 19 од наведениот закон со службениот весник, со барање истиот да биде поништен како неуставен.

4. Според член 110 алинеи 1 и 2 од Уставот на Република Северна Македонија, Уставниот суд на Република Северна Македонија, одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Според член 28 алинеи 1 и 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето и ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Имајќи ја предвид содржината на иницијативата и дополнително доставениот поднесок кон истата, Судот констатира повеќе недостатоци и непрецизности коишто не се отстранети со дополнително доставениот поднесок по укажување на Судот, а со тоа, како и во отсуство на релевантни аргументи и причини за оспорување на законската норма, Судот констатира процесни пречки за впуштање во мериторно постапување по иницијативата, што согласно член 28 алинеја 3 од Деловникот на Судот е причина за отфрлање на истата.

Во овој поглед, помеѓу другото, Судот укажува дека не може да се бара оцена на законитост на закон или законитост на законска одредба, туку само оцена на негова уставност, бидејќи во хиерархијата на правните акти, Уставот е највисок правен акт и сите останати правни акти, мораат да бидат во согласност со Уставот, а како што уредува член 51 став 1 од Уставот, според кој во Република Северна Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон.

Исто така, од наводите во иницијативата и дополнително доставениот поднесок кон истата, произлегува дека подносителот се повикува на членот 9 од Уставот, поточно дека се оспорува членот 19 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување со наведениот „Службен весник на Република Македонија”, број 27/2016, бидејќи, надлежните служби во Фондот за пензиското и инвалидското осигурување кога го применувале овој член од Законот во неговиот случај, не го примениле правилно, а како што го примениле за други категории на вработувања како што се полиција, одбрана и слично, па од овие причини со иницијативата се бара поништување на посочениот член од Законот со наведениот службен весник, како неуставен.

Уставниот суд ја оценува уставноста на законските норми од аспект на согласноста на конкретно уредената содржина на нормата во однос на одредбите од Уставот, а не од аспект на тоа, како законската норма се применува од страна на надлежни органи.

Оттука, имајќи го предвид делокругот на надлежностите на Уставниот суд, утврден со член 110 алинеи 1 и 2 од Уставот, погоре цитиран, поставеното барање со иницијативата за постапување на Уставниот суд по предметната иницијатива од аспект на тоа како означената законска норма во иницијативата се применувала од страна на надлежните органи, излегува надвор од делокругот на надлежностите на Уставниот суд, што е дополнителна процесна пречка за постапување по иницијативата согласно член 28 алинеја 1 од Деловникот на Судот, поради ненадлежност.

5. Тргнувајќи од погоре наведеното, Судот утврди дека се исполнети условите од член 28 алинеи 1 и 3 од Деловникот на Судот, за отфрлање на поднесената иницијатива, поради ненадлежност и постоење на други процесни пречки.

6. Поради изнесеното, Судот, одлучи како во точката 1 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Добрила Кацарска и судиите: Насер Ајдари, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски и Вангелина Маркудова.

У.бр.83/2021
6 октомври 2021 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Добрила Кацарска