У.бр.82/2019

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија, член 28 алинеја 3 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992 и “Службен весник на Република Северна Македонија” бр.202/2019), на седницата одржана на 11 март 2020 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на член 54 став 1 точка 1, точка 2 во делот „по добивање на писмената согласност од став 1 точка 1 од овој член“, и став 3 во делот„ (лична карта и имотен лист)“ од Правилата за снабдување со топлинска енергија („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.65/2019).

2. Петар Баришиќ од Скопје, до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на одредбите од правилата означени во точката 1 од ова решение.

Во иницијативата се наведува дека оспорените одредби од член 54 став 1 точка 1 и точка 2 во делот „по добивање на писмената согласност од став 1 точка 1 од овој член“, од Правилата за снабдување со топлинска енергија („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.65/2019), биле во спротивност со член 30 став 3 од Уставот според кој, никому не можело да му бидат одземени или ограничени сопственоста и правата коишто произлегуваат од неа, освен кога се работело за јавен интерес утврден со закон, како и во спротивност со членот 110 од Законот за сопственост и други стварни права, согласно кој односите помеѓу сопствениците на делови на зграда можело да се вршат со договор за заемни односи или непосредна спогодба и доколку помеѓу овие сопственици немало согласност тогаш одлучувал вонпроцесниот суд по предлог, од кои причини смета дека односите на сопствениците на делови од зграда не можело да се пропишуваат со подзаконски акт, кои според закон се уредуваат со договор или непосредна одредба.

По однос на оспорената одредба од член 54 став 3 во делот „(лична карта и имотен лист)“ од Правилата, се оспорувал бидејќи не била во согласност со член 18 став 1 од Уставот, кој ја гарантирал сигурноста и тајноста на личните податоци, како и со членовите 6 и 9 од Законот за заштита на личните податоци.

3. Судот на седницата утврди дека според член 54 став 1 точка 1 и точка 2 од правилата за снабдување со топлинска енергија („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.65/2019), во станбени, станбено-деловни, деловно-станбени и деловни објекти каде распределбата на надоместокот се врши преку еден мерен уред на влез во топлинска потстаница може да се врши поединечно исклучување на посебен дел од објектот по барање на сопственикот доколку се исполнети следните услови и постапка: 1) сопственикот на посебниот дел од објектот кој што бара да се исклучи е потребно да обезбеди писмена согласност за исклучување од системот за топлинска енергија од мнозинство од вкупниот број на сопственици на посебни делови од објектот, 2) по добивање на писмената согласност од став (1) точка 1) од овој член, сопственикот на посебниот дел од објектот кој што бара да се исклучи е потребно да изготви елаборат за енергетска ефикасност, со кој се потврдува дека алтернативниот систем за греење којшто ќе се користи по исклучувањето е енергетски поефикасен, еколошки поприфатлив и значително го намалува користењето на примарна енергија потребна за испорака на единица топлинска енергија во споредба со системот за централно греење, земајќи ја предвид енергијата потребна за екстракција, конверзија, транспорт и дистрибуција,

Согласно член 54 став 3 од истиот закон, сопственикот кој живее или го користи објектот од став (2) од овој член, а кој е исклучен од системот за централно греење, е обврзан тоа да го докаже со приложување на валиден документ (лична карта и имотен лист), (оспорен дел), и нема обврска да го плаќа надоместокот за ангажирана топлинска моќност (фиксен дел) од надоместокот за топлинска енергија, кој се определува согласно Тарифниот систем за продажба на топлинска енергија.

Имено со членот 2 од правилата за изменување и дополнување на Правилата за снабдување со топлинска енергија (“Службен весник на Република Северна Македонија” број 162/2019), донесени од Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги на Република Северна Македонија на седница одржана на 1 август 2019 година, се менува содржината на членот 54 од Правилата за снабдување со топлинска енергија (“Службен весник на Република Северна Македонија” број 65/2019).

Ставот 1 од новиот член, ја има задржано претходната содржина, со минимални допрецизирања на постапката во точките 4) и 8) и со додавање на нова точка 10) додека пак ставовите 2 и 3 се заменети со нови ставови 2, 3, 4, 5, 6, 7 и 8, со кои суштински се менува содржината и на нов, различен начин се пропишува обврска за плаќање на надоместокот за ангажирана топлинска моќност (фиксен дел) од надоместокот за топлинска енергија, односно се пропишуваат услови за ослободување од плаќање на таквата обврска.

4. Според член 28 алинеја 3 од Деловникот, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако постојат процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Судот со Решението У.бр.76/2019 од 04.12.2019 година со кое поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на членот 54 од Правилата за снабдување со топлинска енергија (“Службен весник на Република Северна Македонија” број 65/2019), ценеше дека, за да се согледала целината и смислата на наведената регулатива, неопходна била анализа и оцена на целината на членот 54 од Правилата. Ова затоа што сите пропишани три става на членот 54 од Правилата се меѓусебно условени и поврзани.

Имајќи го во предвид изнесеното, може да се заклучи дека, изменетиот член 54 од правилата има осум става и нова суштински изменета содржина, за разлика од основниот текст на членот кој имаше три става и друга содржина во којшто се содржани и сега оспорените одредби, оттука, сметаме дека постојат процесни пречки за мериторно впуштање во уставно-судска анализа и настапени се условите од член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија за отфрлање на иницијативата.

Оценувањето на уставноста и законитоста на новиот член 54 од правилата за топлинска енергија подразбира потреба од нова анализа на одредбата. Таквата анализа е можна доколку пред Уставниот суд биде оспорена уставноста и законитоста на новиот член 54 од Правилата.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точка 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Сали Мурати и судиите: Елена Гошева, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски, Вангелина Маркудова и Владимир Стојаноски.

У.бр.82/2019
11 март 2020 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Сали Мурати